Have you tried love for change?

[ ]

Тумороид… Што претставува тумороидот? Некаква надеж? Проекција на нечие тело во иднината или тоа е едноставно слеп патник што присуствува на скопска свадба? (забрането ми е споменувањето на придавката македонска). Размислувам во 5 часот наутро со инерција на мизантроп испијанет од некаква јупитерска пот, расклатен од ритмичките импресии на Jupiter & Okwess, додека тропорам зачуден од големата бројка на посетители во халата. Месец мај. Посетители од различна возраст и пол меѓу публиката и јас како некаков скриен набљудувач, воаjер на мислите и потните тела. Сублиминарен сведок на пројавувањето на тумороидите како некаква трансмутација на свеста во иднината којашто е вечна сегашност додека колективаната свадбарска треска трае. Кај се видело некој на свадба да размислува? Додека свадбата трае сите играат, овдека навиките се глобално прецизни, важат како за Скопје така и за Конго.

J&Oфото: Зден

 

Сцена бр.1: Рептилоиден врисок од густина на тела што играат и некаква жестина. Местово е исполнето и спарно од излачувања и тумороиди што ги координираат движењата. Хммм… сепак климата на планетата Јупитер е фригидна, интересна концептуална збрка во која младите швеѓанки би го отвориле својот ладилник и црното како боја. Магнетизам што буди асоцијација на пенетрантна должина (придонес од глобалниот форнификациски систем). Митови коишто служат да ја разбијат монотоноста на единствениот движечки нагон во вселената – еротизмот на заспиената вуду кукла, обрежаниот кактус на желбата. И сите повторно играат, гасот се претвора во течност, па до мене се редат тумороиди, некои од нив носат чалми, некои се со наведнати глави, испијанети но весели. Еј насмевни се, свадба е… Па цитирам како во сцена од најчудесниот тумороиден филм на новоримски јазик: Everybody is happy – everybody is laughing… Јупитерциве предизвикуваат наелектризираност кај женскиот дел од публиката и набргу неколку од нив се на бината и салсо-румбоидно пот’тверкуваат. Чудно, но иако се обидувам да ги разберам пораките на конгоанскиот маниризам останувам некако незасегнат. Зарем треба да има нешто мудро во музиката? Ако публиката игра тоа значи дека сè им е погодено. Се вртам нагло и приметувам тумороид со дополнителен тумор на глава, се доближува до мене и ми вели: Го гледаш? Голем е колку две тупаници.

– Бебешки или тупаници на возрасен човек? Интересно, смеам ли да го допрам?
Па како во „Огледалото што бега“ на Џовани Папини, овој наизглед весел тумороид започнува конверзација со мене, притоа во рацете врти две топчиња (мислам дека однекаде го познавам?). Ми раскажува за смртта исто како во расказите на Папини за илјада и едната студија на умирањето. Ми открива дека топчињата биле полни со дрога, некаква канализацијко-апликативна-серумска-шмркотнина, супер-хероинска прав за анксиозни сонувачи со отворени очи, ја носеле камили па ја дробеле и ставале во вреќички од силика, на крајот таа стигнувала со брза пошта до нарачателот. Ефектот бил брзогалопирачки и корисникот умирал после двонеделна употреба. Но ете, тој сè уште бил жив иако ја користел неполни две години.
„Кога смртта не те љуби…“ – приметува со неодредена интонација и темен вибрато на гласот. Вели дека изгубил две топчиња во авионот на Виз Ер и неколкуте стјуарди заедно со него ги барале долж авионот, но сепак топчињата загадочно исчезнале. Сега во рацете му светеше едно и само едно топче, второто повторно му исчезна.

