Документот Бр. Х-Писма

05-25-62-2017MK

ПИСМО ДО ТЕБЕ

pc

Господине Лукас.
Навистина се противам на вашата најнова одлука да ја зголемите мојата плата. Руди веќе неколку дена не јаде, постојано гледа низ прозорот, како да сите бродови му потонале. Госпоѓата Вера е добра, непрестано ме задева и мислам дека еден ден ќе напишам мала комична новела во нејзина чест. Како да излеземе надвор? Во овој град повеќе ни сеништата не се движат. Вашето сеќавање е застанато во седумдесеттите од минатиот век, многу што се има променето од тогаш. Ете го преживеавме некако бранковизмот, бандитизмот, на крајот се соочуваме со груевизмот. Можеби еден ден ќе го видиме и зајковизмот? Не, не наликува на ранковичизмот-титоизмот-сталинизмот, можам да приметам дека е многу пострашен од сите спомнати досега. Јас сум сега на возраст од шеесеттина години. Знаете дека кога ме оставивте со вашата мајка и брат имав само дваесеттина години, тогаш Господ сè уште некако одеше по земја, денеска сè е запустено. Благодарејќи на вашите парични дознаки некако успеваме да врземе крај со крај. Но соседот Мите си го продаде станот во Козле за да го прехрани семесјтвото, згора на тоа велат дека станал разблудник и редовен посетител на оние нечесните што чекаат кај македонската телевизија, таму каде што ја доселија полицијата за да може да ги варди. Се сеќавам на една ваша книга во која што ги опишувавте злосторствата на комунистите, впрочем побегнавте од нив, но верувајте дека денеска ништо не е променето. Секојдневно се влеваат испиени суштества, на кои капењето им е годишна забава и им веруваат единствено на сопствените коски. Писатели? Да, има некакви пип-сатели, сите се просечни – извртени, искривоколчени од презир и плитки како тепсија. Ме прашувате зошто ги нарекувам „тавчиња“? Немам посоодветен збор, станав исто како и оној Љубиша, тој летно време излегуваше на терасата и непрестано раскажуваше дека присуствувал на говорите на Хитлер во Виена. Имаше една ќерка некаде во Загреб и непрестано мелеше, за системот за нас, па не нарекуваше тавчиња. Јас на тоа се смеев, мислам дека денеска сосема го разбирам. Вчера го однесов вашиот ракопис во министерството за култура, но како и секогаш добив само убедување дека е ставен на ред за разгледување, лично не верувам во тоа што една млада брунета куртоазно го глаголеше. Велеше дека немало средства, дека на ред биле изданија со висока културна вредност. Висока културна вредност?! За каква висока наука и уметност, згора на тоа култура говори господине Лукас? Вие се лажете од далечина, ме фаќа несвестица додека ви пишувам, мојата лева рака трне, се прашувам дали воопште да размислувам за нештата или едноставно да престанам. Иако вие инсистирате на долги писма од мене. На некакви прецизности, имиња на нови улици: Мите Шаткарот, Петко Тарабука, Павел Шатев?! Кој ќе ги запамети сите тие безначајни имиња, секојдневно никнат по неколку од нив, по дивоградбите на оваа урбана гехена, од Топанско поле па низ Чаир-Јаја Паша-Дебар Маало, останаа само неколку, поточно две маала од вашето заминување. Погодувате? Како проклетството да ги прегрнало тие места. Да единствено она место до реката Вардар кадешто сеуште стои вашата семејна куќа, онаа купената со парите од гемиџулукот на вашите прадедовци, од времето кога Америка беше дива. Чудно но никако да навлезат во таа територија, имам чувство дека никогаш нема да исчезне од овој град. Како некое немо сведоштво за неправдите над староседелците кои неподнесливо се опираат на локалните архитекти и трговци со недвижнини. Можеби затоа што веднаш после земјотресот ги вселија сите оние џуџиња од Џумајлија, сите оние никаквеци со дебели прсти, згрбавени од желбата за живот со очи вденати во тилот. Насмеани со зло. Можеби нивното видело е единствено во преживувањето додека смислено се разнесуваат низ овој град? Расторбешени во муцките како некакви чудовишни патки, излигавени змии. И… да, вчера го видов Тристан казанџијата, ми говореше за неговата жена Виолета. Посочуваше дека таа му наликувала на мене. А како на мене? Зарем не знае дека јас сум сè уште невина и немам легнато со маж. Се сомневам дека тоа некогаш ќе го направам. Ете да бевте вие тука гоподине Лукаш, можеби со вас тоа и ќе го сторев, да го побаравте тоа од мене. Тристан казанџијата е еден невоспитан трипод, знам дека не заработува доволно а му се ебе, нерпрестано се загледува во мојата задница. Јас отсекогаш имав добра задница, се сеќавате ли на неа? Мислам дека неговата жена е лезбејка, му изроди четитири деца и повеќе не сака да слушне за него, непрестано му се дере, и овој мора од утро до мрак да лунѕа по улиците. Час е кај Линда крофнарката (Берти сакатата, Елзија кривата) завршува пред мојот прозор. Секогаш излегувам на него околу шест часот, да ги навадам цвекињата. На згора на се и оваа проклета политика, од која што никој не добива ништо. Безнадежни дечишта што шетаат низ улиците и ги бркаат сништата, чекајќи пари од интернет. Нема надеж… Сестра Камо нема цел час ми говореше за некаков бизнис со сите оние странци кои како безглави муви се нуркаат по хостелите низ населбава. Некакви груевисти, соросоисти, критичари-аналитичари-експерти. Всушност еден куп надуенковци, ниту самите не знаат колку овој свет може без нив. Непрестано нешто ветуваат и изведуваат секакви мајмунлаци. Но попусто и онака знаат дека се е мртво. Изветреано, овој свет се ближи кон крајот. Сигурно. Пред некој ден добив еден леток од некој лудак, кој што истотака се вклучил во политички авантуризам прочитајте што им ветува на јадниве трумпeтисти. Ах, заборавив да ви го напишам најважното, сите ми велат не постои Господ, но јас, јас пустата сум така наглупава, па не им верувам. Велам:
Да ја направиме повторно Македонија: Велика!!!
Еве го преписот од летокот:

ВИ ВЕТУВАМ ДЕКА АКО МЕ ПОСТАВИТЕ ЗА КРАЛ НА ОВАА ПРОВИНЦИЈА ЌЕ ДОБИЕТЕ:
– ДОЖИВОТНА ПЛАТА ОД 40000 ДЕНАРИ
– НИКОЈ НИКОГАШ НЕ ЌЕ ИМА ПОТРЕБА ДА РАБОТИ
– СЕКОЈ ВАШ СЕЛФИ ЌЕ БИДЕ ОТПЕЧАТЕН ВО ПРИРОДНА ГОЛЕМИНА
– ПРАВО НА 4 БЕСПЛАТНИ ГОДИШНИ ОДМОРИ ВО БИЛО КОЈА ДЕСТИНАЦИЈА
– СИТЕ ЌЕ ИМАТЕ ГОДИШНИ ИЗЛОЖБИ И БИСТИ
– ВАШИТЕ ДЕЦА ОД САМОТО РАЃАЊЕ ЌЕ СЕ СТЕКНУВААТ СО ДИПЛОМИ ОД КЕМБРИЏ
– ЌЕ БИДЕТЕ ЗАПИШАНИ ВО КНИГАТА НА БЕСМРТНИТЕ
– НИКОГАШ НЕМА ДА ИМАТЕ ПОТРЕБА ОД ИЗБОРИ
– ЌЕ ГИ ПРОТЕРАМ НАДВОР ОД КРАЛСТВОТО СИТЕ 300000 ЗАПОСЛЕНИ ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА
– ЌЕ ВОВЕДАМ ТЕМПЛАРСКО-ХАСАСИНСКА ГАРДА
– ЌЕ ГО ЕКСПРОПРИИРАМ ЦЕЛИОТ НЕЧЕСНО СТЕКНАТ ИМОТ ОД 1945 ДО ДЕНОТ НА МОЕТО КРУНИСУВАЊЕ
– ЌЕ ВОВЕДАМ ШЕРИЈАТ ЗА КРИМИНАЛЦИТЕ (ОВАА ТОЧКА ВЕРОЈАТНО НИКОМУ НЕМА ДА МУ СЕ ДОПАДНЕ)
– СЕКОЈ ОД ВАС ЌЕ ИМА ПРАВО НА ЛЕКУВАЊЕ ВО ШВАЈЦАРСКИ СЕНАТОРИУМ, ИЛИ ПО СОПСТВЕН ИЗБОР
– ЌЕ ДОБИЕТЕ ВОЛШЕБНИ ЛИЖАВЧИЊА И СЕКОМУ ЌЕ МУ СЛЕДУВА ПО ЕДЕН ВАЛОТ ДА ГО СЛУЖИ ОД РАЃАЊЕ ДО ГРОБА.
– АКО НЕ СТЕ ЗАДОВОЛНИ КАКО НАДОМЕСТУВАЊЕ ЌЕ ВИ СЛЕДИ ПАРИЧЕН ИЗНОС ОД 100000 ЕВРА, ЗЕЛЕНА КАРТА ИЛИ БУГАРСКИ ПАСОШ

ГЛАСАЈТЕ! ЗА ВЕЛИКА ДА СТАНЕ УШТЕ ПОВЕЛИКА!

