Идеалистичко патување низ анархистичка Русија

[ ]

Кон првиот дел од трилогијата „Брегот на Утопија“ (Патување), Берег утопии. Часть 1. Путешествие, од Том Стопард во режија на Алексеј Бородин, во изведба на Рускиот академско-младински театар од Москва. Улоги: Денис Шведов, Евгениј Редко, Виктор Цимбал, Александар Доронин, Јанина Соколовскаја, Лариса Гребештникова, Илја Исаев и Алексеј Мјасников.

 

Трилогијата на Том Стопард „Брегот на Утопија“ го опфаќа најтурбулентниот дел од поновата руска исторја, времето на двобојот на Пушкин и на славниот Тургењев, како и времето на раните книжевни дела на Достоевски. Тоа е периодот од 1830 до 1870 година кога Русија се гушеше под репресијата на Николај I, кога анархистите почнуваа значајно да го креваат својот глас против сиромаштијата и класните јазови, време кога филозофските струења на Бакунин, Белински и можеби најважниот активист, Александар Херцен (главниот генератор во целата оваа трилогија) го подготвуваа ова тло за социјализам, за генерирана, но не до крај практицирана политичка и општествена еднаквост. Затоа, идеалистичката компонента, која Стопард многу умно ја декларира преку ликот на Висарион Белински и неговите извонредно компонирани тиради станува еден благо иритирачки антипод на анархоидните импостации на младиот Бакунин, чиј светоглед неговиот сериозен и мудар татко Александар го смета за непрактичен и погубен за неговиот живот. Во драматуршка смисла овој голем драмски автор и двата дела од овој прв дел од трилогијата ги поставува во ист временски интервал. Имено, вториот дел започнува во исто време кога и првиот само на друго место. Свесен за комплексноста на периодот и на ликовите што ги третира, Стопард сите сцени ги бележи со месеци (или годишни доба) и години на случување на дејствието. Така настаните го добиваат посакуваното значење многу повеќе отколку нивна детерминираност низ тековна временска рамка. На овој моќен драматург очигледно му била поважна судбината на ликовите отколку самите настани кои имаат исклучиво политички околности.

image Берег Утопии1

Првиот дел од оваа трилогија наречен „Патување“ овој значаен руски театар го продуцира во еден, би рекол совршено практичен и инспиративен спектакл. Руските театарски уметници се познати по извонредната компактност на сите компоненти од една театарска претстава и нивното органично функционирање до последна секунда. Овој прв дел драматуршки го третира периодот од летото 1833 година, практично од доаѓањето на Белински во поседот на Александар Бакунин во Прјамухино, па се до прогонот на Михаил Бакунин во Сибир есента 1844 година. Претставата дише со една симплифицирана раскош, во која сцената направена од дрво (под и столбови) низ една конусна форма влегува и во самата публика каде и самите актери играат дел од своите сцени. Велам раскош затоа што таа сцена се отвора и се затвора на многу начини и така ја отвора имагинативната гама кај публиката. Овој начин на конципирање на режисерот Александар Бородин (национален уметник на Русија) многу мудро ги релативизира просторите во кои се случуваат сцените ослободувајќи им на актерите голем простор за игра. Оваа претстава не е испресечена со ефектни сцени иако драматуршки таа е всушност збир на сцени врамени во два дела. На дрвената сцена која претставува и посед на стариот Бакунин, и улица во Санкт Петерсбург, дури и зоолошка градина, сцените ги променуваат прекрасни актери и актерки низ песна и кореографија. Нивните песни и кореографски нумери, како и неми сцени потенцираат една благородна епика што во себе ја содржи традицијата и рустикалноста на тогашна Русија, сценска адаптација која не е нападно реалистична, но е жанровски малку поместена кон сатира и на сцените кои доаѓаат и си заминуваат им дава една тенка дистанца што плени. Имено, режисерот е свесен за густината на материјата која треба да се изговори и да се одигра, и овие пасажи се однесуваат како крвоток во целото реторичко месо кое овој организам наречен театарска претстава одлично го синхронизира. Актерскиот потенцијал режисерот го води мошне успешно. Намерно не ја обременува сцената со додатни ефекти од визуелна и аудитивна природа за до гледачот да може да допре приказната која, мора да се каже е комплексна и набиена со факти. Претставата која трае добри два и пол часа е одлично оркестрирано доживување полно со артизам и инспирација. Концептот на овој режисер е многу ненаметлив, но во себе крие една фина естетска доминанта. Публиката на самото изведување на првиот дел (на кој беше присутен и самиот Том Стопард) и подари на оваа претстава безброј аплаузи.

