Moodymann - една од најдобро чуваните тајни на Детроит

Иако роден во Лос Анџелес, Kenny Dixon Jr. ака Moody (како што во детството го викале маалските пријатели) ака Moodymann, речиси целиот свој живот твори и живее во Детроит. Тој е една од најенигматичните, воедно и најхаризматичните фигури кои што некогаш се појавиле на хаус сцената. На прсти се бројат интервјуата кои што ги дал во неговата повеќе од тридецениска кариера.

MM1Во едно од ретките интервјуа вели: „Ја зборувам вистината. Ќе бидам јас каде и да одам, нема да се преправам дека сум некој друг. Сеедно дали пцујам или пуштам музика, или настапувам во живо. Не сум најзгодниот диџеј на светот и немам проблем да го кажам тоа. Нема да ги пуштам најкул траките, туку она што ќе го направам на грамофоните е – ќе ви ја дадам вистината”.
Она што го предизвика Moodymann со неговата аура на енигма и езотерија, буквално беше тоа што направи неговата музика да зборува за него. Почнувајќи од средината на ’90-те, Moodymann ја преврте наглавачки хаус музиката. Ако дотогаш хаус музиката на светот му звучеше како ефтини светки за лице, со Moodyman таа доби милион нови димензии. Moodyman е шеф кој што никогаш не се плашел да измеша повеќе вкусови, па така, тој го зачини хаусот со валкано техно, најразлични звуци и бесконечно многу промени на атмосферата. Секако, Kenny Dixon Jr. редовно потсетува на неговите корени, па така додека ја слушате неговата музика, неизбежно ќе ги препознаете влијанијата на Prince, Curtis Mayfield, Jimi Hendrix, или Marvin Gaye. Во целата блесава симбиоза на музички стилови кои генијално ги комбинира, неизбежни се и семпловите од диско ерата со кои Moodyman вешто си игра. Можеби најавтентична претстава за тоа каква е музиката која тој ја создава и пушта би стекнале кога би биле во можност да посетиме некоја од roller disco забавите кои тој понекогаш ги организира во Детроит. Овие забави бликаат од шареноликост на најразлични луѓе од сите возрасти, кои шизат качени на своите ролерки.

MM2Moodymann зад себе има 11 студиски албуми, од кои последниот „Moodymann” е издаден во 2014 година за неговата издавачка куќа KDJ. Оваа издавачка куќа е активна од раните ’90-ти и за неа претежно ги потпишува сопствените изданија, додека неговата втора издавачка куќа Mahogani Music е платформа за која издава и продуцира претежно други артисти.
Moodymann е фанатичен вљубеник во мирисот на плочите и гордо ја чува вредната збирка на плочи кои ги наследил од неговиот татко. Секако, пушта музика само на плочи, иако неговиот став кон оние диџеи и продуценти кои користат компјутери за создавање или пуштање музика не е ригиден, туку тој едноставно го преферира мирисот, тактилноста и звукот на плочите.
Неговата силно изразена индивидуалност е и во тоа што никогаш не потпишал плоча за некоја од гигантските издавачки куќи, ниту пак бил фокусиран на брз профит. Неговата љубов е музиката, а неговата мисија е да ги извлече од темните подруми извонредно талентираните музичари и преку неговата Mahogani Music да ги им овозможи достоинствено место под сонцето.

 

Moodymann настапува за првпат во Скопје во клубот Епицентар на 18 март.

MM_E

Другата страна на надежта
режија: Aki Kaurismäki

21.05.2017

Кога зборуваме за помали европски кинематографии, финската секако е една од нив. Истата најчесто се поистоветува со имињата на браќата Мика (постариот) и Аки (помладиот) ...

Depeche Mode во живо во Амстердам
Ziggo Dome | 7 мај 2017

18.05.2017

По четиригодишната пауза од издавањето на последниот студиски албум кој беше оценет како најслаб од страна на критичарите и публиката – Delta Machine (2013,  Columbia ...