MacedoniabySteveBell

Во стилот на клеопатринското сестринство, од ветувања ли се живеело? Простете. Понекогаш помислувам дека целата вселена е една голема лага, дека ништата не се толку големи како сештата, дека-дека, дека сето ова е измислица? Некаква суптилна кланица, не, како во огромна мелница за кафе, некаква правосмукалка што систематски не внесува во најсофистицираните завртки на фантазиите. Нели господине Лукас? Чудесен е овој свет во кој што ние, донекаде… можеби, ние луѓето се обидуваме да ги контролираме нештата… Штотуку ми текна, оној сувиот месар што секојдневно дрнкаше по онаа скршена гитара и ни ги плеткаше нервите? Оној Бурдуш или како го нарекуваа, се сплеткал со сестрата на Клара и сега настапува насекаде низ земјава. Славен е, а можеби и ќе сними плоча (иако плочите денеска се повеќе реликт на езотерија за поголемиот дел од човештвото). Знаете, додека ви пишувам добивам чувство дека сум како една од оние на друштвото на слепите на Сабато. Како оној ангелот на уништувањето, како ли го нарекуваа евреите Абандон? Не Абадон. Чудно “abandon” (напуштање) и Абадон, има толку многу паралели на светов. Денеска излегов без мојот мобилен телефон. Сватив дека не го носам, ме мрзеше да се вратам, па по пат размислував за времињата во кои бевме толку блиски без никакви средства за комуникација. Просто се згрозувам гледајќи ја изгубеноста кај овие млади луѓе додека ѕверат во оние екранчиња, надевајќи се на еден обичен контакт. Ете на пример не знаев дека Реџеп Пампур доживеал тешка сообраќајна незгода. Јас секогаш му пишував некакви зајадливи и потсмешливи пораки на неговиот ѕид (фејсбук). Како технологијата нè заробува. Прави од нас систематизирани робови и остава неверојатна предвидливост, сепак се помалку луѓе веруваат во човечкото, во духот. Требаше сите пронајдоци да не приближат кон духовното, да го олеснат нашиот живот, да станеме почовечни. Тоа сепак не се случи. Така Пампурче си почина, а јас никако не сватив дека тој е всушност за сето време болен и од него очекував реакции на здрав човек. Непрестано постираше пејсажи од голи цицки и задници, неколку дена пред да почине имаше една голема свиткана цигара од марихуана која што со запалениот врв се претопуваше со сонцето. Му напишав: сонцето огреало Пампурче… Тоа беше последниот негов пост, веќе следниот ден видов дека тој всушност починал. Ми стана жал, иако знаев дека Реџеп Пампур е на подобро место од мене. Нема потреба да ги прати овие животни и нивните избори. Уште помалку има потреба да оди во бирото по социјална помош, да работи некакви излудувачки работи за империјалистите и за ситните македонски претприемачи. Сакав да му се извинам, иако не сторив ништо лошо. Ете така поради себе, го напишав ова. Дали е Сабато гениј? За мене е просто неприродно колку е Сабато добар, никој не може како него, сите тие описи и состојби како да се напишани за мене. Можеби поради Аргентина, таму се луѓето инакви нели? Господине Лукас дали верувате во реинкарнација? Задгробен живот, верувате ли дека всушност не постои смрт? Дека сме опружени со замрзната вечност и непрестано казнување, и ова е времето во кое сите што некогаш биле прокреирани на планетава повторно од некаде ќе се појават. Хитлер–Тито-Исус. Кастро? Не, тој штотуку почина. Патем дали знаете колку километри минав покрај реката пеш во последниве осум години откако владеат последниве инквизитори? Живеам единствено да не ги засрамам децата. Пат долг исто толку како од Скопје до Кина Господине Лукас. Толкав пат, можеби уште некоја милја плус. За неколку години ќе стигнам до Мадагаскар. Се мислеше дали да напише уште нешто, можеби беше премногу за Лукас. Тој е и онака презафатен, сигурно е исцрпен од работа. Откако заврши се сврте кон телевизорот и зазјапа во една од оние документаристички серии за Аушвиц. Се прашуваше дали хуманизмот е измислена работа, некаков продукт на болните и изнемоштените. Обесправените и недоволно храбрите или едноставно хуманизмот е уште една измислотина на Евреите? Го сврте каналот и на екранот се појави еден црномурест атлет кој што објаснуваше нешто околу правилната диета и одржувањето на телото. Од време на време во неа се раѓаа похотни скоро ниски мисли. Сакаше да ужива но никако не успеваше да доживее оргазам, можеби беше исплашена дека се работи за некаков вид на психосоматско заболување, чувство на вина кон нејзината мајка која што непрестано беше малтретирана од нејзиниот татко пијаницата Симо.
Тој секогаш се враќаше испијанет во касните часови од денот; сè до еден ден кога дома на врата се појави комесарот Едвин со неговиот ранец. Тој со некаква лажна тага во гласот и со спуштен поглед кон земја им соопшти дека Симо починал. Починал така што паднал од скеле токму на заминување. Сите велеа дека и покрај предупредувањата бил труп пијан. Во неговиот ранец имаше куп трошки, пусулчиња, неколку конзерви со риби, во горната преграда беа неговите исправи и паричникот, во него слика од неја и нејзиниот брат Томас. Томас во тоа време служеше во југословенската армија, некаде во морнарицата, градот Пула. Набргу го пуштија на отсуство. Нејзиниот татко Симо замина на неполни педесет и три години. Никој не чувствуваше претерана тага, на погребот повторно се пиеше. Погледна кон часовникот, беше точно единаесет наутро. Дали да го сочува писмото за покасно или да му го пушти на господинот Лукас? Ако во Скопје беше единаесет колку ли беше во Торонто? Напиша на гугл, Скопје–Торонто 6 часа разлика. Тоа значеше дека сега таму беше пет часот наутро. Можеше и да почека, ништо не беше хитно. Стави храна за мачката Лилит, отпи една голтка од утринското кафе (го пиеше во големи количини и ладно) и отиде во купатилото да се среди. На телевизорот се редеа слики од политички партии и масите хипнотизирано со погледите се втренчуваа кон говорниците, овие пак ветуваа како да се менаџери на компании. Избезумени од алчност или можеби тоа беше страв, да не го загубат местото на цезариони. Ситни килави фараони поради кои луѓето како гоподинот Лукас и сличните ја напуштаа оваа мачна земја. Набргу беше спремна, ќе оди до Ванеса, таа секогаш и раскажуваше некаква гнасна новина, беше полна со изненадувања и како да знаеше сè за секого, а ништо за себе. Застана пред излезот, се гледаше во огледалото, беше сè уште привлечна, со цврсти бедра, стегнат задник. Излезе и во мигот кога се обидуваше да ја заклучи вратата се појави еден чуден машки створ со поглед на задоволен стаорец, сепак втренчен кон нејзините гради и задник. За миг го погледна со прострелен поглед на обвинување и овој се повлече, за да после неколку изодени скалила повторно не се заврте. Го прекори. Мора да е некој нов манијак, помисли. Во зградите има секакви битанги и неизмиенковци. Во градов е вселена цела Македонија, Косово и Албанија, се манијак до манијак. Си рече додека го чекаше лифтот.

8.12. 2016

ГОСПОЃО НЕВЕНА
„Многу политика има тогаш кога на масата нема ништо за јадење…“. Но, ме зачудува вашата желба за пишување, размислувам да инвестирам во вашите исповеди, донекаде се согласувам дека како во „Јунаците и гробовите“ вашата мисла се впива во мојот ум секојдневно додека чекам во метрото Ислингтон. Никој не ме забавува повеќе од вас. Знам животот е многу суптилна супстанција, и тој може да прелее како вода во чаша. Во еден миг сè се излева, доволна е само една капка и станува неподнeсливо. Исто како кога ќе се најдете на некоја платформа и до вас приоѓа некој што не го посакувате. Некаков изрод или сублиминален ентитет. Дух или наказа, прокреација на кошмарот или невидлива сила. Бидејќи сме навикнати на детерминацијата време (која што и не постои) во правата смисла на зборот. Времето е димензија по која што го чекаме изгревот на сонцето-месечината. Бидејќи Сонцето е највлијателниот фактор кој што е од огромна важност за нас, се прашуваме не ли е тоа воедно и нашиот Бог? Сите ние сакаме да ја избегнеме зимата, таа се јавува во облик на мини смрт. Во моментов тука е -15 целзиусови. Гледам еден скитник додека го исчекувам возот. Неколку вооружени лица будно го следат моето движење. Овдека сум сосема осамен, и некако среќен со себе. Сеќавањето на тие карактери некако ме прави разгален, како во некоја новела. Како да сум еден од елитата на универзумот. Знам дека ме разбирате, како што и јас ве разбирам. Тука не говорам за некое лингвистичко припаѓање, со некого или се разбираш или не? Би можел да ги читам вашите писма на било кој јазик, никој повеќе не опишува состојби, исто како што никој повеќе нема чувство за мелодија. Од таму ги бараме оние загадочни-скриени места во нашата потсвест. Сакаме да се исползиме од пештерата. Од нашиот јаз, тој процеп или порта што некако треба безбедно да не пренесе до следното ниво од играта. Колку и ова да звучи небулозно, математиката на нештата е многу едноставна. Умот ми е наоружан со незнаење и така напредувам, никогаш не сонував дека ќе дојдам до себе, но ете успеав. Посакувам некако да постоите во мојот паралелен универзум, бидејќи сите ние за сето време го живееме истиот тој паралелизам.

geography2 001

8:43

Да… морав да прекинам за кратко. Додека седам во ова купе спроти мене гледам еден азијат и мислам дека му светат очите. Како да има надеж во него? Има две црни сливи наместо очи, и… тој е нурнат во некаква кеса, непрестано претура по неа. Добив грозно чувство дека сум некаде во преградијата на Калкута. Разликата е во тоа што ниту мене – ниту вам ви се допаѓа овој свет или оној во кој што вие претстојувате. Сепак има некаква синергија, вие ми пишувате на мене и јас вам; ова значи дека имаме заеднички споделувања во времепросторот? И тоа е прекрасно, колкумина го прават тоа во мигов? Мекаби?! Трамп? Мелани?

22:30

Имав напорен ден, тука дуваат некои чудни ветришта. Компанијата што ги плаќа моите трудови повеќе не може да си дозволи дополнително да држи надворешни соработници. Додека патувам за сето време размислувам за Мршалито, што се случува со Мршалито мила Невена?

