Треба да почнеме да размислуваме за живот во заедници

интервју со Genesis P-Orridge

[ ]

Зборот КУЛТНО/КУЛТЕН е еден од најновите аквизиции на медиокритетската маса која промовира и конзумира музика. Погледнете наоколу и ќе регистрирате еден куп реклами и написи, каде тој епитет им се придава на крајно бледи ирелвантни појави, па сè до рурални фолк гилиптери кои свират по градско-селски диска. За прецизно да сфатите што подразбира терминот КУЛТНО, во моментот во Скопје имате две опции. Првата е да скокнете до интернет и видите што значи зборот; втората е во сабота на 14-ти мај да дојдете во МКЦ на 25-годишнината на КУЛТНОТО радио Канал 103 и да го проследите концертот на КУЛТНИОТ бенд Psychic TV. Во продолжение, прочитајте интервју со Genesis P-Orridge, лидер на бендот и самиот тој КУЛТНА фигура.

GPO_K103
Мирко Попов: Најпрво би сакал да ви посакам добредојде во нашата радио програма, ова е специјален PTV викенд кој го организиравме во Канал 103. Би сакал да изразам најдлабока почит кон вас како личност чие дело е интегрален дел од духовното јадро на нашата радио станица. Исто така, како симбол на слободно размислување и делување, вие сте пример за сите нас, така што вистинска чест е да ве имаме како гостин во оваа радио програма.

Genesis P-Orridge: Ако е вистина дека сум пример, тоа е најверојатно најважната работа која уметник од каква било област би можел да ја постигне… Примерот кој сакам да го поставам е всушност следниот процес. Доколку имаш некаква мисла или идеа за проект секогаш следи ја и направи тој проект да се случи на каков било начин. Знаеш, порано велевме дека ако имаш идеа тогаш си должен да ја оствариш, односно да ја манифестираш. Можеби нема да изгледа исто како што си ја замислувал на почетокот, но кога конечно ќе ја оствариш, ќе сфатиш дека така е подобра. Со Throbbing Gristle знаевме дека сакаме да направиме некаков музички проект, да го затресеме кафезот на рокенролот и да покажеме дека постои и поинаков музички израз во тоа време, а сепак… никој од нас не знаеше да свири на инструмент, ниту пак имавме инструменти, освен Крис Картер, кој си направи сопствен модуларен синтисајзер. Смешен е фактот дека во денешно време овде во Њу Јорк сите се возбудени околу ‘новата мода’ на градење модуларни синтисајзери, а баш му кажувавме на еден пријател, “па Крис Картер го правеше тоа во 1975та”! Крис го направи  бидејќи немаше доволно пари за да купи вистински синтисајзер и, воопшто во тоа време, се произведуваа многу малку синтисајзери, па тоа што го изгради за да ги генерира звуците кои ги сакаше не звучеше како што тој замислуваше на почетокот, но беше уникатен и беше негов. Sleazy (Peter Christopherson) сакаше да експериментира со вметнати звуци од ленти, но тогаш немаше никакви семплери и никој немаше ниту прототип. Така, тој разви своја верзија која ја направи од 8 вокмени – малите ‘магнетофони’ на тоа време, кои беа технолошки најмодерните машини кои постоеја во 70тите. Ги расклопи 8те вокмени и повторно ги состави така што секој вокмен можеше да свири на двете страни од лентата истовремено и да произведува стерео звук, што значи дека секоја машина му даваше 4 различни звуци. Потоа ги поврза вокмените со клавијатура и одеднаш имаше, колку… 36… 32? Да, 32. Значи одеднаш имаше 32 извори на звук, а носачот на звукот беа касети. Можеше да има 90 минутна касета во секоја од 8те машини, давајќи 32 или повеќе часови звук од каков било тип. Тоа е извонреден изум за кој тој сеуште ги нема земено заслугите. Овој изум го нарекувавме “кутијата со трикови”. Подоцна изградивме една за мене која беше усовршена верзија и имаше и хармонизатори и gristeizer-и итн. Кога првпат се појавија Apple компјутери, Sleazy купи еден и го расклопи и состави, а при крајот на постоењето на TG го користеше за да создава звуци. Компјутерот беше сосема изменет. Се сеќавам дека понекогаш кога му беше досадно додека свириме играше пинг понг на компјутерот, имаше пинг понг бидејќи беше прилично примитивна машина… И имавме… хмм… како се нарекуваа… зошто не ми работи умот денеска…

Можеби е рано…
…антени! Имавме монтирано антени на звучниците, кои можеа да го примат и емитуваат сигналот од локални радио, понекогаш и телевизиски станици. Звучеше како да пуштаме снимки од стар материјал, но кога луѓето си одеа дома сфаќаа дека тоа што го слушале на концертот всушност се емитувало на радио или телевизија во текот на нашиот концерт.

