Songs about books and flowers, 22 години подоцна

Од оваа перспектива, Songs about books and flowers го гледам како кулминација на лудите и креативни 90-ти, во кои македонската андерграунд сцена ги живееше своите ѕвездени моменти. Секако дека имаше и други бендови и албуми кои го рефлектираа бурното време на раѓањето на новата нација, но The Hip се чини отидоа чекор понатаму, можеби зошто се од Куманово, а можеби што нивното постоење се случи во чудно време кога редица на креативни луѓе имаа доволно време да се посветат на развивање на своите таленти.

TH_S


The Hip
 немаа никаква илузија дека во своето десетгодишно постоење нешто ќе заработат. Никогаш тоа прашање не беше ниту поставувано ниту дискутирано во групата. Најважно беше звукот и целокупниот концепт постојано да се експанзира. Бендот од самиот старт имаше многу високи критериуми: толку високи што никогаш звукот од претходниот настап не можеше повторно да се рекреира, иновативноста беше поважна од стандардизацијата. Бендот во живо имаше јавни проби, а новите песни буквално се создаваа за време на концертите. Сé беше снимано, дури и тонските проби. Подоцна снимките беа анализирани за да се открие некој магичен момент, некоја интересна прогресија на акордот, некој чудесен фрекфентен јазол каде што привидно неконтролираните модулации си правеа некој свој ред. Раната фаза во работата на групата, сé до Songs about books and flowers, се состоеше од екстатична потрагата по перфекција. Ариел, родното место на The Hip не претстануваше да мами: час се одушевуваме на тие чудни гитари на Requiem a Holly Hills и No Fun нудеа нешто поинакво и посмело.
Дојде Скопје, Куршумли Ан, и првото претставување на бендот во главниот град. Foxhole експлодираше со страсниот фидбек на тој прастар Shaller fuzz кој татко му на Сале го свирел на локалните гитаријади во Куманово уште во 60-тите. Згора на тоа, на тонецот Бојан, кој единствено не ги вклучуваше до крај лимитерите на концертите на The Hip, му здосади некој како мене постојано да му сугерира да го рашири звукот на бендот. „Еве ти сега“ – си мислеше Бојан, вклучувајќи го тој страотен ехо/риверб кој го стресе анот до темели. Сите подзинати, се прашуваа од каде па овие деца доаѓаат. Сале влезе во дионизиски занес, играше како споулавен, ја откачи гитарата, а звукот сé уште разбиваше. И тоа беше тоа. На враќање во колата ја слушавме снимката, без зборови, група што сé уште немаше свои инструменти произведе невиден звук. Од тој момент враќање повеќе немаше.

 

 

Секој нареден концерт се бараше нешто повеќе, нешто во стилот на Foxhole. Space is Deep го копираше тој Hawkwind звук за првпат, Confusion Time беше Loop но со многу блуз елементи, On the Road пак веќе алудираше на P.I.L. ама од времето на Metal Box. Бојан слушаше многу панк и пост-панк. Сале и Серџо сакаа прогресивен рок. На една проба решија да ги спојат вкусовите. Бојан можеше да копа по басот како Jah Wobble, ама чувството ќе биде space, нешто како Pink Floyd. За да бидеш Floyd ти треба и лајт, а во недостаток на тоа ми текна да го угасам светлото. И така, во мрачната соба дома кај Серџо се роди Interstellar Overdrive. Бендот замина за Белград. Сале и Бојан имаа 17, а Серџо 20 години.