9. 12. 2016
11:30

„Многу политика има тогаш кога на масата нема ништо за јадење…“ Мхм… Токму така господине Лукас, но сепак ништо не е посвето од сопствениот мир. Се сеќавате ли на еден карактер кој што долго време ја забавуваше англиската публика? Чинам дека кралството му даде титула Сер, Сер Џими Савил? Савил почина на 29 октомври 2011 година на возраст од 84 години. За време на неговата смрт и погреб во катедралата Лидс, тој беше нашироко фален за неговата добротворна организација и волонтерските активности, како и за неговата забавно-уметничка кариера.
Веднаш по смртта на Савил, Мејрон Џонс и Лиз Мекин од програмата на BBC Newsnight започнаа да ги истражуваат извештаите и открија дека тој сексуално злоставувал деца. Испадна дека тој изопаченко имал силувано повеќе од илјада деца, што машки што женски, сè покажало дека Сер Савил бил обичен педофил-изрод. Зошто ви го споменувам Џими Савил? Токму поради Мршалито. Знаете ли дека тој бил поврзан со англискиот двор па со овој Савил бил вклучен во трговија со деца?! Истиот тој Мршалито… шармантниот, коџамити карактерен, помалку небулозен, те комичен те извртен, па конзервативен, секогаш дотеран и точен Мршалито. Зарем не беше токму тој: Мршалито, детето што секоја мајка го посакуваше за туристички водич? Сите се крстевме во него. Сепак во овој свет ништо не е така како што изгледа…
Па така и Мршалито Сарацени Драговити еден ден паднал во замката на Скотланд Јард, откако на една забава за искривоколчената елита бил фатен со неколку деца од Криво Гаштани или беше тоа Крива Река, не знам некаква Река. На загадочен начин, истиот Мршалито преку ложата беше вратен во Скопје и сега е претставник на едно здруженије за заштита на облаците. „Заштита на облаците“?! Каква первезија е овој свет?
Секојдневно ги доручкува своите деца и непрестано труби за морал, истиот овој свет, на око сјаен а од внатре гнил како смоква во октомври. И перфиден како влакненцата од малинките (замислете да водите љубов на постела од такви влакненца, што за вас ќе треба да ги искубат 1000 деца во некоја кинеска фабрика? Влакненце по влакненце…) сè за таа екстатична минута на задоволство во кое треба да се исцедат сите гнасни излачевини, за да го амортизираат површното лудило на животинската комплексност насобрана во нас… За елитата и нивната искривоколчена инклинација. Ништо повеќе не останува, само доживеаното, луѓето се спремни да платат премногу висока цена за едно задоволство, тоа Мршалито отсекогаш го знаеше. Така се напредува високо во хиерархијата на ѕверот. Иако сето тоа оди под маската на добродетелството и пуританизмот. Конзервативизмот и наводната продуховеност, софистицираност… Масите да се држат под контрола, со нови и нови дразнења, некакви политички ракурси и бајќи за изопачената Снежана што ги кити анусите на седумте џуџиња со зашеќерени јаболкца откако ќе ишмрка една линија снежен кокаин? Кокаин?! Претерав, зарем не господине Лукас? Мршалито отсекогаш знаеше да ужива. Изборите, овие проклети избори што не менуваат ништо, тоа ме вознемирува, многу повеќе отколку Мршалито и Сноуден. Ќе морам да прекинам, тука е ладно како во комора, сета оваа влага ми влегува во коски, овој неспокој и немир на масите се рефлектира врз мене. Сите овие собири и јаукања, дерења од говорниците ме прават невнимателно чувствителна како некаква вештерка на метла.

5:30

Цела ноќ не можев да заспијам, сега е веќе касно. Набргу ќе треба да станам. Видите Невена, додека се движам размислувам и на ум ми доаѓа по некоја брилијантна мисла. Една од оние што можеби пролетала низ некој умствен лавиринт, страница, или некаде сум ја слушнал. Повеќе од сигурно е дека е моја, лично ја доживувам Проблемот е во тоа што кога ќе седнам да ја напишам едноставно исчезнала. Не треба да се потценува политиката, всушност не треба да се избегнува ништо што предизвикува турбуленции и несреќи, доколку од сето тоа произлезат квалитетни поместувања. Ништо не е свето, за некој кој едноставно нема чувства. Многу мразам бесчувствителни луѓе, ако ги категоризираме како политички партии тогаш на личен план тоа се нишала, исто како да се работи за едно цело. Иако нишалата се составени од мноштво на луѓе. Но, што е тоа што чувствителните ги прави апатични и незаинтересирани за гласање, за состојбите? Проституцијата е облик на земање и давање, секој од нас откако ќе стане купен е нечија сопственост. Откако некој ќе потпише договор… Жената станува сопственост на мажот (работникот на корпорацијата) доколку тој е носителот на добрата, исто како кога некој ве запослува, една форма на договорна коегзистенција. Знаеш тој Мршалито сака да навредува, има садистички чувства, иако наизглед делува како некоја голема срна, очите му светат со лажна гордост и невиност, цел свет е полн со Мршалита. На крајот од секое јаже стои по еден Мршалито, некаков изопачен убиец, опседнат дух. Како би опстоела католичката (секоја) црква да не се сите Мршалита на планетава? Сите оние бедни копилиња што зрачат со несреќни вибрации како некакви црни дупки? Па така и со твоите избори. Игра во која населението треба да ја почувствува слободата на изборот. Всушност такво нешто не постои. Никој не е слободен, вагата е само еден симетричен меч. Имаше еден карактер од историјата што го нарекуваа Ќосето. Колку поклет толку подолго живееш ми рече еднаш еден стар коњушар. Тогаш не го разбирав бидејќи мислев дека триесет години се длабока старост, денеска разбирам секој изминат ден на планетава е измачување и опирање спроти гравитацијата. Ќосето… Зошто го споменувам тој лик? Поради убиствата? Не, поради неговиот долг живот. „ВИСТИНСКАТА ПРАВДА ЌЕ ЈА ДОБИЕШ САМО ОД ИСКЛУЧИТЕЛНИ ЛУЃЕ, НАДАРЕНИ СО СКРОМНОСТ И ЧУВСТВИТЕЛНОСТ, НАДАРЕНИ СО БИСТРИНА И ДАРЕЖЛИВО РАЗБИРАЊЕ“. Така напишал Сабато, така размислувам и јас. Од таму не гледам зошто неговата мисла не би била и моја? Слично на едно талмудистичко надоврзување на сништата и одживеаното кое зад себе ја остава пенливата трага на разочарувањата. Ме разбирате ли Невена? Застанав пред еден излог со сништа, и гледам во него, знам дека не постои. Некому би му наликувало на продавница за сништа, за загревање на имагинацијата, триење на вознемирените болви, понекогаш и тие имаат ефект врз човековите размисли; симбиотични проникнувања од секакви модерации изведени постхумно од завртените перцепции на стварноста. Анализа на големиот научен ум, состојби на конвулзии и интелектуален напор. Решетки кои пенетрираат длабоко во потсвесното, наталожено со неименлива бол. Задишаност на крајот од сонот во кој еротското минува во бизарното, паранојата во инстинтктивниот сигнал за преживување… Стравот од повторното раѓање? Првичниот врисок, кој што обично го поврзуваме со плачот и ужасот од раѓањето, не поради самите нас, туку за провидението, причината на последиците и броењата што треба да не усредоточат кон успехот. Неименливоста на постоењето сама за себе, како некаква сфера на спознанието. Некаква повисока математика која што за нас и нема некое посебно значење. Интерпретацијата на глаголот, времињата, точноста, рафинираноста, софистицираноста, примитивизмот и болката. Невиноста… Зачестеното паѓање на метеоритите врз земјата, душите што се враќаат… Ќе морам да прекинам. Пишувајте ми, еден ден се ќе биде преточено во светлината и сите мисли (кои и онака некаде патуваат) ќе прават портрети од сите ликови заведени во книгите на родените (тие од книгите на мртвите се и онака веќе литература). Има надеж, се додека и последниот писател ја поврзува тората на постоењето и крајот. Сетете се на Монтаг од Фаренхајт 451, запаметете ја сопствената книга. Книгите сигурно еден ден повторно ќе бидат посакуваниот мир.

Fire-Police-3

10:30

„Лукас, вие како сосема да сте заборавиле? Скопје е едно несносно село. Сите се со поматен ум, неправдите тука добиваат вселенски димензии. Сите се претворени во изроди, трансмигрирани души, жедни за крв, под плаштот на хуманизмот и правдата. Ете вчера случајно видов еден познаник кој што ме покани на кино, ми даде една книга за груевизмот? Замислите каква дрскост и идиотизам, едните величајќи го а другите правејќи книги за него?! Доловетеја само таа безумна опседнатост со едно ситно човече што не сака да се повлече и не знае за мерка, бидејќи е летнато со умот, исплашено, и опасно во истовреме. Но што, зарем овој свет за цело време не се препелка во крв и неправда? Зимава почна доста рано оваа година, иако предвидуваа блага клима, никогаш не ми било постудено. Едвај дишам, се качувам скала по скала додека погледнувам угоре кон катовите. Еднаш Вељко Звонков (криптографот) ми рече дека зборовите сечеле како сабји. Тие можеле да убиваат ако некој посакал? Мислам дека за миг ме замисли. Стоевме над еден трем, па под еден свод, на неколку исечени трупа. Да? Исечени трупа… Како да сме на енигматски собир, таинствено збрани еден до друг. Тој го започна говорот со еден подолг вовед, за соѕвездијата, па се задржа на Орион. Премина на толкувањето на хороскопот, и така изгубивме чувтство за време. Во еден миг видов светлина во ноќта, златно-зелена или беше тоа само ултравиолетово зелена, немам попрецизни описни сознанија во мигов, прости ми (не пишувам новела). Како и да е, на самиот крај (како што обично бива) тој започна со жар да ги напаѓа тајните друштва, иако јас во себе знаев дека е тој е дел од цела таа сценографија, сите тие движења, мимики, реторики, напади… Излудена сум, си велам: О не!? Не ти, не повторно…Си ветив дека ќе ти пишувам за време на изборите, навистина сум изнемоштена и некако подделена меѓу суштината и стварноста. Ќе биде дека повеќе не ме заситуваат тајните. Си чекорам кон зборовите како кон насип. Голем чудесен насип. Кога ќе зачекорам по насипот, веднаш се враќам наназад. Прочитав некаде дека еден писател правел портрети од зборови? Или можеби ова го собрав од некој роман? Или некаде слушнав за тоа… Не знам повеќе, сè е збрка во мене, Се пронаоѓам изгубена како оние аудиофили што се по потрага на некој уникатен фонографски запис. Се прашувам додека читам – зошто читам? Тоа е сигурно поврзано со некакво бегство, или несигурност. Всушност мислам дека читањето е една форма на фашизам: се оттргаш од мислите в`чекорувајќи во насипот од зборови, секакви зборови, со секакви слова. Тоа е за мене како темна страст што повлекуква со себе еден цел квантум на информации и време. Мислам дека ќе си легнам порано. „Непланирана пладневна дремка до доцна во ноќта. Перманентна по можност“. За миг престана со пишувањето, гледаше во сопствените прсти, ноктите, притоа размислувајќи за прецизноста на речениците (посебно употребата на зборовите). Се прашуваше дали напиша нешто мудро, нешто што повторно ќе го натераше господинот Лукас на пишување. Отсјајот на ликот и доби мефистотелински жар, тенот и се бојоса во светла бронза, како кај кралските игуани. Нејзините очи, жолтеникави со црни дамки, покриени со позлатени очила во облик на капки. Првата симфонија на Ј. С. Брамс штотуку завршуваше. „Некој мисли дека Ј. С. Брамс е пош?“, забележи во себе. Всушност навистина го сакаше диригентот Фуртванглер, слушна како една жица од виолинскиот оркестар направи непристоен тон, се замисли и свати дека во тој миг пукнала жицата А, неможеше да биде ништо друго? Беше вчудоневидена, ја пушташе снимката одново и одново. Беше тоа точно на 29:30 мин., примети дека тоа го забележал и некојси Гадиел Дамноуер. Му пиша сомневајќи се дека тоа не можело да биде. Тој и одговори наведувајќи безброј дополнителни факти:„ Што друго може да биде? Да не мислиш дека свирач од берлинската филхармонија случајно ја допрел жицата А?
Така и изгледаше, жицата мора да пукнала. Секогаш имаше еден детал што ја закочуваше совршеноста. Тоа и се виде како добро, никој не смееше да ја достигне совршеноста. Во сопствениот инерсанктум таа размислуваше како маж, децидно и оттсечно, со скиснат поглед. Со сомнеж во себе кој што пристигнуваше од нејзиниот суптилен женски рацио. Застана на нозе, се протегна, се фрли како мачка на земја оттркалувајќи се во пируета. Сè уште беше витална. Скокна стискајќи со својот показалец врз тастатурата, насочно, како врз некоја карта: SEND!!! Лека ви ноќ. Г-дине Лукас, каде и да сте…