Тоа е одлична приказна, ви благодарам многу. Еден мал времеплов и интересна приказна за нас. Кога веќе сме во тој времеплов… вие доаѓате од сцената на авангардната перформанс уметност на 70те и отсекогаш сте го предизвикувале естаблишментот, мејнстрим естаблишментот, до степен до кој може да го предизвика алтернативната култура воопшто. Тоа некако ме носи до зборот ‘протест’. На страна од очигледните уметнички амбиции, може ли да се каже дека протестот е основата на вашата уметничка и општествена ангажираност? Дали мислите дека протестот е основна форма на општествено ангажирање, како и уметничко?
Да, дефинитивно е. Го запознавме William S. Burroughs во 1971. Ја најдовме неговата адреса во некој магазин и му пишавме, надевајќи се дека тоа е вистинска адреса. Излезе дека е вистинска, бидејќи околу една недела подоцна пристигна разгледница од Вилијам во која тој ми пиша: “Aко дојдеш во Лондон, јави ми се и намини да се видиме”. Почнавме по писма да дискутираме за тоа што е вистинската цел на уметноста и на креативноста. Во основа се согласувавме дека таа би морала постојано да ги предизвикува и деконструира методите на контрола, во сите аспекти на животот: културата, политиката, економијата… Се согласувавме дека човечкиот род е под постојан напад од многу мала клика на моќни, неморални, злобни луѓе за кои генерално сметаме дека не му припаѓаат на човечкиот вид, туку се некаква мутација. Кога првпат поминавме неколку денови дружејќи се со Вилијам, додека се враќавме кон дома, тој ми рече: “Genesis, твојата задача е да откриеш и да ми кажеш како се уништува контролата.” Ми ја даде таа ‘задача’ речиси како кога некоја будала му дава смешно невозможна задача некому, чисто за да гледа како тој ќе се снаоѓа. До ден денес се уште трагаме по тој одговор и сеуште се прашуваме каде е контролата, кој раководи со неа, како тоа влијае на светот и средината во која живееме и на потенцијалот на човечките суштества – да еволуираат или да се самоуништат. Контролата е центарот на сè.
Мое мислење е дека постојат два вида креативност. Првиот е да им пружаш задоволство на луѓето, да правиш убави песни за тоа како си вљубен или како не си вљубен, или да сликаш убави слики кои изгледаат одлично на ѕидовите на раскошните вили на богатите, или да правиш убави скулптури и едноставно да станеш многу богат или што и да е; но тоа е она што Brion Gysin го нарекуваше “илузорна уметност”, бидејќи не е ништо повеќе од декорација. Не раскажува никаква приказна и не ви кажува “вака навистина изгледа светот, што мислиш, која е твојата улога во него и што ќе направиш околу тоа?”. Значи секоја форма на креативност е или “илузорна”, или на некој начин го предизвикува статус кво-то и го разоткрива начинот на кој луѓето се спречени да го реализираат својот вистински потенцијал. Кај секого постои фактор на генијалност од некаков вид, буквално кај секого. Но уште како деца сме обесхрабрени да мислиме дека имаме максимална слобода на избор. Наместо тоа не усмеруваат директно во конформизам, а на кого му оди тоа во прилог? Вилијам исто така велеше, кога сакаш да разбереш што се случува, пробај да видиш кој профитира на некаков начин од ситуацијата и ќе ја сфатиш големата слика. Ова е многу едноставен начин на размислување, но многу корисен. Кога те збунува комплексноста на модерниот живот, подзастануваш и се прашуваш, кому ова му служи? Најчесто е многу едноставно – си велиш, аха, сфаќам, па тоа е Доналд Трамп, или било кој. Тогаш, многу попрецизно ќе можеш да дефинираш што ти ќе сториш во врска со тоа.