Концертот беше кулминација и крај за таа постава. Бојан ги гледал Архангел претходната вечер и го посакуваше тој звук, фалшираше на Interstellar; на Серџо му паѓаа тапаните а каблите на Сале по којзнае кој пат не пропуштаа доволно струја. На Бојан му кажав дека Архангел сега се на врвот и дека се ок ама дека сега доаѓа времето на The Hip. Бојан не сфати и си замина од бендот. Серџо исто така. Сале остана сам.
И тоа требаше да биде тоа. Јас ионака имав премногу проблеми со моето професорување. Веќе 5 години постојано бев на тапет, најмногу поради мојата инволвираност со музиката, тоа не му прилегаше на еден профессор во легендаранта кумановска гимназија. Згора на тоа, мојот готско-терористички стајлинг и тоа што како ерген бев предмет на многу скандали беа повеќе од доволна причина колективот сериозно да размислува за моето заминување. Пет години им скокав на глава, предавав поезија наместо граматика, не се дружев готово со ниеден колега (освен со Шиљо од Трачери кој предаваше Ликовно), правев некакви си концерти, списанија, клубови, изложби, видео концерти, радио емисии, патувања до Reading фестивал и триста други глупости и сé заради тоа што ми беше многу досадно. Едно време сакав да ја палам гимназијата, нешто во стилот на Kerosine и Albini. Потоа си помислив – ќе правам што сакам па да видиме – кај и да е, ќе мора да реагираат. Од денешна перспектива не ми е јасно како моите колеги воопшто трпеле такво едно копиле толку долго време. Кутри луѓе – тие мислеа дека ако ме избркаат од гимназијата тоа ќе биде крај за мене. Јас пак ништо не мислев, што ме ставаше во супериорна позиција. Важно беше да има концерти.

По распадот на Југославија ми секна редовната терпарија на одење во Лондон. Сега морав да правам нешто дома. Ариел, ММ и The Hip беа супер комбинација кај да го трошам вишокот на енергија. Потоа дојде Тротоар и Летниот Рок Фестивал. И моите поетски курсеви секако. Некаде пред Нова Година 1993, мислев дека со бендот е завршено. Сале ме повика мене и Наташа на пијачка. Толку…и уште нешто. Ги отсвире на обична акустична гитара Natural Grace, Suicide, Sick Rose, Rape и Marina. Во еден здив, грубо, без текст. Сите овие песни ги создал за две недели, во очај бидејќи беше сам, без бенд. И што сега да се прави! Јас не сакам кога некој е маргинализиран и ставен на страна. Затоа решив дека песните мора да бидат пристојно снимени. Братучедот на Сале – Мичо, влета како басист. Песните се дотеруваа а јас ги пишував текстовите врз основа на тоа што во тој момент предавав – Blake, Shakespeare, T.S. Eliot, Browning… Сега веќе не беше само важен звукот. Требаше и поезијата правилно да се интерпретира. Blake обично пишуваше поезија во четири такта што совршено одговара на рокенролот, Shakespeare е во jamb и мораше да се крати и досуредува или едноставно декламува. Една вечер го сретнав бендот во еден кафе-бар и само им реков – „Знам како треба да звучи и да се пее една песна: ќе се вика Bottom’s Dream и ќе оди со неправилен ритам како Yo La Tengo на Big Day Coming, врз кој постојано ќе врти звучна центрифуга, нешто во стилот на Velvet или Suicide. Сале ќе пее цели строфи, пак пола строфи и на крајот само ќе изговара нешто како ears, eyes, toungue, a vision, од перспектива на човек кој не знае дали сé уште спие или е буден”. Тоа беше мојата прва концепт-песна. Песната се сними без никогаш да биде пробана.

 

 

Virtual Self, а донекаде Jupiter and Beyond на наредниот албум ќе се снимат на ист начин. Влатко Каевски многу се запали за бендот. Тоа е нешто најубаво што може да ви се случи кога сте со снимател кој ви е по нужда и продуцент, во студио со 8 канали, а вие сакате сé да звучи како да има 64.

