„Иван се враќа дома”, фестивал на претстави од режисерот Иван Поповски

[ ]

Еден од најреномираните московски театри „Мастерскаја П. Фоменко”, од 16 до 23 септември, на сцената на МНТ, ќе го прикаже фестивалот на претстави од режисерот Иван Поповски – „Иван се враќа дома”. Ова ќе биде прва можност и македонската публика да ги види театарските спектакли во режија на Поповски, кои предизвикаа огромен интерес кај руската, но и кај европската публика – „Сон на летната ноќ” од Вилијам Шекспир (2015), „Алиса зад огледалото” од Луис Керол (2010) и „Отровната туника” од Николај Гумиљов (2002).

isvd

 

„Иван се враќа дома” е прв домашен фестивал на претстави од македонскиот театарски режисер Иван Поповски, кој повеќе од 25 години живее и работи во руската престолнина Москва.

Претставите што ќе бидат прикажани на фестивалот се претстави од голем формат, со високобуџетни продукции, во кои учествува елитна театарска екипа, кои ја одушевија критиката, освоија многу значајни театарски награди и признанија и имаа исклучителен прием кај публиката. За нив постојано се бара билет повеќе, иако некои се на репертоарот и по многу години.

Доделувањето на престижната награда „Златна маска” за најдобра претстава во Русија во 2015 година на „Сон на летната ноќ”, беше на некој начин официјализирање на реакциите на печатот и публиката што ѝ претходеа на наградата. Печатот едногласно ја прогласи претставата за извонреден театарски настан – „…во време кога се чини дека веќе ништо не предвидува радосна театарска игра, на публиката ѝ се случи ’Сон на летната ноќ‘ произведувајќи ефект на кислородна терапија за оние што се задушуваат… ”, и ја опиша како „дефинитивно исклучителна претстава и, најверојатно, пресвртница што ќе внесе нова надеж во скриените ресурси на театралноста, како кај Мастерскаја [на Пјотр Фоменко], така и кај театарскиот систем во целина”.

isvd2

„Алиса зад огледалото” е првата претстава за деца и возрасни на „Мастерскаја П. Фоменко” и првата претстава од ваков вид на Поповски. И оваа претстава ја одушеви критиката, која заклучи дека „…Поповски го послушал советот на писателот да не ги објаснува неговите измислици, а си поставил за цел да ги оживее на сцената… поубава и поинвентивна претстава не може да се изнајде низ цела Москва…”. Претставата ја одушеви и специфичната публика за која Поповски по прв пат режираше, а критиката уште напиша: „да се забавува сегашното, во секој поглед разгалено дете со театарски средства, така што неговите очи да светат од воодушевување цели три часа – оф, тоа не е лесна работа!”. „Алиса зад огледалото” ја доби наградата Златен витез за најдобра претстава за деца.

SONY DSC

„Отровната туника” е волшебна, и воедно егзотична постановка на трагедијата на Гумиљов. Таа се игра на репертоарот на „Мастерскаја П. Фоменко” веќе 15 години предизвикувајќи несмален интерес кај публиката, поради што билетите за претставата се продаваат според листа на чекање. „Никогаш досега не се чинело возможно на таков начин да се претстави тоа трагично спокојство, полно со романтични мечтаења, кое ја сочинува суштината на поезијата на Гумиљов. Поповски навистина го знае клучот за несценичните, но најпрекрасни театарски текстови на руската модерна“, напиша печатот за претставата, оценувајќи ја и како „прескапа, но безумно убава”.

isvd4

Со претставите во Скопје ќе пристигне многубројна актерска и техничка екипа, а куриозитет претставува и тоа што сценографијата, костимите и техничката опрема пристигнуваат со 4 огромни камиони.

