На медиумите сè помалку им е потребна критика

интервју со Александар Драгаш, последниот рок критичар

[ ]

Од појавата на рокенролот, во најшироката смисла на зборот, паралелно му се приклучи и музичката критика, давајќи му вредносен суд, анализа и евалуација на предностите и мааните на музичкото дело. Критиката некогаш претставуваше посакувана состојба, денес е помалку или повеќе професија во изумирање.
За музичката критика денес и некогаш, враќањето на винилите, победата на стримингот, масовната конзумеристичка публика, спрегата на музичката критика и политиката, културата на спектаклот, аналогната технологија и машината за чукање и за турбо-капитализмот, разговаравме со Александар Драгаш, последниот хрватски рок критичар.

ad1Твојата биографија вели дека првиот текст си го објавил 1985 во Полет, тогашното гласило на Сојузот на социјалистичката младина на Хрватска, дали се сеќаваш на текстот?
Да, беше тоа за мојот 18-ти роденден, текстот беше за psychobilly каде пишував за The Cramps, The Gun Club, Alien Sex Fiend и што уште не, а од некоја причина ги спомнав и Einstürzende Neubauten кои немаат ама баш никаква врска со нив хахаха… но сепак цела страна во Полет, мој прв текст и тоа најмногу благодарејќи на еден мој пријател кој ме запозна со тогашниот музички уредник Tomislav Wruss, кој подоцна стана главен уредник на Јутарњи лист кој повторно ме ангажираше во весникот. И сегашниот уредник ми е човекот кој тоа ми беше и во Студентски лист, цел живот работам со исти уредници, по сè изгледа нема да можам да се ослободам од нив.

На Економскиот факултет во Загреб (насока – Пазарно работење), во 1991 дипломираше со темата „Независен дискографски производ на домашен пазар“. Кажи ми, од каде идеја за ова?
Идејата беше од три причини, најпрвин на мене да ми биде интересно, второ, да е поинакво од она што се очекуваше и трето, да им се осветам на сите професори и да им покажам дека кај нас во економијата може да се работи и нешто поинаку а притоа да немаат поим за што зборувам. Првиот дел беше теориски, како тоа, на пример, се работи во Америка, со примерите на Sub Pop, SST, Dischord, Touch and Go, англиските Factory и Rough Trade, како и слични етикети, по чив пример Анте Чикара и јас ја стартувавме нашата дискографска куќа Search & Enjoy, додека вториот дел содржеше пракса, поточно како тоа јас го работам на терен, бидејќи уште тогаш веќе имав неколку изданија зад себе.

Бројни критики, репортажи, есеи, биографски текстови и интервјуа во втората половина на 80-те и првата половина на 90-те објавуваше во Studentski list, Quorum, Studio, Ritam, Heroina, Vjesnik, FM, Nedjeljna Dalmacija, Flipside, па дури и во македонското списание Тротоар. Музичката критика денес и некогаш?
Од една страна, критика денес има повеќе од било кога, најповеќе поради многуте медиуми во оптек. Во оваа смисла, со критика денес се занимава поголем број на луѓе одошто тогаш. Од друга страна пак, повеќето од овие луѓе денес со критика се занимава хобистички, што значи дека за тоа не се платени и прашање е колку тоа ќе го работат со оглед на работата која веќе ја имаат и се разбира колку ќе ги држи ентузијазмот… е тука е веќе прашање на опстанок. По тоа прашање јас сум подвоен, можеби поради тоа што, колку-толку успевам да живеам од музичката критика, но сум длабоко против идеата тоа да го работиш бесплатно па дури и тоа навистина многу да го сакаш, бидејќи мислам дека во состојбата каде мене капиталистичкиот систем ме тера да плаќам режии и даноци, очекувам секој кој се занимава со оваа професија да има право да бара за тоа да биде и платен. Авторските дејности врзани за пишување книжевни, музички, ликовни, театарски, воопшто земено критики за уметноста и културата, не би требало да бидат хобистички. Ок може, но тогаш државата нека воведе загарантиран минимален личен приход кој, да речеме Швајцарците го одбија, но се надевам дека Финците тоа нема да го направат. Знаеш, не е тоа така нова идеја, но се размислува во правец државите да воведат минимален годишен приход која државата би ти го дала, а ти притоа да одлучиш дали врз тоа ти би сакал дополнително да работиш или не, односно дали ќе работиш нешто креативно бесплатно или за приход, или ќе работиш некоја добро платена професионална работа. Но, додека тоа не дојде на ред, не разбирам зошто јас би работел нешто бесплатно додека, да речеме, пивото никаде не е бесплатно. Авторската работа на сите нивоа губи на вредноста и денес е сè потешко да се живее од авторска работа. Луѓето ги гледаат само денешните топ автори мислејќи дека од авторската работа се живее добро, а тоа е всушност вистинската преслика на севкупниот капиталистички систем каде 1% живее прекрасно а 99% сè полошо и полошо.

