Од нула до „Зеро“

„Зеро“ е создадено ex nihilo или од „нула“. Затоа и повторно, и повторно се враќа и воскреснува, бидејќи она што не постои, не може да се уништи, без оглед на тоа, колку ние самите, членовите и симпатизерите на „Зеро“ или, пак, неговите непријатели се труделе да го деконструираат и да го снема. Но, тоа што веќе не постои, никако не може да исчезне. И тоа постојано нè следи, без оглед на сè.

Ах – какво проклетство, како она проколнато шише на Стивенсон. Но, воопшто не е така, ако го погледнете овој феномен постудиозно. „Зеро“ е сосема пријателски настроенo и никому не му се заканува, напротив, „Зеро“ сака да инкорпорира што е можно повеќе пријателски настроени луѓе и да ги поведе во една, колку апсурдна, толку и безопасна авантура во зоните на ликовното творештво.

 

ZERO

Корените на „Зеро“, неговата генеза, датира уште од времето на „едноумието“ – како го нарекуваат од денешна перспектива – самоуправиот социјализам, систем, кој со колапсот на „Железната завеса“ се сруши во драматичен тресок и со многу жртви, кои паднаа како резултат на насилната демонтажа на СФРЈот, која беше веќе непотребен геополитички фактор во новото монополарно уредување на светот, кое, фактички, и почна со граѓанската војна во оваа дезинтегрирана и опструирана држава од страна на домашниот национализам, САД и нејзините сојузници во геостратегискиот поход кон истокот и Евроазија.

Но „Зеро“ се подбиваше со политичкиот дискурс. Никој не можеше да се справи со овој ригиден политички нихилизам на членовите на ова ументичко здружение, создадено во пазувите на процветаниот скопски андерграунд од осумдесеттите.

Иницијацијата на неформалната уметничка група „Зеро“ се случи сосема спонтано во „Галерија 7“ – чајџилницата на Адил Карахасан, која се наоѓаше и сè уште се наоѓа во старата Скопска чаршија, некаде во 1985 или 86-тата година, веќе не се  сеќавам точно.

Бевме поканети да партиципираме во една, од оваа перпектива, историска изложба во Музејот на Македонија, со наслов – „Гест, акција, апстракција“ – или така некако, чиј куратор беше Владимир Величковски, денес проминентен историчар на уметноста, а во тоа време млад кустос, вработен во оваа културна институција. Неговиот огромен ентузијазам, да направи што е можно потемелен пресек на постмодерната во Македонија, на таа изложба изнесе на виделина  неверојатно интересни, смели и силни дела на автори, уметници, полни со желба за креација во контекстот на новата уметничка духовност во светот.

Ние, групата „Зеро“, бевме дел од учесниците. Се собравме во дворот на бараката на Миодраг Десовски – Мишко во Ѓорче Петров и ‘ргнавме по стаклените воали, што Мишко ги беше издејствувал од „Стаклара“, каде и работеше. Денес тој е во Австралија, каде се пресели уште пред распадот на СФРЈ.

Пепси, Хинки, Синиша, Игор, Мишко, Беди и јас, бевме првите членови на групата „Зеро“, која, во основа, беше потполно отворена за креативна партиципација и во тој процес со „Зеро“ работеа многу други уметници и граѓани, отоворени кон овој тип експеримент.

Еднаш, се сеќавам, правевме инсталација и перформанс на просторот пред „Галерија 7“. Беше летна квечерина, одеднаш во уметничкиот процес што го водеше „Зеро“, со уште неколку пријатели и симпатизери, почнаа да земаат учество огромен број луѓе, на стотици, во тој не премногу голем двор. Сите влегоа во творечкиот ритуал како деца. Тука имаше луѓе од андерграундот, еснафи и клерици од чаршијата, гости и туристи. Свет во мало. На маргините од толпата, вметната во уметничкиот чин, се слушаа сегменти од разговори, водени на најразлични јазици.

