Светски еволуциски процес на дееволуцијата на човечката раса

интервју со Владо Манчевски, Lost Degeneros

[ ]
mфотографии: Зден

 

Кои се тие Лост Дегенерос?
Лост Дегенерос е еден дамнешен концепт, пластична група на артисти и љубители на музиката. Ја оформив заедно со Христо Поп Дучев во својство на пијанист и вокалист, Влатче Киборг, Светлана Камџијаш, Душан Вељановски, на последниот настап со мене се Хинки Мигдал на полимуг и младиот гитарски суптилен експерт Лепи Џони.

Загубени дегенерици?
Најсоодветно со средината во којашто делуваме, воедно и како еден глобален бренд. Името требаше да асоцира на Ос како член и на Лост како изгубени и дегенероси како светски еволуциски процес на дееволуцијата на човечката раса, значи во превод би било: Дегенеричните, знаеш дека сум љубител на психоделичните групи од Јужна Америка, Os Mutantes, Bwana, Los Shakers, полни со ритам, фантазија и страст.

ldz

Кои се вашите литературни корени и влијанија?
Како дете започнав како и сите од тоа време со Хесе и Џ. Лондон, А. Хексли, Бодлер, Рембо, Кокто, киснејќи по библиотеките и барајќи референци за насоките кои го задоволуваат мојот интерес. Ако се сеќаваш на корицата од SGT Pepper имаше сликички од луѓе, започнав со една долга листа крстосувајќи низ библиотеките. Во тоа време литературата не беше баш достапна за пионерите како денеска, немаше Гугл. Се сеќавам дека требаше да направам мала потрага по делата на Езра Паунд и Маркиз Де Сад. Не можев да го добијам во библиотеките па мораше да биде обезбедено преку моите родители и нивните пријатели. До моите дваесетти бев опседнат со фантастиката, Ловкрафт – Е.А. По-Блејк-научната фантастика: Исак Асимов, Филип Дик, Земјатин. Нешто покасно со Борхес, Сабато, Кортесар, И. Калвино, Карло е. Гада, Селин. Денеска ја читам само Тора, таму пронаоѓам зилион и една новела и објаснувања за сè што ми е потребно, но тоа не значи дека сум религиозен.

Уште од самото појавување Лост Дегенерос беа отворено радикални. Како тоа се вклопува во современиот свет, каде нештата не се менуваат?
Радикални… да, можеби домашниот традиционалистичко-тутучко димензиониран свет на итро-мајмунштина не поднесува ниту еден вид на екстравагантност (згрешеност), но насекаде во светот се почитуваат експерименталните собири и проекти. Нештата се создадени за да се променат, бидејќи ништо на овој свет не е константно, освен кога се работи за некаква елементарна пројавност или енергија од повисоки инстанци. Упатените знаат за што говорам. Сега да, проблем е да продадеш бенд со вакво име како поп концепт. Но, тоа и не ме засега многу бидејќи животот на уметникот и непостоечкиот пазар нè прави уште побескомпромисни и цврсти на патот на нештата што ги нарекуваме апсолутна апсорбција на волшепствата. Музиката како и уметноста поседуваат особини да менуваат и да дејствуваат врз умот на иницираните во тајните, па оттаму верувам дека секој од нас е должен да се проектира, не поради пошироката јавност туку повеќе поради сите оние што заскитале на погрешно место. А секое место на планетава е всушност погрешно, порано или покасно секој заскитува и се ѕенѕа во животот. Како и јас впрочем, во мигов се ѕенѕам со музиката бидејќи се обидувам да го осмислам сопственото постоење, да им направам на десетина уши задоволство, ако воопште сум релевантен за некого. Па така и Лост Дегенерос се однесува всушност на повеќе од 6 милијарди луѓе на планетава, тоа е еден флексибилен концепт којшто во истовреме може да стане и популистички, ако биде рекламиран низ медиумите ширум светот. Верувам во капацитетите на „згрешените“, многу повеќе отколку на оние „нормалните“.