– Повеќе би рекол дека овој мој тумор е сличен на некаков мутиран алиеновид, суштество со свој ум, карактер и манири, но како што веќе ти реков – со големина на две тупаници. Мислам дека докторите го измислуваат, полни се со простачки желби. Повторно се работи за пари, ерективна дисфункција, за анализи и статистики, долги викенди во Кан, кокаинска треска, сатурналии и сексуална залуденост. Затоа и црниве демони ќенгурат по Европа (покажува кон јупитерците од Конго). И ми велат дека имам само шест месеци живот пред мене, како во филмот Ascenseur pour l’échafaud, заструи со некаква вознемиреност и светната веселост. Очаклен од топлото време.

– Знаеш кога се говори за смртта се мисли на животот, а кога се опејува животот се мисли на смртта. Шест месеци живот велиш? Па тоа е цел еден семестар, имаш ли некакви планови? Пат околу светот, скок со падобран од Ајфеловата кула? Можеби да го направиш незамисливото? Не знам, да ограбиш банка, викенд на месечината, да собираш полжави на Непал, делуваш како човек со богати содржини во себе.

– Не знам, но среќен сум како никогаш во животот.

– И јас би бил, те разбирам. Со самото раѓање сите сме во очекување на смртта, исто како што војниците прават рецки до истекот на воениот рок или затворската казна. Но што после смртта?

– Што после смртта?! Па после смртта пристигнува нова смрт и додека размислувам за неа како во вавилонската библиотека на Борхес отворам нов есеј. Ги запишувам умирањата и се вградувам во утрешницата како иден престолонаследник на ѕвездите или и самиот станувам ѕвезда што повторно еден ден треба да умре. Не! Перфорирам гаврански очи и им ставам очила за сонце. Нешто апсурдно знаеш… Ќе правам нешто за коешто не е потребна возраст и искуство туку ќе се движам по инерција со однапред вродено искуство. Како мачка. Ти се допаѓаат мачките?

– Секако, сакам мачки. Тоа е оддлично, човек треба секогаш да крои планови!

Јупитерците од Конго се расположени од топлината на ајварскиот меланж, свадбата го добива своето финале, еден добронамерник ми укажува на текстот од песните. Го губам прекрасниот тумороид од вид, па симнувајќи се по скалите повторно го забележувам како стои до еден мефистотелски карактер, мислам дека е организатор на фестивали. Нему никогаш ништо не му е погодено (како да мене ми е?). Поттрчнувам до него и сочувствително го прашувам: Еј? Have you tried love?

– Love? Тоа е некоја нова дрога?

– Да, всушност не, тоа е античка дрога. Љубовта можеш да ја искористиш како некаква конечна завршница-пролог-завршен епилог, да пробаш со љубов? Како во оние оперетки со среќен крај, оние де-мали минијатурки што завршуваат со одѕвонување на камбани во кружна репетитивност.

Ме гледа помалку со сонлива зачуденост.

– Видиш… се обидов со љубовта. Мислам дека токму поради неа станав тумороид, човек што и припаѓа на иднината, со игла во уво, со пејсмејкер под пазувите, со каранфил во џебот, со… со… сенките на ветрот. Исто како Џовани Пипон размислувам да го пронајдам човекот што научил да умре пред да умре?

– Прекрасно, ете тоа е веќе нешто, кога Борхес би бил жив твојот текст би влегол во вавилонската едиција.

– Џовани водел дневници глорифицирајќи ја смртта и живеејќи како гроф и скитник воедно. Денеска овие не размислуваат на смртта.