Кога сме на оваа тема, да споменам дека сте биле погрешно разбиран, кривично гонет, сте биле во секаков вид неволја поради вашите идеи и дела, па кога ќе погледнете наназад, имајќи ја сегашната временска дистанца… Вредеше ли, што е вашата порака до луѓето кои се осмелуваат да го прават она што тие сакаат, знаејќи дека постојано ќе се соочуваат со проблеми? Што е вашата порака до нив, вреди ли?
Па ние веруваме дека вредеше. Но да бидеме навистина искрени, не беше лесно. Изгубивме пријатели кои умреа… Последниот пат кога Британската влада не нападна во 1991-та, ги изгубив моите две куќи и сè во нив. Добивме телефонски повик од Англија додека бевме во Катманду, Непал, и нè информираа дека ‘Скотланд Јард ги заплени вашите куќи и неможе да се вратите дома.’ Преку ноќ, од прилично комфорен живот со Psychic TV, TOPY, сопствена издавачка куќа итн, иако сеуште се обидувавме да го затресеме светот, имавме комфорна средина од која тоа го правевме, со многу луѓе кои помагаа. Одеднаш останавме само со куфер во хотелска соба во Катманду и две мали деца и… ништо друго, без заштеда, без пари, изгубивме буквално сè преку ноќ. Токму тоа е ризикот со кој мора да се соочите. Мора да бидете подготвени да се справите со потешкотиите. Затоа што ќе ги има, ако кажувате нешта што ги нервираат луѓето кои ја имаат контролата, ако кажувате нешта кои се премногу близу до вистината, ќе бидете нападнати. Ќе ве нападнат преку вашите пријатели, преку вашата фамилија, деца… Да бидеме јасни, политичарите се мафијаши. Користат мафијашки методи за да ги контролираат луѓето. Тие методи се заплашување, лажни приказни кои служат да ве понижат и да ги одвратат луѓето да слушаат. Можеби и ќе ве убијат, ќе ви се закануваат, ќе земат сè што имате за да ве направат премногу сиромашни и неспособни да се борите понатаму… Сето ова ќе се случи ако постојано ги нервирате. Ова не е ситуација во која сакате да се најдете, ниту пак ќе уживате, ужасно е кога ќе ве снајде.

GPO
Сакав да ве прашам, кога веќе зборуваме за ова… Многу од Вашите идеи беа напредни, доста контроверзни и преставуваа авангарда во 70-те, 80-те, 90-те… многу од идеите беа неприфатливи за мејнстрим општеството, за естаблишментот. Меѓутоа, многу од тие идеи, не само вашите туку и оние на многу прогресивни личности од тоа време, сега се всушност вградени во општо прифатените трендови. Се чини дека трендовксиот естаблишмент се „храни“ со идеите на прогресивните луѓе и ги трансформира во нешто што можат да го продадат. Што мислите за ова?
Тебе изгледа сè ти е јасно, а? Да, станаа многу лукави, го трансформираат бунтот во стока за продажба. Во 60те кога имаше ерупција од анархија, нови идеи и алтернативни начини на живот во целиот западен свет, како и во повеќето од земјите во Европа, кога тоа се случи – тие беа навистина исплашени. Луѓето кои ја имаа контролата сфатија дека се соочуваат со вистинска револуција и дека целиот систем кој успешно го оддржуваа веќе стотици години се распаѓа и би можел да биде уништен. Затоа возвратија со насилство. Напаѓаа луѓе, донесоа војници, прогласија воена диктатура и инфилтрираа луѓе помеѓу бунтовниците кои беа провокатори и намерно предизвикуваа инциденти за да изгледа дека луѓето кои се залагаа за алтернативата се всушност оние кои предизвикуваат невоља. Сето ова траеше некое време, но сепак на луѓето од естабилшментот не им успеа да ги угушат овие идеи. Но, сега се многу полукави. Наместо да ги напаѓаат новите идеи, тие ги КУПУВААТ, ги апсорбираат. Веќе не се жестат во медиумите и не изјавуваат: „Леле, ова е ужасно!“. Во основа, само ќе понудат пари, висока позиција, слава или што и да е и на тој начин асимилираат. Тука сте апсолутно во право! На тој начин радикалната идеа станува мода и притоа ја губи моќта. Токму затоа креативните луѓе треба постојано да ги менуваат своите стратегии. Честопати нè прашуваат: „Зошто не сте гласни и гневни како во 1978та?“ Одговорот е дека сега тоа не би направило никаква разлика бидејќи сите веќе го слушнале тоа, стана мода. Затоа треба да го смените пристапот – секогаш да го правите спротивното од она што се го правеле претходно. На пример, ако музиката ви звучела гневно, гласно и агресивно, следното што ќе го направите треба да звучи полно со љубов, нежност и великодушност. Кога тоа ќе се востанови како статус кво решавате да направите нешто сосема различно. Постојано треба да се побивате самиот себеси. Токму затоа прекините од овој тип се битна работа, бидејќи на тој начин постојано ги рушите навиките и континуитетот, а себеси се одржувате буден за новите работи кои можете да ги направите.

Вашето влијание во последниве три, четири декади, најмалку четири…
Ние имаме 66 години. Нашата прва уметничка ‘интервенција’ се случи некаде во 1965та, па…

Тоа се веќе пет декади… Очигледно е дека имате големо влијание на многу луѓе ширум светот, како и во Македонија. Вашето влијание во последниве неколку декади му е добро познато на секој што се бави со музика и култура. Претпоставувам дека од сегашна перспектива можете да оцените дали сте задоволни со вашата работа и дали луѓето конечно ве сфаќаат на вистинскиот начин. Дали гледате доволно позитивни примери што произлегуваат од вашето влијание? Дали сте задоволни?
Навистина интересно прашање. Ние никогаш не сме се стремеле кон ‘влијателност’, секогаш сме почестени и среќни кога луѓето велат дека нешто што ние сме кажале или создале им дало сила да го следат патот што тие го сметаат за вистински, отколку да се предадат на статус кво-то и да го прават она што нивните родители и општеството го очекуваат. Ако сме им помогнале да ја направат таа одлука, да го следат нивниот вистински пат, нивната вистинска страст, тоа е одлично. Тоа е сосема различно од влијанието од нашиот стилски израз, влијание од самата форма. Понекогаш луѓето ги мешаат овие две работи. Влијанието врз звукот, начинот на кој нештата изгледаат или стилот на облекување воопшто не ми е важен. Да ги охрабриш луѓето да веруваат во себеси толку цврсто што никој нема да успее да ги разувери, тоа е она влијание што нам ни е важно и би ни било многу драго доколку сме влијаеле на тој начин.

Кога бевме дете, во 1967та година, ни препишаа лекови за астма. Но потоа преку медитација и вежби за концентрација, престанавме да добиваме астматични напади. Докторите рекоа дека повеќе нема потреба од лекарствата. Она што не го знаеа тогаш, е дека еден од несаканите ефекти на оваа терапија беше уништување на адреналните жлезди, а без нив не можеш да преживееш. Адреналинот кој тие го лачат го поттикнува fight-and-flight механизмот, рефлексите, но исто така ги поттикнува сите останати органи во телото да си ја вршат функцијата. Адреналинот е еден од најважните хормони во телото. По три дена без лековите паднавме во кома и бевме однесени во болница каде што прогласија дека сме клинички мртви. Додека бевме во ургентната сала, се сеќаваме дека лебдевме над нашето тело, додека долу сестрите и докторите одлучуваа кој ќе им соопшти на родителите дека сме починати. А ние во моментот размислувавме: “Не сум мртов, ве слушам и ве гледам!”. Беше многу чудно и одеднаш, не се сеќаваме како, се вративме во телото и преживеавме. Следното утро, специјалистот не посети и ни рече: “Ова е нешто сосема ново, се нема случено досега, така што не знаеме, можеби ќе живеете нормално а може и да умрете секој момент.” Лежејќи во болничкиот кревет, бевме благодарни што ни го соопштија тоа, бидејќи на тој начин изборот стана поедноставен. Ако можеме да умреме за година или ден, тогаш мораме да ги направиме оние работи кои навистина ги сакаме СЕГА. Си помисливме, што е најлошото што може да се случи ако си го следиш срцето? Можеби нема да им се допаѓаш на луѓето, тоа е во ред, можеби ќе те напаѓаат, тоа е исто така во ред, всушност најлошото што може да се случи е да умреш од глад, ако луѓето те игнорираат. Реално, тоа не се случува на запад. Така, тогаш одлучивме дека ништо нема да не одврати да го следиме тоа за кое сметаме дека е вистината. Ништо.

Тоа е одлично, ви благодарам. Сакав да ве прашам како сте деновиве, се уште делувате многу зафатено, предавате, имате настапи како диџеј, свирите концерти, се подготвувате за Европска турнеа и само што објавивте дека издавате албум во август. Изгледа дека сеуште имате многу енергија во вас.
(се смее) Да, чудно е, нели?

Воопшто не е, го очекувам тоа од вас.
(се смее) Не знам зошто сме толку активни и како завршуваме толку многу работа. Навистина сме многу продуктивни, вчера водевме тура во склоп на нашата изложба што е моментално поставена во Њу Јорк. Веднаш потоа држевме предавање со уште еден уметник, а од таму влеговме во кола и отидовме до еден клуб во Бруклин каде што читавме поезија и свиревме во живо. Денес се разбудивме и еве, го имаме ова интервју со вас. Така изгледа мојот живот изминатиов период. Сега работиме на уште една самостојна изложба која треба да биде готова пред да заминеме на турнеа. Навистина е лудо, во последниве години станавме многу позафатени од кога и да е. Спиеме само по четири часа на ден. Понекогаш и три.

Се надевам дека вечерва отспавте малку повеќе од тоа. Или повторно спиевте само четири часа?
Не, денес за среќа спиевме малку подогло. Само малку. Сето ова е затоа што ги правиме работите кои што ги сакаме и во кои навистина веруваме. Не е како ‘нормална’ работа. Владее општо мислење дека работа е она што го правиме за да опстоиме финансиски. Она што ние го сметаме за работа е да ги одржиме душата и духот живи и прекрасни. Тоа не е задача, тоа не е нешто од кое што можеш да се презаситиш, затоа сме навистина среќни што некако успеавме да преживееме само со креативна работа уште од 1967-8та година. Тоа најмногу се должи на нашата тврдоглавост. Како ни успеа е навистина мистерија. Од секогаш сме верувале во идеи, уште од најмлада возраст сме биле фасцинирани од идеи и, како што споменав претходно во ова интервју, ако имаме идеа мора да ја оствариме. Не може да се задоволиме со самото имање идеа, мора да ја оствариме. Тоа е во нашата природа.

Музички, вашиот последен материјал, посебно вашиот последен албум беше навистина интересен за нас во 103ка.
Мислите на „Snakes“?

Да, „Snakes“. Звучи како комбинација на сè што некогаш сте направиле и ви се допаѓало музички, а сепак има и изразен dance звук, па се прашував за албумот во август, дали ќе биде нешто слично на тоа или ќе одите во некоја друга насока?
Во моментов, на музички план, најголемо задоволство ни причинува последното нешто што го снимивме. „Snakes“ е исто така еден од нашите омилени албуми што некогаш сме ги направиле, а имаме направено повеќе од 300 албуми. Нашиот нов албум „Alienist“ е многу сличен, но уште посовршен. Албумот е многу психоделичен, но со изострен, дефиниран звук. Направивме мрачна психоделија, навистина длабока, тврда психоделија, која се разликува од психоделијата од 60те. Идеата е да се загубиш во музиката додека ја снимаш и свириш, на истиот начин на кој што би сакале да се загуби публиката кога ќе ја слуша. Тоа сакаме да го постигнеме.

Моменталната постава на бендот е совршена. Сите се одлични музичари. Alice Genese е неверојатен басист и е толку полна со енергија додека е на сцена, лудо е, постојано танцува, скока и се смее… Eddie O’Dowd удира по тапаните како манијак и разви многу интересен ‘free flowing’ стил на свирење кој е доста сличен на оној од 60те, така што не го свири само ритамот туку и мелодиски линии. Симултано пушта и семплови. Jeff Berner е одличен гитарист, тој е нашиот Џими Хендрикс. Имаме нов клавијатурист, John Winegarden, кој отсекогаш бил опседнат со музиката на 60те, така што совршено го дополнува тој слој од звукот на бендот. Можеме да направиме што и да посакаме, да отсвириме кавер верзија на која било песна, но сепак да звучи различна и наша. На новиот албум се поместени кавер верзии на две песни. Има само четири песни на албумот. Сите се долги, како и обично. Едниот кавер е на “Jump into the fire” на Harry Nilsson, ја свириме веќе некое време во живо и навистина добро функционира, луѓето се возбудуваат и скокааат нагоре-надоле и сосема се губат во музиката. Вториот е “How does it feel to feel” на Creation, стар бенд од ерата на 60те. Тие се првиот рок бенд во Англија чиј гитарист користел виолинско гудало додека свирел, Џими Пејџ всушност го копирал тоа токму од нив кога го направил истото во Led Zeppelin. The Who сакале гитаристот на Creation да им се приклучи како втора гитара, но ги одбил. Исто како со уметноста, им кажуваме на луѓето за уметници во кои ние веруваме. Кога се занимаваме со пишување, им кажуваме за писатели за кои мислиме дека би требало да ги интересираат, како Burroughs и Gysin. Кога се занимаваме со музика сакаме да им посочиме на луѓето одредени влијателни групи кои направиле прогрес во звукот, така што нема сè да се врти околу нас, туку тоа што го правиме ќе кажува и дека самото е дел од една голема приказна која трае – наративот на алтернативната музика. Ние мислиме дека луѓето би биле среќни да слушнат што другите имаат направено во минатото, а не инспирирало нас. Значи, сакаме да ги споделуваме нашите влијанија со слушателите и да ги поттикнеме да останат отворени за сите дела за кои можеби никогаш дотогаш немаат слушнато.
PTV
Значи можеме да очекуваме нов материјал на концертот.
Да, нов материјал од Snakes до Alienist, но секогаш уфрламе по неколу постари песни кога чувствуваме дека е вистинскиот момент. Како што веројатно знаете, ние најчесто свириме 2 часа. Повеќето бендови свират 45 минути или помалку. Ние сме се потрудиле да допатуваме до Македонија, сме се потрудиле да го наместиме звукот најдобро што можеме, но исто така и публиката се потрудила да заштеди пари за билет, а тоа не е толку лесно повеќе. Така што ако сите вие сте се потрудиле да бидете на тоа место заедно во исто време, тогаш е повеќе од разумно бендот да настапува колку што може подолго и да даде колку што може повеќе, бидејќи е само една вечер и можеби никогаш повеќе нема да се вратиме таму. Мислиме дека несебичноста е нешто што многу од бендовите го забораваат, а навистина е важно да дадеш најмногу што можеш на луѓето што дошле да слушнат што имаш да кажеш.

Претходно сте биле на Балканот, иако ви е прв пат овде во Македонија, мислам дека сте свиреле во Словенија, не сум сигурен за Хрватска…
Да, имаме настапувано таму, исто и во Романија.

Одлично, значи сте биле во близина, но никогаш тука. Не знам дали имате некаква претстава за ова место бидејќи не е многу важно место во светот, само една мала земја со многу проблеми…
Не, воопшто немаме никаква слика за Македонија. Единствено на кое ни текнува е  Александар Велики и античката историја. Сите слики што ни се појавуваат во главата се од Александар Велики и Џингис Кан и луѓе кои јуришаат напред и назад низ Европа, колејќи и оставајќи пустош зад себе…

(се смее) Тоа е одлична слика! Но веќе не сме толку силни.
Како е, мислам, дали е како остатокот од Европа и Америка каде сè почнува да изгледа сосема исто?

Македонија е мала држава и веројатно една од најсиромашните во Европа. Неверојатна е ‘модата’ постојано да се враќаме наназад, дури и во закоравени религиски догми. Деновиве има многу протести против Владата која е многу назадна и има тенденција да се претвори во диктаторска. Дури се приближуваме кон улични борби. Од друга страна имаме и доста интересен дух – не само борбен туку и музички. Македонците се многу музикална нација со добар вкус за музика. Особено Канал 103 кој е предводник во тоа веќе 25 години, каде што се пушта PTV и секакви видови добра музика.
Тоа звучи одлично за нас. Меѓутоа, нели е тажно што насекаде во светот политичарите се враќаат кон тоталитарниот капитализам? Притоа, користат верска догма како дел од нивната стратегија. Сите сакаат да се вратат во она митско време во минатото кое мислат дека било подобро. Но, тоа време не било подобро. Зошто инаку би имало толку побуни и револуции за осободување од сите тие моќници? Бидејќи светот бил мизерно место за сите освен за богатите и моќните. А сега, богатите и моќните прават сè што можат за да се вратат во времето кога имале повеќе моќ. Навистина е застрашувако бидејќи ова се случува насекаде во светот. Што мислиш, зошто се случува тоа?

Не знам, се чини дека тоа е во мода. Веројатно не сум “стручен“ по ова прашање, но мислам дека по падот на Берлинскиот ѕид и падот на комунизмот, кој претставуваше еден вид конкуренција на капитализмот, западот мораше да се развива во правец на поцивилно и похумано општество. Бидејќи нема веќе таква конкуренција, тие вршат поголем притисок и ги намалуваат слободите на луѓето најмногу што можат. Ова се случува и во Источна Европа, каде земијте беа делумно социјалистички, а сега сè повеќе се движат кон десничарска политика. Најдолните слоеви од општеството се согласуваат со оваа политика и со задоволство ја прифаќаат и најглупавата религиска догма. Не знам, едноставно тоа е политичката реалност во Европа во моментов.
Не мислите дека е речиси како носталгија? Можеби делумно тоа е резултат на сознанието дека нема вистински одговори без тешки одлуки, а политичарите не сакаат да прават тешки одлуки. Сакаат да бидат популарни и да останат на власт. Им се допаѓа да бидат политичари. Сакаат да задржат сè што имаат по секоја цена. Но тоа не е решение. Светот се распаѓа околу нив, економиите се распаѓаат, а нивната реакција е да стануваат сè пототалитарни и опресивни. Ова се тешки времиња во човековата историја. Навистина тешки. Бидејки се плашат… не можат да замислат иднина во која ќе ја имаат истата моќ и важност. Единствената добра иднина е онаа која е посоцијалистичка и навистина демократска. Ако човештвото ги користи сите свои ресурси еднакво и насекаде, би можеле да ги нахраниме сите без проблем, би можеле да изградиме домови за сите без проблем и не би ги трошеле сите пари со кои располага власта на воена опрема и така наречената “одбрана“. Тогаш планетата би била убаво место за живеење, каде секој е хумано суштество. Честопати велиме: “Да можеа луѓето само за момент да застанат и да се замислат себеси како само еден мал дел од човечкиот род“, а така треба да се поимаме себеси – само една убава единка која живее на оваа планета. Земете, на пример, една амеба или кое било друго суштество кое е повредено или оштетено, тоа ќе ги вложи сите свои ресурси за да ја поправи штетата. Ако му е потребна нега, тогаш сета своја енергија ќе ја вложи натаму. Таква е природата на постоењето. Таква е целата природа. Ако замислиме дека целиот човечки род е едно единствено битие, тогаш ако некој или нешто е повредено или е во болка или пак има некаков проблем, тогаш сите ресурси од целиот свет би се насочиле за да се поправи тоа. Така треба да го замислиме човечкиот род – како еден организам. Сите ресурси треба да се насочат кон оној на кој најмногу му се потребни во кое било време, еднакво и без никакви предрасуди. Но политичарите се ужаснати од ваква иднина бидејќи во неа за нив нема место. Тие попрво би ја уништиле планетата и животот на неа отколку да дозволат оваа попозитивна иднина да се случи. Затоа се толку опасни.

Сметате ли дека некако можеме да го избегнеме тоа?
Сметаме дека едно од решенијата се заедниците – не комуни, туку заедници. На пример, ако светот беше совршен, ако имавме доволно пари, нашата главна преокупација би била да најдеме земја некаде и да основаме некој вид село. Да поканиме луѓе од различни дисциплини – физичари, генетичари, писатели, уметници, инженери, механичари – во принцип да основаме една комплетна заедница. Секоја единка, секоја личност би имала свое живеалиште како колиба или што и да одбере, а би имало и една главна зграда каде се споделуваат сите ресурси и каде барем еднаш дневно заедно се јаде и се разменуваат идеи за алтернативни начини на однесување и живеење во овој свет. Сето она што би го откриле или развиле како теорија или би сметале дека може да фунционира би го споделиле со останатиот свет – бесплатно. Ова е нешто што би можело да го промени светот. Истово би можело да се реализира и ако неколкумина изнајмат куќа, се обидат да го обмислат животот во заедница и да видат кои би биле потешкотиите во таквиот начин на живеење, дали е тешко постојано да се биде со други луѓе и да се споделува и она малку што го имаат. Ова е најдобриот начин за напредок. Можеби овој вид на примери ќе го измени начинот на поимање на иднината. Треба да почнеме да размислуваме за живот во заедници и споделување на ресурсите. Едноставно мораме.

Мило ми е да слушнам дека сте го обмислиле сето ова – убава размисла и убаво е да се чуе како за крај на ова интервју па нема да ви додевам уште многу со прашања.
Баш уживам, Мирко!

Ви благодарам многу, и јас уживав во интервјуто. Има ли нешто важно што можеби пропуштив да ве прашам, а мислите дека треба да го споменете пред публиката на Канал 103 и на луѓето кои ќе дојдат да ве слушаат на концертот на 14ти Мај?
Тоа е добро прашање. Би сакале луѓето да седнат и навистина добро да размислат за својата иднина. Со Throbbing Gristle имавме многу мали ресурси, скршена бас гитара, рачно изработен синтисајзер, но сепак успеавме да ја смениме природата на музиката во целиот свет, први измислувајќи ја ‘industrial’ музиката. Така, сосема е возможно многу мала група на луѓе да има огромно влијание на културата на целата планета. Ако луѓето размислат каква иднина би сакале да имаат во совршен свет, што би направиле околу тоа?  Добро, неможеме да имаме село, но можеме да имаме зграда или магацин. Како да го изведеме сето тоа без да се полудиме еден со друг? Што би можело евентуално да тргне наопаку и како да се справиме со тоа? Да почнеме веднаш вистински да обмислуваме стратегии кои ќе помогнат да функционираме едни со други на креативен начин. Потоа тоа несомнено ќе се рашири како идеа насекаде низ планетата, како што секогаш се случува.

Единствената добра страна на интернетот е тоа што можеш да рашириш информации до луѓето насекаде, многу брзо. Остатокот е преголема дистракција. Неколкумина можат да ги сменат работите, тоа е главната порака. Кога ја напишавме книгата Modern Primitives заедно со нашите пријатели во Сан Франциско, имаше само еден човек во Британија кој се занимаваше со пирсинг, господин Себастијан. Секако, работеше тајно. Секој пат кога работеше пирсинг, мораше да нарача сè што му е потребно од еден негов пријател кој изработуваше накит. Никој друг не изработуваше таков материјал, па неговиот пријател го правеше тоа специјално за него. Еден човек во Холандија, господин Роналд, Sailor Sid во Флорида и Fakir Mustafa во Bay пределот го работеа истото, значи само неколкумина низ целиот свет кои работеа со пирсинг. Ние ги контактиравме и им кажавме дека треба да се направи книга за тоа, дека имаме чувство дека тоа што го работат е инстинктивен дел од човечката природа – правото на човекот да ја има контролата над сопствената кожа и да ги има тие шамански искуства. Сигурен сум дека ви е познато дека пирсингот и тетоважите се сега вообичаени низ целиот свет. Токму таа книга го стори тоа. Можете и хронолошки да ја трасирате приказната дотаму и да сфатите точно што се случило. Само што ја објавивме таа книга, Скотланд Јард повторно не нападна. Го уапсија господинот Себастијан и мене. Одреден период ги направија пирсингот и тетовирањето илегални во Британијa, како и поседувањето на таа книга, Modern Primitives. Зошто го направија тоа? Бидејќи знаеа колку е моќна. Еден од најстандардните пирсинзи се нарекува “Принц Алберт”, во чест на сопругот на кралицата Викторија. Тие луѓе биле свесни за магиските и спиритуални аспекти на овие работи. Но не сакале да ги споделат со обичните луѓе бидејќи не сакале обични луѓе да имаат моќ над самите себе.

Првиот концерт од вашата Европска турнеа започнува овде.
Со нетрпение го очекуваме, секогаш сме возбудени кога одиме во ново место. Би сакале да можевме да остануваме подолго во секое ново место. Немаме доволно време вистински да разгледаме наоколу, да ги запознаеме луѓето и да ги слушнеме нивните искуства, а тоа е всушност најважно за нас. Доколку можеме да ги охрабриме или инспирираме на каков било начин, тоа е уште подобро. Секаде низ светот постојат различни можности да создадеш нешто прогресивно и креативно, без разлика колку се чини тешко или невозможно. Не ви требаат пари да го сторите тоа. Сè што ви треба е имагинација и страст.

Ви благодарам многу за сè ова. Звучи охрабрувачки и не можам ни да ви доловам колку сме возбудени да ве запознаеме, особено после овој разговор. Досега за нас бевте Genesis P-Orridge, човекот кој отсекогаш сме го слушале, сме читале за него, а сега зборуваме со него. Ова е прекрасно искуство за мене и за моите пријатели, така што ви благодарам многу за времето што го одделивте.
Токму ова што кажавте ме потсети на изложбата која е моментално поставена во музејот кој ви го споменав. Како дел од поставката, изработивме скулптура која е всушност калап од мојата десна рака, од лакотот до прстите, поставена во позиција на ракување. Над неа стои еден цитат на Brion Gysin: “Мудроста може единствено да се пренесе со допир на дланките.” Веднаш до цитатот пишува и “Ве молиме допрете ја скулптурата.” Така што, луѓето се ракуваат со мене. Идеата, се разбира, е запознавање со луѓето, па кога ќе ве запознаам вас на овој начин (преку Skype интервју) а потоа и во реалноста, тоа е начинот на кој мудроста, знаењето и инспирацијата се пренесуваат уште побрзо.

Со нетрпение чекам набрзо да се ракуваме. Ви благодарам уште еднаш за времето кое го одделивте од вашиот зафатен распоред за да зборувате со нас. Ви посакувам пријатен ден.
Имајте и вие пријатен ден! Јас сега ќе одам да го гушкам моето куче. Ми беше вистинско задоволство да зборуваме. Чао!

 Канал 103
25K103

1959: годината која го промени Џезот

17.06.2017

Вечерва со возбуда изгледав еден прекрасен шеесетминутен документарец насловен „1959: годината која го промени Џезот“, телевизиски проект од 2009 година на режисерот Пол Бернајс кој, ...

13.06.2017

Во најавата за претставата „Експеримент” стои: „Главна инспирација за претставата е книгата The Lucifer Effect на социјалниот психолог Филип Зимбардо, кој во своето дело ги анализира ...