Во овој дел еден од носечките ликови е младиот Михаил Бакунин, единствениот и бунтовен син на Александар Бакунин кој покрај него има уште четири ќерки. Овој млад бунтовник кој е, всушност и историски многу важна личност во Русија актерот Денис Шведов го игра многу полетно што малку го релативизира целиот лик со оглед на тоа што Михаил Бакунин има многу турбулентна жвотна историја. Овој значаен руски мислител е еден од втемелувачите на т.н. „колективистички анархизам“, револуционерна личност исклучиво насочена против тогашниот империјализам кој заедно со другиот главен лик (кој во овој дел го има само во неколку сцени) Александар Херцен го основа тоа историско списание „Ѕвоно“ посветено на анархизмот и синдикализмот, активист кој прилично време минува во емигрантство во Дрезден, за да биде казнет со прогонство во Сибир во 1857 година и да му биде конфискуван имотот. Во својот не многу долг живот тој емигрирал во доста држави, меѓу кои Велика Британија, Јапонија и САД. Шведов и покрај полетноста успева во овој лик да всади и гнев и порекнување, како и љубов во кратките сцени со Наталија Беер, дама за која неговите сестри многу се противат да ја земе за жена. Повремено гледајќи го овој актер имаме впечаток дека постојано ја претрчува сцената и целата улога ја одигрува во еден, би рекол, прилично продуктивен грч. Грчот во принцип не е позитивна појава кога е во прашање актерката експресија, но овој даровит актер успева да го дозира до онаа мерка во која тој го поддржува неговото актерско мајсторство, а тоа се последните сцени со Белински и со Станкевич.

Висарион Белински, исто така значајна филозофска појава во тоа време во Русија носи еден сосема поинакво поимање на социјалниот и општествен живот во тоа време. Неговите идеалистички визии повеќе обрнуваат внимание на интуитивноста и на развојот на уметноста како нешто што може да го направи најголемиот преврат и да обезбеди достоен развој на општеството отколку на рационалното и реалистично согледување на практичните проблеми од општествено значење како што нуди анархистичкиот поглед на неговите пријатели. Евгениј Редко овој литературен критичар го игра вдахновено и неговиот настап е фантастичен во оваа претстава. Одлични се неговите монолози во кои говори за бедната состојба на руската уметност во тоа време, одлични се неговите копнежи по идеалниот живот и актерската умешност со која има тенденција да објасни и да докаже. Редко овој лик го води до ниво на егзалтација што е сосема лигично и консеквентно затоа што Белински како неостварен иделаист, за жал, умира многу млад. Малите мелодрамски компоненти овој лик го прават многу впечатлив и интересен.

image Берег Утопии 2

Искусниот актер Виктор Цимбал ликот на стариот Александар Бакунин, таткото на Михаил го игра со еден воздржан емотивен постамент кој во своите реплики успева да го набие со ситен гнев насобран од се она што го предизвикуваат неговите ќерки, а најмногу бунтовниот син. Овој дел од трилогијата на Стопард најмногу се случува во поседот на Бакунин така што овој лик е овде најдоминантен, а Цимбал има една филигрански детализирана експресија која е достојна за секоја почит. Неговиот повремен гнев кој постојано го смирува неговата верна сопруга Варвара е насочен кон судбинските решенија на неговите четири ќерки Љубов, Татјана, Александра и Варенка, а како што споменав погоре највисок е кога се однесува на одлуките на неговиот Михаил. Овој искусен актер (кој е исто така народен артист на Русија) успева својата актерска партитура да ја води со мајсторска контрола и да изгради еден стамен, традиционално обоен, но емотивно парафразиран лик. Извонреден контраст на младите и бунтовни ликови кои ги има многу во оваа трилогија.
Алксандар Доронин го игра ликот на младиот Николај Станкевич, поет и филозоф кој исто така верува дека хуманистичкиот аспект е оној што ќе ја спаси Русија од социјално и општествено назадување. Овој прилично несреќен лик кој, за жал умира многу млад, на 26 години од туберкулозе овој актер го предава во едно контемплативно проседе, еден израз кој е тивок бунт, но со голема емотивна натопеност и напати комична избувливост. Неговата наклоност кон Љубов Бакунина е тивка и срамежлива, а оваа партитура овој млад актер ја води многу умешно и останува како лик во интелектуалната меморија на гледачот.

