D'Angelo And The Vanguards

Black Messiah

[ RCA 2014 ]

DA

Замисли си згоден и талентиран маж, а толку емотивен и самосвесен, што една од причините за повлекувањето од јавниот живот му е сознанието колку е објективизирано неговото тело! Со задоволство можам да соопштам дека постои. И имаше еден од поубавите албуми што излегоа кон крајот на 2014-та, а се слушаа тековнава.

D’Angelo објави албум последен пат во 2000 – Voodoo, а оттогаш, многу години што надоаѓаа беа годината кога конечно ќе излезе најновиот албум. Тој, но и пазарот исто така, сметаше дека успехот на Вуду не се должи само на неговиот музички квалитет, туку и на спотот за песната без наслов – Untitled/How does it feel, од 1 јануари 2000, кој всушност беше видео-илузија на односот еден-на-еден на секој/а гледач/ка со голото тело на D’Angelo, снимен со една камера, во еден тејк.
Ако добро се сеќавам, веќе од 2006 почнаа да се појавуваат верзии на некои песни од новиов албум, Ди Аџело изведуваше понекоја од нив и на турнеите, а заедно со Questlove неколку години го најавуваа албумот под друго име. На крајот на 2014, поттурнат од немирите поврзани со системската толеранција на полициската бруталност врз црната популација во САД, и самиот со музика која ја третира оваа тема, албумот конечно беше промовиран на 15 декември за RCA и веќе на прво слушање ми се исплатеше целото чекање.
Излезе дека беа во право оние кои пишуваа како тој, и покрај невољите во кои паѓа (сиромаштија, дрога, насилство, гнев, револт), упорно работи, снима, микса, вежба гитара додека не стане Џими Хендрикс и пробува да ги отсвири сите инструменти на албумот како што правел Принц. Излезе дека беа во право сите оние кои пишуваа дека неговото следно полетување ќе биде пограциозно од видео-спотот со неговото голо тело.
Музиката на овој албум е податна за љубителите на соул-фанк звукот во сите негови стари и нови форми, затоа што во себе осетливо, а ненаметливо, го содржи целото музичко наследство од Parliament Funkadelic, Sly and the Stone Family, Marvin Gaye, стариот фанк, Prince and the Revolution… Авторот инсистира дека тоа не е никаков нео-соул, туку црна музика. И покрај тоа, музиката неодоливо емитува некоја дрскост и оригиналност кои се билдаат со ефектуирањето на инспирацијата од бурните животни искуства и посветената работа во студио и на концерти. Новостекнатата сигурност во свирење гитара го засилува „панкерското“ доживување на некои од песните, секоја хит за себе, а придружните вокалите се препознатливи и инспиративни, често и во преден план. Вокалот на Ди Анџело (самиот љубител на некои локални хеви-метал бендови од неговиот град Richmond, Virginia) е во позадина на целиот албум, пригушен, висок, а јазикот на моменти неразбирлив, но сугестивен после детекција.

DA1Пред некое време слушав некои чудни изданија на богослужби на католички свештеници во САД помеѓу 1926 и 1936 година, и госпелот што го создавале тогаш и таму има совршена, скоро античко-грчка форма. Најпрвин се јавува проповедта, по што следува неформалниот дијалог, дофрлањата на пратениците (верниците), свештеникот така ја билда атмосферата и таа кулминира со музиката, т.е. нумерата која ја води тој, но ја држи хорот, публиката, верниците, бендот. Е токму така звучат многуте песни од овој албум.

Ди Анџело од 2007 наваму веќе има изведувано некои од песните од овој албум, и тоа во разни форми и сентименти. Официјално, Really Love е песната со која се промовираше албумот и таа е само суптилна најава за доста бучниот и набиен албум. Вториот официјален сингл Sugah Daddy е најслабата песна на албумот, додека другите песни се напумпани, мрснички, на моменти панкерски, накратко – емо r’n’b, но сето време возбудливи.
Во контекст на она што таму е испеано, не можам да ги најдам правите зборови, а да не претерам со уважување на квалитетот на лириките и интензитетот со кој е тоа направено. Никогаш не преферирам општествено-нафурани албуми, но такви често ме фасцинираат, особено ако се спакувани во музика која исто така го коментира светот.

Црниот Месаја не е црн поради тонот на неговата кожа или поради тоа што Ди Анџело сакал да биде свештеник, туку поради местото од кое доаѓа. А тоа се последните 15 години проткаени со многу лични борби, како микро-настани од свет кој поминува низ сериозна политичка, цивилизациска траума. Уште да беше издаден за некоја еколошки совесна издавачка куќа, овој албум ќе беше совршен производ.

Nocturnal Animals
режија: Том Форд

29.04.2017

Филмот кој минатиот септември се закити со „Гран жири прајз“ на Венециската Мостра, илити втората награда по вредност веднаш зад „Златниот лав“ кој Милчо Манчевски ...

28.04.2017

Lush / De Luxe Medicine / 5ive Tonbruket / Vinegar Heart Cultural Amnesia / Contains Steely Dan / Your gold teeth II The Books / Be Good To Them Always Phew ...