Винилите се враќаат на голема сцена. Ти тоа веќе во 1990 сериозно го правеше со својата дискографска куќа Search & Enjoy.
Винилите никогаш не отидоа но претпоставувам дека нема да се вратат повторно како доминантен носач на звук, тој ќе остане само за посветените. Тоа што ние го правевме со Search & Enjoy беа мали тиражи – Обојени Програм, Boye, Мајке, Studeni studeni… поголем проблем ни беше финансиски да вложиме во поголеми тиражи, а немавме ни место каде тоа би го продавале, освен во неколкуте први приватни продавници за плочи во Југославија, а во мрежата на Југотон или на ПГП РТБ секако не можевме да влеземе, особено не со тираж од 1000 примероци. А тогаш дојде војната…

И?
Направи пустош.

А денес?
Денес преку стриминг сервисите можеш да откриваш музика повеќе од било кога, можеби не со тој фетишистички начин преку винилите, голем омот, ставање на иглата на плочата, со тактилен однос на вредноста на предметот, но тоа повеќе не ми пречи, подготвен сум да откривам нова музика преку стриминг. Винилите станаа прескапи, нова плоча во продавниците чини во просек некаде околу 29 евра, со тие пари можам да живеам недела дена. Денешните сервиси за музика живеат од претплата, додека авторите и изведувачите се жалат дека тие од милион преслушувања на истите тие сервиси од тоа гледаат смешно малку кикирики, како да продале пар илјади плочи. По новиот систем, колку цедеа си продал тоа е едно мерило, второто е колку  албумот ти е даунлодиран, што тоа денес повеќе никој не го прави, додека третата ставка за пресметка на нечив тираж е информацијата за стримингот, па така 1000 стриминзи е еднакво на толку и толку реално продадени плочи, но битно е дека е тоа доста помалку. Во оваа смисла сега имаш цела една платформа на ниво на Европската унија која се залага за тоа од стримингот и рекламите кои одат паралелно со него, поголем дел од колачот да оди кај авторите, бидејќи со стримингот им е загрозен и онака загрозениот тираж на албумите.

Можеш да ја замислиш музиката без музичка критика?
Се разбира дека да, погледај ја, на пример IDM музиката, за авторите на истата готово и да нема никаква критика, со неа критичарите многу малку или пак нерадо се занимаваат. Или пак, на наше ниво да речеме естрадата, за неа скоро и никој да не пишува. Но, не е ова само проблем на музичката критика, нам денес целата музика де-факто стана бесплатна и достапна, што од една страна е одлично, бидејќи пред тебе се наоѓаат толку многу работи за откривање, но бидејќи е сè достапно и бесплатно неминовно стануваш површен. Но еве, и изведувачите се жалат дека сè полошо живеат од музика. И што добивме со тоа – ок, нема веќе да купувате дискови за 20 евра, тоа ќе ви биде помалку-повеќе бесплатно, но затоа концертите повеќе нама да ги плаќате 20 туку 120 евра, луѓето тоа го работат.

