Вечер на азиска електроника во Ла Кања

16 октомври 2018 La Kaña 21:00

Утре во клубот Ла Кања во старата скопска чаршија, со свои настапи во живо ќе се претстават Lafidki од Камбоџа и Pisitakun од Тајланд. Обајцата се дел од Chinabot колективот, платформа која обединува музичари и уметници од повеќе азиски земји.

LAFIDKI & PISITAKUN La Kana
Lafidki е аудиовизуелен уметник, кој живее и работи во Лондон. Роден е во бегалски камп во Тајланд, од камбоџиски родители кои побегнале од режимот на Пол Пот и Црвените Кмери. Израснат е во Франција. Ова мултикултурно минато се одразува во неговото творештво кое е спој на разнолики идеи и созвучја, малку позната историја и географија. Lafidki е концептуален колажист кој го спојува звукот на истокот и западот без да падне во замката на баналниот ориентализам и некритичката асимилација. Тој е основач на Chinabot, платформа и лејбл со мисија да развие нов дијалог околу азиската музичка сцена. Во својата десетгодишна кариера ги има делено глобалните сцени со Hype Williams, KXP, Tzusing, James Ferraro, Nightmares on Wax, Molly Nilsson, Andy Stott, Varg, Tropic of Cancer, Laurel Halo и други.

 

Pisitakun доаѓа од Банкок, Тајланд, земја под воен режим со строги закони кои ја ограничуваат слободата на изразување. Во апстрактната и експериментална музика тој пронаоѓа алатка за индиректно изразување и еден поинаков начин на отпор, помеѓу политичкото и интимното. Тежок за дешифрирање, неговиот звук е комбинација на noise, милитантно техно и традиционални thai звуци.

 

Настанот е во организација на Задруга 5060.