Тоа нешто е направено за да се скрши!

или The Thing is Made to Break!

Во саботата, на 15-ти октомври, во една вечер, концерт имаа The Thing и Made to Break – едни од водечките состави на светската авангардна џез сцена. Тоа е, само по себе, доволна причина да се одбележи еден така редок настан во скопскиот културен живот, но и да се каже нешто за местата во кои таквиот културен живот се случува. Ајде со ред.

mtb1
Да ги слушате Made to Break во живо е како да сте ја собрале сета квалитетна црнечка музика од XX век и да сте ја пресирале низ културно-интегративниот миксер на XXI век. А можеби најсоодветниот начин нивната музика да се долови е да се проследи што со неа прави еден од членовите на Made to Break. Она што Кристоф Курцман препелка на концертите, скриен зад неговиот лаптоп и ppooll, ме потсети на промотивната налепница на албумот Endtroducing… на DJ Shadow, од 1996 година. На неа беше напишано следново: „DJ Shadow е како Џими Хендрикс или Џими Пејџ на семплерот“. Наменети да го подбуцнат нашето внимание, да нè заинтригираат со несоодветни, но провокативни споредби, таквите маркетиншки трикови успешно ја исполнија својата цел во случајот на DJ Shadow, зашто го етаблираа феноменот на DJ-от/продуцент, чија вештина се состоеше во макотрпното изнаоѓање опскурни грамофонски плочи, семплување на „крцкави“ звуци од оштетените и изгребани албуми и нивно пренаменување во нови сонични контексти, во кои тие звучеа (во недостиг од посоодветен збор) свежо. Семпл-мајсторите како DJ Shadow, во заборавените звуци, на маргините на песните, ја бараа трагата од заборавеното музичко наследство и изнаоѓаа аудитивни значења кои, реконтекстуелизирани во нов звучен амбиент, стануваа чудесно осовременети, во споредба со нивниот првичен музички контекст. Жак Дерида би се гордеел!

Меѓутоа, со секое ново издавање на нивните миксувани експерименти на носач на звук, макотрпната работа на DJ-ите на преслушување, изнаоѓање и пренаменување на фрагменти од илјадници плочи одеднаш стануваше скаменета. Таа не може(ше) да се репродуцира во живо, заради незграпноста на семплувачко-миксувачкиот метод, како и заради несоодветноста на концептот изведба во живо, кога него се обидуваме да го „преведеме“ во семплувачки контекст. Затоа, и покрај неговата несомнена вештина и исклучително истенчен слух, споредбата на DJ Shadow со Хендрикс за мене, во тоа време, беше збунувачка и неприфатлива: како може тие двајца да се споредуваат, кога првиот не може во живо (во реално време) да ја репродуцира вештината, заради која вториот беше прогласен за најдобар рокенрол гитарист?!
Она што пред 20 години беше тешко замисливо (заради ненадојдените иновации во музичко-продуцентската технологија), денес, преку примерот на Курцман, е актуелизирано. Неговото „музицирање“ е како да ја имате емулирано техниката и вештината на DJ Shadow, Madlib или Kid Koala во живо. Курцман ги семплува изведбите на останатите тројца членови на Made to Break во реално време (во живо) и потоа си игра со нив, изнаоѓајќи нови аранжмани, модулации и „дигитални“ импровизации на нивните изведби. А што да се каже за впечатоците од останатите тројца членови на Made to Break? Земете ги најдобрите фанк тапанарски изведби на Клајд Стаблфилд од составот на Џејмс Браун, осовременете ги во контекст на звучноста на бум-бап хип хопот и брејкбит енергијата од првата половина на 1990-тите години, додадете фри џез импровизација, полиритмија и перкусивни излети од кој-знае-какви африкански дијаспори, и ќе ја добиете ритмичката заднина на Тим Дејзи и Јаспер Стадхудерс. Лидерот на составот, Кен Вандермарк, пак, успешно маневрира низ традициите на фри џезот и слободната импровизација на саксофон, уште од неговите искуства со Vandermark 5, Resonance Ensemble, DKV Trio, бројните соработки со членовите на The Thing, Питер Броцман… Сепак, овојпат, можеби повеќе од кога било порано, тој остава простор останатите тројца членови да ја нарушуваат линеарноста на композициите.