18:30

ИМАМ НЕКОЕ ГРОЗНО
Чувство дека некој непрестано ме прати. Еден млад човек, со зашилена брада, немирни очи, кадрава, скоро африканско кадрава руса коса. Кога не би бил трезен, би помислил дека сака да ме убие, или во најмала рака да ме повреди. Сигурен сум дека се работи за некаква забуна, сепак кога и да погледнам кон некоја рефлективна површина приметувам како стрели во мене со погледот. Го скрива начинот на движењето и се обидува да изгледа несмасно, но сепак не може да ги сокрие брзите рефлекси. Се симнав една станица порано, и се качив во следниот воз, тој вознемирено гледаше кон мене од купето. Како за неволја возот каснеше цели дванаесет минути, на моето работно место пристигнав со задоцнување од цел час. Таму ме чекаше истиот човек. Пред самиот влез на корпорацијата. На градите имаше беџ од некаква агенција, се сеќавам само на првата буква: О. Во мигот кога сакав да му се доближам тој се претстави со некое формално име како Џон или Џим (не обрнав внимание) бидејќи целта на името ионака не беше изречена за да се запамети. Чудни ветришта дуваат насекаде Невена, чудни… Запознав едни македонци тука, прават мекици. Сопственикот (или така се претставуваше) Мика, велеше дека е од Тетово, и за сето време ми говореше за темпларите. Отпрвин го сватив несериозно, но набргу добив јасна слика дека тој воопште не е обичен кувар туку некаков избезумен праведник. Избезумен праведник?
Зарем има праведник кој може да ја сочува мудроста? Што не е избезумен? Се прашувам… Тој е еден крупен човек со сини очи и тело на пеливан, глава на сокол. Ги знаеш оние што се борат по планините кај нас. Тие се како некоја протоформа на витезите, интересен свет е тоа. Џим ми блебетеше дека Мика бил фатен со неколку килограми кокаин па оттогаш работел за една посебна служба во замена за неговата слобода. Не разбрав каква врска имам јас со сето тоа? На крајот Џим рече: Сè има врска со сè. Мислам дека се обидуваше да ме врбува да работам за нив. Извади една визит карта додека ги бараше моите очи. Неговата сериозност за малку не ме изнасмеа. Хм… што туку слушнав дека американската амбасада издала соопштение? Што тоа треба да значи? Дали сте сите безбедни во тоа Скопје? Како и да е, пишете ако ви е потребна мојата помош. Морам да прекинам сè уште сум на работа. Лукас.

АКО НЕКОЈ ЗНАЕЛ
За ваков безизлез, никогаш не би се родил господине Лукас. Еднаш, играјќи се со ветрот помирисав пролет на сред зима, си чукнав на врата пред сопствениот дом, бидејќи зимата е обично состојба поврзана со кризата и немаштијата. Таа ги брка очајните за врат како змијата што ги чува јајцата. Замислете да бидете заробеник на една бедна групација на индивидуи, да бидете ете: систематски деградирани и под неверојатна тортура, мазохистички да очекувате бол до смрт, а сепак смртта никако да не пристигнува? Да ве плашат со ќосиња како да се работи за некаков мистериозен “Jack the riper”, колку се? 300000 илјади запослени во администрацијата. Толку е голема оваа провинција. Сите се со свиткан грб, небаре се работи за големиот Рим? Всушност не го контролираат ниту ова ситно парче земја што некогаш се нарекуваше Социјалистичка Република Македонија (денеска е тоа ФИРОМ). Говорам некогашна, бидејќи ова и не е Македонија, туку ФИРОМ. Замислете појава на национализам-шовинизам-примитивизам-верски фанатизам? И кога уште на сето тоа ќе ги додадеме хордите што пристигнуваат од арапсиот свет, добиваме една презачинета- невкусна македонска салата. Мешаница од ужас и беда, комеморација на духот, изопачување на свеста и вулгарна галама. Можеби по ова ќе заклучите дека се работи за некаква трага од крајна егзалтираност? Врв на вознемиреноста. Сезонска несоница? Но, сепак секое моето понатамошно рационално размислување повторно ќе ме донесе до истиот заклучок, се срамам од моето национално суштсествување. Би сакала… Би сакала да бидам светски граѓанин. Ако такво нешто воопште постои? Или и тоа беше некаква замотана претстава, замислена желба со ограничено траење… Трње! Трње Г-дине Лукас. Насекаде има трње. И јас, Јас газам по нив. Заспана од оттсуството на изборот полека започнувам да уживам додека се бодат во мене. Трње… Никогаш не помислив дека еднаш ќе се помирам со болките на светот. Морам овдека да застанам. Некако отидов предалеку. Изборите минаа во чудно лудило, и, иако не ми беше на ум да ви пишувам за нив. Се случи уште една лудост, како што тоа обично и бива кај нас. Чудата се случуваат на секојдневна основа. Морам да престанам веднаш. Мислам дека утре ќе продолжам со повеќе жар. Пријатна вечер. Ах, еве ги овие повторно на телевизор, со икони в раце? Боже? Што?! Уххх! Боже… Што сме згрешиле…

