Нашата различност е нашето оружје

интервју со ESC Life

[ ]

ESC Life е бенд од загрепска Трешњевка, егзистира од есента 2013 година и претставува унија од искусни музичари кои повеќе од една деценија опстојуваат на хрватската алтернативна сцена.
За ексапизмот, етикетирањето, звукот на 90-те, оптимизмот, турнејата со Grant Hart, винилите, Трешњевка и многу други нешта, во кафе-барот Икс, во друштво на прекрасното домашно пиво Нова Рунда, разговаравме со Елвис Шимуниќ и Ивица Антуновиќ – Наранџа.
en

Како да се објасни некому кој не знае кои се ESC Life, кои се тие всушност?
Наранџа: Escape Life е еден бенд на луѓе, во просек над 30 години кој одлучи да се забавува повеќе одошто во своите претходни бендови. Ова е бенд во кој можам да бидам таков каков што сум.
Елвис: Претходно свиревме во сосема поинакви бендови и доаѓаме од различни музички милјеа, Наранџа свиреше во Hemendex, јас свирев во Man Zero, Анте во ST!llness, додека Сањин настапуваше во Umor, кој никогаш претходно не свирел брза музика, Сањин го присиливме да свири со нас.

Како сè тоа се спои?
Елвис
: Наранџа, Анте и јас се знаеме долго и отсекогаш го правевме муабетот да направиме бенд, но секогаш свиревме во различни бендови. Конечно се случи да го направиме и тој заеднички бенд, со музика која отсекогаш сме ја сакале – инди рок, панк.
Наранџа: Рокенролот е нешто што секогаш го слушаш, дали имаш 16 или 60 години, секогаш ќе го имаш тој прв алубм од Ramones во кола, бидејќи тоа нема никогаш да престанеш да го слушаш. Така што, отсекогаш сакавме да направиме бенд за кој не е битно колку години имаш за да го слушаш.
Елвис: Кога го направивме овој бенд, фановите на Наранџа беа разочарани бидејќи Hemendex беа многу пософистициран бенд. Очекуваа step-up, а добија чекор поназад. Мислам дека луѓето премногу робуваат на жанровите, ако е песната добра – добра е.

Постојано следат музички етикетирања, балканофилен, англофон, американизиран бенд.
Наранџа: Тоа е вистина. Сакам кога бендовите имаат регионален печат, но ако подобро се размисли бендовите во секој случај имаат свој печат. Не настојуваме да го отфрлиме нашето словенство, тоа секако ќе излезе на површина, сакале ние тоа или не.

Имате различни „дневни“ професии, ESC Life ви е некаква попладневна љубов.
Наранџа: Никој од нас не е професионалец во ова. Јас продавам плочи во Record Store. Тоа отсекогаш сакав да го работам. Имаше денови кога зажалив што тоа го работам, но има и денови кога си викам – ок, го работам тој dream job сè додека е тоа исплатливо.
Елвис: Анте го советуваше дека подобро би му било наместо грамофонски да продава надгробни плочи.
Наранџа: Хахаха, тука секогаш ќе има работа.
Елвис: Јас инаку работам како преведувач, фриленсер, така да имам доволно време за бендот. Сањин работи во клубот Мочвара исто така како фриленсер, додека Анте е новинар. Се усогласуваме некако со „дневните“ професии, бендот ни е особено важен.

rhrsl-photo-by-oh-joy-lame

Слушајќи го вашиот деби албум Access All Areas, доаѓам до заклучок дека е направен и снимен органски, некако жив и природен. Како од оваа дистанца гледате на звукот кој го воспоставивте?
Наранџа
: Знаеш што, јас лично многу го слушав Neil Young, особено плочите од 70-те, Neil Young and Crazy Horse, албумот Zuma. И тој момент кога ќе сфатиш дека е нешто „несовршено“ е всушност моментот што токму тоа го прави да биде совршен. Лично немав порив сè што работам да се обидувам да го поправам, ми беше доволно тоа што сите свириме заедно и што сè се направи така бргу, со намера да оставиме печат на бенд кој се врати од турнеја и веднаш сними албум во живо. Снимавме во еден ден и сакав тоа да остане така и драго ми е дека и останатите го сакаа тоа, мислам дека добивме многу со таков пристап, спонтаноста ни беше многу важна.
Елвис: Работата е во тоа што ние воопшто немаше да го снимиме тој албум. Но, кога се вративме од турнејата со Grant Hart заклучивме дека свириме подобро од било кога. Имавме доволно материјал за албум и рековме – ајде да го снимиме сега. Испадна навистина добро.
Наранџа: Бевме баш многу загреани и имавме желба со полна енергија да го отсвириме албумот, како би ја пренеле таа еуфорија од турнејата.

