Ревија на дебитантски филмови во Кинотека

12-19 февруари 2018 Кинотека на Македонија

Во последниве години познатите режисерски имиња како да сакаат да нè уверат дека како стареат, така сè повеќе губат контакт со реалноста. Еден куп остварувања во кои бизарноста поради бизарноста е во преден план, без никаков пардон кон публиката, која буквално треба да го истрпи „авторското онанирање“ на големото платно. Да не наведувам имиња, но навистина е разочарувачки кога еден филмаџија кој толку си го почитувал во минатото одеднаш направил „пакт со ѓаволот“ и ни сервира разно-разни будалаштини, за кои ниту самиот тој не е сигурен за што и кому му служат. Токму затоа во последно време новата енергија во филмот ја пронаоѓам во новите, свежи сили на светската кинематографска мапа, во дебитантите, кои со своите први или втори остварувања знаат што сакаат, и иако почетници, на најдобар можен начин ги пренесуваат емоциите до нас, гледачите. Вообичаено тоа се мали приказни, односно, приказни за, условно, „малите“ луѓе, но со голем емо-набој при претставувањето на нивните животни искушенија. На оваа линија се обидува да функционира и новиот скопски фестивал „Киненова“, кој со две изданија зад себе сесрдно им отвора простор токму на новите филмски автори, кои штотуку треба да го дадат најдоброто од себе. И познатите филмаџии кога ќе ги запрашате за најомилените филмови во нивната кариера, неретко знаат да се навратат на своите почетоци, кога умот бил чист, намерата чесна, а реализацијата школска и прецизно точна. А зарем вистински доказ за овие тврдења не се првите остварувања и на домашните филмаџии Ѓорче Ставревски („Исцелител“), Вардан Тозија („Џган“) и Даријан Пејовски („Три дена во септември“), кои го помрднаа интересот за домашниот филм кај македонската публика по долгиот пост во кој се изнагледавме разни глупости .

ZSIP

 
За оние кои не успеаја да ги проследат двете изданија на „Киненова“ во романтичниот скопски октомври во претходните две години, еве убава можност да погледнат четири филмови кои доаѓаат од сосема различни кинематографии, и кои го нудат токму она што го констатирав во првиот пасус: страст за филмот и емпатија кон своите ликови, чии животни патешествија ги третираат на најотворен начин.

 

Ревијата се отвора во понеделник (12 февруари) со прекрасниот филм „Лето 1993“ на шпанската авторка Карла Симон. Во своето дебитантско долгометражно остварување, откако претходно се докажа со неколку наградувани кратки филмови, Симон на најдобар можен начин ја отсликува детската психологија, во случајов на 6-годишната Фрида, која, по игра на случајот, мора да почне да гледа на светот на поинаков начин. Она што претставува најтежок процес при снимањето на еден филм, водењето на детето-натуршчик до посакуваниот резултат, кај шпанската филмаџика функционира беспрекорно лесно, супериорно доловувајќи ни ја психологијата на малите деца кои уште од најмала возраст мораат да се носат со суровите животни предизвици. Токму затоа и овој филм на ланското Берлинале ја доби Златната мечка за најдобар прв филм, што претставува одлична препорака истиот да се погледне без никакви предрасуди.

 

 
Еден ден подоцна домашната публика ќе биде во можност да погледне еден поинаков филм, насловен „Колумбус“, на режисерот со азиско потекло и егзотично име, Когонада. Филмаџијата кој пред се’ е познат по документарните филмови, во 2017 година го сними својот прв целовечерн филм кој наиде на одличен прием кај критичарите и публиката, неретко закитувајќи се и со фестивалски награди (Бостон, Индијана, Валета…). Очигледно реалното протекување на внатрешното време како карактеристика на документарниот филм извршило влијание и врз неговиот филмски потпис, па така во „Колумбус“ ги следиме двајцата протагонисти чии денови поминуваат во полн здив, како да го поседуваат сето време на светот, барајќи излез од статус кво ситуацијата во која се наоѓаат во малиот американски град. Но, „Колумбус“ е и еден голем филозофски еп за архитектурата и просторот во кој таа треба да функционира во сооднос со природата, така што малку порафинираната публика во овој филм ќе пронајде многу потконтексти кои се навистина вредни за размислување.

 

 
Ревијата, за жал, нема да биде континуитет од четири дена по ред, туку ќе продолжи дури во недела и понеделник, на 18 и 19 февруари, сепак, одличен тајминг за добар филм во вечерните часови.

„Звукот на нештата“ ни доаѓа од, ни помалку ни повеќе, костариканската кинематографија. Се обложувам дека најголемиот дел од вас досега нема гледано ниту еден филм од оваа мала средноамериканска држава, која, судејќи по ова остварување, има потенцијал за интересни филмови во иднина. Приказната за медицинската сестра која се обидува да преболи една неодамнешна љубов е раскажана на многу едноставен начин, и токму затоа плени со сета своја привлечност. Авторот на филмот Амат Ескаланте очигледно поседува талент, кој треба да го развие во своите следни остварувања.

 

 
И на крајот, за триумфално заокружување на оваа кратка ревија на дебитантски остварувања, вистинскиот погодок, филмот „Квалитетно време“ на холандскиот филмаџија Дан Бакер. Петте приказни за триесет-и-кусур годишните мажи кои се бараат себеси се претставени на експериментален начин, со посебен филмски јазик, кој претставува вистинско освежување во филмскиот свет. Впрочем, не за бадијала лани на Ротердамскиот филмски фестивал, жирито кое му ја додели наградата на Бакер за најдобар дебитантски филм, во образложението напиша: „Квалитетно време“ содржи неверојатно прекрасни слики кои создаваат длабоки импресии во секоја секунда од филмот. Ние бевме вчудоневидени од експерименталниот израз во филмот. Бакер е голем филмски талент“.

 

 
Се гледаме во Кинотека.