Концерт на Morrissey во мојот град

M1

Кога си чувствителен млад човек, песните на The Smiths и лириката на Morrissey имаат неверојатен потенцијал да ти го спасат животот, но и да те фрлат во понекоја незгода. Моите тинејџерски години (втора половина на 80-тите) беа токму под силна импресија на продорниот лиричар Morrissey, а неговите зборови претставуваа нежна но густа обвивка, која ме бранеше од грубоста на надворешниот свет. Сепак, тоа што слушавме Смитс и носевме жолти рози по џепови во доцните 80-ти во Скопје знаеше да биде причина и за презир, па и по некој нокаут од „нормалното“ мнозинство. Сепак, работите се менуваат и само за неполни 3 децении подоцна, „нормалното“ мнозинство го исполни СРЦ Кале до последниот кубик здив, за да го поздрави настапот (прв таков во историјата) на господинот Steven Patrick Morrissey.

Дека работите се менуваат на подобро, се почувствува уште при самата најава на концертот од страна на агилните Авалон. Една пријатна еуфорија (помеѓу две дневно-политички гомненици) го обзема фејзбук и веднаш стана јасно дека Скопје е многу подобро информиран град од било кога досега. Навистина беше охрабрувачки да се биде дел од реката луѓе која се слева кон Кале. Мошне солидна организација, одличен стејџ, добар звук, луѓе дотерани во празнично расположение. Очигледно присуство на “старо Скопје” и дотерани луѓе, ете Morrissey веќе не е „сопственост“ на опскурна андерграунд екипа со рози по џепови. Уште подобро!

Morrissey на сцена го пратат 2 гитари (понекогаш 3), бас, тапани, синтисајзер, армоника и труба. Претпоставувам тој и неговата продукција го доживуваат тоа како апгрејд на сировиот, автентичен инди рок на The Smiths. Јас пак, неговиот оркестар го доживеав како класичен пратечки бенд, кој во вкупниот микс звучи како една маса, а вокалот на Morrissey е посебно смиксан за да доминира во општата звучна слика. На крајот на денот тоа е и сосем логично, тој е ѕвездата со речиси 30-годишна соло кариера, но проблемот од недостаток на cutting edge во звукот станува преочигледен кога доаѓаат на ред тие неколку The Smiths класики. Ниту трага од енергијата на генијалните гитарски солуции на Johnny Marr, па и покрај силните реакции на публиката, моето приватно ежење и наизуст пеење на песните, морам да забележам дека ова е повеќе кабаретско, отколку бендовско искуство. Сепак, никој не може да им ја одземе професионалноста и искрената предаденост, со кои овие луѓе пристапија и ги отсвиреа овиe 90 прекрасни концертни минути. Освен споменатите The Smiths класики и 2-3 од неговите најголеми соло хитови (Suedehead, Every Day is Like Sunday, морам да споменам дека и тие се од периодот на крајот на 80-тите), Morrissey се држеше до материјалот од последните неколку албуми, во што гледам 2 проблема: првиот е што поновиот материјал е авторски најслабиот дел од неговата кариера, а ако ги проанализираме песните, ќе забележиме дека повеќето од нив се паметни, но не така добри варијанти на The Smiths песните. Вториот проблем е фактот што кога прв пат доаѓаш во место како Скопје, логично е да дадеш понекој екстра хит, што и му беше прокоментирано како слабост помеѓу редовите. Сепак, ја почитувам потребата на музичарот да се потпре на новиот материјал, во кој случај ќе морам да забележам дека изостана можеби најдобрата песна која ја напишал во последниве 20 години – Earth is the Loneliest Planet. Она што мене на одреден начин пријатно ме изненади, е дека имаше деца кои ги знаеа и наизуст ги пееа песните од последниот негов период. Убаво е да се види младина на која ѝ значи да проникне подлабоко во суштината на музиката која ја слушаат. Не знам дали се сеќавате, но мене токму тоа ми го спаси животот :)

И покрај тоа што за мене (а и за многу други real time фанови) овој концерт дојде доста доцна во животот, вистински уживав во самата помисла дека се наоѓам на концерт на Morrissey и тоа во мојот град. Нештото незамисливо кога јас бев тинејџер, за денешните тинејџери на тацна со посредство на Авалон, чија добра работа ја поздравувам и ги повикувам да продолжат со носење на квалитетни музички артисти. Вистинска животна победа е да се види овој речиси шеесетгодишен човек во добра форма, како физичка, така и пејачка, особено по надминувањето на здравствените проблеми (рак). Сé уште е тој истиот, кршлив но истраен во своите силни ставови кои сé уште брутално ги соопштува преку своите настапи (па и истапи), па сепак подготвен да подаде искрена пријателска рака преку својата прекрасна лирика и присуство полно со љубов.

 

Гогита и Мака – трезвена грузиска романса на свежа августовска македоксовска вечер
кон документарниот филм „Новиот живот на Гогита“

23.08.2017

Во едно сакартвелско зафрлено место се испреплетуваат приказните за животот после децениски престој во затвор, за важноста на семејството, виртуелните врски и нивното преминување во „вистинскиот” ...

[рецензија] War for the Planet of the Apes
режија: Matt Reeves

12.08.2017

Еден ден Andy Serkis (Gollum, King Kong) ќе биде номиниран за Оскар. Се надевам дека тоа ќе се случи токму за улогата на Цезар во ...