Од женските ликови најмногу доминираат четирите ќерки на стариот Бакунин кои ги играат млади, талентирани актерки на овој извонреден театар. Ана Ковалева ја игра Варенка, првата од ќерките на Бакунин која се одлучила да се омажи и тоа многу несреќно за недоделканиот кавалериски офицер Николај Дјаков. Оваа талентирана актерка својата тивка разочараност ја профилира мошне умешно со мала доза на отсутност и меланхолија. Несреќната Љубов, која умира најмлада и која ја копнее несреќната љубов кон Станкевич ја игра Јанина Соколовскаја, актерка која својата улога ја гради низ меланхолични пасажи натопени во тажни насмевки. Ова е една од улогите кои навистина импонира со својата мудрост и мајсторство. Дарја Семенова многу весело ја донесува улогата на Татјана, третата ќерка на Бакунин за која е живо заинтересиран славниот Иван Тургењев. Оваа актерка веселоста и радосните пасажи ги игра доста рационално што е една специфика која ја одделува од другите сестри. И во драматуршка смисла, овој женски лик ја отсликува онаа оптимистичка страна на настаните врзани за ова семјство. Александра е најбледиот лик од четирите Бакунинови ќерки. Освен сцената со Белински во која тој се чувствува чудно заради нејзината реакција кога и дава цвеќе, овој лик е повеќе од епизоден карактер, но доста инспирирано го толкува младата актерка Дијана Морозова. Мајката Варвара, традиционална руска мајка, вистински закрилник на семејството, дваесет години помлада од својот маж, во еден натуралистички манир ја донесува искусната руска актерка Лариса Гребенштикова (исто така народна артистка на Русија). Типична мајка со поделена грижа и поддршка на своите деца, со исклучително добро изнијансирани реплики, еден фасцинантно заокружен лик кој има длабока емотивна сонда, но и добар рационален легитимитет. Сјајен лик кој не остава никого рамнодушен.
Младиот писател Иван Тургењев кој подоцна станува една од руските пистелски икони го толкува младиот актер Алексеј Мјасников. Иако со само неколку сцени, овој актер импонира со една позитивистичка поставеност и голема доза на еротизам посебно во прекрасната љубовна сцена со Татјана Бакунина на двете големи нишалки на крајот од првиот дел. Овој лик, иако е зафатен од политичките струења во драматуршка смисла повеќе е приклонет кон емотивиниот контекст и младиот Алексеј таа експресија ја донесува доста вдахновено. Ова е една од епизодите кои во овој дел остава силен впечаток. Посебно е интересна и неговата сцена на маскенбалот каде игра вљубен Арлекин.

imageБерег Утопии 4

Кога сме веќе кај епизодите морам да ја споменам епизодната улога на Александар Херцен, кој всушност во другите два дела од трилогијата е главниот двигател на сите дејствија. Илја Исаев, актер кој изгледа доста едро и жизнерадосно, овој лик го отелотворува во една задушена бунтовност. Имено, уморното тело од прогонство и гравидниот ангажман овој лик го прави многу стамен, па така и овој актер го одигрува, со голема рационалност, но и со ситна доза на патетика која не смета, туку отвора една друга димензија во претставата, а тоа е достагата на овие изгнаници во сопствената земја. Илја Исаев носи една актерска енергија која во трите сцени од претставата прави овој лик да остане во сеќавање. Стаменоста ја нема во многу ликови, особено не во оние кои се дел од неговиот анархистички кружок (Чаадаев, Сазонов, Огарев, Кетчер, Полевој), но неговиот лик лесната патетична варираност го прави типичен херој на анархизмот во Русија во деветнаесеттиот век.

