EXIT, фестивал кој ве одржува млади и слободни

Бевме на EXIT кој оваа година го славеше 15- от роденден. По што се разликува EXIT од останатите фестивали и зошто треба да се посети?

Често се прашувам која е причината зошто луѓето посетуваат големи музички фестивали. Отидете на EXIT и ќе го добиете најточниот одговор. Јас бев оваа година за првпат. И да, го имам мојот одговор. Ова е текст за фестивалот  кој ве прави млади и слободни.

Пред точно 15 години во универзитетскиот парк во Нови Сад, група студенти кои не сакале да се помират со изолацијата на нивната земја и со режимот на Милошевиќ, иницираше журка која со годините прерасна во еден од најголемите фестивали во Европа. EXIT настана како дел од студентските протести, а неговите средства за комуникација беа музика, филм, театар, перформанси, изложби, предавања и дебати. Денес EXIT преставува еден од најзначајните музички фестивали воопшто кој го промени не само Нови Сад, туку и Србија и целиот регион. Организаторите со гордост кажуваат дека токму EXIT ја има воведено фестивалската култура на овие простори и прв ја отворил вратата за странските фестивалски туристи. Посебно важен сегмент од дејствувањето на EXIT е вкоренет во причините на неговото настанување, а тоа е општествениот активизам. EXIT во овие 15 фестивалски години и 20 години активизам има реализирано повеќе општествено корисни кампањи меѓу кои се издвојуваат кампањата за укинување на визите која одигра голема улога што беше потенцирано и од Оли Рен, тогашниот амбасадор за проширување на ЕУ, потоа кампањата против трговија на луѓе која се спроведуваше во партнерство со музичката телевизија MTV, а минатата година на хуманитарната журка се собраа над 100.000 евра помош за загрозените од катастрофалните поплави кои ги погодија Србија и другите балкански земји.

EaglesOfDeathMetal@Exit Goldie@Exit Hardwell@Exit ManuChao@Exit Motorhead@Exit NapalmDeath@Exit RoniSize@ExitEXIT е излегување токму на она место кое длабоко во себе најмногу го посакувате

 

На фестивалот досега настапувале голем број на познати светски имиња од типот на Red Hot Chili Peppers, Prodigy, Beastie Boys, White Stripes итн, но карактеристика на  овој фестивал е што тој нуди можност за настап и на нови и неафирмирани имиња.

Оваа година на фестивалот учествуваа преку 400 бендови и DJ-и на вкупно 15 сцени. На главната бина настапуваа најпознатите имиња како Manu Chao, Motorhead, Eagles of Dead Metal, Roni Size, Goldie, Faithless, Emilie Sande, John Newman но и Душко Гојковиќ & Биг Банд на РТС, DJ Vadim, Dirtyphonics, Hudson Mohawke итн. Програмата на Dance Arena воглавно се состоеше од настапи на популарни DJ-и ( Hardwell, Adam Beyer, Tale of Us..),  но тука беше и настапот во живо на Leftfield.  Експлозив сцената пак беше окупирана од метал фанови затоа што таму можеа да се видат некои од култните имиња на оваа сцена, како Napalm Death на пример. На Fusion stage-от, како што кажува и самото име, настапуваа бендови кои припаѓаа на сосема различни сцени пред сé од регионот, па тука можеше да се сретне и најшарена публика. Тука се случи и еден од најдобрите концерти на Канда Коџа и Небојша. “Бателете ги политичарите. Треба ние луѓето да бидеме толерантни едни спрема други, да патуваме. Да, патувајте луѓе, среќавајте нови луѓе и култури затоа што само така можеме да бидеме толерантни и да имаме љубов. А љубовта е најважна” – Оливер Нектаријевиќ, ККН.

Оние кои слушаат транс беа на Gaia Trance Stage. Почитувачите на Боб Марли имаа на располагање прекрасна широка ливада со бина за реге настапувачи. За оние кои сакаат латино, chill out или пак да ги пробаат своите пејачки способности и караоке афинитети исто така имаше посебни бини. Секој ден се организираа панел дискусии и дебати на актуелни теми, како активизам, легализација на канабис, одлив на мозоци итн. Во склоп на фестивалот се одигра и театарската претстава  “Дух који хода” во режија на  нашиот Александар Поповски,  текст на Дејан Дуковски, а во изведба на Српско Народно Позориште. Како што можете да забележите прилично обемна и шарена програма.

Но, дали само програмата е причина за да се посети EXIT?  Да ве потсетам, клучното прашање со кое занимава овој текст е  – по што се разликува EXIT од останатите фестивали и зошто треба да се посети?

Е па вака. Сите ние одиме на фестивали заради повеќе причини, но верувам дека двете главни причини за повеќето луѓе се бендовите кои настапуваат односно програмата и добрата забава или атмосфера на фестивалот.

За мене EXIT е фестивал со уникатна атмосфера и неверојатно добра забава. Таква енергија, позитивни и среќни лица, љубов на сите страни ретко каде сум доживеал а сум посетил прилично голем број  фестивали во Европа и пошироко. Токму тоа е предноста на EXIT. Чувството дека сте добредојдени, почитувани и сакани ќе го почувствувате уште првиот ден. Тоа пак ќе создаде дополнително чувство дека сте слободни како никогаш претходно и полни со енергија за да останете до изгрејсонце со новите пријатели.  Сите се тука за да се забавуваат, сакаат и да ги заборават своите секојдневни грижи и проблеми.  И тинејџери но и возрасни луѓе далеку над 50-тата. Ако кон тоа се погодат и вашите омилени бендови, а веројатноста е огромна затоа што има преку 400 изведувачи, тогаш верувам дека никогаш нема да го напуштите. EXIT е излегување токму на она место кое длабоко во себе најмногу го посакувате. А одењето на такви места ве ослободува, ве прави слободни и одржува млади.

Ова година бев првпат на EXIT  и веќе ми е жал зошто не сум бил претходно. Се надевам и планирам да не биде последен. И како што кажа Леми од Моторхеад на настапот на главната бина – “Кој ќе дочека уште 40 години колку што планираме да свириме покрај овие 30 колку што веќе свириме” така и јас велам, кој ќе дочека уште 40 години колку што планирам да го посетувам EXIT затоа што ме одржува млад и слободен.  Да ни е жив и вечен EXIT за да сме живи, млади, слободни и ние кои ќе го посетуваме.

 

Кога денот немаше име
режија: Теона Стругар Митевска

10.10.2017

Изминативе денови се крена многу врева и прав околу новото остварување на Теона Митевска, „Кога денот немаше име“. Како фино маркетиншко надоврзување на фокусот врз ...

Истребувач 2049 | Blade runner 2049
режија: Denis Villeneuve

07.10.2017

Еден ден по најдолго исчекуваната премиера во мојот живот седнувам пред компјутерот, го пуштам на Јутјуб саундтракот од филмот за да ме понесе атмосферата на ...