Електро-пионерот Anthony Rother вечер на полноќ со DJ сет во Епицентар

25/11/2017 Епицентар 23:59

Респектабилниот германски електро-продуцент и пионер на жанрот – Anthony Rother вечерва на полноќ во клубот Епицентар за скопската публика ќе презентира ексклузивен клупски electro-house сет.

AR@E

Името на Anthony Rother и е добро познато на скопската публика како миленик на постарата, но и откровение на помладата. Сепак, неизбежно е да не се навратиме барем малку на неговите „почетоци“ во 90-те години, кога со своето умешно спојување на ледените басови со синтови го враќа во живот звукот на nu-electro музиката. Започнува со продуцирање во 1988, а неговите две најпознати изданија “Sex With The Machines” (1997) и “Simulationszeitalter” (2000) го издигнуваат неговото име на германската електро сцена. Уште во почетокот на својата кариера се наметнува како копродуцент и ремиксер на изданијата на Sven Väth, DJ Hell, Nena, Tiefschwarz, Ellen Allien, Thomas Schumacher и AUX-88. Оттогаш па наваму, Rother успева да експериментира со скоро сите музички жанрови спојувајќи ги, како никој друг дотогаш, во една динамична звучна димензија. Во 1998 година ја основа својата издавачка куќа “Psi49Net” пред да се етаблира на меѓународната електро сцена со електро-поп проектот “Little Computer People” во 2001 и албумот “Hacker” (2002).

Вечерва во Епицентар локална поддршка ќе пружи еден од најуспешните македонски автори и продуценти – Мирко Попов [PMG Recordings].

Влезниците за настапот на Anthony Rother се 400 денари, додека по 1:00 влезниците ќе чинат 500 денари.