„Зеро“ беше сосема отворено за најнеочекувани интеракции на духовноста. Од уметничка и философска, до мистичко-религиозна и идеолошка. Огромен, еластичен, имагинарен простор, кој може да проголта, ама буквално сè. Тука  немаше никакви ограничувања, конечно, базата на „Зеро“ – „Галерија 7“ и лавиринтот на чаршијата, беа епицентарот на скопската и македонската андерграунд сцена, во која се собираа неверојатен тип личности, доволно фасцинантни за да бидат проминентни фигури на било која алтернативна културна сцена во светот, што подоцна и се покажа со одредени партиципиенти во овој духовен и културен изблик, кои емигрираа во странство, а беа дел од оваа револуција на креативноста, сосема делимитирана од било каква религија, политика и идеологија. Нешто многу поголемо од овие квалификативи и нешто многу подлабоко го детерминираше курсот на прифаќање и доверба: толеранцијата беше најдолниот оптимален квалитет, љубовта, емпатијата и ентузијазмот – најголемиот.

Наскоро и Тања Миљовска му се придружи на „Зеро“. И во оваа постава се претставивме во Германија, во Келн, во Институтот за источноевропска уметност, токму воочи војната во СФРЈ.

„Зеро“ беше прилично поврзано со уметници и интелектуалци од разни држави и култури, од сите континенти. Некои дури седеа во Скопје со месеци, токму во друштвото и соработката со „Зеро“, како што беа Теруаки и Норико од Јапонија, Уве и Мигел од Германија, Дејвид, Фред и Роман од Њујорк, или, пак, Шјакваналсум од Холандија.

z12

z2z9

z1

z13

„ЗЕРО“ – ТВОРЕШТВО

„Зеро“ беше движење на спонтаноста, и рационалноста, и анархичноста, но и на почитувањето, на креативноста, на философската полемика и поетско-мистичката медитација. Во тој мозаик од крајно специфични карактери на епицентарот на скопскиот андерграунд, можеше да се види сликата за епохата, во која „Зеро“ делуваше.

Со минимум административна рационалност и со многу ентузијазам и спонтанитет, „Зеро“ во осумдесеттите направи неколку монументални дела – муралите во Основното училишете „Тефејуз“, во „Багдад кафе“ на работ на чаршијата, на ѕидот кај „Палома Бјанка“ (денес веќе не постои), Куќата на „Зелените“ во Градски парк во Скопје (беше насликана целата нејзина фасада), на која работеа Пепси, Ема, Роберт, Зоки и јас (денес веќе ја нема, беше срушена во доцните деведесетти), муралот во екстериерот на културниот центар во Штип и, секако, големиот мурал во МКЦ, кој е во добра кондиција, благодарејќи му на Провидението и на оние, кои раководеа со оваа институција сите овие години.

Веќе на почетокот на деведесеттите, дел од членовите на „Зеро“ беа преселени во странство. Мишко во Австралија, јас во Германија, Пепси често заминуваше во САД, Игор во Финска, па Холандија, Синиша и Златко (Хинки) често одеа во Амстердам, а Беди во Нирнберг, Минхен и Истанбул. Такви беа времињата, токму во осумдесеттите андерграундот почна да се поврзува на интернационални нивоа, а веќе во деведесеттите и да соработува без бариери.

Македонија беше сосема нова држава и многу луѓе во светот едвај да знаеа нешто за неа. Оние ретките помеѓу нив, што чуле нешто за нашата татковина – главно ќе го спомнеа Александар Велики или „Македонската салата“, која беше доста популарна во Италија и Франција во тие години.

Како да доаѓавме од никаде, од некое непостоечко место. Ете, такви беа искуствата на „Зеро“ во деведесеттите, кои главно го усмерија уметничкото здружение кон себепретставување во разни институции од областа на ликовната уметност.

Имавме уште едно обемно претставување во Музеите на Македонија, па во Музејот на современата уметност во Скопје (инсталација), па во ИГНИС во Келн и други помали и поголеми претставувања пред публика.

Во интелектуалното милје на андерграундот, со „Зеро“ соработуваа и креативно интерактираа можеби најзначајните теоретичари на уметноста во Македонија. Уште од самиот почеток со нас беа Конча Пирковска, проминентен автор на многу дела од областа на ликовната критика и теорија и, секако, Сузана Милевска, виден интернационален ликовен теоретичар, која заедно со професорот д-р Штраус, ги напишаа и текстовите за „Зеро“ во каталогот, што беше публикуван по повод претставувањето на „Зеро“ пред германската ликовна јавност. Тука беше и Владимир Величковски, кој студиозно ја следеше работата на „Зеро“ и беше еден од круцијалните агенси, заедно со Горанчо Ѓорѓиевски, за реактивирање на групата во 2009 година по скоро дводецениска неактивност.