16. 12. 2016
10:00

НЕВЕНА ВИЕ НИ НАЈМАЛКУ
Не се чувствувате виновна за состојбите? Можеби вината лежи во сите вас, деновиве се чувствувам како „риба на вртелешка“. Секако рибите не се качуваат на вртелешки тие скокаат од нив и околу нив. И запаметете: „Није сељак сељак за сељака веќ је сељак малограѓанин за граѓана?“, Да, токму така. Сега се нурнувам во една волтеровска мисла, иако тоа и не ми беше целта. Секоја размисла ми паѓа тешко во последно време, како да има некакво сето ова има некакво значење? Па, не ви пишувам ништо загадочно, опскурно? Многу сум едноставен како риба на вртелешка, оставен под налетот на бранот, пливам или не!? Чекорејќи кон вознемирувачкиот бран. Како… Како, бранот од големото море, на Дебиси? Како мирот после бурата… Мирното синило, ако сакате… Таа неочекуваност. Мирот, помислата дека сме сите едно големо изнемоштено ништо. И никој, повторувам никој! Не може да ни помогне. Дури ни сопствената смрт. Да, никој. Што е тоа што не вознемирува во шаманистичката визија за светот? Наградата? Помислата на себеизбавувањето од казната? Не знам повеќе, ниту сам…. Знам дека три точки не се доволно (иако прават ќоше) и дека љубовта е само една дамка на картата. Но, некако сакам да ја повторам, да ја возвишам? Кој знае што сакам всушност јас? Седум милијарди луѓе да поверуваат во единствената лага? Лагата за креацијата? За чија лага се залагам јас? Вие? Г-ѓа Невена. Местата се секогаш клети, треба да постои љубов кон сета креација. Чудесна симбиоза на сонот и стварноста. Некаква метаморфоза на идеалот, што знам. Овој живот треба да има смисол, ние сме во него и протагонисти сме во истиот. Се надевам дека бев донекаде прецизен во апотрофијата на дијалектиката. Овој пат повеќе размислувајќи за хегелијанскиот концепт… Приземно, ако така заслужуваат нештата. За да се случуваат чуда, некој треба да поверува во нив. Како риба на вртелешка. Г-ѓа Невена, како риба надвор од умот, на вртелешка, без компас исфрлена на сред улица. Изнемоштена и желна за сон. Сон во кој што нема да има наградени, повластени-туку индиферентни, незаинтересирани за иднината. Проекција на состојба во која никој не се пронаоѓа? Тажно, иако напишано во еден здив, без никаква цел, никаква умисла, само едно бледо сознаније… И три точки, загадочни точки што треба да ја одгатнат тајната. Тајната на постоењето, преамбулата на манифестот стопчен во месо и крв. Врвната мистерија на постоењето, дишењето, смислата на јазикот, епилогот на восприемањето… кој ќе го знае Госпоѓице Невена? Кој да знае… Набргу е Свети Никола. Можеби тој светец, можеби светот? Некој мора да знае, инаку работите не би имале никаков смисол. Почеток без крај. Или крај без почеток? Се помалку жар во очите госпоѓа Невена. Помалку и помалку, се повеќе толкувања, би рекол: ВАДЕ РЕТРО САТАНА! Вашите избори и сето тоа таму, сите икони, борци за човекови права; културни знаменитости, галии, измеќари, светци. Цела таа лага, конзерватизмот, филозофијата на масите, мислителите. Златко неимарот што пред некој ден соопшти една брилијантна мисла, гласеше вака: „ЕЈАКУЛАТИО АНТЕ ПОРТАС“. Какво лудило… Неиздржлива несносност што не оддалечува од самите нас како постоење, преформулирана new age демагогија и битка за новиот маитреја? Кој е новиот маитреја? Постои ли? Не. Не може да постои во овој предвидлив свет, се обидов да ги пречекорам сите препреки и да погледнам зад материјата, не успеав… Единствен спас е ЕЈАКУЛАТИО АНТЕ ПОРТАС, тука велат лежел спасот, но во истовреме недостасува и врвната емпириска состојка, како да го натераме човештвото да се задоволи со малку? Ова прашање се провејува низ вековите, слично на уверувањето дека лудилото е генетски наследно,тоа е сосема неточно Невена. Секој може да полуди, во секого од нас лежи лудиот и стрпливо го чека мигот да скокне и да ја задави жртвата. ВАДЕ РЕТРО САТАНА! За да влезеш во портата на спознанието, за доброто или злото. Овие две се нераздвојни, исто како и лицемерието на „добрите„ христијани или нередот во главите на мухамеданците. Секојпат треба да си ја спомнеш оваа формула: ВАДЕ РЕТРО САТАНА… Биди ретро, така ќе се здобиеш со мир, треба да се капеш во илузиите. Политиката е канализирање на злото, во вистинскиот свет не постои политика. Морало да им се обезбеди работа на луѓето, и во име на работата секое зло е дозволено, само да бидат зафатени со нешто? На што личи тоа? Сите најголеми злосторства на планетава се направени во име на работата. Зошто е тоа така? Бидејќи луѓето се едноставно луди, кога би требало да се борат со себе и во себе можеби деведесет проценти од нив би направиле некое злодело или криминал. Па ајде сега дајте им нешто да работат, некаква ситна мајмунштина, да се најдат во работата бидејќи не можат да го издржат времето поминато со себеси? Глупост Невена, глупост. И, сега мораме да создаваме доктори-доктори на науки, мисии до Марс и назад, да правиме реферати и анализи за ИСИС; да експлодираат појаси со динамити, се во име на изопачената сексуалност. Зошто не се редефинира еротизмот и сексуалноста? За сето време се бега во една латентна состојба на прикриена животинска жед. Фалуси што пенетрираат и соблазнувањата од портите. Само за да се дојде до ејакулатио анте порта. Мојата пријателка Лара пред некој ден ме убедуваше во вистинитоста и искреноста на сатаната (Луцифер). Ми раскажуваше како тој пристигнал од Венера и се заложил за луѓето, им дал мудрост, тој и паднатите ангели. По неја луѓето станале богови благодарејќи му на некој Молох, Белзебуб, Азазел, Астарта (имат милион и едно име). И оној, првиот божемен грев на Адам е всушност изборот, иако јас мислам дека Адам и не сторил никаков грев. Цел тој демонизам, таа ништожна демонологија, умот што сатаната ни го давал? Каков ум?! Подобро е да бев еден од оние примати што таму кај вас лежат по пазарите и продаваат кромитчиња–тиквички, ракија и брокули, не се тоа наивни луѓе. Тоа се силни кромањонци со високи академии и почести, наградени со хектари и хектари земја. Тие нека ви ја бранат Македонија, зошто би се оптеретувал со неа, да глумам праведник, или некаков шутрак-домаќин! Прекуглава од сè, сите почнуваат да ми одат на нерви. Сè ми оди на нерви! Светот, редот и поредокот, па дури и Бог и ѓаволот.
Ви пишувам некакви писма а всушност се занесувам. Некаде во себе замислувам некаква иднина што ќе донесела поубави времиња, знаете – сите оние приказни за ерата на водолијата, Хелена Блаватски сè! Сè по ѓаволите… Да, гледам минале изборите кај вас и сега трката на лепрозните започнува, разни ќосиња се на сцена. Посакуваните ќосиња… Тие разлудени пазарџиски донкихоти со пиперки на глава, со семки од тикви наместо очи, празни, со херпеси по усните и алкохолни денунции. Тие што се помиваат еднаш во годината, по можност во Август. Застана за миг, со помисла: зошто толку омраза кон сопствениот народ? Дали тоа беше поради силната љубов кон Кралицата-мајка, знаеше дека и тој умислен ред е искривоколчен, ама барем тие имаа само една Кралица, а овие неговите цели 300000 луѓе со сличен статус. Стана и излета низ врата. Надвор го чекаше ладната канадска зима, слична како таа во Скопје, помешана со чад од цигански огнови и платени шарлатани, порнографски ескими и џуџиња во кутии. Вистина, тука во Торонто секој неможеше слободно да го извади курот и да моча на отворено. Но дали тоа беше подобро… Дали тоа е подобро. Ништо не му беше погодено. Ќе мора да ја извлече Невена од таа дупка. Македонците беа насекаде познати како добри слуги. Ќе и најде некоја работа како негувателка или чистачка на тоалети, тука во Торонто. Можеби и ќе ја омажи за некој постар господин-масон, што не поднесува жени, туку само нивните услуги. После половина час лунѕање се врати зацрвенет од студот и го испрати писмото. Утре е недела, требаше да се појави во некоја црква. Крштевката на внукот кај Атанас гробарот, единствено со него имаше повремено доброутро. Заспа сонувајќи ја кралицата, во еден миг се најде клекнат на колена, додека великата мајка царица му го протнуваше јазикот низ очи, па од очните дупки истиот излезе од страната на ушите, на крајот змијски се раздвои од носните отвори на две. Му глаголеше на некаков јазик, гуштерски, дијалект серски или можеби тоа беше арамејскиот? Таму се парите му рече (покажувајќи кон едно ковчеже): „Знаеш ли дека оној Пол е мртов, почина 1966 во автомобилска несреќа. А овој Пол е друг. Тој е моето копиле, од врската со еден баџанак, го направив па морав да измислам работа за него. Младост Лукас…“. Трепна кралицата. Лукас со тромост се ококорави. Кој е тој Пол, Свети Пол? Кралицата се наведна и зграпчи едно локумче, дувна во него и правта летна во очите на Лукас. „Пол од Битлси. За тој Пол ти говорев , и ти си ми некој далечен роднина, те има во книгите, погледај!“. Лукас се впи во една стара правлива книга на која страниците и се распаѓаа додека се обидуваше да ги прелиста. Попусто, ништо не разбираше, ниту пак можеше нешто да види.

