Десет дена во филм

Заврши Cinedays, филмски фестивал на Европски филм. Седнувам да напишам нешто за изборот на филмовите што ги гледав како фестивалска добронамерничка, не новинарка, и се прашувам, а кој ќе чита? Во меѓувреме, додека трае фестивалот, многу малку објави. Најави за фестивалот, најави за некои филмови, неколку интервјуа со директорот, еден разговор со романскиот режисер Kristi Puiu, чиј филм Sieranevada беше прикажан во рамките на Гала програмата и толку. Читам интервју со директорот на Младинскиот културен центар, Златко Стевковски, дадено на почетокот на фестивалот – видлива разочараност од интересот на медиумите за фестивалот. Од друга страна, горд е, со право, што фестивалот трае, еве веќе 15 години.

c2016фотографии: Слободан Трајкоски

 

И навистина, на фестивалот му се радуваат луѓе кои сакаат да излезат од дома, да се тргнат од политика, од телевизорите, дебатните емисии и секојдневното труење на фејсбук. Не се тоа помодари, тоа се луѓе кои сакаат да влезат во темнината на киносалите и да избегаат од секојдневното сивило.
Годинешнава програма изобилуваше со филмови на култни режисери во гала програмата, музички документарци, официјална програма на европски филм, СинеБалкан програма, студентски, кратки, филмови за деца. Требаше да се направи добар избор на време и филмови за да може да се види што повеќе. Некои филмови од програмата веќе ги има на торенти и ми се гледани. Доживувањето е различно од тоа во кино, но, за вакви фестивали е мала помош, зашто можеш да видиш други што инаку не би ги видел уште долго никаде на друго место.

c2

Свеченото отворање во киното Милениум беше со музичко-поетскиот перформанс – На вечера кај субординанасот Апокалипсо. Под ѕвездено небо, во пригушена темновиолетово боја, со едно темноцревно светло од страна,  сцената со целосна контрола ја владее ова скопско андерграунд трио. „Над“ нивната музика одекнува гласот на Јован Миовски – Брамс: „Зошо праите филмски фестивал насред војна?“ и „Сите пари на светот“. Публиката патува заедно со нив и замислува како би било да ги има сите пари на светот :). Кој ги има денес и на кој начин се заработуваат? Изгубени, со пораки разни, чекориме низ овој град. Кој ги дели, собира и одзема нашите сништа? Под чива контрола сме? Кој е господар, а кој слуга? Многу храбро отворање, со јасни прашања и многу нејасни одговори кои останаа да висат во воздухот. Штета што  ги слушнаа само среќниците кои присуствуваа на отворањето на фестивалот. Едно е сигурно, сите пари на светот би ги дала на уметност и богатство на духот.

За мое отворање го одбрав Miles Ahead во режија на Don Cheadle, ставен во програмата за музички документарци, филм за Мајлс Дејвис. Очекував повеќе документаристика во него иако знаев дека е игран филм. Преакционен за мој вкус, со класични бркотници со коли, пукотници и слично. Можеби сето тоа е и нормално во светот на шоубизнисот, во кој Мајлс Дејвис несомнено бил, но мене, по филмот ми остана прашањето – дали навистина беше вистинска приказна од животот на Мајлс Дејвис или фикција. Си помислив дека треба да гуглам за да проверам. Од целиот филм, останува во сеќавање, Мајсл Дејвис како зависник од кокаин и разно-разни сплетки и интриги во медиумскиот и дискографскиот свет откако и ставил крај на својата кариера.

c3

Следниот ден, прекрасен филм, Frantz на Francois Ozon. Црно-бела животна приказна после Првата светска војна. Дали може да се живее со чувството на вина? Колку тоа нè прогонува, измачува и дали трае додека не побараме прошка? Филм за загуба на најблизок, за болката, верноста, ситните лаги кои ги правиме мислејќи дека влијаат на нашата среќа. Филм во кој животот е црно-бел а сеќавањата и сонот во боја. Крајот на филмот – животот е одлука, во боја.

