Импровизација ја доведува музиката на повисоко ниво

интервју со Darkwood dub | 29.1.2000

[ ]

Кога судбината рече дека Darkwood dub ќе дојдат на концерт на 29-ти јануари 2000-та во Младинскиот културен центар во Скопје, знаев дека моето двомесечно исчекување конечно ќе заврши со среќен исход. По повеќе откажувања и одложувања, тие навистина се појавија, за првпат во Канал 103, каде започна нашето целодневно дружење, за да продолжи на тонската проба, од каде нашиот неофицијален разговор и интервјуто продолжи во нивната соба 204 во хостелот МХЦ, во присуство на вотка.

Darkwood_dub_4

Далечната ’99, под услови на воен притисок, но и во време на транзициски турбуленции, културно преиспитување и национално дефинирање, од подземјето на белградските скривници се појави еден од историски највозбудливите албуми на Балканските (од западна перспектива таканаречената југоисточна Европа) простори. Албумот го набавив на денот на излегување во Белград (на една од факултетските екскузии за „шопинг“ на книги), а концертот будно го исчекував. Во тогаш културно сé уште поврзаниот регион, по два месеци се случи и тоа – концерт во Скопје. Разговаравме долго, пред сé за новиот албум како основен повод, за контекстот во кој е настанат, а и за концертните настапи (кои ги имаа доста), а дел од транскриптот пренесовме и во студентскиот магазин „Студентски збор“. Репринт на интервјуто во продолжение.

Првиот албум ви е гитарски, вториот со фокус на продукцијата, третиот електронски и четвртиот сé тоа заедно, како некој амалгам, совршенство кое може да се постигне во современата музика…

Дејан Вучетиќ: Па во некои наши услови претпоставувам да, ама не мислам дека е тоа така за некој светски рамки. Дури и допира некој стандард од онаа долна страна, ама сепак сé е тоа работено, па и овој последен албум, на некоја прилично скромна опрема, а ова беше некој амбициозен проект како и сé што работиме. Сметам дека е амбициозно што се однесува до нас и нашиот интерес за таа сама музика. Значи како и сите, нормално, се трудиме тоа да испадне најдобро што е можно, па сега, ќе се покриеш онолку колку ти е долго ќебето.

Владимир Јериќ: Што се однесува до некоја висока технологија, ова во принцип е, како тоа и да звучи на крајот, симулација на она што ние го слушаме и се обидуваме да придвижиме таков звук и таква атмосфера, ама во основа користиме гитари, бас и тапани, со некаква скромна опрема која ќе успееме да ја набавиме. Тоа и не е некое откритие, ние не сме дошле до некој неверојатни формули за користење на тие гитари. Земајќи ја во предвид опремата која ја користевме, ова можело да се направи и во 70-те. Ние не сме добиле нови чипови кои се направени пред еден месец.

Д.В.: Дојдовме само до некои справи кои ни овозможија да ја правиме онаа музика која ја сакаме.

В.Ј.: А пред сé ќе биде дека сме дошле до некои решенија како со нив да се однесуваме и да го добиеме звукот кој го сакавме.

Д.В.: Продукциски и албумот „У недоглед“ би требало да звучи како „Електропионир“, ако сме го имале тоа што го имаме сега, а тоа не е многу… сигурно би звучел така.

Многу сте скромни во описите, велите дека на албумот ништо револуционерно не сте постигнале, а звучи продукциски совршено издржано.

Д.В.: Па да, тоа во голема мера е заслуга на продуцентот Аца Радосављевиќ. Мислам дека тоа излезе како добар спој на некоја наша музичка идеја и негов продуцентски талент поради тоа што тој е човек посветен на продукција и музика 100%. Значи тие 8 часови работа во студио дневно, па сега тоа по 3 или 4 месеци и тоа навистина активна работа. Тоа можам да го кажам без никаква препотентност и за нас дека е во прашање ист вид на посветеност. Едноставно не можам да проценам во која мера е тоа добро или лошо, можам само да ги закачам оние пропусти, како ова можеше да излезе подобро.

