Alexander Hawkins, David Murray Quartet & Saul Williams и Arto Lindsay на отворањето на СЏФ

18 октомври 2018 МОБ и МКЦ

Скопскиот џез фестивал, кој оваа година се одржува по 37 пат, своето отворање ќе го има во четврток, 18 октомври со настапите на пијанистот Alexander Hawkins и квартетот на David Murray во придружба на Saul Williams во Македонската опера и балет, како и полноќниот концерт на Arto Lindsay и Paal Nilssen-Love во Младинскиот културен центар.

 

Александар Хокинс е широко признат како еден од најиновативните и најимагинативните британски пијанисти и композитори. Тој е самоук музичар, со огромна љубов и длабоко познавање на џез-традицијата што, заедно со класичните референци, ја пренесува во своите композиции и импровизации. Неговиот посебен, уникатен звучен универзум се обликува низ потрагата по помирување на љубовта кон слободната импровизација и длабоката фасцинација од композицијата и структурата. Покрај солистичките настапи, тој работи во широк спектар на креативни контексти, вклучувајќи ја водечката улога и компонирањето за неговиот квартет и ансамбл, во дуо со Еван Паркер, Џон Сурман, Хан Бенинк, Софија Јернберг, како и во проекти на современите музички лидери – Џо Мекфи, Ентони Брекстон, Маршал Ален, Вадада Лео Смит, Хамид Дрејк, Роб Мазурек, Матана Робертс, Шабака Хатчингс, Луис Мохоло и етио-џез пионерот Мулату Астатке. Неговите концертни ангажмани му донесоа настапи на големите клупски, концертни и фестивалски сцени низ целиот свет.

 

Кога зборуваме за Дејвид Мареј, несомнено мора да го имаме предвид неговото долго музичко патешествие: речиси и не постои музичар кој со толку страст и посветеност ги има проучувано поврзаноста и кратенките меѓу авангардата и традицијата и во тој процес стекнал уметнички профил што го прави единствен меѓу саксофонистите од неговата генерација. Како голем љубител на поезијата, која секогаш била во служба на неговата музика, тој го запознава њујоршкиот слем-поет, рапер, писател, музичар, колумнист и актер Сол Вилијамс, на погребот на нивниот заеднички пријател, врвниот поет и активист на Black Power движењето, Амири Барака. Следниот ден се среќаваат и одлучуваат да му оддадат почит на поетот, но и на пионерот на истанбулската џез сцена, неодамна починатиот Мехмет „Мемо“ Улу, којшто ги отвори вратите на Турција за експерименталниот џез преку Акбанк џез фестивалот и преку неговиот култен клуб “Babylon” во Истанбул. Така се роди проектот/албумот “Blues for Memo”, каде што фуриозната и бескомпромисна поезија на слем-поетот е вдомена во музиката на легендарниот саксофонист и неговиот квартет. Оваа алхемија функционира беспрекорно во рамките на заедничкиот политички и поетски дискурс, еднакво моќен како и нивната музикалност.

 

Роден во САД, а пораснат во Бразил, Арто Линдзи е една од најзначајните фигури на бруталната њујоршка no-wave сцена од доцните седумдесетти. Познат по својата специфична фузија на апстрактен noise, експериментален џез и елементи на бразилската tropicália, тој опстојува на крстопатот меѓу музиката и уметноста веќе четири децении. Пал Нилсен-Лав, пак, е еден од творечки најпродуктивните и најактивните норвешки музичари во последните 20 години. Со илјадници концерти и стотици снимки, тапанарот е познат по бендовите како The Thing, OffOnOff, Ballister, Hairy Bones, Chicago Tentet и Large Unit, како и по соработките со музичари како Кен Вандермарк, Џим О’Рурк, Питер Броцман, Трстон Мур, Мичијо Јаги и многу други. Арто Линдзи и Пал Нилсен-Лав првпат настапија заедно во Рио, кон почетокот на јули 2013-та година. Се сретнаа, си рекоа „здраво“ и изведоа 35-минутен крајно експлозивен сет, со мешавина на бразилски песни, вокали, бучни гитари и силни тапани коишто влегуваат и излегуваат од ритам. Следната средба се случи во музејот Гугенхајм во Њујорк, а потоа следеа настапите на фестивалите Moers, Roskilde, повторно Audio Rebel во Рио, Big Ears во Ноксвил како и бројни концерти низ Европа и светот. Нивниот прв концерт во Рио беше снимeн и издаден како албум за дискографската куќа на Нилсен-Лав, PNL records, под името “Scarcity”.

 

Билетите за првата фестивалска вечер на СЏФ можете да ги најдете во продажба во Југотон Рекордс, МКЦ и онлајн на www.mktickets.mk и www.karti.com.mk.