Тоа го направивте за многу брзо време.
Наранџа: Целиот материјал го направиве за пар месеци, имавме акустични демо песни, па потоа две проби, една готова, две проби, една готова… Би можеле тоа и сега да го направиме, но сега сакаме повеќе да си играме.

Едно локал прашање: зошто е албумот на англиски а не на вашиот јазик?
Наранџа: Види, фората е во тоа да, колку јас и да ги сакам и Хаустор и Мајке и Шарло, самата поента на овој бенд е дека ништо не смее да биде усилено, бидејќи немаме никакви претензии, вклучително не и да форсираме нешто што не сме. Се обидував да пишувам текстови на хрватски но се чувствував дека правам нешто што не ми е природно, колку и да тоа звучи наопаку. Едноставно, од за мене непозната причина, полесно ми беше да се искажам на англиски. Попатно, успеав и да се играм со зборовите. Ја сакам повеќејазичноста, тоа е убаво, но слушам плочи на англиски, читам многу на англиски, со повеќето луѓе зборувам на англиски и претпоставувам дека тоа самото излезе од мене природно.

Звукот кој го практикувате е накаков си печат на 90-те. Имате можеби намера да го вратите звукот на 90-те?
Наранџа
: Тоа е повеќе поради останатите во бендот; јас го преферирам британскиот звук од 80-те. Тоа е тој добар компримис кој се случи во бендот. Иако ги сакам музичарите како Anthony Gonzalez од M83, или Brian Eno и Prince, но тоа се луѓе кои се подготвени сами да дојдат во студио и самите да снимат сè и на своите музичари да им кажуваат „ти снимај вака, ти снимај онака“. Мене тоа не ми е забавно. Сакам на проба да донесам што помалку, бидејќи ме инетересира што свое останатите ќе донесат во таа моја песна.
Елвис: Навистина ни е забавно кога ќе направиме инди-панк-рок песна со солажа натрупана со Space Echo. Таа неочекуваност во звукот ни е возбудлива. Не сме големи еклектици, но знаеме како тоа да го спакуваме во инди песна. Секој во бендот донесе нешто свое, малку потсвесно, малку намерно. Тоа е тоа што ни го прави тој херметичен жанр интересен.
Наранџа: Мислам дека на нашиот втор албум сето тоа ќе биде поинаку. Сфативме дека нашата различност е нашето оружје. Нашето возење во комбе од концерт на концерт се состои од постојана кавга што е добро а што не е, бидејќи не постои музика или бенд за кој сите ние четворица би се согласиле дека го сакаме. Можеби Ramones, но не верувам и во тоа.

Некој ве нарече „балкански одговор на The Pixies“, што за мене беше феноменално хумористично. Попрво би кажал дека сте вие, да речеме, помладиот брат на The Posies.
Елвис
: Ти благодарам и апсолутно се согласувам. Сешто ќе се изнаслушаш кога ќе те рецензираат критичари кои не знаат што зборуваат. Pixies се бенд кои докторираа на тој тивко-гласно-тивко, а ние немаме ниту еден тивок дел, дури повеќе немаме ниту еден дел кој не е дисторзиран.
Наранџа: А и текстовите. Нашите не се апстрактни како на Pixies, сосема се обични.

На вашиот албум имате недоливо количество на оптимизам, од каде тоа?
Наранџа
: Од животот. Албумот е практично мое конечно пронаоѓање, ова сум јас, мене ми е ок тука, знам што сакам и ок ми е да пеам за тоа со 30 и нешто години. На никој од нас ова не му е работа, би се чувствувал неблагодарно да бидам незадоволен од ништо. Сè додека можам да си ги платам сметките, да свирам во овој бенд и, ајде така да кажам, да имам двоен живот, задоволен сум. ESC Life не е ескапизам. Ако вака биде до крајот на животот, ќе бидам задоволен. Кога тргнавме да свириме, знаевме дека ќе свириме на журки, во биртии, пред 30 луѓе, буквално во овој кафе-бар тука, можеби на некој поголем стејџ и дека со тоа ќе немаме проблем. Ова е бенд кој не претендира кон ништо.
Елвис: Никој од нас не влезе во овој бенд со големи очекувања.

