KK Null & Balázs Pándi + Deison во живо

Громка, Љубљана

Недела можеби и не е најсреќен ден за концертни авантури но кога во поминување случајно ќе здогледаш постер кој ја најавува Demoncore турнејата на KK Null, еден од најпрогресивните електро-мулти-инструменталисти на денешницата, едноставно не можеш да и одолееш на таа неделна електронска невротрансмисија во најава. Клубот Громка е местото, часот 21.

kknbp

 

Во Громка сум нов, а Громка не е млада, почетоците датираат некаде во 1995 година кога поранешната воена барака стана најпрвин театарски простор за да наскоро биде трансформиран во клуб со малку пошироки аспирации, кој набргу стана важен локален простор за ширење на автономни и амбициозни движења. За програмата на клубот е задолжен конзорциум од невладини организации и индивидуални организатори, профилиран превосходно на авангарден џез и рок, експериментална и импровизаторска музика, панк и хардкор. Gromka значи гласно, што значи дека бев на вистинското место.
Италианскиот DIY нојзер Deison точно во 21:15 го отвора настанот со својата софтверско-механичка концептуална нарација од хипнотички тонови произведени со голем број геџети и придружна слика зад него. Неговиот спонтан амбиент веднаш го освојува просторот пред нас, споро и пипливо градејќи аудио-визуелна атмосфера која веќе на старт стана примамливо блиско, готово лично блиско. Ангажираниот Deison Cristiano на самиот почеток гради спора и лежерна леерска звучна слика, напластува колажи од теренски снимки и длабоко-амбиентални предели од семпл фрагменти кои пенетрираат во power електроника. Како што се развива приказната интензитетот се заострува и станува сè понападна. Бучавата заминува во вревливо крешендо и кулминира со неочекувано прекинување како буквално исклучување од струја. Аплауз на отворена сцена.

Мала пауза за експресно брзо јапонско-показно комплетирање на сценската опрема и Kazuyuki Kishino a.k.a KK Null и Balázs Pándi се веќе на сцената. Ова дуо е практично невозможно за кратко претставување на овие страници, но да се обидам – 55-годишниот Казујуки е проминентен токиски експериментален мултиинструменталист активен уште од раните 80-ти, започнува најпрвин како гитарист, за да набргу се наметне како композитор, пејач, електронски музичар и тапанар. Со KK Null има издадено повеќе од 100 албуми. Во 2014 го рестартира проектот Absolut Null Punkt, со кој, по дваесетгодишна пауза во 2006 издава камбек албум. Будимпештанскиот тапанар Balázs Pándi е еден од најбараните проект-тапанари на денешницата, соработувал и настапувал со имиња како Venetian Snares, Otto von Schirach, Last Step, To Live and Shave in L.A., The Kilimanjaro Darkjazz Ensemble, Zu, Merzbow, Mats Gustafsson и Thurston Moore.

kkn4

Настапот започнува готово хичкоковски, веднаш на поента. Казујуки и Балаш стартуваат високофрекфентно разиграно, со агресивно манијакални ритам комбинации управувани од сировите дигитални текстури на Казујуки кои Балаш практично ги надополнува. Околу мене веќе првите обиди на публиката да се затворат ушите од прегласниот атак на репродуцираниот, готово нестварен саундтрак на ова јапонско-унгарско дуо кое премиерно го свиреше нивниот прв заеднички албум Demoncore, снимен минатата година во Кјото/Јапонија, албум кој наскоро излегува за Ohm Resistance.
Свирењето е изненадувачки дисциплинирано, без поголеми паузи помеѓу минијатурите, нема да згрешам ако кажам дека Казујуки изгледа како опседнат фрик за новите медиуми, особено семплерските, кои му овозможуваат сериозна манипулација на импровизациите преку програмирани сценарија и едноставен допир на осетлив екран. Казујуки и Балаш структурно лутаат во органски апстракции, интензитетот расте и кулминира со високо радиоактивна тензија од звуци. Крај. Публиката бара бис.
“Let’s play.” – Казујуки
“I thought you’re gonna strike.” – Балаш

 

20.07.2017

Пред некој ден во Сули ан домашните филмофили имаа можност на големото платно да го гледаат убедливо најдобриот европски филм за минатата 2016 година, „Тони ...

Chick Corea Elektric Band - концерт за паметење!

03.07.2017

Одлична, виртуозна свирка, убава музика, многу енергија на сцена, насмеани лица од другата страна на подиумот, врвно озвучување… Ова се првичните реакции за концертот на ...