Natural Grace беше пазена и мазена и од Влатко и од Сецко подеднакво. Колку волшебно и полетно таа звучи и после 22 години. Невиноста од стиховите на Блејк се преклопуваат со невиноста на гласот на Сале. На спотот јасно се отсликува тоа магично време кога заедно со бендот (Горан Поп полека се приклучуваше) одевме во овчеполието на едно прекрасно плато. Беше пролет, имаше цвеќиња насекаде а ние полегнати мислевме дека се спојуваме со небото. Спотот ја прикажува таа прекрасна природа а песната го рекреира тоа чувство на безгрижност: пандан на тоа е Top of the World од вториот албум. Текстот “valleys of vision down the mushroom clouds, meticilous hills over lushy green” се повторен опис на истото место. Rape е сосема друга приказна. Беше многу тешко да се стави текст на песна која во принцип е инструментал со силни гранџ (TAD) и хардкор влијанија (Big Black). Текстот се занимава со проблемот на насилството видено преку митолошка предлошка: силувањето и сечењето на јазикот на Филомела од страна на зетот Теруз. Приказната не би била интересна да не се случува метаморфоза на Филомела во славеј. Метафората на Овидиј ја отсликува приказната за тоа како е родена поезијата и воопшто уметноста. Родена како производ на политичко насилство, уметноста е одраз на истото: нејзиниот јазик е распарчен, фрагментарен и нејасен за обичниот човек. Истата тема се повторува и на вториот албум: во долгиот вовед од второто пеење на The Waste Land, Eliot повторно ја прераскажува приказната за поезијата “the change of Philomel, by the barabarous King; and still she cried and still the world pursues; Jug Jug for dirty ears”. Овие стихови, исто како и оние од The Rape, сé уште се енигма за многумина кои не читаат и можеби и не ја разбираат смислата на поезијата. За жал, овие стихови останаа само гласно но нејасно крекање на славејот (Jug Jug): насилството не само што не го снема туку до крајот на 90-те кулминираше право пред нашите очи.

Bottom’s Dream беше креација на мојот мозок и на упорната работа на Влатко да ги измикса сите звуци кои ние сакавме да се стават во оваа мултидимензионална песна. На крајот немаше место за вокалите. Нуждата ти дава идеи. Јас и Сале од првпат, без проба ги средивме вокалите. Стратегијата беше едноставна. Сале ќе ги пее првите две строфи сам, рефлектирајќи го Bottom кој сé уште претендира дека разбира што му се случило во шумата. Тој е буквално искористен од Титаниа заради нејзино задоволство а и заради лична освета кон Оберон. Вториот дел од песната е отпеан така што Сале пее парчиња од првата, а јас парчиња од втората строфа. Идејата беше да се прикаже Bottom кој е во целосна конфузија помеѓу телесното блаженство (спиел со кралицата на самовилите) и менталната неспособност да си објасни што всусност му се случило. На крајот се дига гитарата во дисторзиран noise (со тремолото во стилот на MBV), на басот му се додава ехо за да звучи нешто како Roger Waters, а јас и Сале звучиме како микрофонот да е поставен во некој бунар. Во самата драма Bottom се буди и зборува; зборувањето го уништува искуството. Сакав Shakespeare да звучи како MBV, нешто како When you Wake you are still in a Dream. Затоа на крајот Bottom нејасно се изразува; менталната способност му се намалува, но задоволството ја преплавува песната. На крајот на песната, Влатко во состојба на крајна возбуда ги остави вортексите од ефекти изолирано и им додадава уште малку дилеј. Се слуша како звукот рефлектира жуборење на вода. Чист оргазам. Е, така сакав да звучи ренесансната поезија. Еротизирано до даска.

 

 
На Sick Rose сé уште се чувствува прекумерното задоволство од претходната песна. Но тоа си има цена: црвот ја гуши розата како што доцен мраз ги коси цветовите на пролет. Кај Блејк, црвот е науката, разумот што ја гуши имагинацијата: Newton наспроти артистот, искуството наместо невиноста. Спотот за песната верно ја отсликува готската атмосфера на песната: Nosferatu на Herzog го покажува светот на изолираната природа која станува демонска и заканувачка за човекот. Оригинално мислев, но не успеав да го снимам спотот со Марија Радуловиќ. Таа ја имаше таа надреална убавина слична на Isabela Adjani. Таа беше огромен подржувач на андерграунд сцената во Куманово, а за сите нас остана симбол на декадентна убавина – вистинска sick rose.


