За попреченоста и стереотипите, предрасудите и дискриминацијата во учебниците за основното образование

Критика ја продолжува практиката на одбележување на важните денови за Човековите права, овојпат на 3-ти декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Апелираме за ангажираност на сите општествени чинители во насока на остварување на 17-те цели за одржлив развој, кои се во фокусот на овогодинешното одбележување на овој ден, како и зајакнување на напорите кон општество кое “нема да остави никој назад” и ќе биде еднакво за сите.

 

“ Oбразованието е моќ, но првенствено во рацете на оние кои веќе ја имаат.”
Мајкл Епл


Стереотипите, предрасудите и дискриминацијата се сеприсутни во учебниците за основно образование. Oва e главниот заклучок од анализата „Стереотипи, предрасуди и дискриминација во образованието: Фокус на учебниците за основно образование”. Во оваа анализа се разгледани четири макро-теми – родот, „расата”, класата и телото како оски на нееднаквост и со нив поврзаните односи на моќ. Ваквото разгледување е засновано на рамка изградена од теоријата на интерсекционалност и критичката педагогија. Предмет на разгледување во анализата се норми (вистини/лаги и видливост/невидливост) и општествени актери, а единици за анализа се текстови, фотографии и илустрации од учебници кои се користат во основното деветгодишно образование. Редовите подолу се преземени од или базирани на текстот на оваа необјавена анализа, и покажуваат зошто и како е дојдено до погоре-споменатиот главен заклучок.

 

Телото како оска на нееднаквост

Разгледувањето на телото како продукт на културата и односите на моќ е поврзано со „бодизмите” (bodisms) кои може да се фокусирани на возраста (ејџизам, анг. аgeism), привлечноста (лукизам, анг. lookism), физичката ‘спремност’ (ејблбодизам, анг. ablebodism), итн. Имено, телото како оска на нееднаквост овозможува личните карактеристики или статус (како што се возраст, попреченост, надворешен изглед) да се разобличат за она што не се – природни, туку општествено конструирани категории и да се идентификува опсегот на делувањето на „перформативитетот“ како  моќ, односно надреденоста на т.н. здраво и работоспособно тело.

Ова овозможува да се разгледува телото како оска на нееднаквост во врска со повеќе категории, на пример попреченост, надворешен изглед, здравствен статус, и така натаму. Па така, на пример, на лицата кои живеат со ХИВ, лицата кои користат дроги и лицата кои (зло)употребуваат алкохол се гледа како на лица чија способност за контрола над сопственото тело е изгубена, што, пак, се користи како оправдување за нееднаквиот третман, вклучително и за стигмата.

Но, всушност, во основата на ова лежат односите на моќ кои во ваквите случаи ја диктираат перципираната неможност за полн работен перформанс. Оттука произлегува и централниот проблем со третирањето на телото во учебниците – сеприсутноста на „способното тело“ (the able body), тело кое е целосно во позиција да ги заврши работите кои се бараат од него. Во знак на одбележување на меѓународниот ден на лицата со попреченост, овој текст се фокусира на наодите од анализата кои се однесуваат на попреченоста.

 

Попреченоста во учебниците за основно образование

„Единствената причина зошто не сум обичен е бидејќи никој друг не ме гледа како таков.”
Оги Вондер

 

Централен проблем со третирањето на телото во учебниците, а во врска со попреченоста, е сеприсутноста на „способното тело“, чија нормализација резултира со отсуство на попреченоста од учебниците. Попреченоста е генерално невидлива; за неа не се говори. Во неколкуте исклучоци, кои ќе бидат тука разгледани, има два главни проблеми: користење на несензитивна терминологија и застарено разбирање на попреченоста. Ова резултира со стереотипи, предрасуди и дискриминација во врска со попреченоста.

Во лекцијата „Грижете се за себе и за другите и помагајте!” од учебникот Етика за VI одделение (дел „Добро однесување”), помеѓу другото, авторот говори за тоа како треба да се помага на лицата на кои им е потребна помош, користејќи неколку термини како директно упатување на попреченоста или пак кои ги става во корелација со попреченоста, и тоа: „болни”, „имаат недостаток”, „страдаат”, „инвалидни” и „хендикепирани”. Извадокот од овој текст е даден на фотографијата бр.1.

Фотографија бр.1: Извадок од лекцијата „Грижете се за себе и за другите и помагајте!”

1

Извор: Д-р Кирил Темков, Етика за VI одделение (2010), 61.


Проблематичен е и заклучниот дел каде авторот им укажува на ученичките и учениците што е добро а што лошо што може да го прават во односите со другите луѓе, како што може да види подолу на фотографијата бр.2 (стр.62), а проблематични се и прашањата за повторување и проверка на наученото каде прашува „Како треба да се однесувате спрема инвалидите? Дали тие заслужуваат многу внимателно морално однесување кон нив?” (стр.67).

Фотографија бр.2: Извадок од лекцијата „Грижете се за себе и за другите и помагајте!”

2

Извор: Д-р Кирил Темков, Етика за VI одделение (2010), 62.


Наместо да се користи застарено разбирање на попреченоста и да се тврди дека станува збор за лица на кои им треба помош, или „страдаат од некој недостаток” и наместо да се поттикнува дискурс на „другост”, потребно е да се појасни дека попреченоста е општествен конструкт и резултат на неприлагоденоста на општеството кон сите луѓе подеднакво.

