„Прво па женско“ по шести пат

3-6 мај 2018 МКЦ Скопје

[ ]

„6 часа работа, 6 часа култура, 6 часа активизам, 6 часа одмор“ е застапувачки предзнак на шестото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ кој оваа година ќе се одржи од 3-ти до 6-мај во Младинскиот културен центар во Скопје.

ppz6

Унапредувањето на работничките права на жените, вреднувањето на неплатениот домашен труд на нашите сограѓанки, изнаоѓањето начини за свесно давање отпор на современите и некогашни облици на експлоатација и девалвирањето на трудот и достоинството, се прашања кои го оформуваат тематскиот фокус на овогодинешниот фестивал. „Прво па женско“ оваа година ќе биде домаќинка на гости кои размислуваат за овие суштински прашања.

Фестивалот стартува на 3-ти мај во 12 часот на платото пред МКЦ со Дискурзивна програма
со разговори помеѓу жени со исти интереси и заложби. Се прашуваат едни со други и изнаоѓаат заеднички позиции за делување. За женската солидарност и социјалното претприемништво ќе говорат: Драгана Каровска Чемерска (H.E.R.A.) и Јелена Вишњиќ (BeFem). За текстилните работнички: Кристина Ампева (Гласен Текстилец) и Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика. За сексуалните работнички: Наташа Бошкова (Коалиција Маргини) и Јасминка Ангелова од Министерство за внатрешни работи.

Официјалното отворање на фестивалот е во 21 часот во Кино Фросина со изложбата Ćemo, ćemo… ja, ma kako ćemo?! на Божена Кончиќ Бадурина, Дуга Мавринац. Авторките на амбиенталната инсталација го актуелизираат прашањето за неплатениот домашен труд. Презентираната содржина произлегува од заедничкото етнографско истражување на работата на хрватските негувателки на стари и изнемоштени лица во Италија, и ја актуелизира и проблематизира невидливоста на работничките во домот во секојдневниот и јавниот говор, особено нивната незаштитеност во институционални рамки.
Следува изложбата „Куварици“ на NEpraktične žeNE која ги здружува женските, машките и останатите верзии на везени „Нови куварици“. Кувариците на НПЖ се изложуваат како на жици за пружање алишта, на улични акции, селски панаѓури, така и во училишта и пензионерски домови, како на активистички собири и протести така и во светски галерии, музеи и саеми за дизајн.

Во 21:30 на платото пред МКЦ неформалната група ЛезФем традиционално ја зазема сцената на „Прво па женско“ со веќе добро познатиот ЛезФем поетски слем. Пишувањето, споделувањето и славењето на женската поезија е нашиот чин на градење нови, слободни простори и реалности. Очекувајте едночасовен оган на подиумот предизвикан од моќни, гласни, љубовни, квир, борбени и провокативни стихови од женските гласови на градот.

На 4-ти мај во 19 часот во Кино Култура ќе се одржи предавањето „Уметничките институции и еднаквоста во собирите“ на Бојана Кунст. Во своето предавање, Кунст ќе се фокусира на нападите врз уметничките институции, претстави, изведувачки фестивали и други уметнички настани, поврзани со порастот на популизмот и национализмот во Европа.

ppz6up

Во 21 часот во Кино Фросина следува претставата „Кралици“. „Кралици“ на Дарко Лукиќ на повеќе полиња и со различни жанровски предзнаци ги промислува проблемите на шовинизмот, војната, достоинството на интелектуалецот, пријателството, љубовта, духовноста… и прашањето што се е подготвен човекот да направи за да преживее?. Во 22:30 ба платото пред МКЦ DJ сет на Ивана Драгшиќ.

ppz6ba

На 5-ти мај во 19 часот во Кино Фросина предавање/перформанс „NEpraktične žeNE“ кои ги претставуваат своите дела низ обичен кујнски разговор: од еден до друг вез, нижат приказни за причините на тие мали побуни на запишување на вистината и нејзино јавно искажување. Некаде тоа се нарекува трач-седенка, некаде предавање-перформанс, некаде kaffeeklasch. Секако – дојди да ти кажам искрено.

Во 20 часот во Кино Фросина е филмската програма со проекцијата на “Сонување во капитализам” на Софи Бруне. Дванаесет луѓе се навраќаат на своите соништа поврзани со работата и се обидуваат да го толкуваат нивното значење. Овие измачени души на поетски и политички начин го опишуваат своето лично страдање на работното место. Сонувачите и нивните соништа полека го разоткриваат светот во кој доминира неолибералниот капитализам.

 

Во 22 часот на платото пред МКЦ се концертните настапи на Фосфен од Битола, DIVES од Австрија и Replicᴜnts од Србија.



 

На 6-ти мај во 13 часот на платото пред МКЦ е „Базар“, слободен простор за презентација на возбудливите ракотворби на омилените домашни креативци на „Прво па женско“, а во 13 часот DJ сетовите на Јана, Мартина и Роберта.
Во 15 часот на платото пред МКЦ е кулинарската изложба „Неделниот ручек како репродуктивен труд“. Оваа изложба има за цел да го потврди аргументот на некои феминистики дека непродуктивниот труд е подеднакво важен како и продуктивниот труд, кој во капиталистичките социјални односи може да се комодификува и монетизира. На публиката ќе и биде послужен комплетен неделен ручек, презентиран не само како уметничко дело, туку и како производ на нечиj труд кој има сопствена вредност.

Во 17 часот на платото пред МКЦ следува работилница за деца „Почетен курс за бунтовници“ и промоција на книгата „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња”. Целта е поттикнување на работа во група, солидарност и соработка без разлика на родова припадност, развој на фантазијата и креативноста, и освестување на важноста на создавањето на еднаков свет за сите. Инспирацијата доаѓа од првото издание на македонски јазик на книгата „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ која својата промоција ја има токму на „Прво па женско“.

Во 20 часот во Кино Фросина е перформансот „Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“ на Биљана Тануровска Ќулавковски и Ивана Васева. Недостатокот од работни услови кој продуцира непостојан, несигурен или прекаријатен начин на работа и постојаната преокупација со професионалните ангажмани е една од главните теми на овој специфичен перформанс кој има за цел да ги нагласи и истакне условите и контекстот во кој работат самостојните културни работници.

ppz6an

Финалето на фестивалот е во 21:30 часот во Денсинг салата на МКЦ со концертниот настап на Akua Naru, американска пејачка со светско реноме и една од водечките женски џез хип-хоп вокали. Себе си се опишува како политичка хип-хоп уметница и активистка. Нејзиниот звук го споредуваат со flow-то на Раким, поетиката на Лорин Хил и, конечно, во единствената моќ да говори во име на афро-американките, со Нина Симон. Акуа храбро јо комбинира „новата“ и „старата“ школа, бранејќи ги своите ставови со уникатни метафори.
Акуа Нару зад себе има три албуми, „The Journey Aflame“, „Live and Aflame Sessions“, „The Miner’s Canary“, како и ширум светот познатите хитови „Poetry: How Does It Feel?“ и „The world is listening“. Со објавувањето на деби-албумот „…The Journey Aflame“, Нару се позиционираше на музичката сцена како пример на тоа што жените можат да бидат во хип-хоп музиката. За овој албум пишуваа многумина познати хип-хоп критичари, од Њујорк до Москва. Синглот „The World Is Listening“, продуциран заедно со JR & PH7, набрзо се најде на првото место на листата на американското колеџ радио, се вртеше по радио станиците во Франција и Германија и се продаваше по продавниците за плочи од Париз до Токио… дефинитивно светот го слушаше „…The Journey Aflame“. Со продукција на која се потпишаа некои од најважните имиња на германскиот хип-хоп, како продукциската куќа TheDrumkidz, JR & PH7, 7inch и други, албумот го заслужи своето место во хип-хоп историјата, а Нару покажа дека нејзиниот пат не само што се вивна во врвовите, туку допрва блеснува во сиот свој сјај. Со својот препознатлив бум бап хип-хоп звук, општествено разбудените рими и џез-соул елементи, Нару го привлече вниманието и доби многу охрабрувачки критики. Во својата кариера има настапувано со Тони Ален, тапанарот на Фела Кути, хип хоп групата „The Lords of The Underground“, со Вакс Тејлор, Анџелик Киџо, „Questlove” од „Д Рутс“ (The Roots) и т.н. Ја споредуваат со хип-хоп ерата од 90-тите, нејзиниот музички и поетски талент високо го ценат еминентни хип-хоп критичари, а нејзините настапи во живо се жестоки и незаборавни. Настапува придружувана од бендот „Д Дигфло“ (The DIGFLO), ансамбл со шест членови на удиралки, клавијатури, саксофон/флејта, бас, гитара и миксер. Акуа Нару и нејзиниот бенд навистина ја заробуваат, ја инспирираат и покренуваат публиката. Јасно е, музиката и настапот на Акуа Нару се тестамент за наследството на соул музиката и на моќните жени во музиката воопшто.

 

13.07.2018

Рускиот академско-младински театар од Москва, улоги: Илја Исаев, Денис Шведов, Андреј Сипин, Рамилја Искандер, Александар Доронин   Третиот дел од оваа епохална сага на Том ...

11.07.2018

Оној кој го читал Господинов, го сака Господинов. Оној кој ја читал неговата „Физика на тагата”, е вљубен во романот. Оној кој ја гледал „Физика ...