Подобро со пари во пеколот отколку бес пари во рајот

Никола излезе од една тесна шахта, сиот испоганет и со чудно, скоро болно чувство во умот. Му беа потребни цели тринаесет минути да ја истресе прашината и калта од себе, озгора на сé имаше некакви ситни паразити и пијавици исполепени по целото тело, полжави и црвја, тоалетни хартии, гнасни пусулчиња, кал, остатоци од расфрлена храна. Надвор го чекаше Каљчо, еден ситен надгледник кој за цело време како во бунило редеше милион непотребни информации, те за времето, те за некаква нова технологија, апокалиптични прегледи и состојби кои укажувале на последните дни на планетата. Никола пак беше единствениот што можеше да ги лоцира проблемите во тесните шахти долж градот, секогаш го викаа кога имаше некој поголем дефект или поплава во која тој нуркаше додека не го реши проблемот, а овој му стоеше над глава ломотејќи непрестано.

saht

Каљчо Зорлев, дипломиран машински инженер во класата на Митре Сувоганов, пронаоѓачот на моторот на бобинки. Го викаа така бидејќи за сето време го наоѓаа пијан по ходниците на Машинскиот факултет, всушност беше најелитниот дегустатор на ракија од бобинки, во продолжение со урнебес салата тој се претвораше во чувствителен хипопотамус, хомосапиенс-ж`битикус. Скоро секогаш влегуваше во полемика со остатокот од студентите и тврдеше дека парната машина никогаш не била измислена, таа за сето време постоела, исто како и остатокот од пронајдоците, Исак Њутн бил мизанген-геј, сите што се занимавале со некаква духовност за него биле сакатати луѓе. Не постои Бог, им велел на насобраните студенти кои едвај се додржувале да не прснат од смеа, не поради искажаниот факт туку поради неколкуте долги влакна што професорот ги растел за да ја покрие келата, изгледал како некаков битлс на амфетамини потопен во етилен.

„Подобро е да бидеш бес пари во рајот отколку со пари пеколот!“ Каљчо зафрли една мисла додека загрижениот Никола ги четкаше чевлите. Се појави и Садик записничарот да ги запише поправките што беа извршени. Садик со намуртен израз започна да прави анализа и проекција за вентилите и отпустите, квалитетот на вентилите му бил доста сомнителен во последно време, за него тоа било добро, бидејќи ќе имало повеќе работа. Повеќе работа значи повеќе пари, скокна од радост Каљчо. Никола шмркна на глас. На десната раката имаше една отворена рана од која што зјаеше една корупка со гримизна боја, другата му беше сосема натечена бидејќи сите операции мораше да ги изведува со неа. Ниту сам не знаеше што работи и зошто работи, можеби да го победи разумот, логиката на нештата, или за сите оние луѓе кои што останаа да се мавтаат во пензионерската Македонија, за да не изгуби надеж дека еден ден ќе се соочи со крајот и за да не го прогласат како несносен лудак. Како што го убедуваше мајка му секое утро: „Џабе работи-џабе не седи“. Инаку тој во меѓувреме пишуваше афоризми за Коза Ностра или Остен, понекогаш оставаше коментари по страниците на дневниот печат. Исклучиво е паметен, забележа Осман за него. „Но што ти вреди кога немаш г`з, мислев кога не си со сите овие: ДП-СД…“ Хе-хе. Погледај како живее Каљчо? Цел ден ти стои на глава и забошотува. Денеска не чини ниту една професија во земјава, да си доктор ќе пукаат во тебе, ако си работник секојдневно ќе ти го сецкаат животот, уметник?! Подобро би минал како циган-азилант, со неколку деца и ете во Европа си. Што не се ожениш бе, или тргни во Авганистан како оној како го викаа Мали, Мале? Добив информација дека преку Добре чистачот ги регрутирале како некакви заморци, првин ги фаќале за јајцата за да видат дали имале кила, а потоа детално ги нумерирале и ги означувале со поединости и класификации, знаеш она: возраст, вера, раса, пол и после цел еден месец оп… Ја знаеш онаа србскана: „Ко ради избезумљен је од глади!“.


– Оп?! Нешто ми е позната поговоркава? Никола сневеселено запали цигара, па допре жарот за да не му падне на земја.
– Е, де. Оп и 2000 долари плата, па после се враќаш тука и отвараш бизнис некој, знаеш она „Македонина Наработува!“ дуинг Биз-Никс! Ха-ха-ха! Ха-ха-ха!
– Ххххх….Процеди Каљчо, од ушите ми излегуваа букети од влакна, како на цветен пазар главата му наликуваше регенерирано како да ја подмачкувал со арско ѓубре, а на мигови на површината од носните окна му се излеваа зеленкасти лави, наутро беше поприлично ладно, па тој за сето време ќе го забришеше носот со едниот крај од шалот.
– Каљчо тебе многу те сакаат жените, изгледа?
– Зошто? Да, па добивам 30000 илјади месечно за пет дена работа во месецот, К15, зимски, летен одмор… Зошто да не ме сакаат? Подобро е отколку да пишувам за Коза Ностра некакви дегутантни сатирични испрдоци, нели… Или да глумам мамалук на некакви изложби и квази свирки, не дај боже па да завршев на медицина?!
– ?
– ?!

Со сигурност на жител од Соње тој продолжи да тапка по шахтата, небаре цел свет го освоил, па елајонирачки се воскрена до состојба на фалусоцентрик. Се фати за гениталиите и извика.
– Оф! Па ете толку сум со к`смет, добро е што се грижат за нас гласачите, не дај боже пак да бев еден од оние глумците на Драмски, ќе требаше секојдневна пипиревка да им играм. А вака ете на будалава му светам. Тој нека верува во Бога а јас цуп-цуп, парички на први, сега сум во мирна доба, хормониве ми се во совршена хармонија, имам интернет, спортска, што има да се тегнам со оние филозофине од Окно! Ќе рушам поредок, не знам Грујо-Мујо, а бе стап еден за сите филозофи и саботери! Сите во шахта би ги ставил, како овој. Погледнува кон Никола.
Никола депресивно повтори, овојпат со значителен гнев во себе:
– Подобро бес пари во рајот отколку со пари во пеколот!!!
Осман: Подобро жив отколку мртов!
– ?!
Каљчо: Жив или мртов некој мора сметката да ја плати!
Никола: А зошто би бил жив кога сум мртов?
Осман понесен и со помалку сочувствителен такт, се напрегна над шахтата, па цела една минута гледаше во водата која што Енис Штрумфиќ требаше да ја изшмука со новокупеното возило од Комуналец. Примети дека нивото и понатаму се зголемува. Па даде забелешка дека сепак кварот не бил во шахтата, туку во тој што ја испроектирал мрежата. Таа била за толку и толку популација, а сега во центарот на Скопје имало на три квадратни километри двестотини згради, а колите ќе смрделе и прделе, наместо луѓето. Како ќе ги хранат? – забележа. Ќе им отворат Веро маркети ли? Рамстори, донери? Со претприемачка брзина тој калкулираше: Тоа било важно, проектите на Владата морале да продолжат. Требало да купат налани за кал и вода, некои кои немале да се лизгаат, му текна. Осман беше визионерски гениј исто како и сите оние интелектуалци по порталите и експертите на Фејсбук. Всушност тој беше замрсен тип, собираше како млад сликички од фудбалери и Олимпијади во хациендата во близината на Сарај чуваше и неколку расни коњи.

– Дрвени налани велиш? Светна Каљчо. Добра идеја, треба некој веднаш да предложи, до Владата. Сите овие идеи треба да течат бе! Ништо да не застане, нон-стоп да се проектира, да се гради. Пекари да работат, мачки да се дерат, кучиња да летаат по улици! Да се гази сé!
– ?
– Е де… Сé што не е за напредок, за барок, за модернизација, за проекти… сé што е труло! Ме разбирате? А децава сите во фабрики да се запослат, а не тука по цел ден зеленила па зеленила! Ќе им дадам јас зеленила, се научиле цел ден на компјутер и само умот си го лажат, се лигават. Па и докторине, што има бе тие, па тоа е сé стока бе!
– Ех, па мора и такви да има бе… Каљчо… Со луѓе е најтешко да се работи, мора да се сака професијата. Ете тие со луѓе работат, некои како тебе-мене- на ти го-дај-ми-го. Разбираш… Не се сите по партиите? Каљачо, не биди толку самоуверен.
– Каљачо?! Не сум Каљачо, Каљчо! Е? Па зошто? Можат и тие?
– Па ти тогаш ќе останеш без работа.
– Ама јас студирав, со арогантност се поткрена на нозе Каљчо.
Никола како светец растегнат на крст, потпран на една ограда, ја обеси фацата и отвори нова кутија цигари, па запали една од погрешната страна и уште повеќе се скисели. Ја фрли цигарата целејќи во правецот на отворот од шахтата. Набргу се слушна експлозија. Сите испаничено се фрлија на земја. Водата сега почна да се прелива од отворот, во земјата се отвори еден длабок вртлог во кој како рибарска тапа исчезна жизељубниот Каљчо. По улицата дивееше цела една река од отпадоци и шут, после некое време сé се смири. Откако буицата стивна, следни пристигнаа службите за интервенција, на крајот од шахтата излегоа влакната на каљчовите уши, како два свечени букети, исправени како некакви антени. Лекарите констатираа смрт од давење.
Осман помалку песимистички и со резервирана тага изрецитира една поема од Џибран, надевајќи се дека една русокоса болничарка го слуша и ќе ја убеди на едно кафе во времето за паузата. Никола продолжи во правецот на згадата на Парламентот. Имало сé уште шахти за инспекција.

13.12.2017

М о ј о т   л и ч е н   С у п е р х и к (с)     Кога нештата се случуваат ...

Европската вожња на скопската линија
Кон фестивалот Cinedays 9-19 ноември

24.11.2017

Од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар се одржа 16-то издание на меѓународниот фестивал на европски филм Cinedays. Овогодинешното мото на фестивалот ...