⥄_11: Обезмоќената (?) култура

[ ]
„Да го смените Роберт Алаѓозовски, единствениот министер за култура досега кој знае што е културата структурно (а не е само стручњак во некоја од нејзините области) значи не само ’сами да си пукате у нога‘, туку сами да си пукате у гла‘а!“

***

 

Струга. Конечно…

Последните три дена во Скопје решив да ги поминам пиејќи кафе во „Гор[с]ки“ и тоа на пладне. Како да сакав во тие последни денови да впијам што е можно повеќе од гратската динамика и врева. Седев на местото од кое најдобро се гледа најчудниот пешачки премин во градот: оној кај „Јоле“ (или поранешен „Вранглер“) (сл. 1).

Сл. 1

Сл. 1

 

Седев, сркав од кафето, неодредено гледав на пешачкиот, одвреме навреме подгледнувајќи кон преминот во зградата, меѓу пиљарата која секогаш има малини и ТТК банка. Од време на време се запрашував дали јас тоа чекав некој да мине, некој познат, некој/а пријател/ка, онака, ненајавено, случајно? Никогаш не си одговорив, бидејќи седев во време во кое средношколците од „Броз“ (најверојатно) и јапиевките од околните фирми доаѓаат на ручек-пауза (најчесто оној „мариниран“ помфрит). Но, гледајќи ги, фино, до некаде и вкусно дотерани (според дрес-кодовите на нивните фирми), помислив на неколкуте пријател/к/и кои месецов наназад ги затворија своите фирми и бизниси. Не сум во бизнисот и не разбирам баш како тоа функционира, но, сите тие побараа некоја друга работа, на некое друго место, во некоја/нечија друга фирма; некои останаа дома. „Најверојатно, за неолибералниот капитализам тоа не е ништо ниту ново ниту невообичаено: суштината на капиталот е да се преобразува“, лаички помислувам. „Нека им е со (по)лесно понатаму во животот“, им посакувам. Но, сепак, некако ми беше криво што затворија: со години го издржуваа и преживуваа теророт на груевците и груевистите, и на крај потклекнаа под последиците од нив, што би рекле, од „груевизмот“, и тоа сега, кога дојде „животот за сите“…

***

 

