Заборавениот активист-херој и неговата нова инкарнација во бељаџија и уметник

интервју со Saul Williams

Сол Вилиамс доаѓа од Њу Јорк, но и од многу други места. Го претставуваат како рапер, но тој е и многу други нешта. Заради видот на работите што го интересират и ги прави – човекот има ептен осет за културниот релативизам низ чија призма гледаме многу проблеми денес, па така, со својот начин на изразување, доста вешто ја прикажува големата слика, или бар ги дава своите предлози за тоа што таа е. Тој самиот вели дека поставува прашања, а не попува. Од првите задимени ноќи по американските клубови во 80-те, слем поезијата и open mic вечерите станаа секојдневни работи во многу ќошиња на светот, а многу од артистите и денес се обидуваат да репродуцираат дискурс и стил кој барем ќе асоцира на ескпресивноста на Вилиамс. Таа се карактеризира со вокал чија боја повикува на итност, повремени реченични трансови во кои се губите, но им ја сфаќате содржината, и игривост блиска на освојувачки и љубопитен детски ум.  

Овој филозоф, поет, музичар, глумец и раскажувач на приказни го ценам затоа што веќе две децении прави/живее нешто што најпрецизно го опиша Genesis P-Orrige во нивното интервју за Канал 103: „Секоја форма на креативност/уметност или го доведува во прашање статусот кво, или е лажна“. Со тоа што го прави, Вилиамс раскажува приказни во кои има херои, анти херои, тажни херои, лузери и смешни лузери – но сите се непривилегирани. Местата кои ги опева можеби се во Сенегал или Бразил, но може да се и некој помал романски или бугарски град. Во неговото дело, малите луѓе како да се поврзуваат меѓу себе само дознавајќи едни за други, за состојбите низ кои поминуваат и формите на неправди со кои живеат.
Интервјуто со Вилиамс го направив на 25-ти мај по Скајп, требаше да трае 20 минути, а зборевме повеќе од 40, овој вид артист е неправедно да се претстави во пишано интервју, но еве го. Би сакала да можете да ги слушнете и видите неговите одговори; секој збор и пауза се перформативни, динамиките осетно се менуваат во зависност од темите, баш како кога настапува. Нека не ви недостасуваат запирки. Неговите реченици се долги, но многу добро орнаментирани и нивното совладување повеќе е задоволство, отколку задача.Тука се пренесени според ритамот на неговото излагање.   

saul-williams-mlk-bio-photo-683x1024

Можеби тажна тема за почеток на разговор, но се надевам инспиративна – 2016 година за човештвото не беше тешка само политички, да речеме, туку и ги изгубивме Боуви и Принс (меѓу другите). Дали вакви настани влијаат на тебе креативно и емотивно?

Тотално емотивно влијаат на мене. Во двата случаи бев разнесен и морав да запрам сè што правев, за наредните денови да се замотам во нивниот музички опус. Но има и креативно влијание зашто кога губиш такви ликови стануваш загрижен или бар јас станувам загрижен за состојбата на работите, состојбата на музиката – работите звучат фабрикувано, артистите се плашат да ја истражат и изразат својата креативност и да најдат начини да го споделат тоа. Ако го погледнете циклусот на популарност во комерцијалната музика, одамна не сме имале пробивање на артист од тој вид и креативно, додека беа живи беа инспиративни
а сега кога ќе посегнете длабоко во нивното дело повторно и повторно станува поинспиративно – јас поминав многу време снимајќи го тоа што го мислам и чувствувам, така што, да, овие настани имаа големо влијание врз мене креативно.

Од една страна, ваљда загрижува каква музика и култура се создава после нив, но од друга страна, на пример, теши сознанието за тајниот сеф на музика на Принс и можноста да се издава негова музика бар уште во наредните 100 години.

