SU2016

Од 1-ви до 3-ти август во Примоштен, Хрватска се одржа третото издание на фестивалот Супер Ухо. Трето издание и трета различна локација. Првите две години фестивалот се одржуваше во Шибеник на различни локации, но од оваа година се пресели 30 километри појужно во малото гратче чие мото е град-плажа. Ќе прочитате понатаму зошто е битно ова град-плажа. Супер Ухо ме освои уште првата година со својот концепт на мал интимен фестивал каде оние кои настапуваат ги гледаат концертите заедно со публиката а може да ги сретнете и во тоалетот. Во извештајот за фестивалот од минатата година напишав дека Супер ухо е фестивал со најдобар музички вкус во регионот. И после третото издание останувам на истиот став, иако морам да констатирам дека ова последно издание за нијанса не беше толку вкусно како претходните две. Фестивалот има извонреден концепт – 5 или 6 извонредни имиња од светската сцена и малку повеќе од регионот, една главна бина и втора помала на кои наизменично се менуваат по 3 или 2 бенда/артисти на ден. Штом завршува едниот настап , за 3-5 минути започнува следниот на другата бина. Ова дава можност да се видат сите планирани концерти што пак е главен проблем на поголемите фестивали, како на пример Примавера во Барселона каде и покрај тоа што настапуваат голем број на значајни и извикани имиња не е возможно да се видат затоа што нивните настапи временски се поклопуваат.

 

PHПрвата вечер на главната бина настапи Peter Hook and The Lights. Некогашниот басист на Joy Division пред 10 години го напушти друштвото на New Order, ги формира The Lights но најчесто настапуваше како DJ. Ако добро се сеќавам беше и во Скопје пред поим немам колку години.
Последните години Peter Hook and The Lights на своите концерти свират исклучиво песни на Joy Division и New Order. На Супер ухо слушавме само Joy Division. Искрено уште на почетокот ми се појави дилемата зошто постои овој бенд – за да ги свират стварите на други 2 култни бенда во кои членувал нивниот басист? И наместо да уживам во музиката мојот мозок ги испитуваше етичките моменти за вакво нешто. Како ли се чувствува Хуки да се вози на наследството на неговиот поранешен бенд? Ја не си одговорив на овие прашања таа вечер, затоа што за среќа навреме се освестив и како што одминуваше нивниот настап така се повеќе се препуштав на мистичната убавина на Joy Division моментумот пред и околу мене. Warsaw, Transmission и Love Will Tear Us Apart беа неверојатно изведени. Не толку сурови, повеќе попизарани и разиграни. Не знам колку тоа би му се допаднало на Ian Curtis, но од денешна перспектива мене ми звучеше убаво, на границите на манчестерската денс музика.

Lighting BoltИстата вечер го видовме и најенергичниот концерт на фестивалот, американското дуо Lightning Bolt. Бас, тапани и многу педали се доволни за таков гласен noise што мислам дека пола Примоштен со затворени врати и прозорци го помина нивниот настап. Мене тоа ептен ми се допадна и целата таа бучава ја доживеав како лична освета кон сите оние семејени туристи со мали деца кои тука го минуваа годишниот одмор, а пред сè кон родителите, бабата и дедото на 11 месечната Ема од Словачка, моите соседи во апартманот и главните виновници за непреспиените ноќи и утра. Имено, Примоштен е место кое поради огромните уредени и некарпести плажи што е реткост во Хрватска привлекува семејства со мали деца. Градот е окупиран од нив и детскиот плач и викотници е сеприсутен – на плажа, улица, ресторани, апартмани. Вистински терор. Голема благодарност до Lightning Bolt.
Saul Williams го заврши првиот фестивалски ден. Беше извонреден, непосреден настап кој само ги потврди сите пофалби што ги слушнав за скопскиот настап два месеца пред овој. Активистичките текстови полни со пораки против расизмот, сексизмот, маскулинизмот, искористување на сиромашните итн, толку потребни во ова време, зрачеа со искреност и емпатичност која ретко се гледа. Дефинитивно еден од трите најдобри настапи на фестивалот.