Ме најавува Артан [Садику] во една прилика[1] и [ми] вели: Небојша Вилиќ беше многу вклучен во последниве повеќе од пет-шест години, особено во социјалниоит активизам и во мобилизирањето на повеќе разни уметнички активности и настани во јавноста и мислам дека Небојша беше најактивен во наоѓањето на одговори и коментирање на овие настани коишто се случуваа во Македонија и едвај чекам да ги слушнам Вашите мислења имајќи ги предвид Вашите искуства и Вашето фокусирано документирање на овие настани кои се поврзани со темата и мислам дека луѓето преку Вашиот Фејсбук блог можеа да ги прочитаат овие документи.
А јас му одговорам: Ќе морам да додадам дека на темава објавив еден текст за таа некоја хибридна форма меѓу уметноста и активизмот, (Вилиќ, 2014) односно, на уметникот како носител на уметноста и активизмот, така што мојата позиција тука е малку неблагодарна, бидејќи имам негативен став кон овој хибрид, а од друга страна и во смисла дека самиот наслов на панелов има две решенија кои водат кон ист одговор.
Значи, доколку би се позиционирал себеси во рамките на десно ориентираната идеологија, а живеејќи во Скопје и проживувајќи го проектот „Скопје 2014“, би можел да додадам: да имавме уште еден мандат уште повеќе ќе го искористевме и ова што остана неискористено од моќта на уметноста и културата. Да бев лево ориентиран тогаш ќе речев, исто така: Што остана неискористено од моќта на уметноста за да го поништам проектот „Скопје 2014“? Значи, и двете позиции имаат и свои афирмативни гледишта и имаат гледиште кое, во принцип, не е искрено, заради тоа што и двете гледишта се свесни дека уметноста нема веќе никаква моќ, односно, не треба да има (веќе) никаква моќ. Заради тоа што тоа што беше спакувано како „уметност“ која произведува некоја „култура“ во рамките на десно ориентираната идеологија од пред дванаесет години беше продуктивна, односно, беше сериозно искористена во една извесна смисла и тоа за една група на субјекти на македонската општественост е можеби суштинско, главно и најдобро што се случило од 1991, да не кажам од 1945, наваму. Од друга страна, за тие кои припаѓаат на лево ориентираната идеологија проектот „Скопје 2014“, за што беше доста пишувано, е определуван во една или во друга смисла.
Оттука, како да се пријде кон ова прашање? Како прво: дали уметноста и културата нависитина сè уште поседуваат неискористена моќ?, а тоа значи, тоа претпоставува дека (сè уште) има некоја моќ во потенција, со потентност, со можност да се оствари и, второ, а што е веќе од феноменот [19]’68 наваму најпроблематично прашање, тоа е прашањето за (не)можноста за општествени промени.
Значи, ако гледам десно идеолошки ориентиран, ќе кажам: „Да, точно, уметноста и културата имаат сериозна моќ да донесат општествени промени“, како што проектот „Скопје 2014“ донесе промени. Е сега, лево ориентираните ќе го кажат истото: „Да, точно, уметноста и културата имаат сè уште потенцијал да донесат општествени промени.“ Ако е така, тогаш: за што разговараме?
Лево ориентираните се надевам дека сè уште или и понатаму веруваат во суштината на сите овие употребени поими во насловот на оваа дебата: моќ, уметност и култура (како бином) и општествени промени, бидејќи, во основа, тоа се просветителски и еманципатоски, одосно, модерни/стички идеи. И тука нема ништо спорно. И оттука се поаѓа за подобро утре, значи, да станеме како субјекти на општественоста: подобри, поквалитетни, да бидеме рамноправни, да бидеме еднакви, да споделуваме и да го шириме сè тоа. Од друга страна, не можете да ја убедите десно ориентираната идеолошка опција дека тоа не го прави и таа. Така, се соочуваме со еден релативизам, поточно, со една релативизација на состојбата.

 

Оттука, како да се говори во општествена ситуација за моќта кога водечките, да кажам така, мислечки субјекти на оваа култура (особено од помладата генерација) веќе десетина и повеќе години, можам слободно да кажам дваесетина години, зборуваат, пишуваат и практикуваат размоќување на позициите на моќ, како една, да кажам, неутрална идеолошка позиција. Пред малку слушнавме еден говорник кој тоа размоќување и го практикува(ше) и го застапува(ше) како теориска основа и помладите генерации се придржуваат кон тоа credo, односно, таа една постшеесетосмашка линија која „завладеа“ во Европа околу децентрализацијата, децентрирањето и обезмоќувањето [на центрите на моќ]. Тогаш, се прашувам себеси: Ако се сложиме сите заедно да ги обезмоќиме центрите на моќ тогаш зошто уметноста и културата би имале привилегија и понатаму да поседуваат моќ, на пример?
Од друга страна, дали модерниот проект кој ја создаде и идејата и дефинициите за: „уметник“, „уметност“ и „култура“, онакви какви што ние сè уште или и понатаму или по инерција ги промислуваме и ги практикуваме во оваа денешница во која постои исклучиво сега и тука, како елиминација, отстранување на проективноста, воопшто? За тоа сè повеќе ни говори и ни го потврдува прагматизмот кој работите многу едноставно ги дели, бидејќи сакам да размислувам за тоа дека постшеесетосмашкото разочарување од успешноста (или од пропуштената можност за успешност) на модерниот проект (како пропаднат) ни укажа на нешто друго: дека, сепак, или во извесна рамка, во извесна смисла, на извесен начин, на соодветен начин уметноста и културата не се производи на човековиот дух коишто ефектуираат веднаш. Тие се своевиден long term project, како што обично сакаме да кажеме, или поточно: very long term project. Тогаш, како тогаш да инвестираме, како тогаш да ја промислуваме уметноста и културата како долгорочна инвестиција, значи, нешто што ќе возврати со напредок, просветлување, со подобрување во некое апсолутно непознато време [како иднина] после од сега, кога живееме во општество или во ситуација или во економија или во односи, мислам на односите меѓу субјектите во една заедница, кои се во најбуквална смисла hic et nunc!?
Значи, имаме колизија во концепциите и нормално е дека не сме задоволни со ефектуирањето, бидејќи итноста, брзоста [velocity], како што ја определува Пол Вирилио, нè принудува на очекување на резултати сега и тука. Во таа смисла сега повторно се прашувам: Ако ние и понатаму уметноста и културата ги разбираме во нивната модерна структура, дека ќе резултираат и ќе ефектуираат после n-години, и дека ги правиме, ги создаваме сега за да резултираат во иднина(та) и да донесат (и најверојатно ќе донесат) општествени промени, тогаш чуму итноста на овој момент, сега и тука? Тоа ефектуирање нè прави, како да кажам, направи, создаде една култура на нестрпливост, немање трпение да дочекаме тие да ефектуираат и промените да се случат. Тоа, пак, произведува една уметност и култура коишто се, навистина, ефемерни во најлошата смисла на зборот, и кои се, буквално, „од денес за утре“. Тоа, тоа сега и тука, таа итност, е она што ја отфрла суштината на модерниот проект.

