Осмиот МакеДокс стартува во сабота

19-25 август Куршумли-ан, Скопје

[ ]

Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс ќе се одржи од 19 до 25 август 2017 година во, и на платото пред, Куршумли-ан во Скопје. Годинава МакеДокс ќе донесе 68 филмови во петте сегменти Главна програма, Нови автори, Кратки филмови, Студентска и Детска програма и 65 фестивалски гости. Селекцијата е направена од 2.791 филмови од 120 држави од сите континенти. Тематски фестивалот ќе биде фокусиран на визуелната нарација со мото „Расприкажани слики“, следејќи ја познатата изрека „Една слика вреди илјада зборови“.

makedox_2017

Осумте документарци во Главната програма на МакеДокс, со проекции во Куршумли-ан, ќе се натпреваруваат за наградата „Кромид“ за која ќе одлучува жири во состав: Антон Калеја, Владимир Блажевски и Туе Стен Милер.
За наградата „Млад кромид“ за најдобар филм на млад автор ќе одлучува жири во состав Кристина Первила-Андерсон, Селин Мурат и Талал Дерки. За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм ќе одлучуваат Ана Јакимска, Ненад Поповиќ и Филип Велковски.
Годинава, првпат на „МакеДокс“ ќе биде доделена и награда за краток документарен филм, насловена „Сечкан кромид“, а за наградата ќе одлучуваат Ања Медвед, Катарзина Гондек и Роберто Блат.
Сите филмови што ќе бидат прикажани на „МакеДокс“ влегуваат во конкуренција за Наградата за етички идеи, за која ќе одлучува жири во состав: Анета Дучевска, Брина Вогелник и Вито Флакер.
Наградите што ќе бидат доделени на последната вечер на фестивалот се дело на академскиот скулптор Примож Селишкар.

Земја во фокус годинава е Грузија. Грузискиот филм, по мачните стагнирачки години од промената на политичкиот систем, повторно се враќа на светската филмска сцена. Со сиот сјај, знаење, талент и љубов од едни други, нови, клинци кои на најдобар можен начин го продолжуваат филмското наследство од претходните генерации. На 8. „МакеДокс“ ќе може да се проследи избор на седум најнови грузиски документарци.


 

Покрај филмската програма, на фестивалот ќе се одржат работилницата за визуелна нарација и камера „Една слика, илјада зборови“ на која предавањата од 21 до 25 август во Даутпашин амам ќе ги држат гостите Кристина Первила-Андерсон и Туе Стен Милер, како и работилницата за фотографија „Камера опскура“, која ќе ја води фотографот Сашо Н. Алушевски. Во текот на фестивалските денови ќе се одржи и втората сесија на работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“.

Ноќите под отворено небо на „МакеДокс“ ќе бидат исполнети со звукот на музиката на три врвни групи. На отворањето ќе настапат страстните и секогаш оригинални „Фолтин“. Словенечкиот ансамбл со специфичен израз „Брина“ на светската музичка мапа се проби со реаранжирање и осовременување на словенечките народни песни. Македонската група „Баклава“ ќе го пренесе раскошот на традиционалната музика со нивниот минималистички музички концепт.

Незаменлив сегмент во програмата на „МакеДокс“ се Док-муабетите под смоквата, на кои авторите, но и публиката, имаат можност одблиску да се запознаат меѓусебно. Ќе има и промоција на книгата „Социјалниот архетип во документарниот филм“ на Маријана Котевска Георгиева, но и фото-изложба со наслов „Расприкажани слики од грузиски ракурс“. Агенцијата за филм на РМ и Министерството за култура во рамките на спроведувањето на програмата „Креативна Европа“ (Култура и МЕДИА) ќе организираат промотивен настан, кој ќе се одржи на 23 август, со почеток во 11 часот, во медија-центарот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

KnigaPodSmokva

Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, МЕДИА – потпрограма на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон и Град Скопје.

Медиумски покровители на „МакеДокс“ се Првиот програмски сервис на МТВ, Телевизија 24, Нова Македонија, Слободен печат, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Канал 103, ЏезФМ, Радио МОФ, Лајф Радио, Плус Инфо, Окно, Нова ТВ веб, А1ОН, Плагиј.ат, Е-магазин, Репер, Лице в лице, Его, Калимеро, Бла Бла ТВ, Пиреј.мк, РеБорн, Види Вака, ОФФ.нет и МКД.мк.

Фестивалска карта за сите настани на МакеДокс може да се набави преку kupikartizase по цена од 1300 денари. Притоа, задолжително е да го испратите Вашето име и презиме и Ваша фотографија на festival@makedox.com најдоцна до 18 август (сабота). Со потврдата од www.kupikartizase.com Вашата карта можете да ја подигнете секој ден почнувајќи од од 19 август (сабота) во 19:30 часот на влезот на Куршумли ан.

Вечерен билет (2 проекции) во Куршумли ан – 150 ден.
Проекции пред Куршумли ан – 50 ден./филм/
Проекции во Св.Спас – бесплатно за деца, 50 ден. за родители
Сабота (19.08)- Вечерен билет за отворање на фестивалот + концерт- 500 ден/ Концерт- 300 ден
Среда (23.08)- Билет за проекции во Куршумли ан + концерт- 300 ден/ Концерт- 200 ден
Петок (25.08)- Билет за проекции во Куршумли ан + концерт- 300 ден/ Концерт- 200 ден

 

05.09.2017

  Do it Again / Holy Ghost Someone great / LCD Soundsystem Transient Program For Drums and Machinery / Soulwax Anymore / Goldfrapp Intermezzo II (Interstellar Funk Remix) ...

26.08.2017

Спојлер: Понесете си марамчиња и врзете го појасот, ве чека бура од смеа и емоции.   Мал плац на периферијата во Неготино е центарот на ...