/ зема мобилен телефон во рацете и се обидува да сними видео од Јупитерците /

Овојпат на фестивалот го добиваме најдоброто од Конго, Jupiter & Okwess. Паралелно со нив си го поставувам прашањето со што би можекл да ја споредам оваа експлозивно-ритмичка дистопија. На миг ми паѓа на ум некаква вирусна инфекција од ритмички сплетки, на мигови оплодени со румбастични изливи на кинетички клатна и изворна конгоанска треска којашто подразбирливо допринесува до метеж кај скопската публика која спонтано реагира на топлиот африкански ритам и сензуалност. На бината има висока енергетска активност и непрестано скокање и играње на Жан Пјер-Јупитер Боконџи, инаку израснат во Германија од татко дипломат. Нивниот стил, иако еклектички варира од ритмичка румба, на мигови салса– фанк-рок преку американскиот соул (се чувствува влијание од Џејмс Браун), посебно во сценскиот настап премрежан со фела-кутијанска динамика па сè до раниот период на Токинг Хедс. Текстовите им се претежно ангажирани и посветени на конгоанските политички случувања и полни со антизападни сентименти. Јупитер сака да се гледа себеси како творец на посебен стил на музика произлезен од традиционалната африканска, како и рок шаблоните, тој таа музика ја нарекува „бофенски рок“. Основната сила им лежи во динамиката и ритамот, за цело време имате чувство дека се наоѓате на некоја далечна плажа со шише рум пред вас, во некоја колиба од трски со многу смет по улиците, чекајќи колонистите да ве впрегнат во ланци на работа. Пеењето варира помеѓу томбите на робовите и бунтовничкото завивање на маврите.

Но, ритамот е основа на нештата. Никој не може да го игнорира ритамот. Атмосферата е жешка во Денсинг салата и присутна е доста енергетска публика, посебно женскиот дел е засегнат од радијантноста на овие црни орфеуси. Тие се движат како мали кајчиња по бината и набргу до нив се и огнените македонки, засегнати и под влијание на топлината и до некаде сличната содржина на африканскиот менталитет којшто глаголи небиднина и ситни пакости поради глобалните состојби и топлите лета.

Светот е еден цревен дијалектички воз и тој се протега по сите огледала на водите долж африканската џунгла којашто ни ги опејува сите наши неволји и ги трансмутира со некаква жовијантна радост, желба за живот, исто како на свадба, ангажирана свадба. Свадба со динамика на вуду желки, кои час стануваат растафаријански гуруа, а една минута после тоа ја префрлаат грозницата на саботната вечер што е својствена за капиталистичките работнички испијанети дупки. Треба да се скока да се убие стварноста и Jupiter & Okwess го прават тоа на најдобар можен начин, генерираат психотропни свадби носејќи ја публиката во деветтото небо. Балконите паѓаат и топлите мајски вечери во Скопје стануваат слика и прилика на Конго.

Ако првиот ден нè однесе во Африка, вториот ден од фестивалот не приземји во дифузните алегории од пригушените светла на велеградовите и сиот очај на пост индустриската американска десперадна содржина во која душите вапаат за слободата која што го изгубила значењето.
Концертот го отвараат нашите Fighting Windmills. Хммм, иако немав идеја дека се работи за наш состав, во еден дон-кихотовски скок се најдов како внимателно ги слушам. Ми оставија впечаток на интересен хармонски расплет и ангажирано контемплирање на зададени теми со долги инструментални композиции. На моменти сложени партитури и солидна ритам дисциплина со импресивен бас импакт. Гитарските делници им се раскошни и донекаде потсетуваат на групите од типот на Караван, Камел па можеби и на меланхолијата слична на групите од доцните деведесетти, помалку потопени во себеопсервантноста, врз мене оставиа академски впечаток. Имаше тука и некакво кокетирање со домашното музичко влијание. Иако немаат класични конструкти на композиции, дружината очигледно има амбиции и се гледа себеси на врвот (што и не е така лошо), важно е да се излезе од матриксот на профаноста и просечноста, ако некој упорно се обидува ќе го достигне зенитот.