 

Е сега, ако имаме толку контрадикторности во поимите коишто се производ на модерното доба, кое не живее веќе во својата суштина, туку живее само во својата форма (и затоа тука е лесна манипулацијата со пропагандата) и со пакувањето и со употребата, но и со злоупотребата на уметноста и културата во рамките на општествените рамки, јас би рекол, како левоидеолошки ориентиран, дека ВМРО ДПМНЕ ја злоупотреби уметноста и културата, но за тоа не можам да го убедам некого кој е десно ориентиран и тука е таа релативизација, а тоа значи дека половина во Македонија се задоволни, а половина не се задоволни: јас сметам дека неоконзервативната (или конзервативната, сеедно) идеологија не води напред, а некој од другиот „блок“ ќе каже: А зошто мора да води напред? Тогаш, во оваа, буквално,

Сл. 2 Од претставувањето на Стив Ламбер на панелот

Сл. 2 Од претставувањето на Стив Ламбер на панелот

 

какофонија, значи, во ова бунило во кое сме сите денес (сл. 2), извонредно добро, тактички или маркетиншки продуцирана мешавина од толкувања, што се однесува до проектот „Скопје 2014“. Некои мои пријатели ми забележуваа дека, всушност, сè тоа треба да се сведе само на „перење пари“ и купување локации во центарот на градот со извесни инвестиции, како што е, впрочем, направен и Рокефелер центарот во Њујорк, и преобразба, комодификација, како што би рекле денес, на квадратниот метар, но и комодификација на идеолошката парадигма.
Од друга, многу посуштинска страна, во ситуација во којашто сите ние добивме еден дополнителен „ветер во едра“ со назначувањето, според моето длабоко и искрено убедување, еден министер за култура кој знае што е култура во оваа држава и која „евер“ ги имала (не зборувам за стручњаци од области ангажирани за/како министри за култура), и вчера тој да биде заменет, тоа значи дека си пукате не во нога, како што вели нашата поговорка, туку си пукате во глава!
Во која смисла го кажувам ова? Нема никаква друга смисла освен една, а тоа е дека: ниту фактичката општествената промена после последните собраниски и локални избори не донесе промена во квалитативната смисла на идејата и значењето на поимот промена во духот на модерниот проект. Со смената на Алаѓозовски од функцијата министер за култура и неговата замена со министер „по партиско-коалициски клуч“ заради обезбедување на поголемо собраниско мнозинство, би сакал да верувам, за повеќе гласови за „повисоки“ и „поважни“ цели кои ѝ претстојат на Македонија во скората иднина, се обесмисли вербата дека уметноста (како составна компонента на, на пример, „Шарената револуција“ и целиот претходен критички уметнички ангажман и многуте теориски пишувања) може да донесе општествени промени. Напротив, се покажа дека културата (а оттука и уметноста, се само и најчесто едноставна (и ефтина) паричка за партиско поткусурување. [2] Тоа покажа дека оваа управувачка структура повторно: а.) или ја потцени моќта на уметноста и културата, па дури и за манипулацијата со неа (како што тоа многу добро го разбра и го испрактикува претходната гарнитура) или б.) уметноста и културата не ја смета за никаков фактор, а особено не како фактор за општествени промени.