Две години од издавањето на вашето прво демо Live at button factory, година ипол од албумот Access All Areas. Што се се случи во меѓувреме на концертен план?
Наранџа: Свиревме на голем број фестивали и направивме доста концерти, но знаеш како, ние не се гледаме како бенд кој би свирел пред 1500 луѓе во полна хала, но се гледаме како бенд кој би свирел за исто толку луѓе на 5 концерти за 300 луѓе и тоа ни е всушност поатрактивна опција. Мала диграсија: еден од нашите омилени музичари, Нино Белан, исто така го сака тој модел на работа, во секое време би можел да го наполни „Дом спортова“ од 3000 луѓе, но повеќе би сакал поинтимни концерти за помалку луѓе, мислам дека е тоа сосема здрав пристап кон работите кој и ние го преферираме.
Елвис: Ако таа нашата соло турнеја пред година беше лакмус хартија за бендот, а беше бидејќи бевме сами…
Наранџа: …и не се степавме.
Елвис: Да, тоа е успех. И притоа, ако еден хрватски DIY бенд од таква турнеја се врати во финансиски плус, јас мислам дека е тоа успех.

Дали албумот као целина сака да каже нешто или е тоа ваш чист escape?
Наранџа: Тоа е документ на времето и состојбата во која се наоѓавме. Сега да го снимаме, не би бил идентичен и задоволен сум дека го снимивме тогаш кога беше жежок. И знаевме дека не сакаме да го направиме The Dark Side of the Moon туку Zuma, влегуваш, снимаш и чао, спонтано, неисполирано, панкерски.

Како би објаснил некому кој има 15 години што сака да каже Access All Areas?
Наранџа: Чекај… ова е предизвик. Вака би кажал: Не мораш да бидеш Mick Jagger да би го видел светот, но можеш да бидеш Kanye West. И со таков мал бенд и со не така големи амбиции ти можеш да видиш многу. Мислам дека бендот кој го направи Access All Areas помина толку многу километри а да не мораше толку многу пари да инвестира сето тоа да го придвижи. Свиревме насекаде, запознавме прекрасни луѓе и едвај чекам да ги запознаеме во што поголем број.

Еве едно очекувано прашање – Неизбежниот Grant Hart и вашето, претпоставувам непроценливо искуство како пратечки бенд на неговата балканска турнеја.
Наранџа: На Грент сум му благодарен поради тоа што создаде ситуација за нашиот бенд, кој патем речено тогаш кратко постоеше, каде од нас побаруваше да се ослонуваме на нашите инстинкти и постојано да импровизираме, со што нè направи двојно подобар бенд. Голема чест е да го делиш комбето, бината и се разбира искуството со Грент, човекот е едноставно забавен и духовит, испадна подобро одошто можев да замислам. Постоеа ситуации каде размислуваш – „Ова песна не би ја направил вака“, но песните беа на Грант и тогаш навистина мораш, а тоа „мораш“ понекогаш е добро. Го проголтуваш тоа и подоцна сфаќаш дека си добил екстра умешност.
Елвис: Во принцип човекот не знае колку навистина може. Ќе го цитирам Марко Погачар од екс-бендот на Наранџа – Death Disco, а сега познат хрватски песни, кој откако го виде нашиот настап кажа: „Јбт, мене ова ми беше одлично, но ова ми беше како да ги гледам Velvet Underground како ги свират Hüsker Dü“, што е прилично точен опис за тоа што ние на таа турнеја правевме, тоа беше нешто сосема поинаку. Знам дека имаше луѓе кои беа разочарани, некои беа позитивно изненадени, бидејќи тоа беше „нешто друго“. Знаејќи го фактот дека Грент тие песни ги напишал пред 30 и непто години, сосема ступидно би било да се очекува тие песни да се свират како што се свиреле тогаш. Да не заборавиме дека сетот за концертот го отсвиревме со буквално една проба, беше хаотично но на позитивен начин, како што, претпоставувам било на концертите на Velvet Underground во 60-те. Таа спонтаност со Грент беше извонредна, се сеќавам на еден детал на концертот во Скопје – знаевме од разговорите со Грент додека патувавме дека е сосема индиферентен кон реге музиката. Свиревме по првпат една песна од неговиот последен албум The Argument наречена Is The Sky The Limit, која буквално ја увежбавме во бекстејџот пред самиот настап. Песната во самата структура има дел кој е накаков си џем-имро, каде нашиот гитарист Анте почна да свири некој реге лајтмотив, сè додека Грент не го погледна со зборовите “You motherfucker :)”. Таа спонтаност го Грент направи ние да бидеме подобар бенд.