Dirtmusic почнуваат релативно подоцна и нивната музика е полна со гравитација, туробност и некаква византолошка оперативност. Претежно гитарски состав, Chris Eckman е некаква варијабила на Lоu Reed и овој состав во себе ги содржи сите оние девијантности на проблематичната музика, какошто тој обожува да примети. Солидно меандрирање по темнината на звуците и малубројната публика го носат овој концерт до своевиден тираносауруски ритуал. Чудно, но овојпат публиката како да беше повеќето од времето надвор од халата оттколку внатре, или можеби преувеличувам и шпекулирам? Како и да е, повеќето од нас ја допреа стратосферата која што Dirtmusic ја изгенерираа со некакво бравато на шкрипења и ноти што допираа сенишни атрофии. Штета што халата не можеше да достигне убав акустичен амбиент за ваков вид на музика, бидејќи беше полупразна. Интересен фолк-блуз експеримент полн со темелна старечка истрајност и приказни од западната страна. Глаголењата на мачениците и носталгија за нештата што не се. Но како што тоа и го говори песната Face of evil: It want look like cloud when it comes again. Така завршува и оваа фестивалска ноќ. Па: Walk me out in the mornin’ dew.

И… излегувам надвор, и таму ги сретнувам Алис зрноглавиот и Др. Роберт (името е предмет на мистификација) и како по обичај ќе парафразирам една поп дива – “Music makes the bourgeoisie and the rebel”, иако ложата е едно бесмислено шанкче со екстремно-непотребно високи цени, како да се работи за шанк во Калифорнија. Конечно, уживам во разговорот со некој после долго време, размислуваме и говориме за исти работи, за наказните работи, за таинственоста на тортурата и процесот на вриењето на вранецот. Нозете на римјанките гo прават вранецот. Работи коишто излегуваат од спекулативот на обичниот човек, додека говорам пред очи ми излегуваат ситни бар кодови од декларации на парфеми и лекови, нотификации на вибер, телефонски премрежувања, сигнали од вселената, врисоци на проститутки. Пред нас како икона се појавува ромска мајка со дете, прекрасно дете, нивните очи. Сите ја шират и живеат бесмислата на парите. Околу нас се збира чета од тумороиди, Др. Роберт еманира со радијантност и раскажува за некаков конгрес во Париз, но конгресот и не е важен туку пуштањето на музиката од грамофонските плочи. Веднаш запливувам во фантазмагоричните прикази на Х. Кортесар и неговиот Париз, џезот и сите деликатности на тој неисцрпен свет. Името на книгата е „Плочка“ (кој да го знае правилниот македонски превод?), па наместо да го искористам билетот и го проследам концертот завршувам во сомнабулен конверзациски трилер полн со взаемна флуктуативност и смиреност. Хирургот е единствениот убиец со дозвола, поетот пак, се подразбира дека е убиец, овдека делам блискост со хирурзите. Некој треба да го види Париз на ист начин како и Скопје, да побегне од лажните светла на декорот и да копне подлабоку, таму кадешто лежи болката и тагата. Тагата е чувство со најсилен интензитет, (говори докторот) таа е правиот џез, но не секој може да ја издржи тагата. Да кокетираш со тагата е исто како да сонуваш на кревет од жилети раскрварен во агонија, но сепак свесен за себе и целиот свет, мора на себе да ја нанесеш тагата како свештеничка наметка, тогаш и музиката добива нова содржина. Докторот е предмет на обожување и веројатно сите во мене гледаат некаков чудак со битничка апологија, наказа што одбива да умре, генетско-рептилски гуштер, трансформиран во несносноста на видливоста. Јас за нив претставувам еден вид натрапник што му го одзема вниманието на докторот, екстравагантен пациент којшто одбива да ја плати сметката во името на принципот. Чудак со простачки афинитети и вообразена софистицираност. А всушност и двајцата знаеме дека луѓето обично се фасцинираат од една микробуржусјка димензија на престижот и друштвениот статус. Додека светлината зрачи еден по еден се внесуваат различни ентитети со прашања што ги надминуваат витешките категории на субјективизацијата на сознанијата. Алеф-бетот е срочен, па докторот задоволно и со милост на језуит, секого од нив потхранува со по некоја мудра рефлексија сослушувајќи ги разноразните предлози од сферата на културата и музиката.

