Загатката како книжевен предизвик

Читајќи го „Тумач фотографија“ од Зоран Живковиќ

Најубавата работа поврзана со книгите или со уметноста, воопшто, ми е мигот кога ќе сфатам дека авторот/уметникот си игра со читателот, на еден луциден и паметен начин. Тогаш сакам да сум дел од таа игра и го прифаќам предизвикот од авторот. Како мало дете што открива нова игра, а попатно ги учи правилата, со нетрпелливост да се ислушаат правилата, а потоа да се игра, така сакам да играм со уметноста, а посебно сакам кога уметноста си игра со мене. Уживањето во таква книга е големо, толку многу што не сакам да заврши. Го одолговлекувам читањето, се трудам што повеќе да го одложам крајот иако сум свесна дека тој е неминовен.


Романот „Толкувач на фотографии“ (вака го преведов насловот, на прва топка, иако би го превела поигриво, само за да посочам дека авторов воопшто кај нас не е преведуван, иако е еден од најпреведуваните и најнаградуваните српски автори денес), го добив после едно тринеделно чекање да стигне од Белград (не знам зошто на поштите на нашите две земји им беше толку тешко да испратат една не многу голема книга по обем, но исклучително обемна во однос на тоа што го нуди). Знаејќи го авторот и лично и по неговото творештво, со нетрпение ја отворив книгава, која ме зароби во својот лавиринт уште со нејзиниот графички дизајн и решение за корица. Едноставниот дизајн со знакот за метро од стара црно-бела фотографија и името на романот, уште повеќе ме заинтригира да ја читам книгава.
Знам дека од Зоран Живковиќ како автор може да очекувам интересна приказна, спакувана во совршен ритам, зачинета со фантастика и иронија која им е можна само на најдобрите писатели. Меѓутоа, како и секој добар загатнувач автор, ми ги отфрли очекувањата и ме постави пред друга замка. Оваа книга ми покажа и докажа дека може уште повеќе да се оди над можностите на авторот и над можностите на читателот за рецепција на напишаното. Почнав да читам и самата се вмрежив во загатката на авторот. Почнав да ја читам и не сакав да ја дочитам. Иако вообичаено сто и деведесет страници читам релативно брзо, книгава ја читав подолго, сакајќи да ѝ го спречам завршувањето, а истовремено, брзајќи да го дознаам решението на загатката. И тука, пак авторот си поигра со мене, кога сфатив дека решението е во мене, а не во книгата.
Романот почнува навидум едноставно. Нараторот ви посочува едно лице кое треба да го видите на фотографија и ви ја раскажува приказната за ликот. Сите ликови се сместени во едно париско метро, во еден ден (во првиот, поголем дел на романот) и истите ликови, отпосле, кога ќе го запознаете толкувачот на фотографиите, сместени во нивните соништа. За на крај, на еден креативен и луциден начин, на толкувачот на фотографии, да ѝ го даде (госпоѓицата Вердје) клучот за решавање на овој роман, а притоа вие како читатели да ја затворите книгата насмеани, надиграни, со мноштво прашалници од кои најважниот се однесува на тоа – како може толку вешто, иронично, смело, забавно да си подигрува со смртта или со животот, ако сакате?