Какво е чувството да ги свириш Hüsker Dü заедно на бина со еден член на Hüsker Dü?
Елвис: Феноменално. Заедно со него ја правевме сет-листата. Грент избираше две песни, ние избиравме две. Замисли, ги свиревме моите омилени, Flexible Flyer и Green Eyes, звучи предобро да би било вистинито, не.
Наранџа: Малку е како да влегуваш во својот омилен филм, како да влегуваш, да речеме, во Animal House и наеднаш можеш да се забавуваш со сите тие луѓе.

esclife_aaa

Го издадовте албумот на винил а луѓето денес не сакаат баш да платат за музика. Како тоа?
Наранџа
: Мора да излезе на нешто. Дури во ерата на симнување музика од интернет, јас како некој кој продава музика во својот професионален живот мислам дека тоа е фер. Повеќето луѓе кои доаѓаат кај мене да купат плочи ги купуваат само оние за кои знаат дека се добри од почеток до крај. Ако некој ја симне твојата музика од интернет, ќе ја купи и твојата плоча само ако знае дека е добра од почеток до крај. Луѓето сепак купуваат плочи. Мојот дуќан е “vinyl only”, па да не купуваат јас би работел на некое друго место. Плоча како таква секогаш ќе има статус на албум, кој трае 45 минути и има своја А и Б страна. Лонгплејот е тој кој го зададе форматот како еден албум изгледа и како е конципиран. Тоа е тој формат кој го обликувал тоа како ти концептуално снимаш рокенрол целина.
Елвис: Од искуствата со нашите поранешни бендови, сфативме дека денес единствено винилите се продаваат. Скап е да го направиш, но некој кој доаѓа на концерт си заминува со плоча. Цедеата се практично во изумирање. Плочите се ритуал, а во голем дел денес и фетишизам. Плочите како формат немаат рок на траење.

Дали мислите дека денес музиката се претвори во еден голем entertainment и дека супстанцата на музиката полека станува небитна и дека се тоа оди на едно повискоко ниво на забава?
Елвис
: Денеска сè помалку се истражува во музиката, иако за тоа никогаш повеќе не се имало прилика. Сè повеќе луѓето стануваат робови на жанровите.
Наранџа: Тоа е болест на големите средини. Искрено верувам дека во провинцијата лежи ентузијазмот. Таму поискрено се прават работите.
Елвис: Кога ќе видиш, сите ние повеќето доаѓаме од провинција. Јас сум од Ѓурѓевац, 100 километри северно од Загреб, Наранџа е од Бугојно, средна Босна. Анте е роден тука, но своите формативни години не ги поминал во Загреб, туку во Сињ и Сплит, додека Сањин е единствениот од Загреб.

Но, сега сте бенд од Трешњевка.
Елвис: Така е, Trešnjevka for life!

Наскоро од вас можеме да очекуваме што?
Наранџа: Мислам дека за година дена ќе ја имаме во раце новата плоча.
Елвис: Пред тоа ќе излезе сплит синглот со нашите пријатели од Австрија – Remedy. Нашата нова песна Fill the void во моментов ја снимаме во студиото на Марк Мраковчиќ и подготвуваме за микс. Ќе следуваат и концерти, секако Скопје, тоа ни е едно од најомилените места за свирење.

Европската вожња на скопската линија
Кон фестивалот Cinedays 9-19 ноември

24.11.2017

Од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар се одржа 16-то издание на меѓународниот фестивал на европски филм Cinedays. Овогодинешното мото на фестивалот ...

21.11.2017

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово ...