„Вечер на гломазна поезија“ на Рамбо Амадеус на Таксират

3 декември 2018 МКЦ Фросина

[ ]

Годинава во рамките на 20-иот Таксират фестивал, еден од најавтентичните автори во регионов, Рамбо Амадеус пред македонската публика конечно ќе го претстави неговиот веќе славен театарско-сценски перформанс „Вечер на гломазна поезија“ кој ќе се одржи на 3-ти декември во киното „Фросина“ во Младинскиот Културен Центар во Скопје.

vgm

Популарниот музичар и мултимедијален уметник Антоније Пушиќ повеќе познат како Рамбо Амадеус во овој уникатен проект ја претставува својата поезија во придружба на клавирскиот маестро Иван Алексијевиќ – Панчевац. Со ова гостување, македонската публика за прв пат ќе има прилика да ужива во театарско-сценската програма со трагикомична содржина, која претставува комбинација на неговата експресивна, метафорична, духовита и саркастична поезија, проза и филозофија, а со која тој веќе неколку години гостува ширум регионот и Европа, предизвикувајќи помешани чувства кај публиката која возвраќа со налети на смеа, скандирање, громогласни аплаузи, но и тага и загриженост.
Важејќи за еден од најоригиналните музичари на Балканот, Рамбо Амадеус со својот израз секогаш бил многу близок до театарската форма, а „Вечер на гломазна поезија“ тој самиот ја опишува како „единствена претстава која на лаконски, сликовит и непретенциозен начин го сецира општеството и поединецот кој се обидува да опстане во него и да го пронајде своето парче среќа“. Имено, тој со клавирската придружба на извонредниот Иван Алексијевиќ, ги чита, рецитира, прераскажува и модифицира „најгломазните“ текстови од својот голем опус, постојано восхитувајќи ја публиката со која воедно негува посебен однос во овој перформанс.
Атмосферата на „Вечер на гломазна поезија“, како што објаснува самиот Рамбо, е најблиска до она што денеска се нарекува стенд-ап комедија, „но е сепак малку е поизопачена и попрво би се кажало дека тоа е стенд-ап трагикомедија“!
„Вечер на гломазна поезија“ (Veče glomazne poezije) гостуваше ширум регионот, а неодамна оваа претстава ја погледна и публиката во Европа. Перформансот егзистира веќе неколку години, а овој декември во организација на „Пасворд Продакшн“ на Таксират #20, конечно пристигнува и пред македонските фанови на извонредниот и секогаш уникатен Рамбо Амадеус.
Таксират фестивал веќе го започна одбележувањето на својот голем јубилеј, а кон крајот на оваа година нѐ очекуваат и финалните денови со официјалната програма на 20-тата едиција во Скопје, во чии рамки на 3-ти декември ќе се одржи и овој ексклузивен настан.
Билетите за „Вечер на гломазна поезија“ се веќе пуштени во продажба и во многу лимитиран број можат да се купат преку продажната мрежа на МкТикест по цена од 500 денари.
Почетокот на претставата е закажан во 20:30 часот.

 

Го презентираме Куманово насекаде
интервју со Филип Михајловски од Khara

18.09.2018

  Khara – од каде името за групата, значењето/потеклото? Според монголската митологија, Кара е името на првиот шаман, што враќал мртви луѓе во живот. Приказната ...

16.09.2018

На 6 септември во клубот „Ла Кања“ во старата скопска чаршија низ слушачка промоција ни беше претставено новото чедо на Давид Ангелевски пророчки насловено „Бела ...