The Ex, Portron Portron Lopez и Jerusalem In My Heart во живо

МКЦ, 25-ти октомври 2016

txjinhppl

Импресиониран сум од приказни и мистични анегдоти. Почнуваат воопштo да не ме интересираат аудио-визеуелните ефекти од некој музички настан, всушност зад секој шоу бизнис гледам некаква реатардирана слика на мнеметичност и стејџ-перформанс. Па така се најдов како посматрач од аголот на еден обичен уживател во музика на концертот на The Ex (Холандија), Portron Portron Lopez (Франција) и Jerusalem In My Heart (Канада/Либан).

tenkc

Секогаш кога настапот е некако набуткан кон студиозно истражување се случуваат чудни и синергетски ефекти меѓу скопската публика. На повикот на еден пријател решив да се докирам во МКЦ и започнам со мојот дел од набљудувањето и восприемањето на настапите. Во последно време никој не обрнува внимание на музиката, важно е да биде затворена во ритмички наратив, без некоја јасна порака и по можност на некој неразбирлив јазик. Секој глаголи на некој јазик, соопштува некакви помпезни пораки кои што никој не ги разбира. Музиката еклезијастично се манифестира врз глобалниот дискурс за движењето на добрата и културата и ги минува границите на нациите. Како некаков карго товар на отворено море.

ppl1ppl2

Влегувам на Portron Portron Lopez, навистина сум изнаенаден од ова трио, не толку поради некаквиот врвен крафт, колку од самата дефиниција на ритамот и експресијата на оваа чудесна младешка комбинација. Немам време да ги истражам во детали, всушност кому му се потребни? Интересен ритам, солидна релаксираност на изведбите и некакво бунтовничко секавичење, ќе парафразирам еден збор што за прв пат го слушнав на концертот: „драгорење“? Како и сите останати, се обидувам да го дознаам значењето на зборов додека браќата Марсо и Валентин се препелкаат на бината како две тензични змии. Потскокнуват и се одбиваат еден од друг како маалски вагабонти, кадрави во главите како Гручо Маркс. Интересен гитарски интеркурс, придржуван од ритмичката структура на барабанџијата Лукас. Во еден миг, жовијалниот леворак гитарски Паганини, доживува екстатичен лимбо во кој пука една жица. Нормално никому не му е важно, настапот продолжува без една жица, чудно сè уште слушам и гледам. Како на некаков провинцијски панаѓур во кој сите стилови се измешани со вселенска румба. Продолжувам со Jerusalem In My Heart.

jimhjimh1

Ако кај Portron Portron Lopez се чувствуваше ритамот и полетот на француската дегенеративна младина, во настапот на Jerusalem In My Heart се навестува некаква длабочина, амбициозност и студиозност во пристапот. Не знам дали сум на една од оние етно изведби или на некаков забрзан арапски клетварски курс (претпоставувам дека западните општества се фасцинирани од слушањето на арапскиот јазик). Во овој дел од програмата има претенциозно пунктирање на ноти и хипнотичка игра со хармониите, пропратена со филмски проекции што одат на платното во лупови. Добивам чувство на заробеност, кај изведувачот се навестува некаква затегната скриена стабилност и мрачност. Иманентна професионална сконцентрираност и сета по загубеното гнездо. Почнува да ми наликува на емболично рециклирање на нотите засладено со несензитивна арабескност, која треба да го зароби слушателот како во некаква сексуална агонија, (потрагата по смртта и екстазата). Згора на тоа, интелигибилниот алеф сектор рецептира некаква ефтина кокетност испреплетена со неплаусибилни музички фрази процесирани низ електронско модулирани ефекти од еден традиционален инструмент (нешто помеѓу бузука и ут), својствен за поднебјето од каде што музичаров потекнува. Претпоставувам дека името на проектов треба да предизвика некаква тага по изгубениот Ерусалем? На крајот сепак добивам импресија за еден фалусоцентричен настап во кој се навестува магловитата елегичност и досадноста на посветеноста лишена од квинтесенцијата на врвната искреност и сензибилитет. Доста амбициозен и претенциозен настап, но сепак, некако ме остава рамнодушен. Jerusalem In My Heart го доживеав како музика за претстава. „Уште кога само би научил арапски јазик за неколку минути?“ – тогаш би било поедноставно да го разобличам концептот, да навлезам во длабочината на мислата и вибрацијата, веројатно авторот имал таква намера, да ја прикрие својата внатрешност зад јазикот. Нешто како “Arabian music for western dummies”. Повторно следи драмска кобност и импровизација. Во еден миг добивам арапска пасторална шизофреност, па излегувам малку надвор од халата за да слушнам некоја нова анегдота од Васе Бернис, тој е полн со прикаски.