Иван Поповски дипломираше во класата на познатиот театарски режисер Пјотр Фоменко, на Руската академија за театарска уметност (ГИТИС) во Москва. Поповски е еден од основачите на театарот „Мастерскаја П. Фоменко”, а има режирано и повеќе проекти во „Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова” во Москва. Неговите театарски претстави, како и опери, се играни низ целиот свет, меѓу другото и во САД, Франција, Бразил, Италија, Белгија, Србија, Хрватска, Словенија, Полска, Германија, Литванија, Шведска, Австрија, Египет, Турција, а негови претстави се поставувани во Русија, САД, Франција, Хрватска, Словенија, Македонија, вклучувајќи ги и сцените на некои од најреномираните европски театри како „Бољшој“ во Москва и „Одеон” во Париз.

Покрај престижната награда за најдобра претстава на годината од московската критика за неговата прва, студентска претстава „Авантура“, која влезе и во електронската енциклопедија „Најважните театарски настани во Русија во последните 50 години“, Иван Поповски е добитник и на мноштво други значајни театарски награди, вклучувајќи: гран при на фестивалот БИТЕФ, Наградата за литература и уметност на Градот Москва, која ја доби заедно со артистите од „Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова”, Кристалниот Турандот и националната награда Музичкото срце на театарот за претставата „Четири годишни времиња“ итн. Во 2009 година тој го доби и Пушкиновиот орден за посебни заслуги во промоцијата на рускиот јазик и уметност, доделен од тогашниот претседател на Руската Федерација, Дмитриј Медведев.  

    

isvd3

Театарот „Мастерскаја П. Фоменко” е формиран во 1993 година и денеска е еден од омилените театри на московската публика, „еден од најпопуларните театри што публиката неверојатно ги сака”. Претставите во продукција на театарот во многу наврати освојуваа престижни театарски награди во Русија, меѓу кои, покрај Златната маска, и наградите: Станиславски, Кристалниот Турандот, Чаика, Хит на сезоната, Златен витез и други, како и низа награди и признанија на многубројни меѓународни фестивали. Детални информации за театарот „Мастерскаја П. Фоменко” се достапни на fomenko.theatre.ru.

Инаку, пред помалку од еден месец во Москва, во матичниот театар на режисерот Иван Поповски „Мастерскаја П. Фоменко” се одржа фестивал на негови претстави поставени во „Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова”. Притоа, сите претстави се активни и се играат на редовниот репертоар на Театарот на Камбурова, а првата од нив е направена пред 15 години. „Сон на летната ноќ” пак ,по гостувањето во Скопје, патува во Талин , Рига и малку подоцна во Женева, а во тек се преговори и за нејзино гостување во повеќе градови во Франција, потоа во Баку итн.

Македонската публика пак ги памети импресивните претстави во режија на Иван Поповски поставени на домашните сцени – „mACEDOINE – Одисеја 2001“, „Дневникот на лудиот“, како и „Мајсторот и Маргарита”, а од претставите што тој ги режираше во Русија и низ Европа, домашната публика досега имаше можност да ги види „Авантура” со театарот „Мастерскаја П. Фоменко, „П.С. Мечтаења“ и „Четири годишни времиња” со „Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова“ од Москва, и „Роберто Зуко” со ХНК Сплит.

 

 

ИНФОРМАЦИЈА ЗА ДАТУМИ И БИЛЕТИ

  • „Алиса зад огледалото” (возраст 7+) 16 и 17 септември, 18:00 ч.
  • „Отровната туника” (возраст 16+) 19 и 20 септември, 20:00 ч.
  • „Сон на летната ноќ” (возраст 12+) 22 и 23 септември, 20:00 ч.

Билетите за претставите може да се купат на билетарницата на МНТ и во онлајн-продажба на www.kupikartizase.com

 

The Love Witch
режија: Anna Biller

21.07.2017

Хоророт често бил начин да му се погледне на табуто во очи. Во ера кога политички некоректните потези се дочекуваат на нож, хорор филмовите стануваат ...

20.07.2017

Пред некој ден во Сули ан домашните филмофили имаа можност на големото платно да го гледаат убедливо најдобриот европски филм за минатата 2016 година, „Тони ...