22. 12. 2016
10:24

Во една бизарна, помалку фантазмагорична писателска епизода, некојси овдешен писател или подобро фанатик седнал и напишал мини новела за 13 дена, составена од 13 раскази. Мислам дека очајникот бил веќе на резерва сили. Знаете како е со тие писатели кои се оддлучуваат да ги залепат последните мисли на белата хартија. Како клети сеништа стојат со главата наведната кон светлината. Испиени и изгладнети, без тронка надеж, само со некакво суперсонично чувство за некое идно време. Ја гајат сета надеж во иднината како својство на откровение, исситнети како апокрифни списи, во пергаменти-списи, расфрлајќи зилиони букви од прстите. Слично на некоја машина што треба набргу да се распадне, па работи со сета сила до самото уништување. Така работеше мојата последна правосмукалка се додека не се распадна. И оваа будала (писателот) иако знаеше дека никогаш нема да биде откриен и дека сите чунови му биле со дупки, пишувал додека не се разболел. Нормално денеска е тешко да се достигне врвот со олово во градите, па овој се вадел на дивинантноста и целата историја на човечката раса. Разгледувал и прелистувал безброј биографии и документи, за да на крајот не сватил дека тој сепак ги опишувал сопствените страници од животот. А кој писател впрочем тоа не го правел? Живеел во една скромна просторија со некој пес или беше тоа мачка, не се сеќавам повеќе, на таванот секојдневно се бркале стаорци и враголести инсекти, исто како што симбиозата на телата е составена од мноштво на бактерии и вируси, алкални состојки и сето она што се наоѓа во вселената. Набљудувајќи ја таа алхемија писателот сакал да достигне екстаза на умот или некаков вид на просветлување слично на онoа, ете како на Распутин? Тој велел дека со секој нов грев се добива покајание и искупување за гревовите, велат дека на крајот завршил во некоја далечна јужноамериканска земја. Живеел како оние домородците во некоја прашума. Сосема сам, но сепак продолжил да ги запишува утрата. Како некаков затвореник, иако веќе бил на шеесетт годишна возраст и здравјето му било нагризено (што и незначи дека бил болен). Неколку пати се разболел од маларична треска, еднаш бил дури и гризнат од крокодил, го изгубил и показалецот. Сепак преживеал, па откако изминало време решил да се врати дома во Скопје да присуствува на свадбата на својот единствен син. Дошол со туѓа патна исправа и сега се нарекувал Крсто Крстев Мухамед. Лицето му било цело изобличено наместо нос имал некаква црна сенка. Очите му биле толку вдлабнати навнатре што ниту неговото дете не можело да го препознае. Единственото нешто што потсетувало на него бил неговиот глас. Пеел многу убаво и сите се воодушевувале од мелодиите што извирале од тоа грозно лице. Покрај се тој се збогатил и веднаш бил примен како почестен гостин. Никој не знаел дека тој е всушност татко на младоженецот, па дури ни самиот син. Се представил како пријател на Кашарот (прекарот на таткото на младоженецот). Додека траела забавата тој се однесувал како некаков мудрец играјќи и пленејќи ги посетителите, во еден миг се распеал и синот го препознал, но не покажал никаков знак. Кашарот бил избркан од дома од неговата жена која што за сето време го напаѓала и го прогласувала за неверник и богохулник, недомаќин и женкар, понижувајќи го пред сопственото дете. Бидејќи истиот Кашар бил на некој начин заваден со владејачката елита и делови од скопското подземје, му одговарало да остане прикриен. Сепак сите биле заинтересирани што се случило со Кашарот и за цело време му поставувале прашања за него. Тој вешто ги лажел дека Кашарот починал и му оставил во аманет да им го донесе единственото наследство што наводно Кашарот го заработил во Парагвај или Аргентина? Тоа била една златна јаболка со дијамантска дршка, со радиус од седум сантиметри, тежина од половина килограм. Златото било со голема чистина, со врвн квалитетни дијаманти оиклонети лично од евреинот Азнадар Леви кој лично му бил благодарен за сопствениот живот, па посебно за него го претопил златото во облик на јаболко. Така Кашар го синтетизирал цел имот во јаболко и се вратил во Скопје. Какошто тоа обично се случува во оние инертни народни приказни Крсто отишол да преспие во куќата на синот за да следното утро откако се разбудил не го побарал манускриптот на Кашарот, којшто испадна дека неговата жена Тијана го запалила или го продала за 700 денари на некој од оние прекупци на стари книги. Никој со точност не можеше да каже. Му станало чудно што никој ни најмалку не се посомневал во него, дури ни неговиот најблизок пријател Симка трепкачот не можел да го препознае. После неколку пластични операции и шипки во неговото тело тој и самиот во себе не го гледаше Кашар Летновски.
Во пладневните часови тој излегувал и скитал низ улиците на Скопје обидувајќи се да ги поврзе сеќавањата на местата од овој по многу што несносен и сега веќе крајно дезорганизиран и нечист град. Чудно, му изгледаше дека ништо повеќе не е исто. Не можеше да препознае ниту едно место, па дури ниту реката. Насекаде имаше натрупано апсурдни објекти и приметуваше бутканици низ центарот, некои нови храмови. Некаде помеѓу стариот трговски центар и банките забележа неколку дрвени колиби во кои продаваа стари книги, списанија и плочи. Застана да разгледува во нив. Во налет на паника скрши една, па се сопна од една неправилно изградена скала и ја шина ногата. Го минал камениот мост и се струполил токму пред новоизградениот споменик пред црквата Св. Димитрија на плочникот држејки го цврсто златното јаболко. Не, тој не починал. Продолжил да живее, откако кај него било констатиран помал мозочен удар. Закрепнал и се отселил некаде во околината на Берово. Македонците се тешки пијаници, нивното вино е слично на опиумски жар, тешко и убиствено, таков им е секој ден, исполнет со катранасто зајдисонце. Младите бегаа обезглавено од оваа земја, тоа Кашар добро го знаеше. Во земјата имаше неколку илјади псини наследени од стариот социјалистички систем кои во сојуз со стотината селски сметови ги уживаа сите благодети на овој темен вилает, згора на се, етничкиот сооднос на населението беше целосно изменет. Денеска во Македонија имаме сосема нова структура на луѓе. Јас ги нарекувам: Курупи. Ме потсетуваат на оние, донекаде слични по изглед на уште едно, многу популарно суштество од гуарани митологијата, поточно: помбера. Курупи (не, не се работи за акронимот Кур у П…ка) туку за кратко, грдо, и влакнесто суштество. Тоа го правело својот дом во дивината (шумите во регионот), се сметало за господар на шумите и заштитник на дивите животни. Најпрепознатлива карактеристика на курупито, сепак, била предолгиот пенис. Наликувало на човек што го опашува својот фалус околу телото и со него ги ловело своите жртви. Ги забременувало невините девојки па бегало во оближните грмушки, затскривајќи се во џунглите. Ах, ми отстоја умот за миг. Прочитав еден расказ што никогаш нема да стане расказ, сепак тоа беше најубедливиот расказ. Зошто господине Лукас? Бидејќи беше вистинит… Секоја вистина повлекува книжевност со себе, токму од тој агол пишувањето повеќе нема смисол. Единствено читањето на електронските писма и сардоничното гувеење во треската. Лека ноќ. Можеби повеќе и нема што да ви напишам, сè напишав пред и да помислам, изборите завршија… Кашар… Ах да, златното јаболко никогаш не постоело, Кашар е измислена личност. Исто како да се работи за некој лик од таинствениот Зохар-волшепство… Кому му е гајле Лукас? Кому му е навистина гајле… Важно е да се соберат лајкови за некаков туѓ идиотски афоризам на фејсбук. Кој навистина е загрижен за спомениците во Скопје. За галиите на Хасан Баба, за непловниот Вардар, за „Улицата на боемите“ или некаква слична лага.
„Важно е да се кради – газо да се слади…“ Простете за вулгарностите… Таква е Космичката Л`жа… Лажна.

28. 12. 2016
01:00

Јас повеќе не сум сигурен дека вие всушност ми пишувате писма? Што е тоа што ве гони кон оваа бегла мисла во која нема смирување? Некаква нарација за мртвите? Почитување на искривоколчената перцепција-детонацијата на умот? Тага која како сврдло навлегува во длабочините на мислите. Проекција за болните наследства на животот? Од мојата канцеларија се гледа една кула, слична на оние репетитори, антени од који струјат сите оние заразни дијаболични мисли и отпадоци со зилиони информации. Шетаат деца со очи што наликуваат на мекици, искривени лица и асоцијални случаји, некакви нови зависници од надразби. Пливаат отпадоци што се кројат долж африканските ниви. Корпи од затегнати трски, органски конјукции со засипнати хорови на јата, раз`жабени во матните утра. Никој не се сомнева во таа каллива елегија, како во некоја далечна пасторала. Ете скерцо, па повторно промена на темпото легато. Темпа… Сенчесто детско пијанило, како трски зашилени што се зариваат во нечии зелени женски бедра, болно но сепак истоштувачки прецизно патување низ сетилата. Што е болката и очајот? Секната светлина? Свет нанижан на игла вкончен во низови од слики и трансмиграција на свеста во куќата на сардоничниот „masonic jack„, плејада инструментализирана во некаква корпорација. Следбеници на неопримитивизмот заталкани во епикурејската насока, со назнака: за новогодишната прослава. Неколку илјади музичари-аматери собрани во име на демократските дискурси што треба да дадат надеж дека целиот свет свири и пее, и дека целта е јасна. Целта, или избегнувањето на истата треба да воведе чувство на смиреност-креативност, дипломатски триумф во кој свињата Цецка ќе доживее еднонеделен оргазмичен спазм. Ќе се насмее пред камерите, ќе испадне убав селфи, ќе догори испуштајќи звук на догорче од цигара потопено во вода. Во таа тријада: чекор- убавина-грацилност, ќе се роди чувство на важност, Невена… Ја разбирате ли сега мојата сага? Мојата опсесија со боса-новата? Мојот конјуктивитис-желбата за продолженото сонување? Маглите во прашумите-сонцата на зимите, и пустошот на пустиникот. Сомнежот на дивоста. Карго товарот на плешките што секојдневно се згрутчува во нашите артерии додека се тегнат како алувијални шпагети, за да на крајот го достигнат својот максимум, виткајќи се во полураспадната состојба и трескајќи на земја со едно вознемирувачко: ШЛАП! Моралот не смее да падне! Кралицата не смее да ги разоткрие „браќата„ што пливаат во океанот на гомната- новиот Папа мора да биде комунист! Демис Русос треба да научи да прави палачинки на плажа и да ослабе, никому не му е потребен повеќе неговиот глас. Треба некако да се разнебити сета калкулативност, да се отргне вниманијето на сите оние зинати во мобилните телефони, а можеби и не треба? Можеби е така замислено, како игра со курот. Треба да се убијат сите управници, да се испратат во некој сибирски гулак, да го научат повторно редот на скромноста. Како во некаква градинка за возрасни, да стојат на нозе и да газат по врел песок. Да чекорат во исцрпувачки марш, да сонуваат вода, да се веселат само кога ќе им дозволат-никој повеќе да не ги запраша за мислење. Каква корист од умот на секој човек на планетава? Каква корист од секој новосоздаден граѓанин? Од сите мивки што се опседнати со игрите на среќа и спортот како наука, од децибелите на грозна ритуалистички заслепувачка музика. Каква корист од теророт наречен музика? Ако не е отсвирен за Бога? Од активноста на мравките во ушите, од подземјето-убијците-сите невини што чекаат егзекуција броејќи ги деновите чудејќи се, организирајќи се во банди и правејќи нов радикален свет?Нова партија или ново движење, што и онака треба да исчезне. Вашиот последен текст ме остава занемен… Станав рано наутро и се видов како еден од оние високи полицијски службеници, знаеш оние со титули: Генерал, Мајор? Тие имаат нарав откако ќе стекнат титула да се бусат и чувствуваат со деликатна посебност. Нивните жени счучурени гледаат на нив како на некакви сефироти од кабалата, бришејќи со крпа по нив, глупости… Секогаш се со намрштени лица, арогантност и непрестано повторување на командите. Можете да кажете дека повеќе не им се ниту ебе? Да на повеќето не им се ебе, од таму пристигнува тоа незадоволство и себеисполнетост од траекторијата на моќта. Има нешто во тоа: јас сум „Адмирал“; никогаш не сум се продлабочил во таа феноменологија на хиерархијата: во амбициозноста да се добие чин или титула за соучесништвото во злото. Еднаш ми дадоа чин, но јас не уживав во него, се досадував, иако тие подмене искажуваа почит, секогаш бев ист со секого? Зошто Невена? Зошто Адам не продолжил сам да го дрка, и да биде безгрешен? Зошто го посакал првиот инцест, посакал да го ебе сопственото месо? Тоа го правиме тука: го абиме сопственото месо. Чуден свет… И во мафијата истотака постојат чинови, градации – нивоа. Насекаде има амбициозни копилиња што се шетаат низ светот и мислат дека тресат огромни ноевски јајца… Хм… Се приближува оној идиотски празник, што секој имбецил го слави. Сокријте се некаде длабоко во себе Невена, не давајте им да ви ја покорат душата со глупост. Прикриени се под плаштот на насмејаноста ( доброто расположеније ).

