Во театар е најубаво кога се игра

Инспирирано од претставата „Силјан штркот шанца“ од Дејан Дуковски, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ

poster

Сцената e празна (идеална, според стандардите што ни ги постави големиот режисер Питер Брук), три позиции за игра, мизансцен креиран од светло. Центарот оставен на празниот кревет (мултуфункционална прецизна сценографија со едноставни елементи) во кој на рамниште на врвен, естетски едноставен детаљ, доминира црвената јамболија. Симболиката е јасна. Македонското традиционално творештво ќе си игра со современиот мултидисциплинарен свет, во кој сепак „помалкуто е повеќе“. Во едниот агол микрофон, во другиот бендот („ВИС Погани штркови“) со скриените тапани (Никола Кимовски), Александар Ѓорѓиески на бас и актерот и музичар Ивица Димитријевиќ со гитара (мигот кога препознав дека маичката што ја носи е од неговиот бенд СИЗ, за мене почна играта со претставата). Почетокот го воведува со нарација придружена со одлична музика. По неколку акорди, сцената од другиот агол ја исполнува игривата, заразна песна на трите актерки (Хорот „Кокошките од пеколот“): Нина Деан, Тина Трпковска и Ана Стојановска како пилињата/кокошките од приказната на Цепенко (кои пак неколку пати се појавуваат како антички хор со досетливи музички коментари и покажуваат зошто и самите ги сакаат овие ролји). И одеднаш сцената ја „голта“ публиката.

kg1Вака некако почна моето гледање на претставата. Вака некако почна и текстов за претставата или поточно за она што ми фалеше долго на македонските театарски сцени, а тоа е да се види дека и актерите и режисерот и авторот и сценографот и костимограф (Илина Ангеловска) и музиката и кореографот (Александра Кочовска-Начева) и сите чинители на театарската претстава си играат, се забавуваат и притоа создаваат естетски чин вреден за повеќекратно гледање. Она што е најважно, после играта е светлото. Во оваа претстава, светлото е уште еден актер, креатор на претставата. И тоа активен креатор на чинот на создавање претстава.
Во театар е најубаво кога се игра. Иако реченицава звучи тавтолошки, сепак треба да се нагласи. Идејата за уметноста како игра е стара колку и самата уметност. Уметникот е секогаш хомо луденс (би рекол еден познат холандски историчар и културолог Јохан Хојзинга), а во театарот тоа треба најмногу да се гледа. Сѐ што е ставено на сцена се гледа. Сѐ што е назначено на сцена се гледа. Овде се гледа дека на актерите им е најубаво и дека се играат. По дефиниција, играта секогаш е иницијатор, причина, „тригер“ на уметноста. Ако нема игра, нема уметност. Или ако се нарекува уметност, тогаш е здодевна, фригидна, неемотивна. Нема потреба од други објаснувања. Иако театарот ми е љубов, долго време ѝ се опирав на желбата да пишувам за тековен македонски театар. Не за друго, ќе признаам, покомотно ми беше и поедноставно да пишувам за минати настани или да ги следам светските театарски практики денес. Меѓутоа, после второто гледање на претставата „Силјан штркот шанца“ си реков дека ќе го напишам текстов. И тоа текст што нема да биде ниту рецензија, ниту критика за претставата, туку ќе биде, текст за театарот воопшто. И за играта во театар. И за театарот како игра.