Проблемот со застарено разбирање на попреченоста го има и во лекцијата за Конвенцијата за правата на детето во учебникот Македонски јазик за V одделение, каде по сликите пишува дека „Посебна заштита им треба на децата со посебни потреби” (стр.29). Ова е присутно и во расказот за доаѓањето на ново девојче во класот – Ана, која кажува на својата нова другарка дека има брат: „Со тага кажа дека е болен и оди со патерици” (стр.46). Ништо од задачите подолу не укажува на тоа дека при предавањето на лекцијата јасно ќе се стави до знаење дека користењето на патерици не е нужно врзано со болест. Дополнително, лекцијата упатува дека користењето на патерици треба да е причина за тага, иако токму спротивното може со иста веројатност да е точно, односно помагалото за мобилност да делува ослободувачки за лицето кое го користи. Потоа, пред четивото „Копнеж” се поставуваат прашањата: „Познаваш ли некое дете инвалид? Се дружиш ли со него? Инвалидите се ограничени во движењето. Дали местото каде што живееш е прилагодено за инвалидизирани лица?” (стр.122). Истиот проблем го има и во учебникот Граѓанско образование за VIII одделение. Како што може да се види подолу на фотографијата бр.3, во лекцијата „Човекот, Човековите права и одговорности” е дадена фотографија на лице кое користи количка придружена со текст „На сите нив им треба помош од други” (стр.28).

Фотографија бр.3: Извадок од лекцијата „Човекот, Човековите права и одговорности”

3

Извор: Ксенофон Угриновски и др., Граѓанско образование VII одделение – осумгодишно образование (2010), 28.

 

„Другоста” е видлива и во лекцијата „Јазикот како најсовршено средство за општење” во учебникот Македонски јазик за V одделение. На цртежот (даден подолу како фотографија бр.4) има два пара соговорници – едно машко и едно женско. Првите комуницираат со знаковен а вторите со говорен јазик. Текстот на задачата гласи: „Како општат, како комуницираат меѓу себе глувонемите деца на првата слика? Како тоа го прават децата од втората слика?”

Фотографија бр.4: Извадок од лекцијата „Јазикот како најсовршено средство за општење”

4

Извор: Љубица Севдинска и Весна Настоска, Македонски јазик за V одделение (2010), 7.

 

Нема „глувонеми” деца. Децата може да имаат оштетен слух и/или оштетена способност за говор. Не сите лица со оштетен слух имаат и оштетен говор, ниту пак обратно. Ова е груба генерализација и дерогативен термин, кој се повторува уште еднаш во оваа задача. Дополнително, формулацијата на прашањето сугерира и „другост” во врска со попреченоста, односно ги става „глувонемите деца” на една и сите други „деца” како нормата на која не и треба квалификатор на друга страна. Ова можело многу лесно да се реши со прашањето „Како општат, како комуницираат меѓу себе децата на првата слика, а како децата на втората слика?”

Проблематичен е третманот и на психо-социјалните попречености. Во лекцијата „Личниот и групниот живот” во учебникот по Општество за V одделение, реченицата „[с]ите ние имаме потреба да припаѓаме во група, да се дружиме и да бидеме заедно со други луѓе” (стр.48) може да предизвика чувство на исклученост кај лица кај кои потребата за социјализација е слаба или ја нема. Дополнително, во лекцијата „Социјализација на личноста во групата” се вели: „Доколку детето не е доволно социјализирано и ги задоволува сопствените потреби и интереси, а не ги почитува интересите на другите станува збор за појава која се нарекува егоизам.” (стр.51). Отсуство на социјализација не може да се прикажува како негативна карактеристика воопштено, а бидејќи кај дел од луѓето не станува збор за избор туку за состојба на невролошкиот систем. Еден од цитатите во оваа лекција е „Егоизмот ја убива љубовта во мене”. Ваквиот приказ е директна дискриминација кон лицата со аутизам и отворен терен за генерирање на стереотипи и предрасуди и нивно етикетирање како егоисти.

 

Наместо заклучок

Како што беше споменато на почетокот на текстот, стереотипите, предрасудите и дискриминацијата се сеприсутни во учебниците за основно образование. Стереотипите и предрасудите во врска со попреченоста се прикажуваат како т.н. „вистинско знаење” односно „лажен консензус кој се прикажува како соодветни факти, вештини, надежи и стравови (вклучително и упатства за начинот на кој треба да ги евалуираме)”. Во учебниците дури постојат и делови кои, според постоечката практика на Комисијата за заштита од дискриминација, би биле оценети како вознемирување (на пример, учебникот по Етика, или по Граѓанско образование). Попреченоста е генерално невидлива, или пак се споменува со застарено сфаќање (како „милостина” или пак како медицинска состојба), а на неа се реферира со несензитивна терминологија, со што директно се потхрануваат постоечките стереотипи и предрасуди. Потребно е итно ревидирање на пристапот кон попреченоста во основно образование општо, а особено во учебниците со цел да се обезбеди поголема видливост и застапеност на попреченоста и нејзиното современо разбирање.

 

 
Забелешка: Анализата “Стереотипи, предрасуди и дискриминација во образованието: Фокус на учебниците за основно образование” беше изработена во периодот април-октомври 2015 година за потребите на ОБСЕ – Мисијата во Скопје и Комисијата за заштита од дискриминација и не секогаш ги одразува нивните погледи или ставови. Анализата сè уште не е објавена.

Извор: Билјана Котевска, Стереотипи, предрасуди и дискриминација во образованието: Фокус на учебниците за основно образование (необјавено – 2016, ОБСЕ Мисија во Скопје и КЗД).

Другата страна на надежта
режија: Aki Kaurismäki

21.05.2017

Кога зборуваме за помали европски кинематографии, финската секако е една од нив. Истата најчесто се поистоветува со имињата на браќата Мика (постариот) и Аки (помладиот) ...

Depeche Mode во живо во Амстердам
Ziggo Dome | 7 мај 2017

18.05.2017

По четиригодишната пауза од издавањето на последниот студиски албум кој беше оценет како најслаб од страна на критичарите и публиката – Delta Machine (2013,  Columbia ...