Марина започнува со акорди од Subhuman од Blue Oyster Cult.. За Сале, BOC заедно со Hawkwind, Sonic Youth и Christian Death му беа модели како да развива песна. Марина е класичен пример како лежерен носталгичен акорд прераснува во гранџ рефрен а нојзот на крајот на песната се претопува во прекарасно, носталгично соло. Текстот е преземан од романсата Pericle на Shakespeare и песната Марина на T.S. Eliot. Некаде на средината на песната мојот стих “what has been lost before has to be found again now” ја сумира лекцијата за структурата на романсата, нешто што го научив од Nortrop Fray, а што во суштина ги отсликува сите романси на Шекспир – некој или нешто е загубено и на крајот на драмата е најдено: загубената ќерка на Перикле – Марина, загубениот татко на Фердинанд, загубената моќ на Просперо итн. Спотот прекрасно го прикажува губитокот во бурата и пронаоѓањето на загубената релација или личност. Шекспир и Елиот ја гледаат романсата како потрага по изгубениот Грал, односно на врската на човекот со природата. Миранда во спотот е приказана како дел од природата, опкружена со бујна вегетација. Врската со филмот на Argento – Stendal Syndrome не е случајна. Уметноста е замена за природата. Стендал секогаш паѓал во несвест кога гледал уметнички дела исто како и Asia Argento која се втурнува во хипереалноста на сликата на Бројгел. Нејзиното губење на менталните и моторичките способности под влијание на силната енергија која зрачи од уметничките дела е слична на сексулната енергија која го засеметува Bottom
. Ако ја резимираме првата страна на албумот може да се заклучи дека освен на Natural Grace сите други песни е претставен мотив на осактен, болен, зашеметен или генерално изгубен јунак. Втората страна продолжува во ист стил. Сега веќе нема митологија.

Suicide е комплетно Сале, и музички и тесктуално. Алудира на Кобејн, иако е напишана пред неговата смрт: структурата е составена од егзибиција од разни стилови. Почетокот е класицен Slint, развојот и рифот е Нирвана од Неврмајнд ерата, преминот е готово готски а самиот крај е верувале или не, rip off на Yes – Astral Traveller, песна која отсекогаш сакав The Hip да ја обработат. Мислите дека Сале свесно тоа го прави? Не, кога пред некој месец му укажав на Yes тој рече дека не знае зошто така ја завршува песната. Сепак се покажа дека не попусто го терав Сале со часови да ги слуса Yes и Genesis. Јас така ги поминав моите тинејџерски и дел од студентските денови. Тој ја помина истата школа. Suicide стана песна на годината. Фрешко го сфати тоа и ја форсираше песната, иако лично повеќе ја преферираше Bottom’s Dream.

 

 
Spirit of the Age е напишана во самото студио. Зачудно, кога сега ја слушам песната ми се чини доста добро стокмена. Сале смисли shoegaze риф на кој го нафрливме Hawkwind референот. Истата песна од Hawkwind ќе биде подоцна инспирација и за крајот на May I Feel на вториот албум. Текстот е базиран на фрагменти од Eliot и Browning. Темата е како да го најдеш гралот опкружен со медиокритети кои те гмечат во црната дупка на нивниот испразен живот. Сепак, втората строфа звучи многу поетски, мојот стих “in this quest i suffered long like a sick man at the gate of death” е финализиран со слоганот на витезот од најпознатата песна на Robert Browning – Childe Harold to the Dark Tower Came. Успевајќи до го досегне гралот кој е на другата страна од реката тој победницки дува во рогот – “when i reached the other bank, i blew the horn on tower dark”. Таа мрачна кула потсетува на симболот на науката која кај Блејк е прикажана како “dark satanic mill”, но и на мрачната кула во која живее Носферату. Темите и мотивите се преплетуваат од песна во песна, а како што подоцна ќе се покаже и од албум во албум.

