Крсте Роџевски

Батаниа

Крсте Роџевски, живее и работи во Њујорк, доктор, психијатар. Многу сака музика. Го запознав како вокалист на една композиција на Дуке Бојаџиев – негов комшија со сличен животен пат. Пред кусо време сите почнаа да зборат за Батаниа, деби албумот на Крсте Роџевски (сите = 0,2% од целата популација на Mакедонија која сериозно пристапува кон домашната музика). Не бев во можност да отидам на скопската промоција, но го замолив пријателот што беше на лице место да ми набави една копија, за да го преслушам и јас албумот коj сé уште не беше излезен а веќе сите зборуваа за него.

k_r_b

Поминаа пар недели, и конечно, овој викенд најдов доволно време и внимателно го преслушав овој албум. Еве ги моите импресии. Ја мразам неговата насмевка што природно се јавува на неговото лице додека пее. Ги мразам квалификациите „неговиот вокал е мек и пријатен како локум“ и слично. Ги мразам и сите ојлевци и дојлевци на кои као Батанија многу им значи, да – го мразам хајпот околу овој албум. Ги мразам и текстовите на оваа плоча, преполни со носталгија, чувство што не е блиско до мојот карактер. Но, го обожавам ефектот што се добива кога тие македонски зборови ќе ги ставите врз целата музика понудена на оваа плоча: тие добиваат целосно друга димензија и веројатно ново значење. Ги обожавам и не можам да останам рамнодушен на мелодиите кои овој господин ги дава на овој албум. А тоа е основата: мелодијата донесена од неговиот глас, поткрепена со неговата акустична гитара. Ја обожавам магијата што настанува кога на ова ќе се додадат останатите музичари кои брилијантно се надоврзуваат на атмосферата понудена на Батаниа… Корнетот (Кирк Кнуфке) и електричната гитара (Мери Хелворсон) ја дооформуваат оваа извонредна мелодиска слика додека контрабасот (Мајкл Бланко) и тапаните (Томас Фуџивара) ја даваат таа laid back атмосфера низ целиот албум. Ги обожавам Кадифе, Мадона и Диазепам, за мене најисткнатите и најуспешни парчиња музика на Батаниа. Горд сум што имаме уште еден во низата домашни албуми кои, колку и да кокетираат со фолклорот, можат да бидат испратени на било кое глобално музичко натпреварување за современа музика. Да живее Македонија, да живее Њујорк!