Morcheeba

Big Calm

Долго време им требаше на Рос (Ross Godfrey, 21), Пол (Paul Godfrey, 26) и Скаи (Skye Edwards, 25) за да го потпишат првиот договор за плоча. Потоа сè тргна полесно. Бројот на љубителите на Morcheeba расте со геометриска прогресија. Ова се факти, што посебно радува ако се знаат следниве нешта:
– Браќата Годфри музиката ја пишуваат со помош на гитара или клавир
– Албумите што досега ги објавија се направени за „душа“ а не за профит
– Нивната борба против комерцијалноста е во голема мерка Гандиевска, а пред сè – креативна.

На првата средба со Морчиба, ќе се прашате: „Што е ова?“. Не „Кој е ова?“. Ова може да се објасни со фактот што во музиката на Морчиба ќе сретнеме и рок и блуз и хип-хоп и рап и реге и класика. И сето тоа „запакувано“ во амбиент својствен на Pink Floyd. Конечно, по кусо време, сето тоа звучи како Морчиба.
Со голема умешност и (неопходната) креативна храброст, Морчиба го гради својот свет. Неговите темели можеби делуваат лабилно и неопределено, но само на прв поглед; ова не е еклетичка музика. Напротив: се добива силен впечаток дека секоја нота и секој глас е длабоко проживеан. Скаи Едвардс е она по што Морчиба најпрво се препознава; вокал што се чини дека доаѓа од некој друг, заумен свет, полн со емоции и сентимент што ретко кого ќе остави рамнодушен. Иако темнината е присутна, таа е тука само за да го осенчи она што е светло и моќно.
“The music that we make will heal all our mistakes and lead us/ the music that we hear is always standing near to feed us“ (Музиката што ја правиме ќе ги исправи сите наши грешки и ќе не води/ музиката што ја слушаме е секогаш крај нас да нè нахрани) испеаја Морчиба на својот почеток (Moog Island), и така го трасираа патот за остварување на едно духовно патување во времето на Интернет патувањата. Пеејќи за љубовта, овој бенд ја открива темната страна на вообичаеноста, и “Fear can stop you loving, love can stop your fear/ but it’s not always that clear“ (Fear And Love) (Стравот може да ти ја сопре љубовта, љубовта може да го сопре стравот/ но не секогаш е така јасно).
До максимум користејќи ја моќта на рефренот, пораките стигнуваат до целта. Непогрешливо и без двоумење. А нежно, како пролетен ветар во ведра ноќ.
Албумот “Big Calm“ (Голем мир) е голем исчекор во секој поглед: и музички и лирски. Ослободени од товарот на обврзаноста да се успее, Морчиба ни нудат нови 45 минути емоции и смиреност. Од овде, веќе се појавија неколку синглови (Part of The Process, Blindfold, Let Me See, Shoulder Holster…) што дава надеж дека нештата што се креација на чистата мисла и чистото чувство ќе си го најдат патот до отворените срца, во време на мас-комерцијализација и сомнителни вредности. Музика што најверојатно ќе ја слушам на 1 јануари 2001.

 

Игор Исаковски
Блесок бр. 12, јануари, 2000