Тогаш музиката можеме слободно да ја сметаме пред појавата на интернет и после неа.
Во смисла на дистрибуција на музиката и самиот носач на звук – да. Стопроцентно сум сигурен дека стримингот победи како новиот носач на звук и нов начин како слушателот ја перцепира музиката, што за цела среќа не значеше дека албумот како уметнички формат ќе го снема и дека сè ќе премине на синглови. Има и такви сигнали, но по правило поединечните хит песни и синглови се врзани жанровски за електронска и денс музика, но албумот останува како примарен формат. Информациите кои интернет ти ги нуди се непрегледни и физички недостижни за преслушување и тоа не се однесува само на музиката денес, туку и на целата историја, музиката ти е достапна со едноставен клик на маусот. Потполно е небитно дали ти во моментов сакаш да го слушнеш новиот албум на, релативно новиот и на нас не толку познатиот бенд Future of the Left или новиот албум на, нам добро познатиот Nick Cave, или пак сакаш да слушаш опскурни ска-даб-реге компилации на Trojan Records и Studio One со кои, патем речено јас деновиве се забавувам слушајќи ги преку Deezer. Доколку знаеш да го користиш, интернетот нуди широки перспективи. Во моментов ја барам магичната врска помеѓу ска музиката од раните 60-ти години од Јамајка и американскиот ритам и блуз и соул од 50-те. Така дојдов до сознание дека првата ска песна, која патем тогаш никој не ја викал ска туку се водела под ритам и блуз, била (внимавај на ритамот, те молам) It Keeps Rainin’ на Fats Domino од 1961, што ја потврдува мојата теза дека New Orleans бил извориште не само на американската туку и на карибската музика, бидејќи бил јазолна точка, така да влијанието на New Orleans одело двосмерно. Ете со што се занимава музички критичар пред пензија хахаха.

Дали денеска е воопшто потребна музичка критика, и ако да, кому и зошто?
Мислам дека е потребна повеќе од било кога, тргнувам сега од становиште на читател, не од перспектива на автор на музичка критика. Види, како ќе дознаеш дека е некој албум добар или дека потенцијално може да ти се допадне? Некој мора да те упати на тоа. За почеток ќе имаш информација дека нешто искочило на пазарот. Целиот свет во моментов знае дека на 2 декември излегува новиот албум на Rolling Stones – Blue & Lonesome, на кој свират блуз преработки како на почетокот на својата кариера. Но, за да дознаеш дека во моментов таму некаде има нов бенд кој евентуално би те заинтересирал – е за тоа ти треба музичка критика. Рака на срце, музичката критика отсекогаш била повеќе ориентирана кон комплексни слушатели кои сакале да истражуваат во музиката отколку на масовната конзумеристичка публика. Од друга страна и музичката критика понекогаш во оваа авантура не може да помогне. Можел легендарниот, т.н. “America’s greatest rock critic” Lester Bangs да напише дека Hotel California од Eagles е најлошата плоча во вселената, но тоа беше најпродаваната плоча во вселената таа година кога е објавена, а објавена е во 1977 година кога експлодираше панкот, па ниту еден панк албум до денес не се продал толку колку што се продал Hotel California, ок освен Green Day можеби. Не треба тука да се драми премногу, критиката може да помогне, доколку некој сака да ја прочита и уважи. Lester Bangs сонуваше дека еден ден ќе има катакомби каде ќе бидат складирани сите издадени плочи на светот. Тоа тогаш беше невозможно, но еве денес сме блиску до тој сон преку „стриминг на барање“, Deezer во моментов ти нуди повеќе од 36 милиони песни.
Види, мојата професија е на умор, пред неколку месеци убаво се насмеав на една официјална објава – На ниво на Европската унија (а Хрватска е формално членка на ЕУ што и да значи тоа) налошиот статус за работа е новинар, а особено критичар, тоа е официјален документ на ЕУ. На медиумите сè помалку им е потребна критика, јас сум еден последните кои со тоа се занимаваат и се плашам дека за некоја година и тоа ќе биде невозможно.

Дали успеваш да и оддолееш на спрегата на музичката критика и политиката?
Успевам и не успевам, политиката се занимава со мене, јас се занимавам со неа, многу често низ текстовите ја провлекувам поентата на погубноста на системот кој ги ждере и луѓето и планетата на која живееме, свесно уништувајќи ги поради екстра профитот на повластената каста. Овдешната статистика може да кажува приказни за напредокот но моите примања во последните седум години се сè помали и помали. Единствената сатисфакција која ми остана е таа дека ја работам работата која ја сакам. Работам само во Jutarnji list, за жал поради болеста морав да ја откажам мојата емисија Tvornica dobrog zvuka, која ја имав на втората програма на Хрватското радио, во меѓувреме бев и уредник на најдолговечната емисија на Хрватското радио – Po vašem izboru. Со организирање на концерти повеќе не се занимавам, со издаваштво исто така, но затоа уредувам книги, првенствено биографии на музичари, а издадов и две свои – биографија на Hladno pivo, со кои работев некое време како издавач и менаџер, како и зборник на моите текстови од првите 10 години во Јутрањи лист – Rock 21. stoljeća.

