Илија Талев од Xavier Acid со нов електронски проект - „Музак“

[ ]

Пионерот на електронската музика во Македонија – Илија Талев, познат како Xavier Acid, по 20-годишна творечка пауза реализираше уникатен електронски проект под името „Музак“ со албумот „Метрополис“, во це-де издание на битолскиот Центар за култура.

Muzak

Илија Талев своето музичко деби (како DJ) го има во далечната 1989 година, во дискотеката „Турист“ во Битола. Истата година под влијание на есид хаус (acid house) музиката и благодарение на новиот музички бран и рејв (rave) културата од Британија (Манчестер) и САД (Чикаго и Детроит) на 30.11.1989 година, ја организира првата техно забава во Македонија, во дискотеката „Сенатор“ во Битола. 

Понесен од успехот на истата започнува да работи на сопствена музика, за да на 15.11.1991 година ја реализира првата електронска (техно) трака во Македонија, наречена „Последниот Титов Танц“, под името Доктор Есид (Dr. Acid). Поради тоа што на неа се користени делови од говорот на Јосип Броз Тито од „XI конграс на СКЈ“, песната предизвикува големо внимание и доста контраверзности, така да често е забранувана на радио и ТВ брановите. Пред учество на првиот „Techno Rave Festival“ во Македонија (18.08.1992, МНТ, Скопје) го променува името во Ксавиер Есид (Xavier Acid). Истата година ја реализира траката „Валтер го брани Сараево“, на која се користени делови од истоимениот филм и од серијата „Отпишаните“ (траката во 1995 година ќе биде поместена на историското ЦД „Македонски документ 2“ во издание на Трот рекордс). Во 1993 година му се придружува Сашо Ралевски (денес настапува под името Saso Recyd), за да наредната година на 25.05.1994 заедно го реализираат својот прв техно албум во Македонија и на Балканот, наречен „И по Тито-Техно“ (во издание на Коприва Рекордс). Под името Xavier Acid ги реализираат уште и следните изданија: синглот „Mute“ (каде својот глас го позајмува Лабина Митевска) и албумите „Estravaganza“ (1995), „Граница“ (досега единствената музика пишувана за книга во Македонија, од истоимениот научно-фантастичен роман на Петар Волнаровски во 1995 година) и „Порно“ (1996) (сите во издание на Коприва рекордс, а реализирани во музичкото студио на Миодраг Нечак-Микс).

XA-IPTT

 

После престанувањето со работа во матичната група Xavier Acid, продолжува да работи под името Музак. Реализира две амбиентални траки: „Благослов“ (каде е позaјмен гласот на Петре Прличко од улогата на Манданата, во филмот „Мис Стон“ (1997) и „Trance“ (2000) и двете се наоѓаат на овој албум). Следува период на авторска неактивност, за да покрај музичката (како DJ успешно настапува под името Ile the hair до ден денес) се посвети и на други дејности како: графички дизајн (плакати за „Хераклејски вечери“, „Интерфест“ и „Браќа Манаки“) и мода (како сопственик на Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“, ја реализира Модната Недела во Битола). Во 2014 година заедно со Ивана Ѓоргиевска (поранешен модел во агенцијата), го оживуваат проектот Музак и реализираат десет нови траки, кој заедно со стариот материјал се резултат од првиот албум на амбиентална музика во Македонија, под име „Метрополис“ (во издание на Центар за култура, Битола, на 22.12.2017 година). На албумот се наоѓа и темата „Девојче“ во соработка со групата Љубојна (составена од позајмени делови од шест песни на групата). Интересно е да се напомене дека мастерингот и пост-продукцијата на албумот ги работи Saso Recyd (Xavier Acid), што е прва заедничка соработка после повеќе од 15 години. Во тек се припреми за реализација на првите концертни настапи на групата, со помош на дел од членовите на групата Фолтин: Гоце Јовановски, Пеце Николовски и Славчо Јовев, како и мултимедијалната уметница Весна Дунимагловска.

За самиот албумски проект авторот ќе каже: „Во средината на 90-тите години во еден од дневните весници се појавува статија во која се објаснува како некој хирург во Источна Македонија при обична рутинска операција, наместо еден внатрешен орган, извадил друг. На прашање од новинарите: „Како може доктор со такво реноме како неговото, да си дозволи да направи почетничка банална грешка?“, одговорил: „Погрешив, бидејќи органот емитираше знаци дека е некој друг орган“. Размислувајќи околу ова, помислив: „ОК, ако може некаков орган да се преправа дека е некој друг орган, тогаш јас ќе направам музика, која првично ја направил некој друг (семплови) и ќе ја сместам во мојата, при што сите тие семплови (во музиката овој термин се користи за позајмување на одреден дел од некој песна, со цел да биде употребен како замена за одреден инструмент или звук во некоја друга песна) ќе се преправаат дека се мои“.

Освен користењето на семпловите, при правењето на овој албум се користени одредени музички делови (некои од нив со трење од 3-4 секунди, други и до 3 минути должина, претходно составени во одреден музички програм) кој циклично се повторуваат, континуирано, непрекинато (секој зависи од својата должина), како во состојба на транс или на мантра (нешто слично како во играта на Дервишите). Исто така, едно од правилата при создавањето на музиката е дека ниту една од песните нема да има ритам како основа, а таму каде што се појавува, е во функција на пропратен звук или инструмент.

Заштитниот знак на групата т.е. логото (самата обвивка) е едно поинакво видување (варијација на тема) на фамозниот крст на рускиот сликар Казимир Малевич. Самото лого пак е извадено од контекст на логото на Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ (дело на истиот автор, Илија Талев). Составено е од три бои: црна, црвена и бела (што станаа препознатливи дизајнерски бои на самиот автор). На бела површина по краевите се поставени четири квадрати, три црни и еден црвен (така поставени да во средината прават бел крст, а ако земеме во предвид дека во принцип белата боја и не се смета за боја, би значело дека во средината има простор т.е. амбиент, што од друга страна е асоцијација за самата музика). Идејата е од животното мото на самиот автор: „Секое правило има исклучок, кој го потврдува правилото“. Во случајот црвениот квадрат е исклучокот, што е асоцијација на тоа дека музиката на самата група звучи поинаку од се друго постоечко на пазарот и е исклучок од сите постоечки норми и правила во музиката.

Muzak - Metropolis

 

За терминот „Музак“

Поим за музика која во доцните 60-ти и раните 70-ти години од минатиот век била доста популарна (најмногу во САД) и претставува асоцијација за повеќето форми на музика која била наменета за места каде што се движат луѓе, но не се задржуваат подолг временски период, како на пример: аеродроми, лифтови, трговски центри (продавници, маркети), чекалници и слично. Таа уште се нарекува и како: „позадинска музика“ (background music) или „музика за лифтови“ (elevator music). Зборот „Музак“ е регистриран заштитен знак од 21 декември 1954 година, на фирмата MUZAK LLC (Д.О.О. Музак). Од сегашна временска дистанца пред точно 63 години (на вчерашен ден). Фирмата имала за цел да произведува (или да промовира) музика која нема да биде наменета за комерцијални цели (радио, телевизија), туку да произведува музика која ќе пополнува одреден амбиент во просторот во кој се емитува. Составен е како кованица од зборовите „Музика“ и „Кодак“ (во тој период светски бренд број 1, со цел да ја достигне популарноста на истиот). Подоцна, во екот на својата најголема популарност, зборот „Музак“ (кога се пишува со мали букви) ќе биде општо прифатен како термин кој ќе се користи за да се окарактеризира целата врста на ваква музика (се до појавата на Брајан Ино (Brian Eno), кој ваквата или слична музика ќе ја нарече амбиентална музика, термин кој се користи и денес). Во 40-тите години од минатиот век, одредени истражувања покажуваат дека музиката има физиолошко влијание врз однесувањето на луѓето. Така, „Музак“ ќе го претстават својот пронајдок наречен „Прогресивен стимул“ (Stimulus Progression), кој се состои од 15-минутен инструментален блок во склоп на еден час емитување на музика, кој делува стимулирачки и ја зголемува продуктивноста во работењето. Во средината на 60-тите години, таа станува толку популарна што тогашниот претседател Двајт Д. Ајзенхауер (Dwight D. Eisenhower) ќе ја воведе во западното крило на Белата куќа, претходно претседателот Џон Ф. Кенеди (John F. Kennedy) ќе ја конзумира додека патува со својот авион, додека претседателот Линдон Б. Џонсон (Lyndon B. Johnson) ќе ја поседува франшизата за државата Тексас. НАСА ќе го користи „Музак“ за неколку свои вселенски мисии (Аполо 11), за опуштање на астронаутите во периоди на неактивност.

За Музак, професорот Гери Гумперт (Gary Gumpert) од колеџот Квинс во интервју за британскиот Канал 4, во 1990 година, ќе рече: „Тоа е еден вид амнионска течност што нe опкружува; И никогаш не нè зашеметува, никогаш не е премногу гласно, никогаш не е премногу молчење; Тоа е секогаш таму“. Всушност еден од слоганите на компанијата гласел: „Музак ги исполнува смртоносните тишини“. На 10 февруари 2009 година, Muzak Holdings LLC објавува банкрот. Во март 2011 година, фирмата Mood Media ја купува Muzak Holdings за 345 милиони долари. На 5 февруари 2013 година, Mood Media објавува дека ќе ги консолидира своите услуги под името Mood, и дека престанува да го користи името на брендот „Музак“.

 

 

 

Три билборди надвор од Ебинг, Мисури
режија: Martin McDonagh

20.01.2018

Тргнувајќи од славниот цитат на Маршал МекЛуан, „Медиумот е порака“, сценаристот и режисер Мартин МекДона во своето ново остварување „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“, ...

Холивудска приказна: Star wars, прости!

09.01.2018

Четириесет години по премиерата на првиот филм, односно, четвртата епизода од сагата „Војна на ѕвездите“ на Џорџ Лукас, и нешто помалку години од почетокот на ...