Ozric Tentacles во живо во Empire Music Hall | Критика

OT_EMH_B

Повеќе од присно добредојде на вториот концерт од европската турнеја за Ozric Tentacles во полната хала на Empire клубот во Белфаст. Очигледно дека Ozric и овдешната публика се стари пријатели. Ed Wynne на гитари и клавијатури, Brandi Wynne на бас, Silas Neptune на клавијатури и Balázs Szende на тапани во своето 100-минутно претставување со волшебениот микс од тантра ритми, даб-грув и trippy визуализации дефинитивно покажаа дека се сé уште еден од најдобрите бендови во живо на сцената.

 

Да вратиме за момент назад: бендот е формиран пред 30 години и со 30 и нешто албуми зад себе, претрпе акробатски промени во формацијата, а денешната постава е целосно интегрирана во семејството Ozrics. Ед Wynne, потпората на Ozrics, едниствениот од оригиналната постава, сега е во бендот со неговата сопруга Бренди и синот Силас, а единствениот „надвор од фамилијата“ е извонредниот Балаш, колегијално позајмен од унгарскиот фриформ психоделичен бенд – RasaSound. Звучи како совршен план за концерт.
Вечерта ја отворија израелските прог-рокери Project RnL кои инспиративно и недвосмислено потсетија на најдобрите денови на Yes и Gentle Giant, додека затворањето беше резервирано за локалните прогресивци Hexxed, кои за жал по фуриозниот настап на Ozrics не успеав да ги дочекам. Во средина на шоуто, она за што бевме дојдени повеќемината. На големо задоволство на фанатиците скоцкани пред бината и балконите на некогашната црква од викторијанската ера, а денес еден од најдобрите локални клубови, точно во 22:15, како и што беа најавени, се појавија Пипалата. Тишина.

OT_L
Ед отвора со долго гитарско а ла Steve Hillage соло, пред очите незапирливи калеидоскопски бои и форми, Балаш го отвора грувот, Бренди насмеано флертува со даб-бас игра, синтисајзерот на Силас писка. Денс музика? Да, можеш да играш на неа, но тука бендот остава да одлучиш.  Ова некако пркоси на секаква жанровска категоризација. Спејс-рок? Да, би рекле Hawkwind, кумовите на жанрот. Но, тука вечер пред нас имаме психоделичен ретро-футуристички звук од 70-тите. Jam? Секако и тоа, со етно музички традиции на Исток, Запад и секое општеството во и помеѓу. Транс? Се кокетира и во тој правец. Забога, па ова е хипи. И добро е. Ozric го промовираат на почеток нивниот последен албум – Technicians of the Sacred во готово камерна атмосфера, публиката пред бина скаменета, останатите на кои им беше потребно повеќе стимулација седнати на околните балкони. Од бина се испорачува проектил од ритми и сонични хиероглифи, во еден долг амбиентален тејк. Час и 40 минути космичко патешествие, оригинално и од срце.
Дури и кога започнуваа, во 70-тите, Ozric беа надвор од времето. Така некако ги доживеав и вечерта. И на крајот, види чудо – вечерта не врнеше. И да, беше еден од ретките кои ги изгледав од почеток до крај.

 

Ozric Tentacles настапуваат за првпат во Скопје на 3-ти март.

 

Гогита и Мака – трезвена грузиска романса на свежа августовска македоксовска вечер
кон документарниот филм „Новиот живот на Гогита“

23.08.2017

Во едно сакартвелско зафрлено место се испреплетуваат приказните за животот после децениски престој во затвор, за важноста на семејството, виртуелните врски и нивното преминување во „вистинскиот” ...

[рецензија] War for the Planet of the Apes
режија: Matt Reeves

12.08.2017

Еден ден Andy Serkis (Gollum, King Kong) ќе биде номиниран за Оскар. Се надевам дека тоа ќе се случи токму за улогата на Цезар во ...