 

Ваква релативизација, внимавајте, после општествено-политичките промени кои се случија! Би сакал да верувам дека „Шарената револуција“ изврши некаков, дополнителен притисок на општественоста за да се случи оваа промена во владеачката, како што тие сами се велат, односно, управувачка структура во Македонија, но тука на сцена настапи, и тоа е најверојатно она на што Садику мислеше кога ги наведе моите пишувања кога се обидував да го најдам местото на уметноста (или на уметничкото) во рамките на шаренилото на „Шарената револуција“, односно, на тоа што тоа некои слободоно и лаички го споредуваа со сликарството на Џексон Полок, значи, со уметнички референци. И мислам дека, сепак, не успеав да дообјаснам докрај дека, всушност, токму со тоа што се случуваше како естезис, односно, ајстезис, во Рансиеровата смисла, да го дополнам колегата Славчо Димитров кој претходно го спомна, како пример за неговиот четврт режим на уметноста, а тоа е режимот на искуството, кој и понатаму не врши работа, односно, не ни дава за право да ја мешаме уметноста со активизмот.

 

„Артивизам“ е еден наш рецидивен напор и понатаму да ѝ/им обезбедиме место на уметноста и на културата во некоја општественост која е потполно различна, која е многу далеку од тоа што модерната епоха го постави како столб, темел на едно општество во кое уметноста и културата ќе носи промени и на кои ние и понатаму сакаме да веруваме дека има сè уште останата неискористената моќ во нив.

***

 

Артан, очигледно незадоволен од мојот одоговор, дополнително ме прашува: Додека презентираше, збореше, предаваше (да кажеме), она што ми остана чувство е дека на некој начин ми треба поконкретен пристап и одговор, особено во делот на подолгорочниот пристап на тој процес на развивање и проицирање на одредени форми на уметност. Веднаш ми текна онаа животна, теоретска или интелектуална пракса или линија на развој на Анри Лефевр кој почна да делува како член на Комунистичката партија на Франција, мислејќи на глобалната и на националната револуција, па после почна да се бави со правото на градот и од таа позиција ја започна, како завршна интелектуална фаза, критиката на секојдневниот живот сметајќи дека таа е инстанцата преку која треба да се смени, да се менуваат работите, а не преку големите каузи, големите идеи, туку во помалите промени на секојдневието на луѓето кои потоа и понатака влијаат на промената на односите во повисоките општествени инстанци и прават таква естетска промена, во Рансиеровата смисла на зборот, на општеството на менување и на процепување на и во општеството.
Во таа смисла, дали мислиш дека развивањето на теоријата за „успешноста“ на уметноста да смени некои работи, развиена преку конкретни доста разработени теории за современата пракса на уметноста, се забрзани; можеби треба еднаш да има доволно пракса, па после теоријата да следи и да може да има време да процени каква била релевантноста на таа пракса, општествена, историска, што вовела ново и дали мислиш дека целата дискусија околу современата уметничка пракса тогаш пати од прекумерно теоретизирање кое можеби е прерано да се изведе.

 