Зошто ја одбравте имровизацијата како ултимативен музички израз?
Имав и сè уште имам идеја дека секој албум на Лост Дегенерос ќе биде сниман во живо во еден тејк, без разлика на изгенерираните грешки. Лично не поднесувам студијски стерилни метрономско-прецизни изведби, посебно во попот и сите негови подгранки. Ако некому му се трча по метрономот постојат 100 луѓе на планетава што тоа го прават совршено, пијанисти од ковот на Глен Голд, Рихтер, Погорелиќ. Луѓе коишто ја поседуваат харизмата и го посветиле животот на големото дело. Сите останати по мене едноставно го трачат времето во арогантноста на себеумисленоста за вреднување. Постојат параметри на планетава за тоа што е добро и колку тоа може да биде издржано. Сакам да видам душа во отсвиреното или напишаното, некаква дивност. Уметникот мора да крвари, да мизерува, тоа е единствениот пат за секој што ја избрал таа, да ја наречам професија. Секое друго кокетирање е осудено на заборав, секој генијален на 6-годишна возраст не значи дека ќе остане на 36-та се однесува на креативноста (ова не важи за парите и успехот), коишто и немаат многу врска со доблестите на уметникот. Значи, не ми значи ништо публика од два милиони, туку илјада посветени, посебно ме згрозуваат арогантни експерти и себепрогласени доктори и магистри. Парафразирам: „Во земјава има повеќе доктори на науки отколку магариња“. Сосема со согласувам со оваа парафраза, ја прочитав некаде пред некој ден, всушност јас тоа цел живот го тврдам.

 

 

Дали верувате дека уметноста треба да биде забавна?
Уметноста апсолутно треба да биде забавна, интригантна, полна со автореферентен хумор и со врвна софистицираност, да има порака која ќе биде апликативна во глобална и локална смисла, понекогаш и со болна грубост, бидејќи болката е составен дел од егзистенцијата на секое живо битие. Во истовреме секако убавината, откако некој ќе ја дефинира, останува како вечна тематика за експлоатирање. Само зборовите и формата не се доволни за да убедите некого да верува во вас како изведувач, луѓето бараат вистина во изразот.

Како се чувствувате во врска со навлегувањето на технологија во уметноста и на упадот на уметност во технологијата?
Најсилната технологија на човекот е можноста за размислување и креирање, мешање во демијуршката димензија на вселената, па оттаму технологијата е алатка којашто го акцентира веќе замисленото на полесен начин и тоа е супер. Денеска е секој свој господар, нема потреба од чекање на долги редици пред министерствата и мецените. Но технологијата не значи и волшепство, ако некој има што да каже тој ќе го стори тоа на архаичен начин, нема потреба од вадење на недостаток од буџет или техничка несоодветност. На Параџанов сигурно не му биле потребни компјутери за анимација, сепак тој правел волшепства, Моцарт уште помалку имал потреба од електрични инструменти за да ги долови атмосферите. Нема никаква пречка меѓу технологијата и артистот. Обожувам да мешам компоненти модерно-старо-ново-рустикално-класично-виртуелно, се додека во делата постои тежнеење кон дивинантноста, бидејќи на крајот ние само ја имитираме природата или нејзиниот Креатор, нема ништо ново на Планетава. Нашите потреби во оваа прокреација остануваат целосно слични како оние на кромањонецот.

Дали музиката станува немоќна во „борбата“ со политиката?
Уметноста станува немоќна пред отсуството на душата, денеска процентуално најзастапена е димензијата Нефеш, тоа е првата прокреативна скала на анималното постоење, душата што ја поседува секој жив створ на планетава. Во оваја состојба не можеме да очекуваме дека пораката и дејствието на уметникот ќе стигне до толпите коишто на некој начин требаат суптилно да бидат раководени од духовно-креативната елита. Уметноста е тука да се побуни против несмасноста на тиранијата и нечувствителноста на фараоните. Сиот свет е впрегнат во незамисливо ропство и фрустрација и цел тој бран се прелива од регион во регион, денеска како сите да водиме иста политика и борба против истата, само што на некои места е тоа повидливо и понеиздржливо. Сè поголем број на млади луѓе чувствуваат омраза кон сето она што се сервира како конвенција и тоа е добро, бидејќи треба да влеземе во едно ново поимање на стварноста и функцијата на политиката. Да влеземе во времето на месијата, што би рекле верниците, таму уметноста и нејзиното влијание никогаш не ќе згасне. Светот треба да поверува во состојбата на душата наречена Руа, или повторно да ја поприми боженствената ветровитост за да настапат промени во таа насока. Верувам во ова или се убедувам да останам доследен на моите верувања.