MudhoneyВториот ден беше вистински десерт. Првпат имам можност да ги гледам легендарните Mudhoney, бенд креатор на гранџот и инспирација за многу други бендови. Вокалистот Марк Арм сè уште изгледа исто како и пред 30 години. Циничен говорник и поет со иста фризура, фармерки и патики. Многу моќен и жесток настап. Свршување на Touch me I’m sick и In and out of Grace. Ова беше еден од оние концерти после кој посакувате веднаш да си заминете од фестивалот, затоа што нема смисла да се гледаат другите. Меѓутоа, оваа вечер имаше многу смисла да се остане затоа што изненадувачки за мене најдоброто следуваше.

Shobaleader OneГо знаете Tom Jenkinson ака Squarepusher? Момакот кој издава за WARP, беше и сè уште е прилично популарен на електронската музичка сцена има друг проект наречен Shobaleader Оne. Тоа е бенд каде покрај Том, кој свири на бас гитара и се грижи за семпловите има уште 3 членови на тапани, гитара и клавијатура. Излезени со маски со лед светилки на главата во потполниот мрак во прв момент зазвучија на Daft Punk. Но само зазвучија и само на прв момент. Веќе со трета тема на сите ни стана јасно дека присуствуваме на неверојатен концерт. Замислете ги стварите на Squarepusher отсвирени со инструменти во живо. Лудница. Џез, фанк, ритам, електро во најдоброто можно издание. Не ми се веруваше што гледам. Вистинско инјектирање на енергија од нивните инструменти во нашите тела. Концерт на Фестивалот. Мислам дека се идеални за полноќните концерти на Скопскиот џез фестивал.

DevendraТретиот и последен ден имаше најмногу публика и млади лица. Ако претходните 2 дена просекот на години на посетителите беше над 30, последниот ден тој просек прилично се намали пред се заради настапот на Devendra Banhart. Devendra е прилично популарен кај женската помлада публика и тоа осетно се приметуваше . Првите редови беа полни со млади возбудени девојки кои воздивнуваа на секој Девендрин поглед . Незнам дали е до годините или до тоа што не ми се допаѓа неговиот поглед но јас не го догледав неговиот концерт. Едноставно тој музички сензибилитет ми е премногу наивен. Devendra Banhart изведе неколку теми од новиот албум Ape in Pink Marble кој треба да се појави оваа есен. Ниту тие не ми оставија впечаток и се преселив таму каде што човекот се чуствува повесел и разбран, на шанкот за пиво. Патем одличен потег на организаторот е што понудата на пиво беше исклучиво од мали приватни односно craft пивари.

Mark LaneganMark Lanegan, уште едно звучно име за последниот ден. Се запалија само црвени светла, Марк го зеде микрофонот во рака, направи една поза и така остана до крајот на концертот. Само неговиот рапав глас и гитарата на Jeff Fielder. Повеќе од доволно за соголена емоција. Слушнавме теми од речиси сите албуми вклучително и неговите обработки на I’ll Take Care of You и Deepest Shade. Овојпат инјектирањето не беше во нашите тела туку директно во нашите чувства. Оние најдлабоките.
Истата вечер го видовме и слушнавме Дамир Авдиќ и неговиот поетичен сценски настап со кој ја искритикува целата денешница, од капитализмот и сексистите до интелектуалците и борците за човекови права и мировна акција.
Фестивалот го затворија хрватскиот женски бенд Жен кои со својата сонична психоделија добро легнаа после полноќ и нè подготвија за сон.
На крајот сакам да ги истакнам и извонредниоте настапи на Franz Kafka Ensemble – хрватска варијанта на Тortoise без клавијатури и на словенското дуо It’s Everyone Else кои само го заблажија десертот од вториот фестивалски ден.
Сумирано Супер Ухо нe нè разочара и затоа се гледаме повторно догодина.

[рецензија] War for the Planet of the Apes
режија: Matt Reeves

12.08.2017

Еден ден Andy Serkis (Gollum, King Kong) ќе биде номиниран за Оскар. Се надевам дека тоа ќе се случи токму за улогата на Цезар во ...

The Love Witch
режија: Anna Biller

21.07.2017

Хоророт често бил начин да му се погледне на табуто во очи. Во ера кога политички некоректните потези се дочекуваат на нож, хорор филмовите стануваат ...