zoran-zivkovic-official-siteРоманот нуди десет приказни, поврзани со девет активни ликови и десеттиот за толкувачката, секоја насловена со наслов што реферира на дејството, а сепак доволно загадоночно да ве испровоцира пак да му се вратите на поглавјето и да го прочитате уште еднаш. Ако досега, во своите романи, Зоран Живковиќ кокетираше со фантастиката, паралелните светови, ирониските коментари и автореференцијални досетки, сега создава роман кој од вас бара уште поактивно вклучување на целата будност при читањето за да не ви избега малечко делче што ќе ја комплетира загатката. Дека тоа е така, свесни сме уште со првите страници, со првото поглавје Жамор/Шум, во кој Господинот Анатол Мируј бара место на кое може да чита книги, откако е во пензија, а притоа во позадина да го слуша жаморот на луѓето, затоа што како и сите ликови на Живковиќ, зад неговата уредност стои една ситна карактеристика што го обележува по сите правци, а тоа е начинот на кој се облекува и начинот на кој го третира светот одоколу. Сите ликови имаат вакви специфични црти и нереални или надреални способности врз кои е интервенирано или самите сведочат на интервенции. Влегувањето на фантастичното или продирањето на детал од фантастиката во едноставната реална секојдневица, Живковиќ го прави мајсторски едноставно. Секогаш е тоа детал поврзан со интимата и животот на ликот, без притоа да ви даде до знаење кој е тој што знае и како го знае тоа. Истовремено, ликовите се соочени со своите емотивно најзначајни моменти поврзани или со конкретни луѓе или со конкретни настани. Вештиот автор од една карактерна црта прави цела приказна за истата да ја вмрежи во големата приказна што ја раскажува. Она што најмногу привлекува во романов е како ги вмрежува сите компонентни во фабулата на романот, притоа ткаејќи ја секоја приказна и секој сон посебно, а истовремено спојувајќи ги како да се дел од една голема сложувалка.
Идеалниот топос, во кој ќе се испреплетат приказните на пет мажи и пет жени секој со својот длабоко профилиран карактер, истовремено едноставни, а сложени, чиј живот, може да се чита истовремено во неколку димензии, е париското метро. Мислам дека оние што учат пишување, знаат дека идеалните простори се секогаш оние полни со луѓе, затоа што таму изобилува од приказни. Зоран Живковиќ е мајстор за пишување, а оваа книга е уште еден доказ за тоа. Фантастиката што кај него се провлекува секогаш суптилно, како некоја идеална симбиоза на волшебниот свет на Борхес и мрачните визии на Кафка, овде личи на фино исткаена нишка, како редок свилен конец, кој ги поврзува сите реалистични слики, на една внимателно одбрана, прецизно моделирана нежност, каква самата фантастика мислам дека одамна посакува. Секој од овие ликови така внимателно пренесени пред нас создава своја приказна која е толку моќна што може и самостојно да егзистира како посебен расказ. При читањето на книгава, ме фасцинираа нивните лични приказни, соочени со еден крај (на ситуација, работа, живот), а истовремено толку живи и спремни да опстојат понатаму. Затоа и се разбира таканаречениот, втор дел од романот, во кој сите ликови се наоѓаат во сопствените соништа, за на крај да излезат пред толкувачката на фотографии, целосно соголени од бремето на нивната сегашност и опремени со можност да отпатуваат понатаму кон бескрајните можности на фантастиката.
И колку и да се обидувам да ги одгатнам сите загатки што ги поставува авторот, мислам дека ќе ми треба уште едно читање, уште многу време, за да може да се доживее овој роман во целост.
Искрено, при секое читање на неговите книги, посакувам македонските издавачи да имаат доблест да го преведат и на македонски и покрај тоа што е разбирлив и вака. Не само затоа што македонската култура треба да има ваков писател во својата преведувачка литература, туку затоа што македонскиот читател, оној што останал како редок феномен, заслужува едно вакво четиво, богато со игра, прецизно изработени детали, партитури со кои самата книжевност станува побогата и поубава.

Зоран Живковиќ (1948) е писател, преведувач, истражувач, есеист, професор по креативно пишување. Автор на дваесет и две прозни дела. Еден од најпреведуваните српски автори денес. Неговите книги се објавени во дваесет и три земји на дваесет јазици. Добитник е на „Светската награда за фантастика“ за романот Библиотека (2003), Наградата „Милош Црњански“ за Четвртиот круг (1994), Наградата „Исидора Секулиќ“ за Мост (2007) и Наградата „Стефан Митров Љубиша“ за целокупното творештво (2007). Наградите пак, „Арт Анима“ (2014), „Станислав Лем“ (2015) и „Златен змеј“ (2015) ги доби за значаен придонес на фантстичната книжевност.
Зоран Живковиќ е долгогодишен преведувач, истражувач и еден од најголемите познавачи на научната фантастика (Ја создаде и водеше издавачката куќа „Поларис“ од Белград), како и автор на неколку антологии и енциклопедии од оваа област.

[рецензија] War for the Planet of the Apes
режија: Matt Reeves

12.08.2017

Еден ден Andy Serkis (Gollum, King Kong) ќе биде номиниран за Оскар. Се надевам дека тоа ќе се случи токму за улогата на Цезар во ...

The Love Witch
режија: Anna Biller

21.07.2017

Хоророт често бил начин да му се погледне на табуто во очи. Во ера кога политички некоректните потези се дочекуваат на нож, хорор филмовите стануваат ...