В.Ј.: За Аца Радосављевиќ е многу важно што тој е прв човек кого го сретнавме во таа работа. Белград и не е нешто преполн со стручњаци за продукција. Тој е човек кој испрофилирал тој некаков свој звук. Секој продуцент, па дури и снимил само две плочи е убеден дека открил некој звук. Аца беше потполно отворен. Така што беше подготвен да експериментира и да слуша што правиме.

Д.В.: Во продукциска смисла во споредба со него ние сме лаици, но сепак тој нашите совети ги прифаќаше и ги обработуваше, што во принцип е во ред.

В.Ј.: Со другите продуценти тоа не одеше така, тие секогаш инсистираат на свои решенија.

Имате песни кои се директно импровизирани во студио како „Електропионир“ или Hey gringo со семпловите на Lee “Scratch” Perry.

Д.В.: Во самата музика која сакаме да ја слушаме има доста импровизација. Самиот даб настанал од импровизација кога се пренесувани некои траки од лента, па се дошло до некои интересни форми, па сé до музиката на 90-ите и ремиксите, сé тоа ни е доста блиско. Од друга страна, порано многу често импровизиравме на концерти. До некои моменти имавме и задолжителен дел од програмата, некоја импровизација на бис или при крајот на концертот. Дури и на самиот почеток на концертот имавме импровизација што ја доведува музиката, можам да кажам, на некое повисоко ниво. Таа неизвесност при правењето на песната, особено пред луѓе или во студио, каде е исто како да свириш пред луѓе, само што тоа останува забележано. Значи, можеби е дури и поосетливо. Самиот тој факт што постои таа неизвесност дава некој квалитет.

В.Ј.: Од трета страна многу е битно студиото да се користи како додатен инструмент, студиото не е само некоја машина за бележење на нешто што веќе сме го подготвиле однапред. Многу е добро кога во студио ќе се дојде до тие справи, користејќи ги на малку необичен начин. Препорака до сите кои одат во студио – не треба да очекуваат студиото само по себе да го забележи моментот. Значи таму се работи. Што се однесува до студиото – резултатите ни се сé поинтересни.

Д.В.: Уште една работа е исто битна. Поинаква музика се прави во подрум, поинаква на компјутер, а поинаква додека импровизирате во студио каде е сепак ограничено времето, но затоа имаш добра звучна слика и техничка контрола. Тоа се сé различни канали за запишување на емоциите.

В.Ј.: Па може и сето тоа заедно да се собере во една песна и така може да испадне прилично интересно.

Д.В.: А некогаш излегува и лошо, па тоа не се става на плоча.

Дали сајд-проектите (како Неочекивана сила) ви се место каде ги канализирате оние идеи кои не се официјални и каде повеќе импровизирате за разлика од Darkwood dub, кој би бил некој официјален бенд каде ги остварувате само официјалните идеи?

Д.В.: Тоа се сепак различни искуства. За време на бомбардирањето работевме во Тегет со Влаца од Неочекивана сила, Борис од Јарболи, Дуле од Playboy и Мики и јас од Darkwood dub. Тоа е убаво чувство, свириме заедно 10 години во непроменет состав. Лав дојде последен пред 8 години. Во тој музички, па и човечки, па и секој друг смисол, многу добро се познаваме, знаеме што е предност а што опасност. Може да дојде и до судири на интереси ама гледано низ музиката постои некој шаблон по кој работиме. Секое искуство од страна кое не нé обврзува, кое не е некој проект од кој ти зависи животот е добредојден и учиш од тие луѓе со кои свириш некој нови работи.

В.Ј.: Лав научи сешто од Драгољуб.