Актерскиот сегмент е фундаментот на оваа претстава, на нејзиниот прв дел, а сигурен сум и на другите два дела. Дијалозите на Стопард од кои некои се антологиски во актеркиот хабитус на овие фантастични актери и актерки звучат не само животно, туку и уметнички уникатно. Рускиот актер знае да го донесе зборот на сцена, а тој да прозвучи ингениозно, знае ликот да го одигра во вистинска мерка и заедно со другите актери да ја направи сцената неазборавна. Тука се, се разбира и младите актери и актерки кои со песна и кореографија ја доловуваат атмосферата на Русија во тоа време, но на еден многу аритифициелен начин. Тие се и слуги, и селани и морнари и маски. Еден сегмент кој звучи како одлично пакување на целиот театарски проект. Не можам, а да не ја споменам и репликата на црниот мачор Бегемот од славниот роман „Мајсторот и Мргарита“ на Михаил Булгаков. Овде кај Стопард, како демонска појава се појавува портокалов мачор кој влегува како предвесник на смртта, како и во данс макаброт во вид на маскенбал на крајот од претставата. Студен и страотен, ликовите го опишуваат како гигантски и опасен.

Сценографијата и костимографијата на оваа импозантна претстава е на Станислав Бенедиктов, народен уметник на Русија. Реалистичните костими кои импонираат со својата раскош (особено женските) се врамени во едноставна сценографија која е целата направена од дрво, но која импонира со својата функционалност. Имено дрвените констриуции со подигнување и спуштање, како и со столбовите и дрвените ѕидови кои се спуштаат многу брзо и лесно отсликуваат различни амбиенти – од брод, до лизгалиште и до соби во Санкт Петерсбург, како и сцена каде се одигрува маскенбалот. Овој мудар сценограф и костимограф визуелно ги стопува актерите со публиката носејќи ја самата сцена до самиот нос на гледачот, а едноставноста и реалистичкиот третман на костимите иако со манир од деветнаесеттиот век одлично кореспондираат со современиот начин на облекување. Компактна визуелизација за секој респект.

Музичкиот сегмент го има во многу мал опсег, но го има точно каде што треба и најмногу е експониран во музичките делници кои ги пејат актерите и актерките кои со кореографија ја променуваат сцената. Традиционалните руски музички мелодии ги модифицира композиторката на претставата Натали Плеже со една вистинска допадливост и ненаметливост која е доста продуктивна. Тука некаде се движат и кореографските нумери кои се динамични и атрактивни во кореографија на Лариса Исакова, заслужен балет мајстор на Татаристан. Уникатните движења склопени во интересни корегорафски делови доловуваат една артифициелизирана атмосфера која режисерот ја импрегнира за мудро да го одвои овој текст од вкоренетата реалистичност.

Првиот дел од оваа антологиска трилогија на Том Стопард има во своите дамари и многу љубов, многу страдање, многу копнеж, но и многу страст. Среќно вкалапена во реализам кој е одлично одигран, „Патување“ не воведува во сигнификантно пловење по театарската сцена и по историската меморија на Русија во деветанесеттиот век. Овој подвиг на Рускиот академски младински театар е лавовски и фасцинира со својата глорификантност. Голема е егзалтацијата додека се доживуваат настаните и личностите од тој период низ артизмот на овие врвни уметници.


 

 

Апотеза на моралната дисторзија
кон „Мизантроп“ во продукција на Комеди Франсез

05.08.2018

режија: Клемен Ервиен Лежер главни улоги: Лои Корбери, Аделин Дерми, Ерик Женовезе, Џенифер Декер, Серж Бадасариан и Флоренс Виала   „Мизантроп“, најзагадочната пиеса на Молиер, ...

13.07.2018

Рускиот академско-младински театар од Москва, улоги: Илја Исаев, Денис Шведов, Андреј Сипин, Рамилја Искандер, Александар Доронин   Третиот дел од оваа епохална сага на Том ...