Kraftwerk, Lisa Gerrard, Lou Reed и David Bowie на Skopje Cinema City

2-3 февруари 2018 Кинотека на Македонија

Филмскиот фестивал за музички документарни филмови Skopje Cinema City ја отпочнува новата година со својот прв настан или со таканареченото Зимско издание, на кое традиционално ќе репризира дел од филмовите од претходното, премиерно издание во 2017. 

ssc18
На 2-ри и 3-ти февруари во Кинотека на Македонија, ќе имате можност да погледнете филмови чиишто проекции беа дел од третото издание на Skopje Cinema City. Зимското издание е прв од четирите филмски настани што се планирани да се случат оваа година во различни периоди – нешто што фестивалот го нарече „Четири годишни времиња“. Скопје Синема Сити, преку својата платформа и избор на документарни филмови, има за цел да претставува разни музички теми и програми кои истовремено ќе едуцираат и ќе забавуваат. Виканд програмата започнува на 2-ри февруари со филмовите:

20.00– Kraftwerk: Pop Art (60 минути) 

Крафтверк се сметаат за највлијателната група која се појавила од Германија за време на ’70-те и која изградила чиста електронска естетика што ги опфаќа сите аспекти од современиот живот. Секој албум станал концепт сам по себе, од автопатишта па до возови, од радија до компјутери. Секоја нова фаза била обележана со сосема нов имиџ и естетика, процес што оваа група ја однел во областа на кибернетиката, кога вистински роботи ги зазеле нивното место за време на настапите. Со секое издание тие привлекувале сѐ повеќе и повеќе публика, а имале директно влијание врз музиката на Дејвид Боуви, Joy Division и Африка Бамбата, а потоа и врз следните генерации на електронски музичари како Детроитската музичка сцена. Филмот „Поп Арт“ е портрет на бендот што е инспириран од нивните настапи во Тејт Модерн во 2013. Полн со архивски снимки, сведоштва на современици (Холгер Шукај од CAN), на новинарот Пол Морли, на музичари како Дерек Меј, Франсоа Кеворкиан, графичкиот дизајнер Невил Броди и др.


21.30– Лиса Жерар: Засолниште (Lisa Gerrard: Sanctuary) (90 минути) 

Филмот на Клајв Колијер „Засолниште“ е интимен портрет на вокалистката на Dead Can Dance Лиза Жерар. Снимен во 2006, филмот ја покрива сета нејзина кариера, почнувајќи од Dead Can Dance, но со голем акцент и врз нејзината соло кариера и успехот со филмска музика. Филмот ја бележи повратничката турнеја на DCD во 2005, првата откако бендот прекинува со работа во средината на ’90-те. Турнејата се одвива за време на војната во Ирак и ја бележи траумата на луѓето со кои се среќаваат за време на тие настапи.Во тој период таа го објавува и солистичкиот албум “Silver Tree”, чии песни се искористени во филмот. Покрај тоа, филмот ги прикажува нејзините креативни пристапи и емотивни состојби. Ако нешто ја обележило нејзината солистичка кариера, тогаш тоа е успехот со филмската музика или како автор или како соработник. Нејзиниот карактеристичен начин на пеење е искористен од познати холивудски композитори како Ханс Цимер и Грејам Ревел и нејзиниот глас може да се чуе во филмови како „Гладијатор,“ „Инсајдер“и „Али“. Во филмот учествуваат нејзини бројни соработници и пријатели од композиторите Ханс Цимер и Грејам Ревел, глумецот Расел Кроу, режисерите Ридли Скот, Мајкл Ман и Ники Каро.

На 3-ти февруари ќе се прикажат филмовите:

20.00 – Во сеќавање на Лу Рид (Remembering Lou Reed) (60 минути) 

Снимен набргу по смртта на Лу Рид во 2013, филмот е приказ на шарениот и турбулентен живот на еден од најоригиналните ликови од светот на рокенролот. Со помош на негови пријатели, музичари соработници, критичари и тие кои биле инспирирани не само од неговата музика туку и од неговите контрадикторни ставови и однесување, филмот прикажува како Рид не само што дал свој голем придонес кон музиката што ја карактеризирала секоја декада од ’60-те па наваму, туку и придонел во создавањето на вистинска алтернативна и независна рок-сцена. Паралелно на тоа, неговите стихови и музика послужиле како саундтрак за градот Њујорк, а Лу бил негов урбан поет. Во филмот учествуваат продуцентот Боб Езрин, фотографот Мик Рок, писателот Пол Остер, музичари како Лени Кеј, Турстон Мур, и многу други.


21.30 – Дејвид Боуви на БиБиСи (David Bowie at the BBC) (60 минути) 

Дејвид Боуви на Би-би-си“ е портрет на животот и музиката на Дејвид Боуви преку негови изјави, интервјуа и гостувања во емисиите на британскиот сервис Би-би-си, вклучувајќи и многу негови настапи во живо во студијата и емисиите на овој медиум. Филмот почнува од неговите најрани сеќавања со неговото семејство и најраните видеоснимки, па сѐ до последната фаза од неговиот живот со изданието Blackstar и реакцијата на луѓето за неговата смрт.



Картите ќе може да ги купите на билетарницата во Кинотека на Македонија. Резервациите ќе може да се направат од 16-19 часот на тел: 02 306 5968.