МакеДокс „Кромид“ наградата за полскиот докуметарец „21 х Њујорк“

[ ]

Последната вечер на осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс, и веројатно последна во наредните неколку години во објектот на Куршумли-ан, помина во знакот на доделувањето на наградите, последните четири проекции од годинашната програма и горко-слаткиот звук на групата „Баклава“. Доку-птиците и доку-никулците го напуштија своето гнездо во Куршумли-ан, со надеж дека некогаш повторно ќе се вратат во него.

Makedox 2017 Pette nagradi

На 25 август во Куршумли-ан беа доделени награди во пет категории: Главната награда „Кромид“ за најдобар документарен филм, „Млад кромид“ за најдобар филм на млад автор, „Кокарче“ за најдобар студентски филм, нововостановената „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм и награда за Филм со најдобри етички идеи. „Наградите што секоја година ги доделуваме на последната вечер на фестивалот се инспирирани од нашиот симбол – кромидот, кој со својата повеќеслојност асоцира на различните нивоа на филмското дело, но и на различните нивоа на фестивалот“, рече Петра Селишкар, селекторка на филмската програма на „МакеДокс“.

Осум документарци во Главната програма на „МакеДокс“ годинава се натпреваруваа за наградата „Кромид“, која жирито во состав: Антон Калеја, Владимир Блажевски и Туе Стин Милер одлучи да ја додели на филмот „21 х Њујорк“ на режисерот Пјотр Стасик од Полска.

Во силната конкуренција на исклучително авторски интонирани документарни филмови, жирито наградата ја доделува на филмот „21 х Њујорк“ на режисерот Пјотр Стасик од Полска, имајќи ја предвид, пред сè, мајсторска усогласеност на синестетичкиот и визуелно рафинираниот филмски израз со слоевитоста и повеќезначноста на темата и содржината на филмот. Филмот на Пјотр Стасик подеднакво супериорно зрачи колку со емотивните толку и со своите интелектуални димензии – образложи жирито.
При доделувањето на наградата продуцентот Туе Стин Милер, кој ги држеше предавањата на работилницата за визуелна нарација, рече дека награда треба да ѝ се даде и на екипата која го организира „МакеДокс“, бидејќи пред да дојде во Скопје бил скептичен кон пофалбите што ги слушал од други документаристи, а сега се уверил дека станува збор за мал, но фантастичен фестивал со релаксирачка атмосфера.
Добитникот на наградата Пјотр Стасик, пак, си ветил дека ако ја освои главната награда повторно ќе дојде во Скопје и ќе снима филм, и сега ќе мора да го направи тоа по добивањето на наградата „Кромид“.

За наградата „Млад кромид“ за најдобар филм на млад автор одлучуваше жири во состав Кристина Первила-Андерсон, Селин Мурат и Талал Дерки, а наградата ја доби грузискиот документарен филм „Кога земјата се чини лесна“ на тројцата режисери Саломе Мачаиџе, Тамуна Карумиџе и Давид Мески.

Страствено патување низ сликовита убавина и беспрекорно филмско творење. Повеќеслојна приказна за Грузија видена низ младешки очи и глатка, урамнотежена соработка помеѓу тројцата филмски творци – образложи жирито.
Во оваа категорија Специјално признание му беше доделено на прекрасниот есеистички филм „Кршлива рамнотежа“ на Гиљермо Гарсија Лопез, за успехот во амбициозното раскажување на една суштинска тема на 21-виот век.

За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм одлучуваше жири во состав: Ана Јакимска, Ненад Поповиќ и Филип Велковски, а наградата ја доби филмот „Блиски врски“ на Зофија Ковалевска од Полска. Во нејзино име наградата ја прими полскиот амбасадор во РМ, Јацек Мултановски, кој потсети дека не му е првпат да доаѓа на „МакеДокс“ и да подигнува награда на полски автор.

Да се прави документарец значи да се истражува. Добивате можност да се движите низ просторот, па дури и низ времето. Крајната цел зависи од вас… Наградата ја доделуваме на еден филм кој рече: „Фати ме за рака, ќе те одведам во срцата на двајца кои биле заљубени цели 45 години. Не грижи се, тоа е на само 18 минути одовде“ – стои во образложението на студентското жири.

Годинава, првпат на „МакеДокс“ беше доделена и награда за краток документарен филм. Насловена „Сечкан кромид“, за наградата одлучуваа Ања Медвед, Катарзина Гондек и Роберто Блат. Наградата ја доби филмот „Не сум од овде“ на Ѓидре Жискате и Маите Алберди со едногласна одлука на жирито. Специјално признание во селекцијата на кратки документарци доби филмот „Цуцли“ на шпанскиот автор Ксавиер Марадес, заради неговата визуелна нарација.

Сите филмови на „МакеДокс“ влегуваат во конкуренција за Награда за етички идеи, за која одлучуваше жири во состав: Анета Дучевска, Брина Вогелник и Вито Флакер. Наградата ја доби филмот „Машини“ од авторот Рахул Јаин од Индија.

Филмот задира длабоко во портретирањето на судбината на милиони луѓе кои живеат и работат во девастираните објекти на текстилната индустрија во Индија. Преку моќно и впечатливо претставување на работниците, но и на посредниците и газдите, филмот отвора многу прашања поврзани со моралот и етиката на трудот – образложи жирито.

На последната вечер на „МакеДокс“ беа претставени и резултатите, односно фотографиите кои произлегоа од работилницата „Камера опскура“, која ја водеше фотографот Сашо Н. Алушевски.

Fotografii Kamera opskura

Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ беше поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, МЕДИА – потпрограма на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон и Град Скопје.

21.11.2017

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово ...

20.11.2017

На претпоследната вечер од годинашниот „Синедејс“ имавме несекојдневна можност да го гледаме долгометражното остварување едноставно насловено „Хармс“. Се работи за, воопшто, првиот игран филм за ...