Фантастично е, да. Но работата со тој сеф е дека тој на сите музичари кои снимаа во Paisley Park им збореше дека нема намера да ги издава тие работи, дека само ги чува на безбедно… ќе видиме. Но еднаш имав прилика да го сретнам Принс и да идам во неговиот дом, да се зезаме, и… практично изведе мал концерт на акустична гитара во неговата дневна соба. После отиде доле и исвире уште неколку песни во подрумот со членови на бендот што беа присутни. Ова е некој што стварно свиреше секој ден. Тој ја живееше и дишеше не само својата музика, туку музиката воопшто. И мислам дека ја сфати важноста на сопствениот лик за другите артисти. Не имаше толку многу што се угледуваме на него и се инспирираме од него. Се сеќавам дека кога работев со Трент Резнор, во некој од оние разговори за инспирацијата во работата на Nine Inch Nails, сè се вртеше околу Public Enemy и Prince.

Спомна дека си творел инспириран од Принс. Колку собираш од други артисти, рециклираш и репродуцираш? И во овој контекст, до кој степен веруваш во авторство, копирајт и поврзана легислатива? Но и во ослонување на продажба на музиката – особено имајќи ја на ум твојата историја во оваа област – од што треба да живеат авторите кои го изведуваат своето дело, на пример музичките артисти?

Јас сум инспириран од секаква уметност и во секое време. Но, инспирацијата работи на многу начини и во различни правци, свесно и несвесно. Па дури и кога ќе создадам нешто инспирирано од друг артист
тоа мора да помине низ мој филтер што значи дека јас мислам дека потсеќа или алудира на делото на некој артист  но може да е тешко за другите да го препознаат тоа. Исто, може и за мене да е тешко да препознаам дека сум се инспирирал од нешто конкретно. Баш пред некој ден работев на некоја песна и го имав тоа искуство – слушајќи ја, ме натера да размислувам на моментите во кои Принс зборува на песните… некои ствари што му беа како во spoken-word стил.
Јас сум често инспириран од други артисти и не размислувам баш многу за копирајт или нешто слично. Повеќе размислувам за енергијата, да се нахранам од неа, да вратам енергија. Не е нешто што претерано ме загрижува, а и верувам дека ова што го правиме за нас е употреба на мешани медиуми. Хип-хоп артистите ги гледам како артисти со мешани медиуми. Земаат нешто старо, додаваат, реинтерпретираат и преместуваат, и додека се дојде до крај на процесот, се добива свежа идеја или ревитализирана стара идеја. На првите рапери им текнало да ја користат историјата како open source. Јас сум ептен за тоа.

Од аспект на издавање музика, продавање-доближување до публиката и на други начини кои можеби се подемократски, особено во ситуација кога голем дел од тоа издаваштво го контролираат неколку културни конгломерати кои ги диктираат и топ листите, и спонзорите на концертите, како го имаш решено тоа?

Некаде пред десетина години правев некои обиди и експерименти на тоа поле и мислам дека беа баш соодветни за времето и ситуацијата. Така се создадоа артисти кои во исто време беа меин-стрим и инди. Тоа беше супер инспиративно за мене. Но поради начинот на кој работите функционираат генерално, поврзувањето на некаков приход со креативниот процес за било кој артист денеска претставува предизвик. Потребна е мудрост, проникливост, па и некое техничко знаење што многу музичари не сметале дека ќе треба да го имаат додека вежбале гитара или пееле. Но, во овој момент, освен ако не продаваш многу голема количина на музика, тоа не е важно. Повеќето музичари живеат од изведување на својата музика, нејзино користење во филмови, претстави, реклами…
Сепак е тешка одлука. Секогаш е тешка одлука.

Ти си пионер во слем поезија и open-mic техниката, а тие веќе одамна не се непознати територии за различни екипи – културолошки, генерациски, географски – некогаш изгледаат смешно, некогаш сомнително поради простото подражавање на форма без содржина, а некогаш фантастично токму поради слевање на географски различните културни форми на изразување. Какви беа првите вакви сесии за тебе? Како настапуваше, што чувствуваше, кои ви беа главните теми и финти?