mtb2mtb4mtb3Своевремено, Дејвид Топ, во неговата книга Рап напад, се чудеше околу тоа како изворната, миксувана хип хоп музика можела да звучи истовремено толку авангардно и модерно, забавно и, згора на тоа, да биде културно-интегративна (заради нејзината способност да ја пренаменува потенцијално целокупната музичка традиција), и тоа повеќе од која било претходна форма на афро-американска музика. Made to Break ја доведуваат таквата интегративност на црнечката музичка традиција до нови височини. Предводени од Вандермарк, како фигура која самоуверено и вешто навигира низ историјата и стиловите на афро-американските музики, и засилени со Курцман, кој во реално време си поигрува и ги реструктурира изведбите на остатокот од квартетот, Made to Break докажуваат дека авангардата не мора да звучи елитистички, херметично и неслушливо, туку дека своите најблескави врвови ги достигнува кога ќе влезе во успешен дијалог (интерпенетрација) со останатите/минатите форми на црнечката популарна музика и ќе ги пренамени во современ контекст.
Пауза…

The Thing! Панк фри џез или фри џез панк? Алберт Ајлер и Дон Чери аранжирани низ жесток гаражен рок или обратно? Џезери кои ги сакаат Sonic Youth или панкери кои лиричноста на Џон Колтрејн сакаат да ја „изшмирглаат“ во гранџ фазон? Дилемата од рецензиите на нивните албуми сè уште не е решена и не ни треба да биде. Со тек на време и со секоја различна концертна инкарнација ова станува сè поевидентно. Зошто да се замараме со обидите да пресметаме кое влијание кај нив е подоминантно, и притоа да го занемариме фактот дека енергичноста на нивните настапи не се базира на некаков правилен процентуален сооднос помеѓу џезот, рокот и експерименталната музика, туку во нивната среќна и креативна коегзистенција?! Матс Густафсон е познат по неговите чести соработки со Турстон Мур од Sonic Youth, Нене Чери и со бројни други фигури од рок и експерименталната музичка сцена. Истото важи и за другите двајца членови на The Thing: Пал Нилсен-Лав и Ингебрикт Хакер-Флатен. Со тоа се опишува поинаквиот модус кој The Thing го одбираат во нивната варијанта на интеграцијата на разновидните влијанија во музиката. Но, во основа, за нив важи истото што беше забележано и за Made to Break. За членовите на The Thing, интегритетот на оригиналните, „чисти“ музички влијанија е ставен во заден план, за сметка на еден импровизациски бриколаж, кој влече влијанија од онаа поенергична нишка на афро-американското музичко наследство. И на тој начин функционираат највиталните дијаспорски музички традиции; така на најсоодветен начин се заштитува музичкото културно наследство – доколку во него се препознаат и се искористат потенцијалите тоа да биде впрегнато во создавање на нешто ново, во некоја нова енергија. Да се дојде до „новото“… со реинтеграција на старото, на различното.