А јас му одговарам: Морам да се насмеам! Да, точно е: премногу или пребрзо теоретизираме за некоја мала, скоро никаква уметничка пракса, а од друга страна ни се случи „Скопје 2014“ кое беше нула теоретизирање и екстремна пракса. Затоа се насмеав: додека ние теоретизиравме, другиве испрактикуваа сè и сешто и се накрадоа пари.
Во оваа позиција, во ова прашање, несомнено се крие еден чист историски и историзирачки [i.e. модернистички] концепт. Видете, мораме да се договориме, бидејќи сè е работа на договор: прво, во какво општество живееме, значи да сфатиме во какво општество живееме; второ, во какво време живееме и, трето, кое место ние би сакале да го имаме во тоа општество и во таквата општественост. Не можеме да зборуваме за уметник денес. Тоа е дефиницијата на модерното доба, пак ќе се навратам на тоа. Заради тоа уметникот и сите овие примери кои беа денес дадени, како да добива некоја привилегирана позиција: како да му делегираме легитимитет на уметникот да зборува во наше име. Тоа е исто една алтизеровска ситуација во однос на улогата и важноста на партијата: партијата го презема нашиот глас, односно, ние ја легитимираме партијата да зборува во наше име.
Чинам дека така не може повеќе. Заради тоа што видете на што се сведе тоа што сите го очекуваме да овие кои сега управуваат со уметноста и културата. Се разбира, сите мислиме кога зборуваме за оваа тема дека уметноста не е онаа којашто случува во затворениот јавен простор (галерии, музеи), туку сите мислиме на уметноста којашто се случува во отворениот јавен простор. Меѓутоа, тоа што кај чинителите на уметноста (и културата) го сведочам е редовно правење – портфолија! [Пауза] Па, се прашувам понекогаш: дали намерата на уметникот или уметничката група е да има што да покаже кога ќе го поканат во ваква некоја ситуација, на ваков некаков настан; да биде конкурентен за грантирање кај фондациите и во Министерството кои бараат портфолио; за втор или трет циклус на студии или навистина и искрено се заинтересирани за ефективноста на тоа што го прават во тој отворен јавен простор. Посочениот пример со проектот во Минхен на кој уметникот не се потпишал, за да не се каже: „Ах, уште еден уметнички проект!“ е потврда токму на тоа: на уметноста никој повеќе не ѝ верува, бидејќи таа се (из)портфолизира!
Е, ајде, тогаш, да се деавторизираме! Ах, тоа тешко се пушта … тешко се откажуваме. Тоа исто важи и за мене. Во таа смисла, сè дури оперираме, и тоа беше мојата поента, со поими и категории коишто се тоа за/во модерното доба, а живееме во една ситуација која нема никаква врска со модерното доба и, трето, се залагаме за некое доба кое ќе биде доба на еднаквост и правда, тогаш не ни останува ништо друго туку да ја постваруваме – постојаната револуција.
Гордан Георгиевски претпладнево праша: каков е активизмот денес?, па иако не е тука, ќе си допуштам да одговорам на неговото прашање: активизмот никогаш не престанува, бидејќи општеството секогаш е во судир, односно, тоа е секогаш диссензуално, диссензусно, или, ние сме постојано во судир со него заради таа диссензусност, ние сме во постојана диссензусност, заради тоа што општествениот и политичкиот поредок е така организиран и никогаш нема да се исцрпат причините за протест, бидејќи оштеството, така како што е сега поставено е поставено на консензуална основа, тоа функционира врз основата на консензус – договорно. И во тоа е дефиницијата на Рансиер: естетичкото не се бара, не се наоѓа повеќе во уметноста, во уметничкото, туку естетскиот предмет, суштината на Баумгартеновата определба, сега веќе не се бара преку уметничкото дело, туку, напротив, во случувањата во јавниот простор на сите оние кои сакаат да го обезбедат своето право на глас, да бидат видени и слушнати. И тој е новиот естетон, новата естетика, тоа е новата „уметност“. Жалам, тоа не е уметноста која е изложена во музејов и за која тука зборуваме, за која се школуваме, а притоа тука зборувам и автохирично за самиот себеси бидејќи сум историчар на уметноста.

***

 

На Артан (и на публиката) му (им) останав должен одговор за темата за автономијата. Но, сосема се сложувам со тоа што го кажа Христина Иваноска. [3]

***

 

Струга. Повторно.

Толку е тивка што помислувам што значи да живееш во Скопје: од бучавата таму тукашните возила ми се чинат дека се бесшумни, како сите да се од оние електрични хибриди… Толку е празна што, безмалку носталгично погледнувам, денес, на враќање од тренингот, кон „Еуротел“, тој исто така хибриден модел (хотел-пансион-викендица): плажата долга и празна, езерото мирно и сино, ветрот благ и свеж, сонцето топло, скоро сјајно, а собите затворени, но питомо и трпеливо ги чекаат своите летни сопственици со нивните пријатели (сл. 3)…

Сл. 3

Сл. 3

 