Главните работи за кои зборувавме се всушност главни теми во популарниот дискурс, глобалниот дијалог денес: транс/интерсекционалност (феминизам м.з.), критика на глобалната култура, споделување информации, деконструкција на прашањата за раса, род, идентитет, идентитетски политики – сите теми кои денес се меин стрим. Вредноста на црните животи, граници, бегалци, репресивни влади, правата на новинарите слободно да пишуваат, свиркачи/укажувачи… и интересно е зашто кога почнав со таква поезија и настапи, сметав дека работам со еден open source метод на изразување и го споделувам за сите да можат да го користат, да постигнат поголем увид во себе си. И мислам дека единствената работа од која мораше да се пазам е „попување“. Морав постојано да се потсетувам себе си дека прашувам прашања, наместо да доставувам одговори. Прашувам прашања и ја сфаќам моќта на тоа да можеш да ги поставиш тие прашања, да можеш да доведеш во прашање некоја идеја, да ја премислуваш и да ги инспирираш другите да ги доведуваат во прашање авторитетите, нормите, политиките. И гледам како тоа се одвива и развива насекаде низ планетата последниве две декади и следам многу интересни групи од Бразил, Германија, низ Африка
и ме инспирира кога гледам како луѓето се чувствуваат поттикнати и зајакнати, и не се сведува на имитирање форма или тон, зашто тогаш станува излишно. Тоа е како да мислиш дека камерата на твојот ајфон е само за сликање слики од себе – а има толку многу повеќе што може да се направи само со таа камера.

Кажи ми дали преповршно сум го протолкувала насловот на твојот последен албум, Martyr Loser King, кога помислив дека баш така сам себе би се нарекувал Мартин Лутер Кинг јуниор денес – кога во САД два мандати тера црн претседател, полицијата во државата дивее и стапките на нејзино насилство врз црната популација растат, сиромашните места населени со црна популација и понатаму осиромашуваат и други проблеми – како да пееш за некој многу тажен херој. Или бивш херој. Заборавен, не знам.

Па си замислував неколку приказни и паралели со името на албумот. Ти дефинитивно си ја прочитала едната. Но јас ги земам предвид и податоците како на пример исклучително големото насилство врз транс-луѓето или пропорционално високата стапка на затворени жени од заедницата на американските староседелци. А ме интересираат и други видови на маргинализирани групи не само од Америка, туку од светот. А некои од нив добро се снаоѓаат во невољата во која живеат.
Така, за мене Мартир Лузер Кинг не е активист, туку е бељаџија и уметник. Го замислувам нешто како виртуален Бенкси. Неговото хакирање е изведувачката уметност. Тој не е херој. И си играм со тоа што се случува кога повеќето од нас ја користат технологијата за споделување на знаење, идеи, уметност од места кои се политизирани, репресирани. Уметник кој не ја разбира моќта на своето дело, особено во репресивни режими – таков некој е Мартир Лузер Кинг.
Но тоа се однесува и на други места, особено на пример кадешто си ти, од другата страна на светот, и некои други секакви видови на…. има еден хакер што го следам, се вика Guccifer, и мислам дека е од Романија. Тој еднаш хакираше некои мејлови на Џорџ Буш и ги сподели и така дознавме дека Буш во слободно време сликал. Гучифер ги сподели сликите на Буш и тоа беше ептен смешно помеѓу многу мали луѓе и тоа е нашата врска со Мартир Лузер Кинг и начинот на кој се заебава со моќта и луѓето со моќ. А Мартин Лутер Кинг јуниор на многу начини комуницираше со естаблишментот.
И беше жртвуван.
И тој е еден од многуте Мартир Лузер Кингови, еден од многуте луѓе кои се откажале од многу аспекти на приватниот живот за да се бават со поголемото или заедничкото добро и биле убиени како резултат на тоа
го изгубија животот, но беа крунисани со можноста да инспирираат движење.

Дали и колку се информираш за местото во кое идеш, кога тоа не е Франција, Бразил или Јапан? Дали знаеш дека сега доаѓаш во земја која поминува низ сериозна политичка трансформација, во која се одвива борба за ослободување од репресивен крипто-фашистички, некогаш и отворено-фашистички режим, злоупотреба на природни и заеднички ресурси, корупција, верски фундаментализам, сиромаштија – а со оглед на тоа каков вид уметник си и каков сензибилитет имаш, дали си дозволуваш да се задлабочиш во состојбите и проблемите на местата и луѓето кај кои одиш да настапуваш?

