Darkwood Dub во земјата на транзицијата

Дефинирањeто на Darkwood Dub како феномен бара oпсервација на поширокиот социјален контекст на Балканот во времето кога тие се појавуваат на сцената. Се работи за комплексни политичко економски услови и битисување во деликатни параметри, посебно за младиот човек (какви што бевме ние во тоа време) чии културни потреби се специфични, строго профилирани и поставени во рамките на синтагмата алтернативна кутура/уметност/музика, или едноставно терминот андерграунд. Токму во тие услови се појавува групата Darkwood Dub, а клучниот параметар во оваа експликација е сцена, елемент преку кој ќе се обидам да ги доловам условите и секако нивното значење како феномен кој се реализира во тој поширок социјален контекст.

DD1.1
На Балканот сѐ уште владееше транзицискиот или пост-воен хаос. Во некои од земјите беснееше војна, во некои жестока корупција, а Србија беше бомбардирана од НАТО. Во тие френетични времиња, кога распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија беше позади нас, новите Балкански држави, дефинирани под терминот Југоисточна Европа се обидуваа да закрепнат и застанат на нозе во обидот да се дефинираат како нации, под дејство на политичкиот притисок и желбата за конечно културно ослободување, малите подземни културни сцени никнуваа во поголемите центри, резултирајќи во облик на дијаманти со највисока каратна вредност. Таков беше случајот и со, во тоа време, сé уште кревка белградска сцена и со сé уште малиот бенд Darkwood Dub, кој по многу параметри се чинеше дека заслужува посериозно внимание. Што подоцна секако и ќе го добие.

Неколку албуми беа зад бендот кој своето име го добива по шумата во која живее Загор, публиката ги прифати како свои миленици, а и критиката не остана имуна. Издаваа за издавачката етикета зад која стои радиото Б92, клучниот алтернативен медиумски фактор во протестите Отпор. Кариерата, по издавањето на нивниот албум Електро пионир, експоненцијално растеше, а тие станаа сериозен српски бренд и носители на нововтемелената белградска сцена, која изртувајќи од подземните скривници на Нови Београд, стануваше се помоќна, и од комплетна поствоена руина, почна да расте и да добива дефинирани контури. Свежината на звукот, суптилноста во пристапот, современоста, младешкиот бунт и критиката кон политичкиот естаблишмент, беа основните параметри кои Darkwood Dub ги искористија за да се дефинираат како сериозна група, чие постоење влева надеж и носи светла иднина.

 

 

Но, доколку се вратиме малку наназад, кон средината на тие деведесетти, поточно во ’94-та, ќе бидеме сведоци и на излегувањето на нивниот прв албум Парампарчад (Take it or leave it records), албум кој со фузионирањето на даб и реге влијанија, според звукот, отворено се дистанцира од ЈУ звукот на 80-те, а со свежината ги дефинира овие, за нас тешки времиња, создавајќи ја новата балканска андерграунд сцена. Иако со концертните настапи веќе ги полнат белградските клубови, сé уште беше далечна идејата да ги видиме во Скопје (град кој во исто време исто така убаво ги дефинираше своите културни и музички преференци), но нивните касети веќе пристигнуваа, а и наголемо ги вртевме на брановите на музичкото радио Канал 103.

Вториот албум У недоглед (B92) се појавува во 1996, година во која новата алтернатривна сцена малку се поместува од своите несигурни зачетоци и почнува да зрачи со својата блескава аура. Електронските поточно современите денс влијанијата во музиката на овој албум се видливи, се комбинираат најразлични пристапи и музички стилови во издржан еклектичен спој, зачинет со жестоката енергија и оформен од прецизната продукција добиена со современата технологија која сигурно навлегува во рокенрол закоравеноста. Овој албум дава дополнителен импакт на сцената која ја дефинираме како локална, но со издржана светска продукција. 1997-та Darkwood Dub како бенд прифатен од публиката, но веќе и од критиката, ја прави музиката за театарската претстава Trainspotting, во режија на Ѓорѓе Марјановиќ, која излезе во вид на албум насловен Darkwood Dub (повторно за B92), со некоклу ремикси на нови автори на денс музика кој се под влијание на свежиот drum’n’bass пристап, албум со кој само ја потврдуват веќе воспоставената зрелост и жанровска отвреност.

