Кокино

Ќе се обидам да го воскреснам чувството на минатото со едно прозно видување. Што е Кокино? Трамвај? Кино сала? Ко-кино? Кок-кино? Као кино… Хм? Кокино е сé: дрога, насилство, крв, распаѓање, војни, хаос, беда, корупција, тајни друштва, зло, елегија, енергија, рушењето на комунизмот, прекогниција за идното време што денеска го живееме, романса, вампиризам, волшепства, алегории, сништа, смртта на Југославија, подземје; автолимарската работилница на ренегатот Јанев Ганчо, расказите на Борхес што ги читавме за време на топлите лета…


Сите мои сеќавања се збрани во оваа седумдесетминутна подземна сага наречена Кокино (долго време пред да стане популарна истоимената опсерваторија); но што: Кокино?, дали е тоа црвено? (од грчкиот), дали е тоа Кокухо? Некаков индијански поглавар што сака да изведува ситни алхемијски трикерии со наивната скопска младина? Што е тоа Кокино?; Ништо и сé – ми вели Станковски, ќе снимаме филм. – Како тоа филм беспари? сомничаво го прашувам. – Ете така… Ги крева рамениците. Златко ќе биде во главната улога, па ти, па овој па оној, што мислиш? Размислував цели 33 секунди, па со таинствена претпазливост му се втурнувам во лице: Но сé да биде како што сакам јас… Ова е паланка, не сакам после муабети; Го оставам збунет. – Има сценарио?! – Секако, така како што ти доаѓа. Не, нема сценарио; документ знаеш? Ти сакаш документи, нели? – ме убедува Александар; имаме само неколку термини во студијата на МРТВ, за краток видеоарт со Драган Абјаниќ, ќе снимаме на своја рака и ќе направиме филм за сцената -скопскиот андерграунд. Се двоумам; знае дека секое споменување на тој термин ме излудува, бидејки ние за сето време го живееме тоа подземје, државата беше underground, Македонија… исто како денес впрочем. Што?! Јас-Ах?! Добро-добро-underground, наречи го како сакаш, интересно… Прифаќам.- Супер! Потскокнува како кривата Марија: Можеш да дадеш и една од оние твоине поеми, знаеш оние долгине… Ќе ги чита Златко – продолжува тој. Размислувам… но да, зошто да не? Што би правел во оваа забит, и онака ништо не ми поаѓа од рака, единствено клатењето и опивањето низ чаршиските дупки, сите оние бескрајни разговори за уметноста и музиката, за западните вредности и декаденцијата разлеана долж синдикатските зданија. Сиво е, сепак сите некако имаат пари, пијат, се радуваат, иако нема многу што да се види и доживее… ;

Еј – го кревам прстот: До пеколот и назад! Зошто да не, ајде, супер! Сите ќе влезат во филмот! те уверувам, ќе биде интересно да се види после триесет години. Така и започна, во некоја од оние темни чајџилници, со сомнителни карактери. И, еве тука сум сé уште после триесетина години, Југославија е минато, можеби и Македонија, сé е минато освен Кокухо (така го крстив тогаш). А што ќе направев ако отидев во Австралија (имав виза, пари со себе и девојка што ме чека)?; што некој и онака би направил повеќе од Кокино? Се сеќавам некој ми даде едно фиќо, се закопав враќајки се од некоја забава, некаде помеѓу четири и пет часот наутро на семафорите кај Стоковната куќа Мост, немаше никој да не застане, мислам дека бевме целосно искривени јас и Кокино. Социјализам… Соништа за еден филм, успехот што ќе пристигнел со него, парите, моќта, славата… Е-хееее… Вечна Слава на Драган Абјаниќ и Ружниот, како и на сите останати што не се меѓу нас повеќе. Имаме супер филм за гледање – Кокино… Така некако го завршивме, јас застанат со Станковски пред комплексот на банките.
Ќе го завршиш со тоа што ќе пристигне голем вселенски брод и сите ќе не однесе во П.М. – му предлагам.
– Деконструкција?
– Да, зошто да не.

Сé уште го чекаме тој брод, никако да пристигне… На одјавната оди: Крај. Филмот е завршен. Се сеќавам на една мистериозна промоција, едвај излегов на подиум, терсен карактер сум, не поднесувам формалности: чаталења; експлицитни фасадни интелектуализирања; долги говори, аколади. Го видов само тогаш, на промоцијата. Веќе некое време се обидував да го префрлам од бета во дигитален формат, конечно со помош на мантрање успеавме да го извадиме од заборав и да го дигитализираме, останува прашањето за можно ревидирање и нов саундтрак, можевме да направиме обработки од истите песни, или сосема нова музичка позадина (поради авторските права сум лимитиран да го врзам во една целина); Сцената има профициентни музичари: Влатче Киборг, З. Трајковски, Г. Путица, па дури и јас, денеска е лесно да се изведе, но, во овие времиња и околности доволно е и ова. Имаме пред себе одлична копија и документ. Осетете го ослободениот „Кокино“ како живее во вечноста, закачен на мрежата како отровна тарантула, и потскокнува од мрежа во мрежа. Сака да вбризга смртоносна доза отров во умот на просечноста, да збуни и измести, Кокухо…

Кокино
 Режија: Драган Абјаниќ, Александар Станковски, Златко Трајковски
 Анимации и монтажа: Драган Ајаниќ, Александар Станковски
 Актери: Златко Трајковски, Нора Стојановиќ, Соња Фишер, Јана Куновска, Илија Даскалов, Маја Лапе, Горан Путица, Борјан Заревски, Влајко Ѓуриќ, Ненад Трифунов, Владо Петрески, Тони и Емил Шулајковски, Жарко Стојановиќ, Андреј Аврамов, покојниот Добривој Илиевски - Ружниот (култна панк фигура), Александар Станковски, Душан Вељановски и многу други.
Продукција: МРТВ 1992





Ако немаш фетиш кон винилот, подобро не започнувај
24 прашања за Тошо Филиповски / АП(о)ТЕКА

20.04.2017

Продавниците за плочи отсекогаш биле храмови на музиката, кажал некој и не згрешил во тврдењето кое во новиот милениум беше сериозно загрозено со појавата на дигиталните ...

Julie London
Yammy, Yammy, Yammy

12.04.2017

Од музичкиот дневник на Ѕвеки   Џули Лондон (Julie London 1926 – 2000) е македонска пејачка! Ова, по некаков асоцијативен пат, морав да го помислам ...