Confusion Time го задржува оригиналниот риф на Loop, но текстот ја води песната во поинаква драматика. Злото е повторно персонифицирано во форма на дух, но за разлика од вампирот, на Macbet му се прикажува духот на човек (bloody ghost) кој тој во својата желба за моќ го има убиено. Macbet не владее со себе (што очигледно е тема на целиот албум): логичното размислување прераснува во психотична проекција. Злото и доброто се помешани – “fair is foul and foul is fair”: секоја строфа завршува со крешендо, со пад во пеколот – “the smoke of hell now I smell” и секогаш рифот води напред, преку понорот, нешто слицно како кај Spirit of the Age. Последното крешендо се чини дека е конечно. Рифот како да ја губи борбата, но силата на рокенролот, во синергија со carpe diem мотивот, за последен пат ја премостува безизлезноста. “It’s better to burn down than to fade away” е животно мото, еротичен повик кој евоцира елан дури и во прегратките на смртта. Bottom и Macbet станаа жртви на својата амбиција, а Кобејн во неговиот хероински делириум престана да се бори. Членовите на бендот само што станаа полнолетни. Мораше да им се даде поттик да продолжат, иако нивниот идол веќе не беше жив. Тоа е накратко и пораката на Confusion Time.

А позади, таму се крие огромното космичко пространство – мултиплициран простор со нејасни пропорции и облици, место каде што конечно губењето на контролата врз себе нема негативни импликации. Уште на самиот старт на снимањето ни беше јасно дека Interstellar Overdrive мора да се снима во живо. Ариел беше отворен за последен пат само за тој концерт и во принцип само за таа песна. Јас специјално му наговестив на батко Орде дека ќе платиме разглас и се само за да ја снимиме таа песна. Орде веќе ја слушна еднаш таа песна на концерт и се спреми во стил, Бојан беше додатно повикан да го контролира звукот, а Орде ги донесе најскапите микрофони од неговата колекција. Ариел има звук на право студио, целиот е во дрво и плута. Но бидејќи се работи за поранешно кино се чувствува и просторен волумен поради високите сводови – нешто што бесе идеално за снимање на ваква песна. По првичниот воведен риф Серџо (кој се врати во бендот само за уште еден концерт) прекрасно ја доведе песната до состојба на плазмична мултидимензионалност. Тродимензионалниот реверб на батко Орде го напика звукот во секое цосе на салата. Сале се наведна и почна да го модулира звукот со една чудна педала која повеќе личеше на некој процесор. Педалата ја купивме од Горан Лутовац кој ја прошверцува од Киев. Цената беше 40 германски марки. Дури подоцна сфативме дека русите всушност направиле нешто слично на Ring Modulator со една специфична функција која овозможува ротирачки фидбек од гигантски пропорции. И конечно, Interstellar прозвучи не како што ние очекувавме туку во стилот на импровизацијата од клубот UFO каде Barret и ја има создадено песната. Се работи за енергија а не за стил. Interstellar е стендалов синдром за секој кој сака да ја почувствува силата на уметничката креација. Безгризноста на Natural Grace повторно е рекреирана, загубената убавина на создавањето повторно е најдена. “We are landing in Jupiter” – извикува Сале. Во стилот на Боуви и Кјубрик тој бара комуникација со control room. Но, за разлика од нив, Сале не беше изгубен, ниту сам. Од контролната соба јас и тој прекрасно комунициравме. Ја слетавме песната на Јупитер и потоа, на вториот албум заминавме уште подалеку.

 

 

Кога се појави Songs about Books and Flowers членовите на бендот сé уште беа во средно училиште, а јас сé уште професор во гиманзијата. Есента, колективно се откачивме од гимназијата: тие отидоа на факултет, а јас останав без работа. Веќе во декември, Фрешко, кој стана двигател и на мене и на бендот, ни закажа ново снимање. Почина нашиот кумановец Ушко и се бараше песна од бендот за компилацијата во спомен на Ушко. Brainstorm одамнa беше личен фаворит на Сале. Во Cyberspace сé беше готово за еден ден. Сале ги отсвири сите гитари (вклучувајќи го и басот), отпеа и тоа беше тоа.
Пред самото влегување во студиото му дадов еден краток вовед кој се базираше на филмот Brainstorm – класичен филм-ноaр од 1964 година. Јасно беше дека мојата, сé поголема преокупација со филмот ќе дава нова димензија и на музиката на групата. Спотот е со кататонична монтажа: идејата беше да го истакнам судирот помеѓу половите на шизофреничен начин. Филм-ноaрот не нудеше комична разврска во стилот на Midsummer Night’s Dream – овде жртвите на femme fatales директно завршуваа во лудница. Тука влијание имаше и моето изучување на Lacan кој велеше: „Мојата желба е желбата на другиот“. Со други зборови кажано, јас не знам што сакам ама сум жртва на други кои преку мене ја остваруваат својата желба. Најголема ноќна мора на секој маж е да открие дека жената која ја сака има тајна агенда со друг маж. Тоа му се случи на Bottom, но во филм-ноарот разврските се далеку од среќни. Brainstorm спотот се обидува да ја рекреира таа тенка линија помеѓу разумот и лудилото. Ликовите во Brainstorm и во Shock Corridor на Fuller ја губат битката: чувствителната брана која ги раздвојава двата света пука и ликовите се преплавени со напливот на неконтролираната содржина на нивното несвесно. Насилството кулминира, песната се врти во опасен суспенсе а Сале вреска: Destroy, destroy, destroy… Крајот сепак не е толко песимистичен: повторно здружениот пар од Аталанта на Виго плови по мирната вода на нивниот брак. Камо да конфликтот секогаш така се завршува.