Поминувам покрај затворената „Cinema cafe“. Не можам, а да не го сопрам навирањето на спомените. Не ми е сеедно. Ако некаде за мене имаше место за култура и уметност, тоа беше ова место. Центарот за култура и Струшките вечери на поезијата беа само попатни случки. Толку ме опфаќа некоја празнина што не можам ниту да пишувам. Ми останува само една помисла, една надеж: дека сите оние настани и случувања, сите оние разменети книги и недозавршени муабети за филмот, за сликарството, за поезијата, за философијата водени со Ставре Гоџо и Димче Дурацовски и културњаците-намерници од Скопје, нашите соборци, донеле некои промени во струшкиот спокој и ја узбуркале струшката тишина, онаа „штама на Енхалон“, како што еднаш ја нарече и опиша Ненад Јолдески.

Сл. 4 „Cinema cafe“, мај 2018

Сл. 4 „Cinema cafe“, мај 2018

 

А Ставре, како за аманет, ги наредил плакатите од филмовите на стаклата од вратите (сл. 4), но и како пркос – дека културата е сè: и основа и врв, и почеток и крај и дека сè помеѓу е само една минливост и менливост. Помислувам дека му останав должен за еден роман за Струга, кој почнав да го пишувам токму таму, во „Синема“, и кој му ветив дека еден ќе го допишам.
„Синема“ замина од градот Струга, но само за да остане засекогаш во помнењето на оние кои веруваа во моќта на уметноста и културата и кои, со тоа, ги правеа промените…

 

 

__________
[1] Овој текст е доработен транскрипт од моето учество на дебатата „Неискористена моќ на уметноста и културата за општествени промени“, Панел 2: „Уметничкиот активизам денес – како креативноста може да влијае на моќта?“, организирана од страна на Фондацијата Отворено општество Македонија на 16 мај 2018 во Музејот на современата уметност во Скопје. Видео записи од двата панела можат да се погледнат на: 1 и 2 [пристапено на 26 мај 2018], а фото документацијата на Ванчо Џамбаски на [пристапено на 26 мај 2018].

[2] „Јадро – асоцијацијата на независната културна сцена“, по овој повод покрена он-лајн петиција со наслов „Не – за пазарење со културата“ и објави реакција по истиот повод: „Бараме посериозен и поодговорен однос спрема Министертвото за култура – реакција на „Јадро“ по повод повторната девалвација на институциите што треба да ја штитат културата“, та на 21 мај свика и Прес пред Министерството за култура; исто в. Трајков, 2018.

[3] Cf. видео запис од дебатата, особено делот од 1:26:26–1:30:55 мин.

 

Референци:
Вилиќ, Небојша (2014) „Активизмот во уметноста“, Критика II (1): 20-4.
Јолдески, Ненад (2009) Штамата на Енхалон. Скопје: Темплум.
Трајков, Сотир (2018) „Независната културна сцена бара аргументи од Владата за смената на Алаѓозовски“, веб-портал Телма, 21 мај 2018. [пристапено на 26 мај 2018]

 

Фотографии: Н.В. и Ванчо Џамбаски (во заглавието; со Артан Садику).
Тагови: ГОРКИ – Café, Robert Alagjozovski, Artan Sadiku, Фондација Отворено општество – Македонија, Неискористена моќ на уметност и култура за општествени промени, Slavica Indzevska, Slavco Dimitrov, Jadro Association | Јадро Асоцијација | Jadro Asociacioni, Gordan Georgiev, Hristina Ivanoska, @Cinema Cafe, Dimitrie Duracovski, Ненад Јолдески, Sotir Trajkov.

 

 

(Струга, 26 мај 2018)

 

 

 

 

 

17.12.2018

Почитувана Оливера Ќорвезироска, Ти се обраќам вака, без „Вие“ затоа што еднаш бев опоменат за тоа и во оваа форма затоа што имам две добри ...

Букршлиев, Омерагиќ, Спировски „Одрон“ [PMG Jazz, 2018]

16.12.2018

Претходните три вечери патот ме водеше во МКЦ. Што да правам, кога МКЦ ја нуди најдобрата понуда во загадениот ни град. Сега ич не мора ...