Нашиот став беше и остана бескомпромисен

интервју со Дејан Вучетиќ – Вуча, Darkwood Dub

[ ]

Ако за некој етаблиран бенд во регионов може да се каже дека со текот на годините успеа не само да опстане туку и убаво да порасне и созрее, не компромитирајќи ја притоа својата уметничка визија, тоа е секако Darkwood Dub. Овој разговор со Дејан Вучетиќ – Вуча, фронтменот на бендот, го водевме на 29 јануари, датум на кој, пред 16 години (2000), бендот го имаше своето концертно деби во Македонија.

DVV

Вашиот прв концерт во Скопје се случи пред точно 16 години. Во тој период Бамби (Бојан Дробац, гитара) беше во војска, а наместо него настапи Борис од Jarboli, се сеќаваш?
Се сеќавам, како не, свиревме во МКЦ, одлично беше, домаќините и публиката ни приредија топло добредојде. Градот беше сив и запуштен, како и поголемиот број градови во регионот, меѓутоа луѓето, без оглед на проблемите низ кои сите поминувавме во тоа време, беа позитивни и дружељубуви. По концертот се дружевме со публиката и запознавме некои пријатели со кои останавме во контакт и денес.

Во меѓувреме, многу нешта се променија кај вас: влијанијата, звукот, продукцијата, зачестеноста на концертните настапи… сепак, препознатливоста на бендот никогаш не беше доведена во прашање. Дали и колку беше тешко тоа да се постигне?
Да се зачува авторскиот печат и интегритетот во музичката индустрија е прилично тешка задача. Постојат многу пречки што мораш да ги совладаш. Младите бендови често го плаќаат данокот на неискуството, се распаѓаат уште пред да стигнат да се покажат во својот полн сјај. Ние ја имавме таа „среќа“ што првите десетина години никој не полагаше надежи во нас, публиката на концертите ја чинеа, главно, нашите пријатели и ретките фанатици кои почувствуваа дека се случува нешто интересно. Оттаму, комплиментите што уследија по излегувањето на албумот Elektropionir ги примивме со голема доза на резерва и, по цена на сопствениот успех, не допуштивме медиумите да ја естрадизираат нашата работа.

Најголем напредок, се чини, бендот успеа да постигне во сегментот на живите настапи, кои, со оглед на својата особена динамика, енергија и естетика, станаа засебен феномен. Колку е неопходно денес бендовите да звучат моќно во живо, особено ако се има предвид актуелниот тренд на поместување на тежиштето на музичката индустрија од дискографската територија кон лајв настапите?
Времето на MTV помина, видео-спотовите веќе не играат пресудна улога во кариерата на еден бенд, како што тоа беше случај во 80-тите и 90-тите. Мислам дека е тоа добро, затоа што музиката е, пред сè, да се слуша и гледа на концерт. Тука нема фолирање и пакување, бендот во живо или го бива или не го бива. Почитувам бендови што добро свират, дури и кога музиката што ја изведуваат не е по мој вкус.

DD1

Што мислиш, како публиката гледа на вашиот раст? Мене ми изгледа дека, како ретко кој бенд, не се грижите многу да ги задоволите нивните очекувања, туку, пред сè, својот вкус, инстинкт, авантуристички дух и инспирација.
Нашиот став, кој на многумина им изгледаше арогантен, беше и остана бескомпромисен кога е музиката во прашање. Убаво кажа, авантура, ќе се бавиме со музика сè додека истражувањето на музиката и звукот претставува предизвик за нас. А креативноста настапува кога ќе се изместиме од сигурната зона и ќе оставиме музиката да нè одведе далеку. Мислам дека новите генерации полесно ги препознаваат нашите намери и ја следат нашата работа со многу помалку предрасуди и неразбирање во споредба со времето кога почнувавме.

Познатиот клавијатурист Васил Хаџиманов дојде во Darkwood Dub пред неколку години. Впечаток е дека одлично функциониравте заедно. Денес тој не е дел од бендот. Што се случи?
По заминувањето на гитаристот Влада (Владимир Јериќ, н.з.) од бендот, некој предложи да воведеме клавијатури. Свиревме неколку концерти со еден клавијатурист кој на само пар денови пред настап мистериозно ја откажа натамошната соработка и отпатува во Нов Зеланд. Васил ни излезе во пресрет, а подоцна го поканивме да стане редовен член на бендот. Васил е одличен музичар, беше задоволство да се работи со него. До разделбата дојде бидејќи ни стана тешко да ги усогласиме нашите обврски со оние што тој ги имаше со својот бенд, па одлучивме дека е најдобро да се вратиме на базичната постава.

Кога ќе ја споредиш ситуацијата во Србија кога почнувавте (пред 27 години) со оваа денес, дали е полесно или потешко за еден млад бенд да излезе на површина? Доколку некое дете што сака да стартува бенд денес те праша за совет, што ќе му кажеш?
На младиот музичар би му рекол да се чува од суета, таа ги уништува бендовите. Проблемите со кои се носат младите музичари денес се многу покомплицирани од времето кога ние почнувавме, има премногу информации, музиката свири од сите страни: од телефони, ТВ апарати, компјутер, шпорет… Поради огромното количество содржини со кои сме преплавени, сè потешко е да го свртиш вниманието врз себе и да ја зграпчиш шансата за пробив.

Која музика е најчесто присутна во твојот плеер деновиве? Твојот албум на годината (2015)?
Како и многу луѓе во светот, деновиве ги преслушувам омилените албуми на David Bowie, потсетувајќи се на времето кога како детиште, со слушалки на уши, трипував на “Low”, “Lodger”, “Scary Monsters”… А албумот што најмногу ми се допадна минатата година е последното издание на составот Lira Vega – “Duhovi”. Имав чест и задоволство да гостувам на тој албум и уживав следејќи го процесот на создавање на една одлична плоча.

Што би препорачал од домашната сцена, имаш ли некој фаворит?
Има многу добри бендови, сцената е активна и жива. Би го препорачал белградскиот електронски состав Tapan, којшто го сочинуваат нашите другари Сима и Шваба.

Имаш ли некаков увид во тоа што се случува на актуелната музичка сцена во Македонија? Си налетал ли можеби на некој интересен македонски бенд/автор во последно време?
Следам колку што можам. Македонија е позната по исклучително талентирани музичари, важите за музикален народ. Запознавме многу македонски бендови по фестивалите во регионот кадешто заедно настапувавме. Ми се допаѓа како растураат Bernays Propaganda, искрен панк.

Освен музиката, во што најмногу уживаш?
Времето поминато со семејството и пријателите е секогаш на прво место, второто го делат музиката и сликарството.

Вашиот актуелен албум Vidimo se е објавен во 2011 година. Се работи ли на нов материјал?
Интензивно работиме на новиот албум, некои песни веќе добија конечен облик, задоволни сме како звучат. Се надевам дека ќе го завршиме и објавиме албумот до почетокот на летото.

 

Darkwood Dub настапуваат на 13-ти февруари во Младинскиот културен центар во Скопје.

Кога денот немаше име
режија: Теона Стругар Митевска

10.10.2017

Изминативе денови се крена многу врева и прав околу новото остварување на Теона Митевска, „Кога денот немаше име“. Како фино маркетиншко надоврзување на фокусот врз ...

Истребувач 2049 | Blade runner 2049
режија: Denis Villeneuve

07.10.2017

Еден ден по најдолго исчекуваната премиера во мојот живот седнувам пред компјутерот, го пуштам на Јутјуб саундтракот од филмот за да ме понесе атмосферата на ...