Тука доаѓаме и до уште еден аспект кој го овозможува и забрзува реализирањето на новата регионална сцена. Покрај локалните политички констелации и некаква глобализација со интензивирање на западните влијанија, пресуден фактор за нејзина појава и појава на значаен број на сериозни нови бендови е и општиот ентузијазам кој се манифестира во 90-те на ниво на музичката индустрија глобално. Во првата половина на декадата се појавуваат култни албуми на групи и автори кои одбележаа цела една ера во алтернативна сцена и го одредија правецот на животот на цела една транзициска генерација (каква што бевме ние), техното беше во зачеток, но во сериозна експанзија, а кон крајот на декадата нивното фузионирање резултираше во облик на хибридниот жанр пост рок, кој стана клучен фактор во развојот на музиката во новиот милениум. Во тоа време музичката телевизија MTV е исто така значаен критериум кој го дефинира музичкиот вкус на младите, а сепак задржувајќи сериозен квалитет со кој можевме безусловно да се идентификуваме. Низ локалните сцени на републиките (сега независни држави), во сé уште нејасно дефиниранииот етер, за првпат се појавуваат и алтернативни (слободни) радио станици кои изиграа сериозна улога не само во медиумската либерализација, туку беа и сериозна поддршка на новонастанатата независна сцена. Идеолошки многу силни, опозициски и жестоко антидржавно ориентирани, беа точки кој ја обединуваа новата алтернатива и младата интелектуала која требаше да ги одреди понатамошните текови на развој во општеството. Радио Штудент од Љубљана, 101 од Загреб, Канал 103 од Скопје, и Б92 од Белград беа културен, музички, но и идеолошки критериум, кој ги дефинираше социјалните рамки и трасираше свеста за тоа како треба да изгледа општеството откако ќе ја надмине тековната транзиција (иако за жал откако ја завршија улогата и самите радио станици не ја преживеаја најславно транзицијата). Правеа емисии, организираа концерти, издаваа музика, ја поддржуваа надоаѓачката локална сцена, даваа простор да се слушне гласот на младиот човек, се обидуваа да ги пренесат локално светските текови заедно со толку посакуваната демократија. Б92 беше и гласоговорник и движечка сила на протестите кои во тоа време се одвиваа по улиците на Белград, па заедно со својата музичка, организаторска и издавачка дејност правеше сериозни чекори во промоција на своите пулени, меѓу кои и групата за која говориме, Darkwood Dub.

Како бенд кој веќе сериозно го пратевме во своите следни чекори, бевме во исчекување на нивен нов материјал. Се прашував што има да понуди денес бенд од ваков калибар во 99-та, кога целата белградска младина беше по улиците, по мостовите, додека системот пополека тонеше? Во ваква воена состојба, наводно луѓето требаше бидат исплашени и гладни, да се кријат по скривниците и да паничат, но последиците на силната културна тардиција и изградениот културен идентитет во Белград се експлицитно видливи на секое ниво дури и во такви услови. И покрај воените напади на Србија, Белград беше центар каде културните ентузијасти и љубители на уметноста ги уживаа благодатите на видно ентузијастичката и богата културна атмосфера. Се чекаа километарски редици за карти за театар, а продавниците за книги беа преполни со луѓе кои ги прелустуваа најновите литературни и филозофски наслови, на што бевме сведоци кога како бруцоши правевме шопинг екскурзии во набавка на книги. Во исто време кај нас, во Скопје, како за компарација, се чекаа редици за брашно и шеќер по супермаркетите во панично исчекување на војна, феномен што секако бара подетална социјална анализа.

darkvudi

Никогаш по свежа, посилна и поенергична не била сцената во регионот од ова доба. По скривниците наместро да се акумулира храна, вода и медицински материјали, се прават првите сериозни андерграунд забави и концерти, се појавуват бендови и диџеи, кои понатака ќе бидат modus vivendi во културна смисла во регионот. Канда Коџа и Небојша, Неочекивана сила која се изненада појављује и решава ствар, Оружјем против отмичара, Ева Браун, Јарболи, Марко Настиќ со бандата Teenage Techno Punks, Лале со Happy People екипата, се само некои од артистите кои ќе ја претставуваат Србија и надвор од границите на Балканот, искуство кое имавме среќа да го доживееме и ние. Тогаш сѐ уште постоеше некаков културен информациски мост помеѓу државите од екс Ју, па и ние можевме автентично да ги искусиме нивните креации, што со наше патување во Белград, што со нивно гостување во Скопје. Ги набавувавме албумите и ги пуштавме по забавите или на радио, што беше уште еден начин нивната музика да стане доволно достапна на, условно, пошироката публика во регионот.