Следи I, Daniel Blake на Ken Loach, социјална драма која дотепува. Приказна за поединецот кој не се снаоѓа во бирократскиот и Интернетизиран свет и самохраната мајка која бара начини да го изоди лавиринтот наречен живот. Суров филм без ниту мал обид за разубавување на стварноста. Болен до солзи.

Годинава на Синедејс два филма на Џим Џармуш – Paterson и Gimme Danger, музички документарец за The Stoоgies. Paterson е поетски филм, лежерно воден, за возач на автобус кој своето задоволство во животот го наоѓа пишувајќи поезија, филм кој ги слави малите а големи задоволства, филм во кој рутината на денот не е товар туку секојдневно збогатување со нови приказни кои ги среќаваме на патот. Непретенциозен а голем филм за вистинска љубов и поддршка. Музичкиот Gimme Danger шармира со Iggy Pop, неверојатно спонтан, свој, искрен, владее пред камера. Џим Џармуш и нема тешка задача, Иги е приказна сам за себе, раскажува без задршка. Филмот изобилува со документирани концерти, слики и споделени случки од членовите на бендот. Фановите задолжително да го погледнат, како еден документ и омаж за бендот кој го сакале.

На фестивали најмногу се радувам на шансата да видам  филмови кои обично  не ги одбираме кога дома сакаме да се релаксираме со варијанта – филм. Тоа се фантастични филмови без глумци, со одлични фотографии, предели на кои ретко кој стапнал, музики кои ги слушаме само наменски. Такви, годинава беа Voyage Of Time на Terrence Malick и Argentina на Carlos Saura. Во Voyage Of Time гласот на Кејт Бланшет нè води низ слики од минатото, сегашноста, иднината. Прашањето е, колку мајката Земја може да ги издржи сите наши хирови? Мајка која не може да им забрани ништо на своите деца, која ја трпи секоја болка која и се нанесува. Патувањето со филмот е несекојдневно, магично и вистинско уживање за сите сетила. Паралела за доброто и злото, природното и вештачкото, мирот и војната, уништеното и недопреното, филм кој дефинитивно се гледа само на големо платно. Те нурнува во утробата на Земјата.


Во филмот  на  Carlos Saura ја запознаваме Аргентина преку фолклорните танци. Музика, движења, игра, бои, фолклор, традиција. Сите чувства низ танц и допир. Болка, среќа, страст, занес. По изгледувањето на филмот се чувствуваш побогат. Магичен реализам.

Имаше и филмови кои малку разочараа, очекувајќи безгрешност кај режисерите. Новиот филм на Wim Wenders ме остави рамнодушна. Можеби атмосферата (опуштен разговор на маж и жена на една прекрасна тераса) и 3D проекцијата малку држеше присутност во филмот, но дијалогот, дефинитивно не. Ми требаше напор да го следам муабетот на двата ликови во филмот кои разговараа за убавината, вљубувањето, сексот, сеќавања за детството и младоста. За мене, на еден  неинтересен начин кој ми бараше неверојатна концентрација за следење, што ја немав. Единствено што ме „враќаше“ во филмот беше музиката и моментот кога Ник Кејв ја отсвире на клавир Into my arms. Слично чувство на рамнодушност имав и по новиот филм на Werner Herzog, Salt and Fire. Исфорсирана глума на убавата Veronica Feress, неинтересна еколошка крими-приказна со убави фотографии од Јужна Америка. Толку. Сигурно долго ќе го паметам  филмот Elle на Paul Verhoeven. Isabelle Huppert е одлична во улогата на успешна директорка на компанија за видеоигри, која се вовлекува во чудни, сакани и несакани, игри со мажи. Од филмовите на Синедејс, треба да се видат: новиот на Вуди Ален, Café society, на Алмодовар – Hulieta, чудниот, не верувам допадлив на сите, Hail Caesar на браќата Coen, a The Neon Demon на Nicolas Winding Refn и не мора. Доволно е пола саат, заради визуелното пакување. Приказната е очајна.

