Banana Fish беше музичка авантура во непознатото

интервју со Игор Тошевски, Banana Fish

[ ]

Banana Fish се појави во средината на 80-тите години како музички експеримент на арт групата Зеро. Од самото основање се претстави како неформален музички сектор на матичната арт група која звуковно ги поддржуваше настаните на групата. Со време, Banana Fish прерасна во креатива на импровизаторски сешн матрици кои групата го воспостави како појдовен контракултурен принцип.
Критика неодамна ги документираше нивните „Одбрани дела 1985-1990“. За генезата, дејствувањата, импровизацијата како имератив и стилско-идејните референци на Banana Fish разговаравме со Игор Тошевски.

 

Кој, кога и како дојде до идејата за „музичкиот сектор” на Зеро да се вообличи во Банана Фиш?
Како и сè друго што произлезе од Зеро, така и Банана Фиш се роди од потребата за експериментирање, размена на креативни идеи и поигрување со медиуми. Во тоа време имаше и доста журки по приватни станови во Скопје, и често се збиравме кај мене дома, во Козле. Таму имав пианино на кое Тони Аџиниколов, тогашен студент на музичката академија, имаше обичај да ни приредува мали концерти до разденување. Тони беше практично дел од Зеро, иако неговиот основен медиум беше музиката. Јас претходно веќе се зезав аматерски на гитара, а имав и остатоци од некои ефтини тапани на кои свирев уште во гимназиски денови. Еднаш, на врата се појави Пепси (Перица Георгиев) со некаков кавал и едноставно почнавме да “разговараме” преку инструментите: кавал, пиано и бас тапан. Ништо претенциозно. Сепак, ни се допадна звукот што го создадовме, па решивме да се снимаме на еден скапан касетофон. Ова постепено стана традиција.

Како изгледаа и звучеа вашите музички разговори на самиот почеток? Претстави ми ја генезата на Банана Фиш.
Вообичаено, сеансите најпрвин почнуваа со дооооолги разговори за философија, литература, уметност и сл., најчесто во друштво на чај и ганџа. Потоа некој ќе чепнеше нешто на својот инструмент, другиот ќе се надоврзеше, па така влегувавме во некаков џем, со колажирање на слободни асоцијации, слично како и муралите на Зеро. Во првите свирки бевме Тони, Пепси и јас. Набргу се приклучи Тања Миљоска на блок флаута. Подоцна, почнаа да пристигаат други музичари како гости, некои од нив професионалци. Меѓу нив беше и Џенгис Ибрахим, мајстор на канон (прекрасен инструмент). Свирките станауваа поартикулирани, па природно дојде идејата да настапиме јавно. Во тие долги разговори што ги спомнав, некој го беше спомнал Селинџер, па така изрони името Бананфиш. Првиот јавен настап мислам беше тој во Музејот на современа уметност, каде Зеро беа поканети како гости, од страна на Симон Шемов, по повод изложбата Шемов/ Фидановски. Зеро се инсталираа во стаклениот кубус, а таму и свиревме на отворањето. Се сеќавам на настапот во Сули Ан, по повод една од годишните студентски изложби на ФЛУ. Прекрасна пролетна атмосфера, исполнета со маса љубопитен народ. Тогаш, од некаде изрони Кучкарот (Љубомир Стосављевиќ, од Бастион) на електричен бас. Мислам дека тоа беше една од подобрите свирки. Штета што не беше снимена… Конечно, изложбата “Шакти” во Музеј на Македонија, во 1990, ја отворивме со мал перформанс пропратен со звуците на Банана Фиш. Верувам дека тоа беше последниот јавен настап. Тони потоа набргу замина за Америка, а Зеро полека се растураше.

tapgpit

Тони Аџиниколов, Перица Георгиев – Пепси и Игор Тошевски

 

Скопје беше поинаков град тогаш…
О, да. Во 80-тите многу работи се случуваа по прв пат во градот – андерграунд клубови, првите приватни кафулиња, домашни журки со живи свирки на гараж бендови… Домот на Млади и Старата чаршија тогаш процветаа. Скопје вриеше и од студенти, не само домашни, туку и оние од Третиот свет, а имаше и доста европејци кои патуваа на релација Север-Југ. Патувавме и ние, најчесто автостоп по цела Европа. Искуствата беа драгоцени. Беше тоа доста возбудливо време.

Дали импровизацијата за вас беше императив?
Апсолутно! Сакавме да пробаме сè. Како уметници, не интересираа нови медиуми. Појавата на видеото мислам дека придонесе за експлозија на нови можности. Слично беше и со музиката.

Во БФ учествуваа голем број уметници од тогашната сцена, користевте и различни инструменти.
Освен главните осомничени кои ги спомнав, во Банана Фиш продефилираа Бобо (конги), Хинки (Златко Трајковски), Кучкарот (бас), Нора Стојановиќ (глас)… ги имаше многу. Главнината бевме сепак Тони, Пепси, Тања и јас. Од инструменти, освен стандардните (пиано, тапан, канон и флејти), неретко користевме неконвенционални предмети, претежно во перкусионистичкиот сектор, како метли, ѕвона, празни флаши, сликарски четки, лонци и тн. Имавме потреба да се ослободиме од секакви клишеа, па често свесно забегувавме во тотална, атонална анархија. Наместо стихови, користевме исечоци од дневни весници, или пасуси од романите на Селин, Музил… Некогаш, сето тоа личеше на некаков Дада џез.

Дада џез? Дали тоа беше стилско-идејна референца за вашиот звук?
Секој од нас имаше разни афинитети во уметноста, па и музиката. Тони доаѓаше од класично музичко образование; Пепси го интересираа звуци од далечниот Исток, додека јас израснав со Gang of Four и Clash. Спојката беше невозможна, ама во втора половина на 1980ти, еклектичноста беше нормална работа. Заеднички ги преслушувавме Can, Gong, Velvet Underground, Captain Beefheart, Philip Glass, Arvo Part, џез, амбиентал, итн. и сето тоа, на некој откачен начин, природно се провлече во нашиот звук. Има тука доста што потсетува и на The Residents, кои ги слушав често тогаш, но општо земено, целиот пристап може да се опише како музичка деконструкција, односно амалгамирање на стилови. Со други зборови, Банана Фиш беше радикален, постмодернистички музички експеримент кој доследно се надоврзуваше на колажниот пристап и инклузивноста на Зеро. Иако немаше претензии да создаде нешто конкретно, Банана Фиш беше музичка авантура во непознатото. Авантура на која ќе се сеќавам со задоволство.

Дали е возможен БФ рејунион?
Не гледам причина, ниту потреба за такво нешто. Денешните времиња носат сосема други предизвици. Бараат поинакви пристапи…

Другата страна на надежта
режија: Aki Kaurismäki

21.05.2017

Кога зборуваме за помали европски кинематографии, финската секако е една од нив. Истата најчесто се поистоветува со имињата на браќата Мика (постариот) и Аки (помладиот) ...

Depeche Mode во живо во Амстердам
Ziggo Dome | 7 мај 2017

18.05.2017

По четиригодишната пауза од издавањето на последниот студиски албум кој беше оценет како најслаб од страна на критичарите и публиката – Delta Machine (2013,  Columbia ...