Фрагментирано некој ми раскажува за нов правец во уметноста „бебеизам“?- Right?! – велам: I`m in, just give ме a cradle! Седам некаде надвор и разговарам за проблемите на цивилизацијата и интелектуализирањето на сексуалниот импулс, инсеменацијата на јоркширските крави и најновите анализи на сателитот Скјапарели. Имам неврестенично чувство како да сум бил на свадба – она кога се среќаваш со различни ентитети од секакви подгрупи, класи и структури без можност за скоро заминување, глобална мешаница или подобро – лишеност од емоции. Сепак треба да се доживеат The Ex. Васко ми раскажува некаква приказна за тапанарката на The Ex – Katherina Bornefeld, таа е на возраст од шеесеттина години, pretty amazing… Свири исто како Maureen Tucker од Velvet Underground. Васе ми открива дека лечела со рака? Секако, секако Васе, секоја жена лечи помалку со рака, со левата или десната? – му одговарам со помалку притаен сарказам. Нешто понатаму во дворот го сретнувам Амар, чекори како некој од редот на Мелекај, со глава полунаведната и срамежливо. Тој зрачи со луциферијанска убавина и суптилно врие од информации и желби-толкувања зачинети од сновиеденија. Наоѓам поголема сатисфакција во неговата вистинска внатрешност па разговараме за влијанието на верата врз сексуалната енергија и ентропијата на брзото живеење. Кога ете ти, брилијантен пронајдок: „Силиконска кукла во облик на женски задник со глава од едно рог?!“ – за почеток доволна би била една верзија, па откако бизнисот ќе тргнел, би можеле и да им продаваме 3D очила кои би ја менувале бојата на задникот во спектар од розева до негроидно темна. Така сите раси на планетава би биле среќни. Во меѓувреме внимавам Зденко да не добие напад на сликање, тој знае да изненади и да го отрие најскриеното кај луѓето, најискривоколченото, па во еден миг моделот се гледа на сликата како во искривено огледало. Сите се внимателни со него, во исто време единствено тој го има потребниот интимен однос меѓу артистот и фотографот.
Некој заинтересирано ме прашува:
– Значи корисникот на куклата би се држел за рогот за времето на копулацијата?
– Токму така, нели е брилијантно? Не само за време на копулацијата, дури и би ги делел соништата со куклата-еднорог, заспивајќи омелушен од притисокот на живеењето. Денеска е и онака сè така извртено, мислам дека е многу поинвентивно и попрактично од оние јапонски кукли што ги рекламираат на Амазон?
– А лицето на еднорогот? – се надоврзува една штотуку пристигната дама.
– Лицето? Лицето би ги содржело сите особини на женскиот (машкиот) лик, со радијантна екстрасензуалност очите би му варирале од нордиско сини до костенливо-маслинави-песокливо-пустински, азијатско-кинески па сè до абориџинско мастилави… Но гривата би била руса, можеби и црвенокоса. Сè е предмет на нарачка. Секако, тоа би бил човеколик еднорог, во стилот на цртежите на Лукаш, бизарен но еротски сочен, погоден за неутралноста на движењето: Бебеизам. Дадаизмот е ионака насукан на стена.

te1te2te3

“EX”… Велат дека кога не си подготвен за чудо, тоа никогаш нема да се случи. Еве како се доживува “ЕX”, следниов текст е исечок од еден мистериозен следбеник, веројатно се работеше лично за основоположникот на бебеизмот, цитирам дословно : „И точно пред да настапи полноќ, момент кога создаваш метаморфоза од сè она што си доживеал и во таков облик го предаваш на сонот да го изрезбари во твојата глава, следува ритуал на обрежение на мозокот. Да, токму така јас би го нарекла настапот на The Ex , бенд кој веќе 30 и кусур години тегне гитарски жици без притоа да ги скине, беспрекорно си игра на сцена со музички ноти од Етиопија, Конго, Еритреа…сериозна музичка лектира за сите оние кои не ги чуле.
Со нетрпение ги чекав да се појават на сцена… и… прво што слушам…. бубањ, а зад него Katherina Bornefeld, жена МОЌ, вечерва ја издвојувам за поглавар на ритуалот, со моќно одекнување на бубањот му дава наредба на one and only чичко Andy Moor… и обредот започнува. Енди почнува да ни ги реже мозочињата со секоја жица од својата гитара (не знам како и беше името), притоа правејќи беспрекорно добри статично-енергични движења… се обидов да изиграм како него, ама не ми успеа… и наеднаш се појавува разиграно дете змејче со несопирлива енергија и детски глас заробен во маж, ни испушта оган на сцена создаден од сета моќност на пораката што ја носат… а публиката… цело племе, доживува екстаза, што е и нормално кога звуците ти го обрежуваат мозокот, ги чувствуваш сопствените клетки како се расфрлаат и завршуваат во шутка со оние на тој/таа до тебе, комплетно потење на екстаза во племенски оган…“ Лично мислам дека сите овие убавини ќе беа многу поефектни со прикладно озвучување.

Гогита и Мака – трезвена грузиска романса на свежа августовска македоксовска вечер
кон документарниот филм „Новиот живот на Гогита“

23.08.2017

Во едно сакартвелско зафрлено место се испреплетуваат приказните за животот после децениски престој во затвор, за важноста на семејството, виртуелните врски и нивното преминување во „вистинскиот” ...

[рецензија] War for the Planet of the Apes
режија: Matt Reeves

12.08.2017

Еден ден Andy Serkis (Gollum, King Kong) ќе биде номиниран за Оскар. Се надевам дека тоа ќе се случи токму за улогата на Цезар во ...