ad_tzuad_r21

Тука се надоврзува и целата идеја за културата на пишувањето но и читањето.
Мислам дека, за жал, станавме култура на спектакл. Живееме во доба на културата на спектаклот, ондосно доминантно визуелна култура па поради тоа помалку читаме а повеќе гледаме. Мислам дека мнозинството денес е сведено на читање на смс пораки, фејбук профили и титлови на филмови и серии.

Една од најголемите фобии денес е интернет опцијата „прочитај повеќе“.
Да, но најжалосно е што од тоа се плашат весниците. Тој терор „што поголеми фотографии што помалку текст“ сепак не одговара секому. Види, навикнав да сум цел живот во дебело малцинство така да тоа што јас го зборувам можеби и воопшто не е релевантно. Но, за тоа се пишува, најмногу во контекст колку денес воопшто луѓето читаат, во Хрватска, да речеме, статистиката е поразна во споредба со било која земја споредбено во Европската унија, ние читаме страшно малку, тиражите на весниците се мизерни, по порталите повеќе се гледа отколку што се чита и се плашам дека тоа нема врска само со финансиската моќ туку и со новосоздадениот менталитет. Исланѓаните читаат многу а ние малку, вистината е таква.

Меинстримот е неумолив.
Нас нè гази една култура на риалити шоу програми и слични содржини. Практично ништо во меинстрим културата не е сменето, некогаш меистрим беа народњаци, денес турбо-фолк и естрада. Музиката денес стана попатна кулиса за забава, па дури и попатна кулиса за реклами, едноставно како да музиката повеќе не е важна. Притоа, голем број на музичари намерно бега од политиката, така да денес имаш парадокс дека меѓу политички најангажираните музичари ти е чесниот старец Neil Young, а не некој млад клинец кој сега би одел со песна да ги испорачува проблемите кои го мачат. Сè се сведува на надворешната појавност на стилот а помалку на битноста на внатрешната содржина. Не сум тука нешто претерано оптимистичен, но во секое време ќе пронајдам 50 нови албуми кои ќе ми пренесат реални политички ставови или пак едноставно убави љубовни песни. Оваа година за мене, од 10-те најдобри албуми, барем 5 ќе ми бидат албуми кои пеат за смртта како последното големо прашање на животот, особено од мојата лична перспектива поради болестите кои ме нападнаа овие години. Се плашам дека животот пред мене не поставува никакви прашања на кои не ги знам одговорите, освен тој финалниот – што има после животот. Би сакал да постои нешто а не само конечна празнина, но сепак се надавам на конечна празнина за да угодно да се изненадам ако биде поинаку. Тоа е единственото прашање за кое ме интересира одговорот, сè останато знам – социјализмот пропадна, дојде капитализмот кој се покажа дека е уште полош од социјализот, браншите пропаѓаат, сè потешко е да се преживее, мнозинството луѓе на оваа планета служи само за тоа да ‘рмба и да плаќа сметки, единственото големо прашање за мнозинството е кога некој ќе го заврши патењето наречено живот и дали позади тоа патење доаѓа некоја награда. Иронично, но последното големо прашање во животот е смртта, при што не мислам само на човечка смрт, ме загрижува помислата дека можеби ќе го надживеам моето куче и воопшто не знам како тоа би го преживеал.