Обидете се да се опкружите со мов како некаков стар замок. Замислете дека сиот свет е обелиск и патува низ вселената, и дека сите на планетава и покрај неплатената карта сме на магично пропатување…

vintage-scientific-illustration-of-antique-testing-machine1

ГОСПОДИНЕ ЛУКАС
Кој видел аир од пишување? Несомнено е дека се забавуваме, си го матиме умот. Светот е обелиск и патува низ вселената како што некогаш патуваше “Voyager” можеби сè уште патува? Како нашите мисли за време на коледарските огнови, со инфективни мисли што не заслепуваат со чувствата за вечноста. Тајната е во тоа што правиот писател треба да биде опседнат, толку опседнат што ќе заборави на категоријата време-постоење-себечувство, помешано со некаква херметичка задача. Убиствено шепотење во мракот. Језуитска насоченост кон слепото верување во надприродното, или масакрирање на себството во име на совршенството. Треба да се поседува тој црв во главата за да ги надмине препреките на профаното. На таа главна идеологија, матрицата на сништата врзана со ниските светови, животинското поимање за уживањето. Мислам дека како жена ја достигнувам таа свесност донекаде, иако злото не ме заобиколува. Злото е сеприсутно, никој не останува имун на него. Така и јас сум зланаравна, посветена на состојбите видени од еден ќош што забременува одвреме на време. Бидејќи Вие Лукас и не го познавате новомакедонскиот, воопште не сум загрижена како ви пишувам. Кројам реченици како некаква пепелашка, се обидувам да пронајдам дистанца меѓу сонот и јавето. Интересно, некој ја изгасил светлината, нејзе и недостасуваат рацете да исплива, но мракот за мене има посуштествен облик-како длабочината на матката, црната земја. Очите покриени како оние гнаси што се вртат, оние што замислуваат дека го управуваат светот. И, сега останува една приказна за верверицата што јадела бадеми, лешници и сарми, така ли е Г-дине Лукас? Температурата во мигов е -17 целзиусови, кучиња се вртат околу казанот, мојот мачор Азазел веќе три дена не е дома. Не затоа што е избркан, туку вознемирен. Тоа ме плаши… Ме застрашуваат некои работи, иако знам дека ништо не треба да не заплашува. Што се однесува до изборите, сè е исто: само њега нема… Ова е како надополнување на глупоста, чинам дека бев јасна. Во библијата постои една каинистичка секта. Луѓето од сектата секојпат фрлаат клетва над клетвите со седумпати посилна јачина, на сличен начин како што тоа го наметнува еден писател под име Клостер во еден роман на Гилермо Мартинез. Во: Бавната смрт на Лусијана. Се обидувам да ги оправдам сите грешни на планетава, но, целта не беше да предизвикам вниманије, или да извлечам некаква корист; повеќе да се водам по онаа стара максима: сакај го соседот свој. Како во оние хипи комуни во High Ashbury или уште подобро како во психотичните филмови во кои моралот и догмата е една иста работа. Ништо умно, денеска не се очекува. Па дури ниту следната бура не е изненадувачка. Патриотите тапкаат по снегот како заледени патки, татковците ги отфрлаат сопствените деца, неколку психијатријски копилиња непрестано мелат од својот курикулум обидувајќи се да ја задржат својата извештачена прибраност до следниот ќош, нешто понатаму ги чека Али Баба зо засукан… Со засукан? Со засуканиот алат што е подолг од овогодишниот снег. Можеби тој алат требаше да ја излечи нивната констипација? Се прашувам? Грозно зарем не? Како во трилер на Кинг, или некаква шарада на По. Денеска се плеткав околу трговскиот центар (оној стариот што не потсетуваше на подморница), пред него збрани луѓе, караван од полицијски автомобили, нахранети говеда со опашани пиштоли и симптоматично разјарена изгладнета маса. Проценив дека не им беше до брза политика, сценариото е јасно овие што владејат имаат пари и ги хранат муцкиве. Температурата беше некаде околу  -7 -8, но “it feels like -20 C”. Вие Г-дине Лукас всушност не знаете дека во провинцијава има шушумуги кои што сега се нарекуваат масони. Ништо посебно, тоа се сите оние претприемачи што изнедрија од некогашниот комунистички сојуз и се прогласија за градители и менаџери. Градат и крадат се што ќе најдат попат како некогаш на дивиот запад. Недостасува шерифот, впрочем бидејќи ова и не е филм-нема никаква потреба од него. Попат сретнав неколку скитници, запалив цигара со нив иако не пушам, едниот од нив ме убедуваше дека виното било подобро за студот од ракијата. „Лично мислам дека стан со парно ја решава руската зима побезбедно?“. Сепак тој и понатаму се обидуваше да ми поттури приказна, знам се работи за уште еден згрешен во умот.

15. 01. 2017

НЕМАМ СОМНЕЖ
Во тоа што ми го говорите Вие Невена, сепак кога подлабоко ќе размислам ништо не е така едноставно; идилично и прозаично. Еднаш разговарав со еден скитник на источната авенија додека чекав еден затворски управител. Требаше да работиме на имплементацијата на еден нов систем кој што се состоеше од збир на алки за скенирање на сништата. Опитот требаше да биде изведен врз серијските убијци и сите останати девијантни групи и подгрупи. Скитникот по име Вили се фалеше дека можел да ја предвиди иднината, дека гледал во минатото. Свиреше на укулеле и за сето време го исфрлаше долгиот јазик како што змија мафта со опашката. Очите му светеа како на оние библијски пророци, ме убедуваше дека капењето било штетно за здравјето. Посебно ме заинтересира една приказна за фотоните и нивната константна промена на местото во атомот или беше тоа низ атомот? Ќе треба да проверам. Денеска спекулативната наука драпа шајки на сите планови, дури е изместена во алхемијата-метафизиката, на дрски начини се служи со секакви систематологии и аналитики, тези и антитези. Вили имаше само еден заб, па и тој велеше му бил премногу. Храната никогаш не му стигнувала до желудникот, се растварала во цревата и исчезнувала исто како како и гасот на апсолутна нула (нели таму се јавуваат три состојби – течна – тврда и гасовита) па, токму тоа бил и Вили: гас-течност и мраз. Мразовит во срцето. Таа техника го одржала во живот, имено кога го запознав Вили имаше неполни деведесет години, со јазик од половина метар. Фасцинантно… Со тело на млад акробат, еластично како на дождовен црв, всушност и ми наликуваше на еден од тие црни долги црви (како оние на Муад Диб) не можам да го споредам со змија бидејќи ликот му оддаваше некаква кроткост, тажна наивност. Со мало носе како тртка. Озгора на се имаше и калвинистички очила, па на глава една од оние шубари какви што носат гардистите од Калининград. Наместо чевли влечкаше сандали од Џајпур, пилотски елек обоен со бели ѕвездички. Како ѕвезден човек. Невена Ви велам изгледаше како паднат од вселената, слично на оние креатури од старите научно-фантастични филмови. Така и говореше, тонот на вокалот му звучеше како минат низ фејзер ефект. Па и очите му светлеја одвреме навреме, како две светилки. Чудесно, за миг заборавив на стварноста. Вие Невена не заборавајте дека јас имам една сосема инаква слика за Македонија, слика за едно исчезнато гето што некогаш постоело како на некоја стара сликовница или фотографија од мрежите на охридското езеро. „Биљана платно белеше„ или можеби Вилхана? Повеќе не се сеќавам, измешани ми се Стариот и Новиот Завет. А и така е подобро. Зошто би се врзувал само за новото? – кога старото е секогаш надвиснато како огромна карпа, остра стена што тешко се искачува. Да, чувствителен на Македонија, но, без никаков осет за ФИРОМ. Не чувствувам ништо за ФИРОМ. ФИРОМ е за мене место полно со „лопужи“ и никаквеци. Арогантни копилиња, животни симнати од планините, глупаци што згрозуваат со својата инфериорност, несофистицираност, прозаична баналност, прикриена мелеволентост. Не знам зошто но има голема пакост и нискост во тие луѓе, иако постојат и прекрасни, светли карактери. Скромни, со благородна душа, како вас Невена. Веројатно е тоа поради оние племиња брсјачки или опачината на македонската слика а тоа се тамошните арнаути, тие не се ништо друго туку уште повеќе зазлобени фиромејци. Најчувствителниот, а воедно и најчистиот дел се македонците со исламска вероисповед, нашите богумили тие што ги нарекуваат торбеши. Каква е таа желба да го оттргнеш својот од себе… Да обвиниш некого друг за сопствената состојба… Сето тоа е инплантирано кај фиромеецот. Има некакви демони во нашата земја што не дозволуваат сето тоа да се оплемени, отколку да се промени на подобро. Цело време се тапка во место. Дали беа тоа некогашните структури на југословенската армија, јаничарите кои што ги пензионираа со распуштањето на Југославија, или за се` се криви креаторите на вашиот нов феудализам? Луѓето што ја спроведоа приватизацијата на Марковиќ, и овозможија шака пролетери да станат новите тајкуни на ФИРОМ. Не можам со точност да погодам од туѓина, како и да е знам дека таму има многу диви луѓе. Врзани се за земјата,за профаното, бездушни се. Затоа ниту една политика нема да донесе ништо ново, затоа секоја промена е осудена на неуспех, тоа се пагански племиња од најнизок вид. Како вепри се, амбициозни и прости. Прости ми, да прости, неуки и прости, возгордеани и неми додека ги земаат платите и лагите на владејачките елити. Ако можам така да ги наречам сите тие по министерствата, царинската управа, сите-сите. Целата таа менаџерија, културната елита, политичките опаноци, ситните фабриканти, отпадоците и зашекерените домакини. Прости ми, зацапав во омразата, Невена… Јас мораше да дојдам овдека за да преживеам и каде и да одам повторно ќе бидам само обичен странец. Кога ме прашуваат од каде сум, одговарам со: една земја. Некоја земја таму некаде. Тие пак продолжуваат да прашуваат: ама која е таа земја? Како да знаат дека се работи за земја што нема име. Една, им велам: ФИРОМ-Фајрон, не знам што да им одговорам. Уште со самото спомнување на именката Балкан, започнуваат да се сомневаат. Колку селски револуции имаше на балканот? Само селски револуции, па дури и тие што навидум имаат некаков интелектуален предзнак веднаш се натопуваат и се завиткуваат во селската дивјачка свила. И што е со тој несносен град Скопје? Што со него… Обичен смрден град. Знаеш дека ми пиша Марко Шлемовски, оној дрејарот од Мичурин. Пишувал веќе цели десет години. Новели, исповеди, дневници… Ме прашуваше дали имам некаква врска со вашата влада, како ја викате фашистичка? Фашистичка?! Па тоа се обични пробисвети, какви црни фашисти, фашистите сепак имале некакви идеали, идеjи за иднината. Овие вашиве се како сакати кучиња, поврзани се со пар „лопужи“ и криви архитекти.
Невена знаете ли Вие колку коски има распослани под црвениот тепих? Овој свет е проклет. Вие сте само парчиња од мозаикот. Една мазохистичка шема на лажни филантропи и идолопоклоници. Трамп ви е совеста. И сите агонии се вашиот сон. Заспивам сега Невена, заспивам, уморен сум од светската политика и совеста на македонските новинари… Уште помалку сум заинтересиран за одлуките на министерството за култура и вашата прозаична елегија, за програмите на вашата влада, се е мит. Вие сте само една точка, Игор Џамбазов, вие сте еден долговечен џамбазовски скок во стратосферата. Звездите на гранд, српска провинција, зошто не се помирите со тоа? Зашто ложи, масони, зашто надуеност, никој не е посебен сè е една голема лага. Мојата прва жена почина бидејќи помислив на друга (некоја со златни дојки, со задник од кој што тече мед) ја запалив во еден бунгало на нашиот меден месец во далечната 1985, откако ја запознав русокосата Лили. Дркав на неа, инспириран од еротските медитации со наличје на Марлена Дитрих. Ја зедов Лили за жена иако знаев дека љубовта е мртва, во мене говореше црвот на животот. Насладата во страстите и епикурејскиот капитализам, аристократскиот ресентиман. Не сакав здрава селанка да ми го мати умот. Да, не ве приметував тогаш… По ѓаволите со вашите ДПМНЕ и СДСМ. Сите оние фиромејски неправди. Измрсените сништа за достигнувањето на идеалот, амбициите, ентропијата. Како графити врз снег, ланскиот снег. Лека ноќ…