Јуни. Трети. Како да не се доволни сите вулкани на планетава и сите демони што се полеваат со врел катран, сите казани во коишто зовреваат изгубените души, така во еден миг се појавуваат Barmer boys, со својата чудесна едноставност и скоро инфантилна наивност. Триото е составено од еден мридангам, хармониум и гласовен диригент (нешто како индиски оркестар мајстор). Западниот свет е толку исчашен по потрагата од инфантилности што индиските верзии коишто имаат созвучје на „пилето ми пее“ делуваат исцелнително во цела таа мрежа на детали и демонологија на протоколите и принципите. Во шеесеттите години George Harrison го донесе трендот што денеска се нарекува world music, а неговото дружење со ситар мајсторот Рави Шанкар и неговата посветеност на хиндуизмот нашироко ја популаризираа индиската музика. Музиката што ни ја претставија Barmer Boys претежно спаѓа во традиционалната индиска музика, нешта што се свири на свадби, разноразни пијанки, будења од кревет, јадење на мушмули, сонувања за градови и желби за добро здравје. Како и да е, поминав радосно и инфантилно но прекрасно време.

Trans Aeolian Transmission. Се претставуваат како состав што работи со нови концепти. Составот го сочинуваат Francois R. Cambuzat и Gianna Greko, тие еден ден оддлучуваат да снимаат филмчиња и да работат на музика некаде во светот, поточно да мешаат лонци во Кина, ујгурската област . Импресионирани од животот и поетско-музичките вредности тие се втурнуваат во некакво шаманско малтретирање во маалските дупки долж кинеската провинција притоа не заборавајќи да завземат страна и со тоа да го нарушат првиот принцип на шаманизмот, сведувајќи го на политичка brainwashing и brainstorming метода, притоа давајќи прецизен рамка за областа што „музички“ ја студирале, како и причините зошто се Кинезите таму, целосна анализа на ресорсите и многу останати детали. Е сега, сите ние знаеме дека патувањата низ планетава не се случуваат случајно и некој обично ги финансира сличните. Судејќи по начинот на којшто функционираат европските институции. Тука добиваме еден долг видео и перформанс врз истиот со апликација врз веќе снимениот материјал од домицилната популација. Публиката има чувство дека за време на снимањето на видеото се одвиваат подземни активности, почнувајќи од снимање на локални дружби па до сивилото на кинеските зданија. Следат брутални испади и изјави, како и набиена интервенција врз веќе отсвирените компоненти со помалку агресивна нетрпеливост кон кинескиот освојувач и што поскора желба за ослободување на поробениот народ од несносниот кинески окупатор. Искрено, повеќе никому не му верувам ништо. На крајот следи анимација облеана во крв и читање на поема како во изгубениот свет на Винету. Во музиката се имплементирани повеќе стилови и некаков new age некомформизам и програмиран ритам и гитарски интервенции што ја симулираат традиционалната музика. Притоа, артистите се за цело време завртени кон видео-скринот и му свират на истиот, реминисценирајки ги чудесните далечни светови и патешествија. Концепт да, но сепак ништо ново.

Убаво е да си сакан. “Have you tried love?” ми се врти по умот една пиеса од шеесеттите. Have you tried love for change?

 

 

 

Апотеза на моралната дисторзија
кон „Мизантроп“ во продукција на Комеди Франсез

05.08.2018

режија: Клемен Ервиен Лежер главни улоги: Лои Корбери, Аделин Дерми, Ерик Женовезе, Џенифер Декер, Серж Бадасариан и Флоренс Виала   „Мизантроп“, најзагадочната пиеса на Молиер, ...

13.07.2018

Рускиот академско-младински театар од Москва, улоги: Илја Исаев, Денис Шведов, Андреј Сипин, Рамилја Искандер, Александар Доронин   Третиот дел од оваа епохална сага на Том ...