mh

Дали уметноста треба на крајот да стане магија?
Уметноста оттсекогаш била волшепство, занатот е нешто што и најмало дете може да го реплицира, може да слика, да музицира, да прави илјада работи како и возрасниот. Но, возрасниот пред себе има одговорност да ја систематизира магијата на изразот и да го затвори делото како некаков гримоар, да го внесе читателот или слушателот на некое друго место, подобро или полошо, тоа воопшто не е важно. Конзументот не смее да остане индиферентен, тоа е уметноста и магијата, чудесни трикови на проживеаното и доживеаното што отсекогаш постоело на план на слученото-напред-назад, на земјината топка или плоча ако повеќе ти се допаѓа… Уметноста е еден вид на магија и сите што ја почитуваат се на некој начин зачарани.

Неодамна премиерно ја презентиравте композиција More is less, како дојде до тоа?
Композицијата More is less ја планирав веќе цела година, чекав да се наместат ѕвездите. Па, така откако г-динот Шурбановски ми се јави за некаков добротворен концерт насловен како „Еволуција на сонот“ сфатив дека постои идеална шанса да го реализирам замисленото, се работеше за куќна забава во која неколку уметници веќе работеа, правејќи мурали по ѕидовите. Објектот набргу требаше да биде урнат-полна месечина, сè на сè атмосферата беше совршена (once in a lifetime). Во последен момент му се јавив на Лепи Џони (Љупа Ангелов), кој за чудо веднаш прифати. Златко Трајковски (Хинки Мигдал) сакав веќе подолго време да го овековечам, неговиот вибрантен перформанс има ефект. Придонесот на Хинки Мигдал е огромен за алтернативната сцена, со него нема потреба од подготовки, тој е како некаков звучен зид и ритам во едно. На крајот како во магијски циклус се приклучи екстравагантниот Зденко Петровски како камерман и волшепството успеа, имаме и видео запис од настапот. Иако многумината присутни зачудено блееја и блентаа. Имам обичај да не се рекламирам и да не канам луѓе, сакам да се изборам за внимание на најбазични и бизарни нивоа. Лепи Џони пак, според мене е најсофистицираниот гитарист што постои на овие простори, прав млад маверик, едноставно компатибилен со мене. Ако некогаш снимам уште еден албум Џони ќе ги свири сите гитари и пијана за мене. Да кажеме, секогаш знам кој може што да даде. Па така и беше, наместо да се собираме по студија и многу да планираме тоа го направивме во една брза логистичка операција на лице место. Постојат два аудио сигнала едниот од мојот снимач, а другиот од камерата на Зденко и двата се течни. Имаме и еден пес вокалист: Луси Лу, песот на Џони. Композицијата е снимена без никакви подготовки, познати беа само хармониите и неколку насоки по кои требаше да се движиме. More is less е инфективно бунтување против модерниот статус на загубениот грув, за сознанието дека сите работат беспари и им слугуваат на неколкумина. Цел куп фрустрирани души… Кај нас е сето тоа екстремно видливо. Несносното ропство за гола егзистенција… Градот во кој некогаш имаше уживање денес е едно селско ругло полно со „итри мајмуни“, знаеш дека и во Брсјачките Сказни со песната „Примати“ го изразив моето натрупано незадоволство од новиот скопски амбиент и енвиромент. Ова е композиција за оние што имаат време, опуштените, ако такви воопшто постојат повеќе на планетава некаде. Да кажеме едно звучно сеќавање на опуштеноста и грувот.

28.04.2017

Lush / De Luxe Medicine / 5ive Tonbruket / Vinegar Heart Cultural Amnesia / Contains Steely Dan / Your gold teeth II The Books / Be Good To Them Always Phew ...

27.04.2017

Човекот познат како „постариот брат на Никита Михалков“ пред сè поради подобрата позиционираност на помладиот филмаџија (а веројатно и поради Оскарот за Изгорени од сонцето во ...