Тоа е точно причината зашто работам. Тоа ми е како некое тајно оружје со кое можам да бидам на терен во многу различни места и од прва рака да научам што се случува и да го поврзам со тоа што се случува на некое друго место и да го сфатам глобалниот алгоритам за социјална промена, наместо локалниот. Да, дефинитивно, супер-инспиративно е кога можам да отидам во некое место како Македонија и да имам колку и да е краток момент во времето кога всушност ќе почувствувам енергија креирана таму. Јас собирам многу идеи по пат, но секогаш знам од каде дошле. Можам да зборувам за посебни делови од песни каде, како и зашто настанале, тие посебни делови се како презервација на некои моменти и искуства, нешто како фото албум.
Да, длабоко се внесувам во тоа што се случува во местата кои ги посетувам, особено ако имам време да поминам со луѓето надвор, студентите, било кој.

Уште нешто за Македонија – таа е голем корисник на парите собрани од даноците на американскиот народ, и преку јавни институции и преку граѓанско општество. Но во исто време сме веќе добро запознаени со надворешната политика на САД, а и без тоа, тука постојат струи кои гошират дискурсот дека покрај инфра-структурната помош што твојата држава ѝ ја пружа на мојата, таа активно работи на нејзино разнебитување. Од другата страна, ти доаѓаш од земја чиј дел од надворешната политика е и финансирање на конзервација на културно наследство во други земји, но и од земја во која Трамп е кандидат за претседател, а Буш истера два мандати, а политиката на Обама кон Војната со тероризмот не излезе она што очекувавме. Како гледаш ти на овие дуализми во постоењето на нашите светови и општества?

Тоа не е дуализам, Америка не е имуна на некои процеси што се случуваат во Европа, поконкретно во Франција, или Македонија; порастот на популарноста на такви како Мари Ле Пен, или економската криза во Грција, анти-муслиманските и ксенофобични испади во западно-европските градови, третирањето на бегалците… гледај го тоа паралелно со порастот на популарноста на Трамп и неговите изјави за мексиканската популација во Америка, полициската бруталност, третманот на Едвард Сноуден, Челси Менинг – сето тоа е очигледно поврзано едно со друго и популарноста на Трамп не ме изненадува, а ме разочарува и ми се гади од тоа, но не ме изненадува. Овие теми веќе долго време беа потиснати во американската фасцинација, меѓу луѓето, дури меѓу многу рапери! Трамп го препозна исполнувањето на американскиот сон во капитализмот – експлоатацијата, особено на немоќните и маргинализираните и лишените од други права и слободи. Ако не истражиме и решиме како дојдовме до тоа, може само да продолжиме да славиме вакви типови. И тоа не е ново за америка. На пример вестерн филмовите, филмовите за американските херои и како во нив се претставени американските староседелци и за нив каубојците не се херои, иако се така претставени во вестерните. Но тие не се херои и тоа што го славиме е прилично заебано. Ја славиме погрешната боја во Америка веќе подолго време.

Извини што ќе те прекинам, но во 80-те во социјалистичка Југославија со брат ми растевме играјќи си со каубојци и индијанци, жолти и црвени играчки.

И ние!! Гледаш до каде се проектирала таа работа. Тоа што го гледаш во Трамп и неговото херојство за некои американци е истото што некогаш се случувало со други херои. Трамп порано бил Џон Вејн, а пред него некој друг. Може да го видиш во забавата, политиката, индустријата, се случува веќе многу долго време и претставува големо прашање кое треба подобро да го разгледаме, да дојдеме до корените на нашата игнорантност и ксенофобија и знам тоа има врска и со образованието но има некои земји со одличен образовен систем но тие растат млади фашисти и сите сме изложени на тоа, но мора да најдеме начин да го надминеме.

Сол Вилиамс настапува на ОФ ФЕСТ во сабота, на 28.05.2015 во 23 часот во Младинскиот културен центар.