Dedicated for Life

By All Means

Еволуцијата е факт. За човечкиот род, ама и за музичките групи. Ако природата сама прави селекција при распоредот во ланецот на исхрана, бендовите отсекогаш имале шанса свесно да се променат или да бидат „изедени“од просечноста на своето творештво. Во светот има многу случаи на состави кои се задавиле во сопственото ѓубре оти немале храброст да одат чекор напред. Во Македонија, приказната често завршува уште пред да почне. Лошите услови ги принудуваат домашните таленти да се откажат додека се во „пелени”, односно, уште пред да излезат од гаражите кои „ишијас значат”. За среќа, дури и кај нас, може да се најде чесен исклучок подготвен да ја истера работата до крај. Свеж пример за ова е скопскиот метал квинтет Dedicated for Life кој неодамна го издаде својот прв студиски албум By All Means.

Dedicated For Life

Вообичаено, македонските бендови „еволуираат до смрт”. Противејќи се на ова правило, DFL успеаа да ги прележат сите детски болести (како „стрејт-еџ“ филозофијата за која се „бореа“на почетокот) и да се развијат во бенд со одлични свирачки и авторски способности. Слушањето албум од македонски некомерцијален (читај: метал, панк или алтер) состав е искуство кое може да се изедначи со каснувањето мевце откако сте ги завршиле строгите Велигденски пости. Нема „муабет“ дека ако слушате поп-музика ќе се „прејадете мрсно”, ама среќа што докторите во последно време сè погласно потенцираат дека холестеролот е прилично штетна работа. Добро, „линијата“ нема врска со новиот албум на Dedicated for Life, но реткоста со која се појавуваат изданија од македонски групи прави слушателите да се чувствуваат како да се на „принудна диета”.

Ова е дебитантско „официјално“ (само)издание на групата иако во 2002 се појави демо-остварување (повторно „спонзорирано“ од составот) кое ги содржеше повеќето нумери од претежно хардкор ориентираната фаза на бендот. Денес, DFL се „фул он“ шведски дет-метал состав со слаба тврдокорна и панк нишка која може да се почувствува во масивните „брејкдаун“ моменти и брзи ритми. Споредбата со At the Gates и првите албуми на In Flames се однесува на мелодичните гитарски сегменти и моќниот „дабл-драминг”. Вокалот, во ставот потсетува на Hatebreed или раните Biohazard, додека комбинацијата меѓу високите „скриминг“ и длабоките „дет“ тонови повторно го враќа кругот во Скандинавија.

Албумот функционира сосем добро како целина. Цврстите аранжмани и извонредните свирачки способности на членовите се очигледни на Inner Sin (браво за „шредингот”), Forever Gone, Overcast Days и Twisted Destiny кои отскокнуваат како најдобро нешто што бендот го направил досега. Слабост на дискот се двете инструменталки кои, на албумот, што трае нешто над 30 минути, му одземаат драгоцен простор што можел да се искористи за уште две нумери со моќ слична на споменатите. Иако останува впечатокот дека DFL не се „дорекле“ до крај, By All Means е албум што ги прикажува големите квалитети на групата. За следното издание, составот мора, без водржување, да „распали“ со сите „расположливи средства”. Дури и да ги убедуваат дека „многу се дерат”.

Александар Саздовски
Дневник [Антена], ноември 2005