Сепак, на индивидуален план, сите овие членови на групата „Зеро“ беа прилично активни и во овој контекст, реализирани се многубројни дела во најразлични ликовни и електронски медиуми. На некој начин, и овие, навидум сосема отуѓени дела од групата „Зеро“, создаваат една уште поширока, покомплексна и многу пообемна слика за феноменот на „Зеро“, зошто сите тие индивидуални опуси на членовите на групата се како екстензии од една централна енергија, концентрирана во ова уметничко здружение. Како пипалата и централниот дел од еден октопод, ете, така, можете метафорички да гледате на феноменот на уметничкото здружение „Зеро“ во контекстот на македонската историја на уметност.

Во 2011 година, под влијанието на Горанчо Ѓорѓиевски, млад ентузијаст и куратор во Националната галерија на Македонија, се случи едно монументално претставување (ретроспектива) на „Зеро“.

Како групата да воскресна.

Претставувањето беше многу добро прифатено, пред сѐ, од младата ликовна публика, која воопшто не ни чула за „Зеро“.

Ова, секако, ни даде силен поттик и „Зеро“ се залета во нова авантура со целата стихија на својот лудачки ентузијазам.

Националната галерија на Македонија, на чело со тогашната директорка, Маја Крстевска, конкурираше за учество на Биеналето во Венеција, токму со групата „Зеро“. И тоа беше одличен потег.

Групата иницираше концепт, под работно име – „Зеро шлепер“ и тргна во создавањето на нивниот, можеби, најамбициозен, најкомплексен и најизграден проект дотогаш. Тоа беше дело, кое во себеси внесе неверојатна когнитивна и  естетска енергија. Инсталацијата беше реализирана во „Палата Џулија“, во непосредна близина на „Канал Гранде“. Беше тоа еден неверојатен ренесансен амбиент, во кој „Зеро“ ги раскажуваше драматичните и застрашувачки приказни од јужниот Балкан.

Во контекстот на оваа чудесна авантура на „Зеро“ во Венеција, беше снимен и еден долгометражен, уметничко-документарен филм, под наслов „Шри Чарши“ во продукција на Стефан Шашков.

Следеше изложба на „Зеро“ во Њујорк во „Галерија МЦ“.

z3

z4

z10

z14

ФИЛОCОФИЈАТА И ПОЕТИКАТА НА „ЗЕРО“

Да се портретира „Зеро“ на ниво на неговата интелектуална мета-нарација, е прилично сложен потфат, но најблизок опис на оваа супер-сложена когнитивна структура, што еманираше од овој уметнички феномен, е еден сосема отворен систем на комуникација и креација. Зеро не беше уметничко здружение од оние, кои пред или при своето конституирање приложуваат некакви манифести, како повеќето авангардни уметнички групи во европската уметност од периодот на модернизмот. Нити, пак, некоја уметничка стратегија со прецизно одредени принципи и тактики во творештвото им беше својствена на „Зеро“, едноставно, групата на сакаше никакви дефиниции и строго определени курсеви, што не значи дека „Зеро“ имаше некаква анархистичка идеологија.

Иако имавме живи и блиски контакти со анархистите, пред сѐ, од Германија и Холандија, идеологијата на анархизмот беше само еден, не толку интересен идеолошки систем за „Зеро“. Не толку поради спорадичното заговарање на револуционерни методи на анархизмот, туку поради темелниот принцип на одбивање насилство во процесот на политичката борба и импликации на уметноста во неа. Така „Зеро“ непобитно застанува зад деконструкцијата на модернистичките идеологии и нивната револуционерна страст. – „Револуцијата е свиња која ги јаде сопствените прасиња“ – во осумдесеттите, времето на дејствувањето на „Зеро“, илузионизмот и скриениот опортунизам на револуционерните стратегии од 20 век, беа веќе тотално passé и нивните конструкции се рушеа насекаде во светот. Гледајќи како утопиите на сеопштата револуција, почната уште во времето на француското просветителство, па сѐ до Октомвриската револуција и сите нејзини деривати што се раширија по земјината топка по крајот на Втората светска војна, се претвораат во дистопии, во тоталитаристички руини, кои го депримираа светогледот, „Зеро“ со индигнација се дистанцираше од сите мејнстрим и академски референци на историјата на уредувањето на човековото општество, по било кој идеолошки принцип.

