Меѓународна ПИН музичка конференција во Скопје

29 ноември – 1 декември 2018 МКЦ Скопје

Во одбележувањето на големиот јубилеј на Таксират фестивал кој годинава го прославува своето 20-то издание нè очекува и новото издание на ПИН музичката конференција. Првата и единствена кај нас меѓународна музичка конференција и шоукејс фестивал годинава ќе се одржи по петти пат, од 29-ти ноември до 1-ви декември, а токму со овој настан во Младинскиот Културен Центар во Скопје официјално ќе биде отворена програмата за славеничките „Денови на Таксират #20“.

 

p2018

ПИН, како еден од најзначајните проекти во кој Таксират и Пасворд Продакшн го вложуваат сиот свој капацитет, меѓународните искуства и успеси, е настан кој во државава ги собира сите најрелевантни имиња од европската музичка индустрија во тридневна програма на која се презентираат и дискутираат актуелните теми од музичкиот бизнис, а која во концертната програма ги претставува новите таленти и најпотенцијални музички изведувачи од различни земји.

Конференцијата и годинава ќе пречека стотина значајни, актуелни гости и музички дејци од цела Европа, претставници на најголемите европски фестивали, музичари, промотори, музички агенти, менаџери, новинари и професионалци во областа на музичката и културната промоција. Со извонредно богата програма, ПИН конференцијата ги става во фокусот темите поврзани со македонската и европската музичка сцена, музичката продукција, алтернативната култура, поврзаноста на музиката и политиката, авторските права, „направи сам“ пристапот, фестивалите, медиумите, трендовите од областа. И сето тоа со цел, конечно да внесеме свежи идеи во македонската музичка и креативна индустрија, да ги здружиме сите засегнати страни, оние кои сакаат да бидат дел од неа и оние кои знаат како функционира оваа индустрија во меѓународни рамки, да помогнеме во размена на идеи и искуства, меѓусебно поврзување и соработка на луѓето кои својот животен повик го откриваат во музиката и уметноста.

И веројатно најважно за посетителите, целосната програма на ПИН музичката конференција и оваа година ќе се одржува со бесплатен влез, но поради ограничениот капацитет, со задолжителна претходна регистрација на овој линк.

Во фестивалскиот дел пак, односно музичката шоукејс програма која се одвива во вечерните часови, ПИН во исклучително квалитетна селекција пред македонската публика ќе ги претстави концертите на повеќе од 20 музички изведувачи од Македонија и Европа, а веќе се потврдени настапите на голем дел од музичките гости па во оваа листа годинава се запишуваат: ГОРАН ТРАЈКОСКИ, EGORYTHMIA, SPIRIT ARCHITECT, MODUAL и ДУПЕР од Македонија, YA-NECK од Полска, LABESS од Франција, KATJA ŠULC и DARLA SMOKING од Словенија, ŽEN од Хрватска, PIPES AND PINTS од Чешка, VERA JONAS EXPERIMENT од Унгарија, LEYYA и CARI CARI од Австрија, RUTH KOLEVA од Бугарија, ANA & THE CHANGES од Србија, ANTIKVARINIAI KAŠPIROVSKIO DANTYS од Литванија и други кои наскоро ќе бидат објавени.
Регистрирајте го вашето учество на ПИН 2018 што поскоро и во меѓувреме за сите информации и деталите од програмата, следете ја официјалната страница: www.pinconference.mk

Покрај ПИН, во програмата на финалните „Денови на ТАКСИРАТ 20“ кои ќе се одржуваат од 29-ти ноември па сѐ до 8-ми декември, секојдневно нè очекуваат различни настани од кои веќе се најавени театарско-сценскиот перформанс на РАМБО АМАДЕУС – „Вечер на гломазна поезија“ на 3-ти декември, концертот на AT THE GATES на 4-ти декември и ЛУЗЕР ФЕСТ на 7-ми декември во МКЦ Скопје.

Главната вечер на Таксират годинава ќе се одржи на 8-ми декември во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, а веќе е потврден првиот гостин за завршницата на големата прослава, и тоа Mando Diao, славниот шведски инди-рок бенд кој прв пат ќе гостува со концерт во Македонија! Од денеска започна и продажбата на билетите за оваа вечер на ТАКСИРАТ #20, со првата најповолна цена од само 500 денари. Овие билети се достапни само во ограничен број и преку продажната мрежа на МкТикетс.