Отвораш големи теми…
Тоа така доаѓа со времето, со таа тема се занимаваат и Leonard Cohen кој на You Want It Darker се обраќа на сопствената смрт, Nick Cave со смртта на својот син, Bob Mould кој албумот Patch the Sky го направи за неговите загубени родители, за David Bowie не треба ни да зборувам, со Blackstar создаде финално уметничко дело на својот живот, или на крајот на краиштата Iggy Pop кој на Post Pop Depression се занимава со смртноста низ визура на тоа што ги испрати скоро сите членови на својот матичен бенд. Јас само дојдов во прилика оваа тема да ја погледнам одблиску.

ad2

Што работиш кога не работиш?
Го шетам кучето, тоа ми е најголемо задоволство, а попатно и готвам, бидејќи тоа ми е извор на релативно здрава и ефтина исхрана. Размислувам, ако сè ова отиде по ѓаволите, најсериозно да почнам да работам како шетач на кучиња, ако и тоа некому биде потребно хахаха. Ситуацијата е навистина тешка, од музичка критика денес кај нас во Хрватска живеат не повеќе од пет луѓе, службено запишани во Хрватската заедница на самостојни уметници нè има само тројца, мислам дека со тоа доволно кажав за нашето ниво. Проблемот е во тоа што сум јас фах-идиот, толку долго сум во ова што едноставно не знам нешто друго да работам. Како што реков, браншите на вака мали пазари како нашиот пропаѓаат, дел поради интернетот, дел поради економската криза, даночната политика, па на крајот на краиштата поради системот капиталистички како таков. Само како илустрација, постарите колеги Дарко Главан и Дражен Врдољак често знаеа да ми ми раскажуваат дека во времето на социјализмот, повторувам социјализмот, можеа лесно на неделникот Start да продадат интервју со, да речеме Горан Бреговиќ или Iggy Pop, за две просечни работнички плати. Да пријателе, од едно интервју си можел да живееш два месеци. Ова денес е научна фантастика. Толку за културните стандарди.

Како би го променил тоа?
Сè би вратил во социјализам и на аналогна технологија па да видиме кој ќе опстане со машина за чукање, тој општествен експеримент навистина би ме занимал. Аналогното доба те тераше на малку поголем хуман ангажман, сегашниов систем е неодржлив и прашање е кога ќе се распадне. Денес прочитав, 30% од британските граѓани немаат пари да платат греење во најладните месеци во годината. Капитализмот повеќе не ги задоволува основните човекови барања. Денес робовите не се бунтуваат повеќе, еден се бунтуваше одамна, се викаше Спартак. Единствениот хуман капитализам постоеше од Втората светска војна па до 80-те години, потоа со Реган и Тачер настапи турбо-капитализмот, а тоа прво го намириса Joe Strummer кого денес повеќе го немаме. Живо ме интересира што за денешниот свет би рекол Страмер. Кога пред некоја година на фестивалот DORF го интервјуирав Don Letts ми кажа дека на денешниов свет неверојатно многу му е потребен Страмер за да им го објасни… истото го мислам што и Дон. Јас денес не го гледам новиот Страмер, Johnny Rotten ни зборуваше – „Удирајте со глава во ѕид“, додека Страмер ни објаснуваше зошто треба да се удира со глава во ѕид. Ние денес немаме величини како Марли или Страмер, дури и Дилан не е повеќе тоа што беше, остана изгледа само Нил Јанг да се бори за спасот на планетата, па и Спрингстин како некаков амблем на она што некогаш го викавме работничка класа, но како фабриките ги губат работниците така и Спрингстин ги губи во неговите песни. И на крајот ги имаш панк енклавите кадешто некој како Jello Biafra, големиот теоретичар, практичар и ветеран на панкот ќе те потсети на светот во кој живееш. Оваа планета секако ќе опстане и после нас, освен ако Трамп не полуди до крај и случајно не го притисне  кривото копче. Луѓето кои денес живеат од својата работа наебале, буквално наебале. Во скорешна иднина 65% од работите ќе бидат автоматизирани, ќе биде тоа колење за храна, ееј некој некого ќе убие за парче леб. Системот е злобен, тоа треба сите да го видиме.

 

20.07.2017

Пред некој ден во Сули ан домашните филмофили имаа можност на големото платно да го гледаат убедливо најдобриот европски филм за минатата 2016 година, „Тони ...

Chick Corea Elektric Band - концерт за паметење!

03.07.2017

Одлична, виртуозна свирка, убава музика, многу енергија на сцена, насмеани лица од другата страна на подиумот, врвно озвучување… Ова се првичните реакции за концертот на ...