Wadada Leo Smith, Harriet Tubman и Thurston Moore на втората фестивалска вечер на СЏФ

19 октомври 2018 МОБ МКЦ

Вечерва на програмата на 37 издание на Скопскиот џез фестивал настапуваат култниот американски трубач Wadada Leo Smith и еклектичното трио Harriet Tubman во Македонската опера и балет, додека во Младинскиот културен центар на полноќ ќе настапи легендарниот гитарист на Sonic Youth – Thusrton Moore, со свој соло настап.

 


WADADA LEO SMITH труба

 

Ишмаел Вадада Лео Смит е трубач, мултиинструменталист, композитор и импровизатор. Има компонирано музика за соло изведби, ансамбли, класичен и креативен оркестар како и за сценски перформанси. Композициите на Вадада се изведувани од неговите сопствени ансамбли, како и од други современи музички состави. Настапувал со речиси сите значајни артисти на креативната импровизаторска музичка сцена. Добитник е на многубројни награди како композитор и музичар. Неговото истражување и уметнички развој веќе педесетина години се во насока на создавање нотиран јазик и дизајнирање компатибилни системи за илустрирање на својата уметничка експресија. Вадада Лео Смит, кого многумина го сметаат за најзначајниот и најкреативниот жив џез музичар, првенствено смел трубач, а потоа и мултинструменталист и композитор, достигна нов врв во својата кариера. Критичарите на магазинот Downbeat во 2017-та година го прогласија за најдобар во три категории: џез артист, трубач и џез албум на годината (“America’s National Parks”). Скопскиот џез фестивал ја има привилегијата да биде избран како единственото место во Европа за ексклузивна премиерна концертна изведба на неговиот албум “Reflections and Meditations on Monk”, уште едно негово ремек-дело од 2017-та година.

 


BRANDON ROSS гитара, бенџо, вокал
MELVIN GIBBS електричен бас
J.T. LEWIS тапани

Harriet Tubman е музички колектив оформен во 1998-та година кога тројцата музичари ги здружија силите за да создадат бенд со значење. Насловен по храбрата афро-американска робинка што го ризикувала својот живот за да се ослободи од ропство, помагајќи им на повеќе од 300 други робови да го сторат истото, Harriet Tubman е состав длабоко инспириран од идеалите за слобода. Музиката на триото – фузија на соул, рок, џез и блуз – ја истражува длабочината на овие жанрови постигнувајќи слободен и уникатен музички израз. Самите велат дека Jimi Hendrix, Ornette Coleman и Parliament Funkadelic еднакво учествувале во создавањето на нивната музичка ДНК. Гитаристот и пејач Брендон Рос, басистот Мелвин Гибс и тапанарот Џ.Т. Луис имаат соработувано со голем број различни артисти како Касандра Вилсон, Living Colour, Лу Рид, Херби Хенкок, Хенри Тредгил, Стинг, Arrested Development, Тhe Rollins Band, Дејвид Мареј, Тони Вилијамс, Дон Пулен, Тина Тарнер, Џејмс Блад Алмер, Оливер Лејк, Мухал Ричард Абрамс, Арета Френклин, Буч Морис и многу други. Нивниот карактеристичен звук е чист и ослободен музички израз – длабока и душевна медитација на концептот за слобода, што ѝ овозможува на публиката да ја доживее музиката лишена од предрасуди во врска со стилот или жанрот. Четвртиот албум на бендот, извонредниот “Araminta”, е едно од најистакнатите изданија на 2017-та година.

 


THURSTON MOORE гитара

Трстон Мур се сели во Њујорк на осумнаесетгодишна возраст, во 1976-та година, за да свири панк. Во 1980-та ги оформува Sonic Youth. Оттогаш, тој е во првите редови на алтернативната рок-сцена, синтагма којашто беше првпат употребена за да се означи која било музика што ги предизвикуваше и се противставуваше на мејнстрим стандардите. Со Sonic Youth, Мур поттикна цела една генерација да го вреднува експериментирањето во рокенролот – од инспирирањето на Nirvana, што тогаш беа во зародиш, до албумот “Daydream Nation” на Sonic Youth, што во 2006-та година беше избран од библиотеката на Конгресот на САД за историско наследство во рамките на Националниот музички регистар. Трстон снима и настапува во низа дисциплини, движејќи се од слободни импровизации, преку акустични композиции, па сè до black/white metal/noise упади. Има соработувано со Јоко Оно, Џон Зорн, Дејвид Туп, Сесил Тејлор, Ирмин Шмит, Faust, Глен Бранка и многу други. Покрај неговите најразлични активности во музичкиот свет, тој е вклучен во издаваштво и поезија и предава креативно пишување на Универзитетот Наропа во Булдер, Колорадо, училиште основано од Ален Гинзберг и Ен Валдман во 1974-та година. Трстон, исто така, предава музика на Ритмичкиот музички конзерваториум (Rytmisk Musikkonservatorium) во Копенхаген. Во моментов работи и снима соло, со разни ансамбли, како и со својот бенд The Thurston Moore Group.