Jaga Jazzist на Cinedays

16 ноември 2017 МКЦ

Фестивалот на европски филм Cinedays го најави гостувањето на норвешкиот експериментален џез состав Jaga Jazzist кој во рамките на музичката програма на фестивалот за првпат ќе настапи пред скопската публика на 16 ноември во Младинскиот културен центар во Скопје.

JJ2Jaga Jazzist (познати и како Jaga) е експериментален џез-бенд од Норвешка којшто станува познат кога Би-би-си го прогласуваат A Livingroom Hush (Smalltown Supersound/NinjaTune) за најдобар џез албум за 2002 година. Стануваат еден вид музички феномен во Норвешка за своето 20-годишно постоење. Оваа деветчлена постава се сметаат за едни од највозбудливите и најиновативните на таа сцена. Меѓудругото, сите од нив се дел и од други музички проекти и сите на некаков начин имаат придонесено за најзначајните изданија и проекти во областа на оваа музика во овој дел од светот. Но дали свират џез, рок, хип-хоп, полка, електро, класична или хорска музика? Одговорот е сето ова и ништо од ова – едноставно, тие се фасцинантен музички закон сами по себе. Нивната музика полна забава и енергија е надополнета со нивниот жив настап. Неверојатно е што еден толку етаблиран и искусен бенд, од почетокот во 1994, до денес може да остане толку присутен и свеж, – „Џез, техно и прогресив рок, зачинето со мигови на филигранска прецизност, но доволно интензивно да ја размрда седнатата публика“.

Настапот на Jaga Jazzist практично ја затвори музичката програма на престојното издание на фестивалот Cinedays. Покрај Jaga ќе настапат и ZOLA JESUS на 10 ноември,  CHKCHKCHK (!!!) на 13 ноември и на 18 ноември CHRYSTA BELL.

Билетите за настапите по цена од 300 денари се достапни на Билетарница МКЦ, продажната мрежа на МК Тикетс и Купи Карти За Сè.