tt1tt2tt3tt4tt5
Длабок здив…

Овие два концерта беа одржани во МНТ. Украсеното, накитеното, позлатеното здание, кое треба да ја врши функцијата на јавен простор за изведувачки уметности, беше домаќин на The Thing и Made to Break! Настаните како концертите на овие две музички групи на најпоразителен начин го одразуваат јазот со кој неизбежно се соочуваме кога претставници на отворена (open-ended) култура настапуваат во простор, во кој културата се третира како повластена, затворена, елитна, кралска, божествена животна пројава. Зашто, што денес значат украсот и „златото“ во МНТ? Кого тие претставуваат? Каква култура е таа која денес има потреба од нив? Ми се чини дека современиот архитект и теоретичар на архитектурата, Бернар Чуми, дава прецизен одговор на овие прашања. На едно место, тој вели дека орнаментот, „аплициран врз обичната зграда и конститутивен за архитектура, веднаш се судира со некоја семантичка експанзија, која би го принудила тој архитектонски додаток да биде во помала мера парче архитектура, отколку репрезентација на нешто друго. Архитектурата, во тој случај, се сведува на ништо повеќе од простор на репрезентација. Штом ќе се одвои од обичната зграда, тој додаток претставува нешто друго освен себе: општествената структура, моќта на Кралот, идејата за Бога, итн.“ Значи, сам по себе, одвоениот орнамент е ништо. Меѓутоа, кога ќе се залепи врз некоја функција (зграда, театар, музеј…), орнаментот излегува од семантичкото мртвило на украсите од секојдневието, и влегува во подрачјето на симболичката манифестација на моќта. Орнаментот, се разбира, нема функција; тој во архитектурата стапува на сцена кога некое значење кое недостасува или не постои треба да се нагласи или да се фабрикува. „Златото“ во МНТ ја игра симболичката маскарада на блескавата, триумфална македонска култура. Украсот на МНТ, пак, ја игра улогата на божествениот карактер на уметноста. Аурата на целиот простор зрачи со повластеност, со затвореност во себе и за себе; значи, со оние карактеристики од кои културата и уметноста прогресивно се згрозуваа и дистанцираа, уште од почетокот на XX век.
И тука состојбата е чиста! МНТ не е, ниту може да биде, ниту некогаш бил замислен да биде јавен простор наменет за културни настани од палетата на изведувачките уметности. МНТ е тука, за да ја претстави или, подобро кажано, да ја симулира моќта на апсолутната власт: моќта која гладниот по неа очајно посакува да ја има, па си препелка со зградите небаре тие се прават од позлатени лего коцки. Кога така стојат работите, кога симулацијата на моќта е она што симболички се претставува, а не моќта по себе, тогаш нејзината манифестација во МНТ не е моќта, туку насилството. Како што велеше Хана Арент, моќта е доволна сама по себе и за себе (сите нејзини архитектонски манифестации доаѓаат природно), а само насилството има потреба да се претстави како нешто повеќе од тоа што е; само немоќниот се служи со насилство за да ја симулира состојбата на моќ која очајно ја посакува, а не ја поседува. Така е и со МНТ: тој треба да претставува повластена и аксиолошки супериорна позиција на моќ, па посега по кичот (насилството на орнаментот и „златото“) и барокот, залажувајќи се дека тие денес можат да го претставуваат она што зад нив стоело во минатото. Видовме дека од истиот комплекс страдале и украинските измеќари на рускиот авторитаризам, како и наполитанските wanna-be мафијаши (погледнете ги телевизорите врамени во „златни“ гоблени од серијата Гомора). Наспроти таквите провидни детски фантазии, моќта во современиот глобализиран, вмрежен свет се наоѓа на други места: на пример, во облакодерот на мултинационалните корпорации или, уште подобро, во лабораториите каде се пронаоѓаат најновите нанотехнологии за продолжување на животниот век на луѓето. Ова овде е само патетична симулација.
Според тоа, „културата“ на МНТ нема ништо заедничко со отворениот карактер на музиката на The Thing и Made to Break. (Зад нивниот настап таму стои случајноста на нефункционалноста на останатите концертни простори во Скопје.) Нивните настапи најубедливо покажаа дека нема ништо подалеку од современите состојби во културата од обидот таа да се мумифицира, затвори и цементира во објект чија симболика е така стокмена, што таа неизбежно упатува на еднозначност, повластеност, исклучивост и божественост. Но можеби е подобро што тие концерти се случија таму! Тие на супериорен начин покажаа дека помеѓу концептот на затворената култура на МНТ и отворениот карактер на современата култура не може да се изнајде заеднички именител на помирување. Според тоа, доколку сакаме да градиме отворена култура, решението е самонаметливо: тоа здание, таа манифестација на симулацијата на моќта, тоа нешто е направено за да се скрши! The Thing is Made to Break!