Бори се женски!

Нашиот проглас

GNMGSNT

Ние, жените што стоиме овде, помалку збунети, несигурни, со гласови што треперат и со однапред прогласени за виновни тела истренирани да избегнуваат напад.

Ние, жените, што пуштаме вени стоејќи на каси по маркети, што копаме ниви, цепиме дрва и ги догледуваме болните стари.

Ние, жените, што дишеме смртоносна текстилна прашина свиткани над машините за шиење за плата помала од минималниот минималец.

Ние, за кои велите дека не сме „вистински“ затоа што немаме соодветна тежина, сопруг, деца и изглед да нè легитимираат.

Ние разведените, вдовиците, немажените што сме решиле да имаме и одгледуваме деца сами, па нè нарекувате „канцер на општеството“.

Ние, што не смееме да побараме ни минимум човечки третман, а камоли обезболување во породилиштата за кои плаќаме данок затоа што „ни било убаво кога сме ги правеле“, а сме се дереле и викале како магарици кога ги раѓаме децата.

Ние, што кимаме со глава додека по состаноци, во стерилни канцеларии колегите ни даваат „прекрасни предлози“, и ни објаснуваат „како е правилно“ и „што сме погрешиле“, иако идејата за која станува збор први сме ја спомнале и развиле ние.

Ние жените, што сакаме други жени, па сме доживувани како опасност за „семејните вредности“ кои подразбираат „дека жена се тепа два пати дневно – ако ти не знаеш зошто, таа знае“.

Ние, хероините, што го живееме хоророт на семејно насилство, уште стотина пати ревиктимизирани, обвинети и срамувани – дека „сами сме го избрале насилникот“, дека „требало порано да си одиме“; заглавени во пеколниот круг на институциите во кои жртвата има поголема шанса да добие тужба, отколку заштита.

Ние, покорните, сервилните, спремни да одговориме на секоја наредба и послушно да ги исполниме желбите на „патријархот“.

Ние, „грдите“ феминистки што не сакаме да ги трпиме општествените макро и микро агресии и ги разоткриваме двојните аршини, па остануваме трн во око.

Ние, во парламентот, кога ни подметнувате долгови и закони што директно ни задираат во правото на избор.

Ние, што секогаш сме виновни – или затоа што несоодветно сме се облекле, или затоа што сме се движеле на несоодветно место, или затоа што со нешто сме провоцирале, а ако не сме виновни, тогаш виновни се нашите мајки, што нè научиле така.

Ние, жените, што набиваме дополнителна километража заобиколувајќи одредени улици и темни премини, плашејќи се да одиме некаде сами.

Ние, забулените, терористките, чија шамија, јазик и религија се плашите дека ќе ве разнебити.

Ние, што ја наведнуваме главата кога на интервју за работа ќе нè прашаат дали планираме деца, или што ќе ни дадат отказ заради бременост.

Ние, со некаква попреченост, осудени на живот во домашен притвор, стигма и сожалување од околината.

Ние, малечките невести, омажени и продадени уште пред да сме на возраст да можеме да одлучуваме за себе.

Ние, по кафаните, развеселени и разиграни затоа што барем еден ден во годината добиваме по малку почит и внимание од нашите експлоататори.

Ние жените, што ви менуваме пелени и ви ги ладиме врелите чела додека сте мали, за потоа да станете сиви души во скапи костуми кои немаат сочувство за страдањата на другите луѓе.

Ние, што сме тргнале преку планини и мориња обидувајќи се да ги спасиме нашите деца, само за да се судриме со ограда, цврст поглед и пендрек.

Ние, жените, се собравме тука за да ви кажеме дека не одиме никаде. Дека стоиме цврсто и исправено и веќе не прифаќаме да бидеме замолчувани во интерес на други цели и ставани во втор план. Нашата желба е за еднаквост, правда, достоинствена плата, и должно почитување, за мир, солидарност и просперитет. И ќе бидеме гласни и исправени, додека не ги оствариме своите права.

Среќен 8 март!

 

 

Проглас објавен од Бори се женски! во име на Платформата за родова еднаквост.
Фотографија: Ана Поп Стефанија / Facebook

 

Кога денот немаше име
режија: Теона Стругар Митевска

10.10.2017

Изминативе денови се крена многу врева и прав околу новото остварување на Теона Митевска, „Кога денот немаше име“. Како фино маркетиншко надоврзување на фокусот врз ...

Истребувач 2049 | Blade runner 2049
режија: Denis Villeneuve

07.10.2017

Еден ден по најдолго исчекуваната премиера во мојот живот седнувам пред компјутерот, го пуштам на Јутјуб саундтракот од филмот за да ме понесе атмосферата на ...