Токму во тој клучен историски миг, 1999-та, излегува новиот албум на Darkwood Dub Електро пионир. Што се однесува до очекувањата, тие не само што беа постигнати туку и надминати. Издадоа албум со кој дефинираа нови правила и стандарди во музиката и воопшто новата локална сцена. Тоа е дефинитивно еден од историски највозбудливите албуми на овие простори, кој направи од нив сериозен музички продукт, кој е прифатен и од критиката и од публиката, со кој правеа концерти и во регионот, но и надвор, што на некој начин ги доближи до мејнстримот, процес кој можеби потајно го посакуваа. Дури, колку тоа и да не се очекуваше, нивните текстови беа повеќе израз на зен филозофијата имплементирана во современиот локален контекст, отколу мрачни претстави за политичката стварност околу нас. Даб влијанијата врамени во рок поставата се секако сѐ уште тука, но овој пат сето тоа е подведено на навистина современа и инвентивна продукција, што Електро пионир го направи највозбудливото парче музика во нивната кариера.

Со овој албум очигледно постигнаа многу во својата кариера, но и како да го достигнаа својот креативен зенит. Го оформуваат и своето студио Електро пионир на кое ги снимат своите следни албуми, а зрелоста на групата се почувствува веќе уште на следниот, Живот почиње у тридесетој (Б92, 2002). Самото име реферира на некаква зрелост, а и самата музика се движи во тој правец. Го нема младешкиот бунт, ја нема жестоката енергија, се е спласнато, но сепак дозата сериозност која зрачи од овој албум е неговиот највисок квалитет. Следуваат О данима (Б92, 2004), Јединство (Б92, 2008) и Видимо се (Одличан хрчак, 2011), албуми во кои се потенцира таа лична и музичка зрелост, но и интроспективност, и повлеченост во себе, а очигледно е дека се обраќаат и на можеби малку поинаква публика, секако, условно, по посериозна. Помеѓу овие албуми групата поминува време во константни настапи, пишувајќи музика за театар и видео.

Иако насловот на последниот албум реферира на некаков крај, можеби алудира на последен албум, очигледно дека сепак не се работи за тоа. Групата продолжува со своите настапи, а во исчекување сме и на нов материјал. Нивиот праволиниски звук, иако продукциски и музички е сѐ посовршен, веќе е лишен од возбудата со која ги дочекувавме првите албуми. Не би сакал да прогнозирам што може да се очекува од нив денес, но тоа не значи дека не би сакал да го чујам нивниот следен албум, па и да ги погледнам на концерт. Едноставно се работи за значајна група која се обиде да постави нови стандарди, критериуми, звук, надвор од дотогашните музички стереотипи и конечно, успеа во тоа. Се работи за група која како грешка во матриксот (како што некои ја дефинираат) одбележа едно време, остави трага на една транзициска генерација која бараше промена, инвенција, нешто поразлично и не се задоволуваше со конвенционалниот рокенрол пристап.

И покрај тоа што денес нивната кариера и возбудата која ни ја причинуваат го помина својот зенит, сепак се работи за група чии албуми не смеат да се игнорираат и за среќа сѐ уште ни причинуваат задоволство. Ни помогнаа заедно со нив да ја пребродиме тешката транзиција и буринте тинејџерски години, па дури и доколку нивниот следен албум не ги исполни нашите очекувања, ќе ни преостанат барем убавите мемории и реминисценцијата за едно турбулентно и возбудливо време, кога на овие простори сепак нешто сериозно се случуваше и за кои имаше некаква надеж.

 

05.09.2017

  Do it Again / Holy Ghost Someone great / LCD Soundsystem Transient Program For Drums and Machinery / Soulwax Anymore / Goldfrapp Intermezzo II (Interstellar Funk Remix) ...

26.08.2017

Спојлер: Понесете си марамчиња и врзете го појасот, ве чека бура од смеа и емоции.   Мал плац на периферијата во Неготино е центарот на ...