Д.В.: Да тоа е точно. Запремина тела е песна која е направена на проба и Лав свиреше нешто што мене ми звучеше како некоја тапанарска вежба. Тоа се оние тапанарски фори и одеднаш тоа проработува. Значи, го наоѓате своето место, така што секое искуство кое ќе се проживее потоа може да се преслика на Darkwood dub. Друга работа која е исто така важна во нашата кариера е таа што за секоја плоча повикуваме гости од драгите и важни за нас белградски музичари. И од првата плоча каде гостин беше Киза Радовиќ од групата Пресинг, потоа на втората плоча беше тенко со тоа, беа Ана Жуњиќ и Биљана кои пеат пратечки вокали, а на Trainspotting ни гостуваа Влаца од Неочекивана сила, свиреше гитара.

В.Ј.: Ремиксите на тој албум ги работеа некои луѓе кои не сме ги познавале пред тоа.

Д.В.: Да, така што сé си го пронаоѓа своето место и тоа е една од работите која само може да користи во нашата музика, како ширење на приказната и во музичка смисла и во човечка. Ги повикуваш своите пријатели да учествуваат со тебе. Ниеден спот досега не го направиле професионалци. Всушност, тие сите се професионални режисери, ама пред сé се наши пријатели. Значи, никогаш не била варијантата дека дискографската куќа ни договара снимање на спотот со некој човек кој никогаш не сме го виделе. Јас сум задоволен со тоа и со нашите спотови, кои имаат некоја естетика благодарејќи на тој пријателски однос.

Етикетата Б92 има добар третман спрема вас, а третираат и бендови со сличен звук и сензибилитет.

Д.В.: Па да, и тука има од тој пријателски однос. Се познаваме многу долго и максимално се поддржуваме едни со други. Знаеш, сега свиревме турнеја на АНЕМ низ Србија која е поддршка на асоцијацијата на независни електронски медиуми со Sunshine и Канда, Коџа и Небојша. Тоа би требало да се случи пак на пролет. И коректни се. Најдобро што може да се добие во Србија во овој момент.

На концерти функционирате како класична рок постава иако е променет звукот на албумот.

Д.В.: Таа промена на звукот не бара некаква дополнителна опрема која ја користиме на концерти. Ја користевме и за снимање на плочата, а единствено што имавме во неколку песни се гости дувачи, во неколку гудачи, Васил Хаџиманов кој свиреше клавијатури и Ана Жуњиќ која пееше во една песна и пратечки вокали во две. Значи, сè останато е направено на овие справи и на гитари, како што свиревме и во живо. Нема никаква разлика освен во прецизноста на свирењето.

Видовме на пробата дека звучи моќно.

Д.В.: Па не знам, ќе биде подобро.

Или можеби ќе зависи од озвучувањето…

Д.В.: Па зависи од многу работи. Од нас, од реакцијата на публиката, па што си јадел, па жештината на бината, па колку ти е мака…

…или можеби што си пиел?

Д.В.: Да, што пиеш тој момент.

В.Ј.: Се враќа одекот во салата…

Д.В.: Да, ако има полно луѓе, ќе биде многу подобар звукот. Тоа е она што вечерва ќе биде многу важно. Ако биде полна салата или барем скоро полна, значи ако има доволно публика ќе се впие малку тој звук. Тогаш ќе биде ок што се однесува до звукот.

В.Ј.: Ако не биде, нема да свириме, ќе свириме само две песни.

Концертов го чекав два месеца уште првиот пат кога се најави…

Д.В.: Претходната година првпат свиревме во Подгорица. Оваа година свиревме во десет српски градови во кои не сме свиреле никогаш, и тоа Заечар, Бор, Мајдампек, Краљево, така што ова е супер, сепак успеавме да стигнеме во Скопје. Тоа е одлично.

Европската вожња на скопската линија
Кон фестивалот Cinedays 9-19 ноември

24.11.2017

Од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар се одржа 16-то издание на меѓународниот фестивал на европски филм Cinedays. Овогодинешното мото на фестивалот ...

21.11.2017

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово ...