Smut го промовира новиот албум „Тие се насекаде“

9 мај 2018 Password Place 20:00

Пасворд Продакшн и бендот Smut ја најавуваат промоцијата на новиот албум „Тие се насекаде“. Македонскиот метал-кор бенд кој е една од најценетите групи во овој дел од Европа и основоположник на овој стил во регионот, по точно 5 години работа на новиот материјал, промотивно ќе го претстави пред јавноста своето петто студиско издание. Промоцијата на албумот ќе се оддржи во просториите на „Password Place“ (некогашен Juicy бар), наспроти Италијанската амбасада во срцето на Скопје со почеток од 20 часот токму на денот на ослободувањето од фашизмот – 9-ти мај.

smut

„Во изработката на овој албум влеговме со цело наше срце со цел да ја доловиме сликата на случувањата во светот, но највеќе во нашата земја. Ситуацијата во која се наоѓаме и сè уште нè следи скоро 30 години како темен облак, верувавме дека треба да биде запишана и да се зборува за истата. Песните  да го имаат тој мрачен тон како во мелодиите така и во текстовите, а ритамот да е сведок на нашата упорност да преживееме во ова време невреме. Тргнувајќи од таа идеја снимивме 10 песни, кои тематски се преплетуваа и поврзуваат една со друга. Насловот на самиот албум (кој воедно е и песна од албумот) е директна инспирација од бендот Санаториум или поточно песната „Град“ (кој ја знае, знае за што зборуваме). „Тие се насекаде“ е дел од текстот на таа песна“ – изјавуваат момците од Smut.

Тие се бенд кој секогаш со гордост говори за своите влијанија од македонската сцена. Истото го повторија и вметнувајќи ја реченицата „Мојот сон е само мој“ во нивната песна „Додека сонував“ кој е наслов на истоимениот албум на групата Suns од Скопје, сè со цел да се задржи музичката историја и влијанијата на овој бенд.

„Се сложуваме дека тонот на албумот е малку помрачен, се согласуваме дека целата атмосфера е сива, но дали тоа не е вистинската слика која сакаме да ја насликаме за нашата заедничка реалност? Продукциски сакавме да направиме чекор напред од нашиот претходен албум, но како би го направиле тоа ако сте бенд од Македонија со буџет во тесни рамки? Со многу труд, жртва и нормално неизмерната поддршка од нашата публика која со секоја купена маица и карта за концерт нѐ донесе до моментот да снимаме со продуцентот кој работи со најголемите светски имиња во моментов“ – надополнуваат SMUT.

Албумот „Тие Се Насекаде“ е снимен во Поларити студио. За снимањето се погрижи Горан Ристевски, а микс и мастер беше изработен од греми номинираниот Ермин Хамидовиќ, добро познат на публиката по својата работа со бендовите Перифери, Хантед, Девин Таунсенд.
За самиот артворк на албумот се погрижи пријателот на Смат, Васил Васев од Бугарија кој е долгогодишен соработник на бендот и секогаш го доловува визуелниот аспект на Смат, кој за визуелната перспектива на новото издание објаснува: „Идејата зад насловната страна беше да се стават сите актери кои се директно поврзани со целата приказна вклучувајќи го и главниот лик Мерлин кој е заштитен знак на бендот повеќе од 10 години. Повеќето бендови од овој стил ставаат костури, демони како симболика, но ние сакавме да ги ставиме вистинските ликови на актерите и лицата што ни се познати! Доловувајќи го сето тоа во амбиентот од легендарната слика ‘Тајната Вечера’“.

Смат од материјалот кој го најде своето место на овој албум, досега објави два сингла „Што ако Ѓаволот си ти?“ и „Последниот Куршум“ кој излезе пред само неколу дена (на 27-ми април), а во моментот се работи и на првиот видео запис од албумот за песната „Во Мојот Град“.

Промоцијата на изданието кое излегува под Password records, е од отворен карактер.
SMUT постојат од 1996 година, албумот го снимија: Антовски Благоја, Најдовски Дарко, Иловски Ѓорѓи, Неврус Бајрам и Горан Ристевски.