Во рамките на фестивалот, како промена за филм, се прикажа и македонскиот Џган. Го немав гледано и беше одлична прилика да го видам. Филмот е одличен.  Суров, болен, реален, мачен. Одлична глума на целата актерска екипа. Режирано и монтирано без грешка. Не се сеќавам дека на некој македонски филм сум осетила физичка болка и сум заплакала.

c4

Од музичките документарци би го издвоила Лимуново дрво, филм за првиот бенд на Милан Младеновиќ. Во џебното кино на МКЦ се собраа млади луѓе и по некој од генерацијата која растеше со ЕКВ. Филмот на Бранко Радаковиќ е монтирани сеќавања на рок музичари, новинари, уметници. Филмот е за култната група Лимуново дрво која не издаде ниту еден албум, а јавноста за првпат имаше можност да ги чуе аудио снимките од нивните два концерти одржани во белградскиот СКЦ.  Филмот го изгледав со паралелен филм во мојата глава, од еден минат живот, малку далечен, кој ми се одмотуваше гледајќи го Милан на платното. Средби во Скопје, гледање заедно видео музички касети кај тогашниот ми дечко дома, дружба во Мусандра после еден концерт на ЕКВ во Скопје, концерт на The Stranglers во Белград… Некоја гордост што сум имала можност да бидам во друштво на големиот Милан и тага за преубаво неповратно време. Филмот изобилува со фотографии од една младост, од едно безгрижно живеење кога се живееше вистински рокенрол живот.

За крај на ова мое шарање по филмовите што ги гледав, за најновиот филм на Xavier Dolan – It’s Only The End Of The World, за кој мислам дека имаше најголем интерес на фестивалот заради режисерот, кој на свои 27 години има режирано шест филмови, сите наградувани на светски фестивали. Семејство се собира на ручек по враќањето на синот кој заминал од дома и се враќа по 12 години. Соголување на сите меѓусебни односи. Филм за отуѓеноста со најблиските, неприфаќањето на мислењето на другиот, недослушувањето, нетрпеливоста, личната борба на секој поединечно и безрезервната љубов на мајката кон синот. Вечни теми, безброј пати филмувани, но секогаш актуелни. Добар шамар за размислување, соочување и мало успорување на животот.

Фестивалот  секоја ноќ завршуваше со музичка програма во 23 часот. Го слушав Jherek Bischoff, иако благо преморена од трите изгледани филма дента, кој настапи со гудачки квартет од Лондон. Амбиентална музика со моќ за заборавање на преморот. Концерт на кој се случи најинтересниот бис на кој некогаш сум присуствувала. По завршување на концертот публиката остана да седи на столчињата и не стануваше. Една чудна тишина, немрдање и чекање да се врати Jherek на сцената. Тој  влезе  во салата со чаша црвено вино и најучтиво го замоливме да се врати и отсвири уште нешто. Со голема возбуда и благодарност го стори тоа.

Годинава фестивалот одеше под мотото: Го чекаш цела година, го снемува за 10 дена. По десетте дена сфатив дека многу филмови не видов, а сакав. Ништо од официјалната програма и од СинеБалкан. Грешка што морам да ја поправам на следните изданија на фестивалот.

На фестивалот му посакувам да продолжи со истото темпо, иако можеби е предимензиониран за условите и можностите во кои живееме. Пркосот на тимот, кој го работи фестивалот со нескриена љубов, верувам дека во иднина ќе биде вистински препознаен од поширока публика во градов и Скопје ќе живее десет дена фестивалски во вистински смисол на зборот.

The Cyclist Conspiracy
Mashallah Plan: VIRILITY EP

20.02.2017

Извинете на германскиот, ама zwischenzweit. Во оваа есхатолошка ера, каде што ЦИА, во соработка со хорот Beelzebub’s Crematory, добија пристап до сите наши медицински досиеја, ...

Касета 02 | DJ Зоки Бејбе

30.01.2017

1. Brothomstates – Galerie 2. 99 – ACID 3. Cowboy Rhythmbox – Latin Sex Change 4. Marie Davidson – Exces de vitesse 5. Developer – ...