kg2kg3Имајќи го текстот на Дејан Дуковски како предлошка, режисерот Срѓан Јаниќијевиќ успева конечно да го артикулира својот исклучително богат режисерски потенцијал во една претстава гледлива на повеќе нивоа. Во театар исто колку што е најважно да се игра, важно е да биде претставата гледлива на неколку нивоа или за неколку целни групи (ако истата не е однапред одредена). Во претставата секој знак треба да може да биде препознаен од публиката на неколку параметри, од наједноставниот што ќе го прочитаат сите, до најсложениот што ќе го препознаат едуцираните гледачи, но другите ќе го восприемат и ќе одговорат на емоцијата со емоција. Тука доаѓаме до следното дефинирање на театарот – ако театарот не може да пренесе емоција, не треба да се нарекува театар. Дури и претставите на театрите во кои актерите играат со дистанца или со одредена препрека, сепак треба да пренесат емоција, без разлика дали таа емоција е позитивна или негативна. Уметноста по дефиниција ја сака емоцијата. На тој начин, преку овие три рамништа видливи во претставата „Силјан штркот шанца“ театарот се препознава како амалгам на игра, емоција и декодирање на знаци.
Иако промовирана како претстава за одредена старосна група – млади луѓе (тинејџери, затоа што приказната за Силјан штркот е лектира во основно училиште), претставата се гледа на неколку нивоа и може да ја следат и деца од 7 години. Секој знак даден од режисерот публиката треба да го препознае, некои интуитивно, некои рационално, но вкупната сума на впечатоци секако треба да е позитивна.
Што е тоа што оваа претстава ја прави различна од она што е на тековните сцени во македонските театри? Мигот кога како гледач сфаќам дека актерите не ги играат само своите ролји, туку се забавуваат на сцена, кога се сфаќаат себеси како дел од креација и истовремено ја создаваат истата таа креација. Долго време сериозниот пристап (не велам дека не треба да го има), општествените околности, состојбата во театрите, ни носеше претстави кои вреди да се гледаат, а не може да се искоментираат или претстави кои воопшто не требало да се направат, а не па гледаат. Претстави во кои актерите сериозно ги играат своите ролји, се разбира според своите можности и назнаките и концептот на режисерот и претстави кои ги играат само како да треба да ја извршат должноста што им е зададена, како професионална определба. Оваа претстава не е единствена, барем неколку ги има што ја следат играта и театарот како онтолошка определба, но е најнова во редицата претстави на тековните репертоари на македонските театри и претстава која го покажува основното доживување на театарот како игра. (Тоа не значи дека театарот не треба да има ангажиран, општествен или каков и да е политички контекст, туку и во тој тип на претстави актерите и сите театарски уметници треба да се играат).

kg4kg5Она што ја номинира оваа претстава за позицијата во театар е најубаво кога се игра, се пред сѐ актерските изведби. На крајот на претставата, Ивица Димитријевиќ ги претставува сите актери како на крај од некој концерт, што исто така е дел од играта и исклучително интересно ја затвора претставата. Во насловната ролја на Силјан Штркот настапува Александар Михајловски кој покажува не само дека знае да се носи со сериозен актерски предизвик и човек и штрк, туку знае и да се игра со сопствениот лик и во релација со другите актери со кои заеднички создаваат една комплексна и комплетна изведба. Она што е важно за претставата е дека најубавите партитури се епизодни, како делчиња од кратки видеа или цртани филмови, во кои активно креираат сите актери вклучени во сцената. Од сцената на почетокот на Евда (Магдалена Ризова-Черних) и Божин (Нино Леви), во која гледаме како се трансформира сценографијата и нејзината функционалност се нагласува, па сѐ до последната враќањето на Силјан во човечки облик и победата на љубовта. Сепак, од сите сцени, доминира таа во крчмата со Кире Ѓоревски како пијаницата, Никола Ацески како Трпе и во првата изведба Славиша Кајевски, а во втората Александар Ѓорѓиески како Еснафче. Посебно со доаѓањето на Силјан, а потоа татко му (Нино Леви) и Духовникот (Висар Вишка), сценава е една забавна, игрива партитура што од претставата прави настан што се раскажува. Дека е така докажуваат и публиката (и на двете изведби што ги гледав, публиката се играше со актерите на оваа сцена и одлично комуницираше) и репликите од текстот, посебно она „Ја гледам, ме гледа, се гледаме“, што се повторува како игра со различно значење, неколкупати во претставата или пак последните реплики меѓу Силјан и Силјаница (Нина Деан) што музички спакувани се дел од играта на режисерот и со музиката (знаејќи ја музиката како уште една пасија на режисерот) и со текстот (Дејан Дуковски и Срѓан Јаниќијевиќ покажуваат како театарот може да биде искористен на еден суштински прониклив начин) и со сите актери заедно.
Во театар е најубаво кога се игра, а претставата Силјан штркот шанца е доказ за тоа.

05.09.2017

  Do it Again / Holy Ghost Someone great / LCD Soundsystem Transient Program For Drums and Machinery / Soulwax Anymore / Goldfrapp Intermezzo II (Interstellar Funk Remix) ...

26.08.2017

Спојлер: Понесете си марамчиња и врзете го појасот, ве чека бура од смеа и емоции.   Мал плац на периферијата во Неготино е центарот на ...