Во почетокот на 1995, бендот доби сериозна понуда од страна на режисерот Сашо Миленковски. Требаше да создадат музика за неговата нова претстава. Тој дури инсистираше јас да работам и на текстот. Проектот пропадна, но бендот профитира, ако ништо друго поради фактот што неколу месеци можеше секојдневно да пробува во кумановскот театар. Настанаа многу инструментални композииции. Некои останаа како такви (Raskolnikov, The Raven, Sunrise, Heaven’s End) но некои добија покохерентна структура како UFO и Life in Death. Првата се сними повторно под притисок: Фрешко пак бараше нова песна за Македонскиот Документ и бендот немаше многу избор. Згора на тоа беше најавено дека John Robb ќе продуцира. Музички, песната му легна на Robb бидејќи содржеше елементи кои тој ги преферира: grunge рефрен, елиптични гитари со суптилни интервенции и реге интерлудиј во кој тој како вистински музичар од пост-панк ерата го продуцира басот во даб стил. Тесктот беше слична мешавина на англиски и американски влијанија. Американското беше секако филмот War of the Worlds, кој се користеше и на спотот, а англиското беше моето видување на текстот на Gabriel во The Return of the Giant Hogweed од 1971. Приказната за огромните хогвиди кои ја напаѓаат кралската ботаничка градина во Kew беше транспорирана во приказна за напад на џиновските сончогледи од Павлешенци врз Земјоделскиот факултет во Скопје. Јасно е дека метафората се однесуваше на нападот на провинцијата врз Скопје – напад кој во стварност тактички многу успешно се изврши со тоа што Скопје беше најпрвин нападнат со провинциската авангарда во 90-те а потоа следуваше нападот на помалку суптилните културни ешалони кои надираа од правецот на источна, средна и западна Македонија.
Денес може да се констатира дека акцијата успешно е довршена: Скопје е убедливо најсељачки град во Македонија а турбо фолкот е официјална култура во градот. Спотот го драматизира десантот на провинцијата. Од една страна стихот “no chance no hope, that they ever be gone” може да се протолкува како дефинитевен печат кој провинцискиот underfround го остави на Скопје, но во исто време и како конечна окупација на провинциската идеологија во политиката и културата на главниот град. Овие првите не останаа во Скопје: секој од нив си ја тера својата приказна во склоп на микро-просторот во кој се движи: оние вторите пак, ја контаминираа целокупната култура во градот. Се работеше за софистицирани вонземјани: тие грабнуваа трупови така да многу бргу незабележливо стаануваа прави скопјани. Сепак, она што ја разоткрива нивната игра е звукот на Шумадија. Маските веднаш паѓааат а под добростокмениот имиџ се појавува провинцински вонземјанин. Вистинските скопјани се денес во паника и многу од нив размислуваат да се селат во странство или некаде во некоја провинција. Кога сме кај селење, денес не можеш да сретнеш никого од тие први постави на The Hip во Македонија. Сале е менаџер за набавка на Chevron Oil во Perth, Миќо е финансов менаџер на Imperial Tobacco во Шведска, Поп работи во Катар за Brown and Root, Профа е контролор на квалитет за Phillips и живее со неговата жена белгијанка и семејството во Белгија. Бојан басистот живее во Ниш. Серџо почина пред две години. Марија Радуловиќ исто така. Вечен помин нека им е е. Јас сум сé уште во Куманово и сé уште се борам со мојот митолошки немесис – образовниот систем на Република Македонија. И сé уште пишувам. По 22 години готово е неверојатно дека бендот не остави поголем траг врз останатите бендови во Македонија. Единствен албум кој може да се мери со Songs е Reality Overdrive, ама ние пак зборуваме за The Hip. Да бидеме сепак реални: многу е тешко таков спој помеѓу, условно кажано младоста и искуството или изведувачите и критичарите повторно да се случи во една мала земја каква што е Македонија. Критичарите (ако воопшто има такви) не го разбираат техничкиот аспект на правење на музика а музичарите не читаат книги. The Hip звучеа моќно бидејќи критичарот, со правилното читање на традицијата, им ја филтрираше енергијата од делата на другите автори. Затоа, The Hip не работеа под стимуланси. Songs претставува важен документ за моќта на една таква алхемија и реалиција во средина каде што младите таленти се препознаваа и форсираа. Не гледам можност за такво нешто во Скопје кое врие од самобендисаност и ароганција – нешто што секагаш им било одбивно на кумановците. Во Куманово сепак има некој ред, некој однос кон традицијата, па затоа кумановците си ги респектираат своите таленти. Не дека и таму сите беа среќни поради успехот на The Hip. Многумина и до ден денес сметаат дека јас требаше повеќе внимание да посветам на кариерата на другите бендови од градот, пред се на Трачери и Корпус. Без оглед на тоа дека се работи за квалитетни групи (пред сé, мислам на Трачери) сепак мислам дека мојата подршка на групата беше правилна и сосема оправдана. А што требаше да правам? Да го оставам Сале без бенд и да пропаднеше целата идеја со The Hip. Ќе ги немаше ниту Songs ниту Reality ниту Летниот Рок Фестивал ниту многу други пропратни работи по кои Куманово стана познато. Songs делува свежо и ден денес бидејќи од идејата до остварувањето поминаа само шест месеци. На Летниот Рок Фестивал 1995 The Hip беа со право главни звезди (иако тоа на многумина во тоа време не им беше јасно). Нивниот настап, а и целиот фестивал го славеа времето на цвеќината и книгите – кумановското лето на љубовта. Завршија со Life in Death. Песната отвори друга музичка и концептуална димензија: ќе требаше 6 години да се создаде Reality Ovedrive. Во меѓувреме насилството ја замина љубовта, сите работи станаа премногу сериозни. Reality Ovedrive е одраз на тоа турбулентно време: стилот се усложни, цитатите се мултиплицираа. Многу книги се прочитаа во меѓувреме. Албумот се вртеше околу бројката 6. Имаше цитати од 6 поети, користени беа идеите на 6 различни филозофи, спотовите алудираа на 6 филмски жанрови а бендот создаде песни во 6 различни музички стилови. Пред неколку години браќата Wachowski го направија Cloud Atlas на слична основа. Коинциденција или не. Којзнае.
Реиздавањето на Songs (се надевам и на винил) сигурно ќе им значи нешто на луѓето кои беа активни во тие (барем за нас) swinging 90-ти, но се надевам и на некои помлади генерации кои можеби ќе бидат инспирирани од она што некои македонски тинејџери го создадоа пред повеќе од две децении.

[рецензија] War for the Planet of the Apes
режија: Matt Reeves

12.08.2017

Еден ден Andy Serkis (Gollum, King Kong) ќе биде номиниран за Оскар. Се надевам дека тоа ќе се случи токму за улогата на Цезар во ...

The Love Witch
режија: Anna Biller

21.07.2017

Хоророт често бил начин да му се погледне на табуто во очи. Во ера кога политички некоректните потези се дочекуваат на нож, хорор филмовите стануваат ...