Можеби најдобро средство за општествените баланси би било едно бескрајно толерирање на сите ненасилни концепти на уредување на сите автентични култури и културни групации. „Животот ќе си го најде патот на најсуптилен начин, без оглед на сѐ. Затоа, да не го силуваме општеството со илузорни шеми и фанатични активности. – Contra la politica, para la metafisica. (Против политиката, за метафизиката)“.

Духовната, философската и поетската аура на групата „Зеро“ има своја детерминираност на најавтентичен начин во однос на матичната средина, оформена во културните традиции на јудео-христијанската и исламската цивилизација, каков е, впрочем, и овој дел од Балканов. Овој традиционализам треба да се сфати во општочовечки контекст.

Курентниот социјалистички систем и неговите идеолошки сурогати се спорадични искуства на „Зеро“, но групата беше потполно незаинтересирана за било каква комунистичка, социјалистичка или, пак, социјалдемократкса теорија и естетика. Сето ова беше мачна поетика на моментот, систем на вредности во потполна дисолуција. „Зеро“ немаше ништо против тоа, тоталитаризмот да се тргне од сцената, но на членовите на групата ни на крај на паметот не им паѓаше насилно да го рушат поредокот. Кон тоа, социјалистичкиот тоталитаризам се рушеше сам  од себе и многу поадекватен однос кон овој феномен беше сеирот и сожалувањето. Но, ова е многу наивен став, кој подоцна се покажа како безумно илузорен, кога во реалноста еманираше целата вистина за распадот, а тоа беше егоистичката стихија за поседување и моќ кај главните протагонисти, кои од комесари и функционери во името на масите, се трансформираа во капиталисти во свое име, патем, приграбувајќи ги општествените богатства. Тука „Зеро“ со индигнација го предвиде овој толку банален и толку бессловесен процес и соодветно го претстави во некои од своите дела.

Но, всушност, „Зеро“ никако не можеше да се согледа само како локален феномен. Во рамките на креативните инспирации на „Зеро“ постоеше една гигантска култура или збирка од културни и културолошки феномени.

Покрај ова духовно милје, кое во основата беше традиционално, кај групата „Зеро“ имаше голем интерес за далечните, егзотични култури, нивната философија, естетика и поетика. Од Иднија и Кина, па до Јужна Америка, Африка и Австралија. Интересот за егзотичните култури отсекогаш бил мошне жив во полемичкиот арсенал на групата „Зеро“. Во „Галерија 7“ се водеа бескрајни муабети за суфизмот, будизмот, зенот, катехизисот, таоизмот, конфучијанизмот, ламаизмот, шаманизмот, заратрустријанизмот, маздаизмот, џанаизмот, езотеризмот, стоицизмот, манихеизмот, богомилството, аријанизмот, идеализмот, рационализмот, агностицизмот, атеизмот, солипсизмот, либерализмот, неолиберализмот, нацизмот, комунизмот, анархизмот, национализмот, патриотизмот, прагматизмот, позитивизмот, социјализмот, капитализмот, надреализмот, егзистенционализмот, експресионизмот, фашизмот, футуризмот, реализмот, модернизмот, постмодернизмот, симболизмот, романтизмот, класицизмот, импресионизмот, колонијализмот, тоталитаризмот, протестантизмот, американизмот, традиционализмот, опскурантизмот, сатанизмот, кабализмот, дадаизмот, структурализмот, постструктурализмот, окултизмот, милитаризмот, атомизмот, квантата механика, софизмот, селафизмот, џихадизмот, хуманизмот, католицизмот, православието, психоанализата, контракултурата и рокенролот.

13.12.2017

М о ј о т   л и ч е н   С у п е р х и к (с)     Кога нештата се случуваат ...

Европската вожња на скопската линија
Кон фестивалот Cinedays 9-19 ноември

24.11.2017

Од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар се одржа 16-то издание на меѓународниот фестивал на европски филм Cinedays. Овогодинешното мото на фестивалот ...