28. 01. 2017

Пеколна зима Г-дине Лукас. Руди е деноноќно вознемирен, веќе цели два месеца Г-ѓа Вера се жали на болки во колената. Политикиве траат и понатаму, чудесно е како никој не може да побегне од стварноста, а таа е тешка како десет светски војни збрани на еден куп, непрестано како некаков мамутски комарец што кружи околу нашите глави. Зимава зема, зема души, конзерви, туршии, сарми, погачи надежи. Има една песна “Don’t remind me now on time” од Peter Jarow, никаде не можам да ја пронајдам, се прашував дали ќе можете да ја побарате за мене? Токму таа песна буди во мене чувства на изгубеност и воздушестост. Мислев дека годините ќе ме променат со текот на времето, но како во кафез затворена продолжувам да сонувам, сонувам како мечка во зима. Заспана со себе и во себе. Ах, колку ми недостасуваат зборови за глаголење, некаква нежност што пристигнува од некој човечки лик, од ангел, сладок напиток… Со керубински израз на ликот. Сонувам волшебни зборови за да го заборавам овој свет, свет во кој повеќе нема да постои неправда? А дали таков постои во оваа несовршеност и себичност се прашувам? Ете, читам дека НАСА открила неколку нови планети слични на Земјата, да ја населиме со нашите догми, господине Лукас? Да ја создадеме вселенската Америка? Со болести вирозни и смрт… Нели? Чудесна заблуденост и желбата да се оправдаат инвестициите во пронајдоците, на луѓето кои што се размножуваат како црви- како вселени после Супер Нова-печурки после дождот… За да би тамошните доселеници запејале песни со тематиката за парите во џебот? Зашто кроење и планирање на нова неизвесност? Во мене постои дивизија: ниту доброто е добро повеќе, а уште помалку злото е зло. И се обидувам да ја испеам „Don’t remind me now on time„ и покрај забраната од Јаров, кој и да е тој господин. Мислам дека го доживеав како „ловецот во р`жта“ на Селинџер. Морам да ја добијам таа композиција како плоча. Денес се повторно во мода плочите, исто како некогаш. Не постои „универзум“, денеска тоа го нарекуваат мултиверзум, чудна е науката како некаква праска што скапува и непрестано и се обновува кората, откако некој ќе ја излупи. Велат дека некаде таму постои копија од секого од нас, сите сме стоеле како на некаква мембрана. Исто како кога некој плови на површината на водата, над нас – воздух, а под нас вода, некој различен свет за кој што ние воопште не сме свесни. Риби, морски чудовишта, треви, светови на корали, на сатирично-бизарни ентитети и сирени. Така и во нашиот свет-светот на тврдокорните, (сега сите сме тврдокорни-мистични животни) што се натпреваруваат со егото. Детски сенки на чумата. Како да извртеноста е постојана станица на таа дупка на црвјата. Медицинската санација на сништата, како некој оператор да управува со нашите животи, сепак, на некој начин сме сите впрегнати во овој свет со сите негови мани и недоследности. Да, изборите завршија, но чудно како да мојот интерес за нив веќе оддамна исчезна. Останаа тврдокорните да паметат, но што да се памети? Тука повторно на ум ми доаѓа мултиверзумот, бидејќи вселената повеќе не постои. Еднаш еден Д. Боуви пееше: from malkud to kether, и јас навистина го сакав тој негов период на „белиот-тенок војвода“. Инуендо на еден елитен дрогаш, Или: мочуришната сенка на скалите во дискотеката Огниште. Солза капната на еден еклер, виделина на сред ноќ? Имам безброј толкувања и дефиниции, Oh, don’t remind me now on time… сета бесмисленост во која просторот и времето нема да имаат никакво значење, да може да се влезе во тунел што ќе не однесе во тие паралелни вселени. Во множествата на световите слични на нашиот, наликувајќи на тој во кој што си ти Лукас, или јас, како некаква стара жена со детски ум. Руди расте, Вера станува се посенилна. Како да и го објаснам мултиверзумот? Како да ја наполнам нејзината вселената со насмевка? Како да исчезнам? Да станам една честичка, боженствена честичка, да се претопам во друга вселена… Среќна вселена. И кога некој ќе тропне на нејзината врата да мора да ја отвори со глаголење. Со таинственост и синтеза од сништата, со тежина на: „Бегството од Алкатраз“ или „Ориент Експрес“. Тие два филма ме гонат сиот живот, страдањата на „невините“, иако помалку или повеќе сме сите невини-родени на оваа немилосрдна планета. Можеби дневникот на Ана Франк или поттсетник на „Прашките Гробишта“ од Умберто Еко? Војна… Нема ништо потрагично од македонската припрема за војна, од шизофрената хектичност на мислите кај масите, тоа трае до крајот на светот. Но, сепак е некаква војна, зарем не Лукас? Секојдневна војна. Започнува со будењето, завршува со залезот на сонцето. Чудно е како тоа никој не го приметува? Иако сум жена, родена во знакот Овен, силни ветришта го будат мојот порив за деструкција, мојата детрукција, и сечија воедно, ништо не ја буди вината во мене Ме крепи можеби чистата душа на Мубера Мисини (една егзотична душа која што е растеретена од површноста на злите ентитети) чиста светла душа инкарнирана во тело на жена и дух како на ангел, постојан ангел, цврст како елемент. Со интелект незагаден од профаноста на овој свет, за сето време тлее таму некаде, над Кралството… Дали е проклетство да го сакаш сиот човечки род Лукас? Дали е клетва да ги простуваш гревовите? Да иницираш мултиверзум над универзумот? Ако сум луда, тогаш така сум создадена, да бидам омразена. Над малкуд (кралството) ќе ми простат ли сите оние огрешени-згрешени?; сите оние што се валкаат во правта за да ја избегнат гравитацијата? Трудно е времето, а јас сепак сè уште жива… Пред некое време седев во сомнителен локал со една ѕвезда: поп ѕвезда. Од внатре пристигнуваше музика, “Love is real” на Lennon. Музиката течеше и покрај сета забрзаност на минувачите, се чувствував како под некаков чадор додека капат капките од дожд. Ништо посебно, тоа е онаа композиција составена од едноставни акорди, треба да се дојде до нив Лукас. Да се достигне невиноста, толку тешко, до совршеноста на едноставноста. Говорам и размислувам како една, стара патетична мома, но јас ве сакав токму таков Лукас, наивен и едноставен. Мислам дека ниту една верзија не победува, толку длабоко. Во еден миг едно младо момче ја одглуми таа сцена со совршена невиност, повторувајќи ги стиховите од песната, мавтајќи со рацете клекнат на земја, пред него една девојка, мислам дека има алфа фактор во неја, а сепак e жена во себе…
Зрела жена. Детал, само еден детал излејан од канџите на брзиот живот Лукас. Ги гледав очите на демонот тажно исчезнати на врвот од една пивска флаша. Имаше Сонце, некој до мене ми говореше дека животот исчезнувал и не би требало да бидам загрижена. Мислам дека еден од нив беше на дроги, поточно некоја невкусна дрога што требаше да го убие болот, да го задави разбудениот во нас. Во истиот миг, додека посматрав, на планетава веројатно се раѓаа половина милион деца, или јас вообразував во себе размислувајќи за новите и нивната шанса. До мене седеше ѓаволот. Тажен беше ѓаволот. Со изнемоштеност пушеше цигара додека комуницираше со мене. Го разбирам, тој и самиот има проблем да не увери во постоењето на бога. За прв пат го пишувам со мала буква бог (тоа е грев) но, грешна сум и јас ако сè уште постојам во кралството. Грешен е и овој свет, и единствено гревот не движи кон градината и сета илузија на мистериите што можеби и не постојат. Повторно се навраќам на мултиверзумот и на садистичкото распнување. Нашата секојдневност. Новите христијани и исламот како нивно продолженије. Новите христијани Лукас, исламот и сите прокреати на земјава. Дали има живот после смртта и сите равенки за душата. Или минувачите минуваат со наведнати глави иако е надвор сончево како некогаш? Крива е музиката? Кој е крив Лукас? Креаторот, знам тој е крив, не фрла во овој несовршен свет како јато пастрмки во реката Дрим или Минесота? Пастрмки… Кој да се сети на нив, риби… Да не навлегувам во детали, полека откачувам како риба на суво. Лека ноќ, или ден господине Лукас. До следното изданије, if any of them exist in the next Multiverse…

27. 02. 2017
01:23

ОМАЖЕТЕ МЕ НЕВЕНА,
Ќе бидеме среќни до крајот на Септември…

05.09.2017

  Do it Again / Holy Ghost Someone great / LCD Soundsystem Transient Program For Drums and Machinery / Soulwax Anymore / Goldfrapp Intermezzo II (Interstellar Funk Remix) ...

26.08.2017

Спојлер: Понесете си марамчиња и врзете го појасот, ве чека бура од смеа и емоции.   Мал плац на периферијата во Неготино е центарот на ...