Сите зависат од богатите, освен ако самиот не си богаташ

На проаѓање со… Кирчо Арсовски

На 19 септември во Галеријата на Младинскиот Културен Центар е закажна втората самостојна изложба на цртежи на Кирчо Арсовски, фронтменот на култната кумановска банда Т.Б. Трачери, која остави значаен белег на македонската рокенрол сцена, по што следуваше музичкиот проект Цвеќето на Чичко Wolf, како и неколкуте играни филмови. Го познаваме и по колумните во Нова Македонија, но и неговите стрипови препознатливи по неговиот единствен кич-трач, треш, панк-рок стил. Во продолжение ви пренесуваме и неколку зборови кои успеавме да ги добиеме од авторот на една кратка средба на проаѓање.

k1

 

Во нашето окружување си попознат како фронтмен на ТБ Трачери и Цвеќето на Чичко Wolf. Дали инспирацијата за правење песни оди полесно од цртањето и од каде идеја за ваков начин на изразување?
Мене се ми оди лесно, зар не си знаел? Идеите ги наоѓам во книгите кои веќе не ги читам, во сликите а и во прстите кога работам. Мозокот е во прстите.

Дали можеш некаде да ги класифицираш своите ликовни дела, ако можат така да се наречат, за да не ги навредиме ликовните уметници?
Пред да правиш интервју, не само со мене, со било кој, испиј ги лековите што лекарот ти ги препишал. Или можеби си разговарал со некои уметници кои ти кажале дека ова не се уметнички дела? Како и да е, ова е поп-арт само не весел како од 1960-те туку овој денешен, навредлив, фолкерски. Овие дела умеат да комуницираат со луѓето а ако некој се најде навреден, жалам.

Подолго време си присутен со свои цртежи. Која техника користиш поточно и колку време ти е потребно за еден цртеж?
Цртам со моливи во боја. Ми се чини само уште децата во училиштата цртаат со нив. За неколку саати цртам 3 или 4 цртежи, зависи од денот.

Што најмногу влијаеше на тебе во текот на годиниве за да се посветиш на цртањето?
Дневникот на Енди Ворхол, една од најсилните работи на сите времиња.

Порано беше доста активен со свои стрипови. Дали сега постојат некои списанија каде можат да се следат настаните во светот и кај нас? Дали некој воопшто обрнува внимание на независните автори? Како по тебе стојат работите во ликовната уметност во светски рамки, па и кај нас?
Какво аутистчно прашање. Оди на Гугл и ќе видиш безброј списанија за уметност. И кои се тие независни автори? Оние кои никогаш не продале слика или пак Аи Веи Ваи Вуи Воуи кои има милиони? Што е тоа независен автор? Не ми е јасно. Сите зависат од богатите, освен ако самиот не си богаташ.

На музичката сцена не сме те слушнале од поодамна? Зошто?
Не свирам и не слушам музика, не ми е задоволство. Но, со Еди ќе снимам уште еден албум.

Постојано кокетираш со еротизмот. Зошто е тој толку битен?
Мене ми е битен. Ме возбудува. Ми прави да се осеќам убаво. Еротиката е полна со хумор, хуморот е извор на животот.

k4

Дали кичот и трачот остануваат и понатаму твоја непресушна инспирација?
Трачот или кичот или како и да се вика сето тоа е само еден од сапосоносните начини човекот да се почувствува жив. Но, денес тоа се поими кои се озлогласени од теоретичарите кои пак се една досадна, недуховита секта со специфичен измислен јазик. На моја радост и тие исчезнаа што не би можело да се каже за трачот и кичот. Кичот секогаш ќе не потсетува на тоа колку овој живот е тажен. Во кичот има многу подлабока мистика отколку во книгите на Достоевски или Борхес.

Дали сметаш дека рокенролот е сè уште субверзивен?
Рокенролот е субверзивен како успиено куче кое го напаѓаат муви ѕунѕари.

Кои се денес главните предизвици во светот?
Да излезеш на улица и до вечер дома да се вратиш жив.

Каде се крие вистината за светот и луѓето со кои живееме?
Цел живот живеам со лажови , вистината не ми е позната или толку добро е маскирана да не можам да ја препознаам.

Трамп или Хилари?
Од нив голема корист ќе имаат познатите сликари од кои тие ќе побараат портрети. Но проблем е дали ќе им платат откако ќе си ги земат сликите и дома ќе ги закачат на ѕид. Тоа се опасни хохштаплери.

Ние или тие?
Кои се ние и тие? Не те разбирам.

Дали во скоро време ќе видиме твоја самостојна изложба и каде планираш да ги запалиш твоите цртежи?
Не знам, ако ме поканат и ако се добри и воспитани со мене како што си ти, не би било чудно да имам уште самостојни изложби. Имам многу направено. На ФБ само се шегував, нема да има пожар, покрај земјотресите не ни треба и пожар.

 

фотографии: Зденко Петровски

1 3 4 5 6 7 8 9 10